Кога минатите години ја најавувавме ноемвриската програма во киносалата на Кинотеката, повлекувавме паралели со Movember, алтернативното движење кое има намера да ја продлабочи свесноста кај мажите за канцерогените болести. Заштитен знак на Movember се мустаќите, а заштитен знак на кинотечната сала преку целата година се квалитетните филмови.

Овој ноември можеби нема да видиме кој од мажите го почитува Movember – затоа што носењето маски е задолжително на сите јавни простори – но суштината е во личниот однос кон нештата од општ интерес. Во тој интерес спаѓа јавното здравје. Можеби ќе звучи претерано, но добрите филмови, пак, се во интерес на менталното здравје…

Повелете на ноемвриската филмска програма и придржувајте се до здравствените протоколи.

 

2 НОЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 Ч.

ВИСТИНАТА

(La verité / The Truth)

Игран филм, Франција/Јапонија/Швајцарија

2019, 119 мин., клор, ДЦП

Режија: Хироказу Корееда (Hirokazu Koreeda)

Сценарио: Хироказу Корееда (Hirokazu Koreeda)

Улоги: Катрин Денев, Жилиет Бинош, Итн Хоук, Лудивин Сање (Catherine Deneuve, Juliette Binoche, Ethan Hawke, Ludivine Sagnier)

Фабиен е остарена француска филмска ѕвезда која покрај повременото губење на помнењето, се труди да остане достојна и почитувана. По објавувањето на нејзинитемемоари, нејзината ќерка Лумир досѓа од Њујорк во Париз за да го прослават тој настан.

На средбата по многу години се случува интелигентна и духовита борба на мислења меѓу мајката и ќерката. Лумир ја доведува во прашање прошлоста на нејзината мајка, во биографијата опишана во розеви тонови. Напнатоста во нивниот однос – потцртана со најновата улога на Фабиен во нов научно-фантастичен фим – постепено попушта. Дали ќе се помират?

ВИСТИНАТА беше учесник на фестивалот во Венеција 2019 година. Камерата е на францускиот кинематографер Ерик Готје, лауреат на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола 2018 година за филмот ПЕПЕЛТА Е НАЈЧИСТО БЕЛО.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 2 НОЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 Ч.

5 НОЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 Ч.

УШТЕ ЕДНА ТУРА

(Druk / Another Round)

Игран филм, Данска / Шведска

2020, 115 мин., колор, ДЦП

Режија: Томас Винтерберг (Thomas Vinterberg)

Сценарио: Тобиас Линдхолм, Томас Винтерберг (Tobias Lindholm, Thomas Vinterberg)

Улоги: Мадс Микелсен, Томас Бо Ларсен, Ларс Ранте, Магнус Миланг (Mads Mikkelsen, Thomas Bo Larsen, Lars Ranthe, Magnus Millang)

УШТЕ ЕДНА ТУРА по седум години повторно ги спои режисерот Винтерберг и актерот Микелсен, по нивниот голем успех со ЛОВОТ (The Hunt) во 2012, со кој Микелсен ја освои „Златната палма“ на Канскиот фестивал. Винтерберг, кој заедно со Ларс фон Трир е еденод основачите на филмското движење „Догме 95“, во УШТЕ ЕДНА ТУРА гради концептуална приказна за пијанчењето на четворица разочарани и уморни интелектуалци, средношколски професори по историја, физичко воспитување, психологија и музичко образование.

Приказната за професорите тргнува од наводната теорија на еден познат психолог дека секој човек би требало да се роди со 0,5 промили алкохол во крвта, па таквата скромна опиеност би му го отворила умот за светот околу него, би му ги намалила проблемите и би му ја зголемила креативноста…

Сакајќи да ја докажат оваа теорија, четворицата професори почнуваат со експериментот – да бидат константно опиени во текот на целиот работен ден на училиште. Најкреативен и најагилен во „докажувањето“ на теоријата е професорот по историја (Микелсен): под дејство на алкохол здодевните предавања за периодот на Втората светска војна на неговите часови ги претвора во вистинско шоу, а неговите ученици се воодушевени од лекциите. УШТЕ ЕДНА ТУРА е горчлива комедија која ги открива и сериозните животни проблеми, вклучувајќи го и оној дека тагата не може да се излечи со алкохол.

Филмот на Винтерберг беше селектиран во официјалната конкуренција на годинешниот Кански фестивал, но неговото одржување во мај беше одложено. УШТЕ ЕДНА ТУРА имаше светска премиера на фестивалот во Торонто, а минатиот месец беше победник на фестивалот во Сан Себастијан.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

3 НОЕМВРИ (ВТОРНИК), 19:00 Ч.

ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА ЗАМИСЛУВАЊЕ НА МИРОТ: ДИЈАЛОГ ЗА ПЕРЦЕПЦИЈА (Inventing Peace, A Dialogue on Perception) НА РЕЖИСЕРОТ ВИМ ВЕНДЕРС И ПРОФ. Д-Р МЕРИ ЗУРНАЗИ

 

3 НОЕМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 Ч.

ТОКИО-ГА

(Tokyo-Ga)

Документарен филм, Германија / САД

1985 г., 92 мин., колор, ДСП

Режија и сценарио: Вим Вендерс (Wim Wenders)

Со учество на Чишу Риу, Вернер Херцог, Јухару Ацута (Chishû Ryû, Werner Herzog, Yûharu Atsuta)

 

Инспириран од филмското наследство на јапонскиот режисер Јасуџиро Озу (Yasujirô Ozu), Вим Вендерс патува во Јапонија во потрагата по она Токио од филмовите на Озу. Во овој документарен филм, наградуваниот режисер и продуцент комбинира инсерти од еден од неговите омилени режисери со сликите од Токио 30 години подоцна – сега бучен метрополис полн метеж – во обид да открие каде вистинскиот свет и светот на филмот (можеби) се пресекуваат.

Вендерс ги интервјуира верниот камерман на Озу, Јухару Ацута и еден од неговите омилени актери кој игра во повеќето од филмовите на Озу – Чишу Риу. И додека се обидува да го преоткрие Токио низ очите и низ камерата на Озу, Вендерс открива еден нов Токио низ Пачинкото, голферите на градските покриви, неонските светла во Гинза, бејзбол игрите на гробиштата и восочната храна во излозите на рестораните на овој Токио од 80-тите. Две „Приказни од Токио“, на двајца режисери кои се запознаваат токму упатувајќи го погледот/камерата кон истиот град.

Филмот беше прикажан во рамките на програмата Извесен поглед („Un certain Regard“) на Канскиот филмски фестивал во 1985 година.

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез

 

4 НОЕМВРИ (СРЕДА) 18:00 Ч.

ТРИ АНИ

(Three Girls Named Ana)

Игран филм, Македонија

1959, 93 мин., црно-бел, звук, ДЦП

Режија: Бранко Бауер

Сценарио: Слободан Глумац

Улоги:  Душан Стефановиќ, Дубравка Гал, Марија Кон, Светлана Мишковиќ

 

Пензионираниот железничар Марко Петриќ ја открива можноста дека неговата ќерка Ана ја преживеала војната. Започнува да трага по неа преку Црвениот крст и печатот. На неговата адреса пристигнуваат податоците за три млади жени од кои секоја подеднакво ја има можноста да биде неговата ќерка Ана…

ТРИ АНИ продукциски е филм на „Вардар филм“ од Скопје; режисерот Бауер е наградуван автор во подем од Загреб, актерите се од Белград и Загреб, а филмот е сниман во белградското филмско студио „Кошутњак“. ТРИ АНИ е номинално само шести долгометражен игран филм во македонската кинематографија, во која македонските филмски работници се развивале и растеле како автори на низа креативни позиции.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 4 НОЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 Ч.

12 НОЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 Ч.

МАРТИН ИДН

(Martin Eden)

Игран филм, Италија/Германија/Франција

2020, 129 мин., колор/црно-бел, ДЦП

Режија: Пјетро Марчело (Pietro Marcello)

Сценарио: Маурицио Браучи, Пјетро Марчело (Maurizio Braucci, Pietro Marcello)

Улоги: Лука Маринели, Џесика Креси, Винченцо Немолато, Марко Леонарди, Денис Сардишо, Кармен Помела, Карло Чеки (Luca Marinelli, Jessica Cressy, Vincenzo Nemolato, Marco Leonardi, Denise Sardisco, Carmen Pommella, Carlo Cecchi)

 

Адаптацијата на најпознатиот роман на Џек Лондон (делумно и автобиографски) е слоевита епска драма. Младиот сиромашен морнар Мартин Идн (Лука Маринели) се вљубува во богатата Елена (Џесика Креси), и во име на љубовта одлучува да се самообразува како би ја надминал класната разлика меѓу нив.

Но, по успехот што го постигнува со неговите романи, расте и цинизмот на Мартин кон светот, чие лицемерие му се згадува. Започнува да верува во радикалниот индивидуализам, а социјализмот и работничките движења му стануваат одбивни.

За разлика од романот, дејствието на филмот е поместено во Наполи во 70те години од минатиот век. Обединувајќи ја романтиката, политиката и трилерот, режијата на Марчело синтетизира стилови на разни епохи. Актерот Лука Маринели за улогата на Мартин Идн ја доби главната награда на фестивалот во Венеција 2019 година. Филмот доби награда и на фестивалот во Торонто (Канада).

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

6 НОЕМВРИ (ПЕТОК), 18:00 Ч.

ЖЕД

(Thirst)

Игран филм, Македонија

1971, 84 мин., колор, ДЦП

Режија: Димитрие Османли

Сценарио: Живко Чинго

Улоги:  Неда Спасоевиќ, Сабина Ајрула-Тозија, Јадвига Митревска, Снежана Стамеска, Ацо Јовановски, Павле Вуисиќ, Драги Костовски, Дарко Дамески, Коле Ангеловски

 

Жителите на едно село во пасивен македонски крај својата егзистенција со одење на печалба. Во селото работат и живеат три учителки, младите девојки Елица, Марија и Николина, и секоја на свој начин се обидува да му даде смисла на животот кој им е наметнат во оваа средина. Најголем проблем во селото е снабдувањето со вода. Од далечниот планински извор водата ја носи водоносецот Марко, кој е вљубен во сиромашната девојка Кате. Нивната врска нема перспектива поради исклучителната сиромаштија во која живеат.

Монотонијата на селскиот живот се разбива со доаѓањето на групата рударски инженери кои во планината вршат истражувања. Меѓу нив е и инженерот Виктор, кој го привлекува вниманието на учителката Марија. Таа е во дилема дали да ја прифати можноста да замине со него од селото и коренито да го измени својот живот. Сепак, пресудна е нејзината желба да им се помогне на децата и жителите од селото и таа останува.

Враќањето на остарениот печалбар Трендафил, вујко на Кате, претставува своевиден настан за животот на селото. Судбината на многумина во селото зависи од „богатството“ на вујкото кој се вратил од Америка…

ЖЕД е втор долгометражен игран филм во продукција на Филмско студио – Скопје и дистрибутерската куќа „Македонија филм“. Еден од најугледните филмски критичари во светот, Роналд Холовеј во специјалното издание на Кинотеката на Македонија на англиски јазик „Kino – Macedonian film“, за ЖЕД оценува дека се работи за „пофален одговор“ на македонската кинематографија на интернационалниот успех на југословенскиот „црн бран“…

 

Возрасна категорија: за сите возрасти

Влезница: 100 денари

 

6 НОЕМВРИ (ПЕТОК), 20:00 Ч.

9 НОЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 Ч.

ПИНОКИО

(Pinocchio)

Игран филм, Италија / Франција / Велика Британија

2019, 125 мин., колор, ДЦП

Режија: Матео Гароне (Matteo Garrone)

Сценарио: Матео Гароне, Масимо Чекерини, Карло Колоди  (Matteo Garrone, Massimo Ceccherini, Carlo Collodi)

Улоги: Роберто Бенињи, Федерико Јелапи, Роко Папалео, Масимо Чекерини, Марин Вакт (Roberto Benigni, Federico Ielapi, Rocco Papaleo, Massimo Ceccherini, Marine Vacth)

 

Во оваа нова замисла на легендарната класика на детската литература обожавана низ светот, Матео Гароне се навраќа на изворната приказна за Пинокио на Карло Колоди (Carlo Collodi), со оригинален наслов „Авантурите на Пинокио“, издадена кон крајот на 19 век. Сиромашниот и осамен столар Џепето прави дрвена кукла, која на негова радост ќе оживее и ќе му го разубави животот. Но, иако носот на Пинокио му расте кога ќе излаже, тој е палав и постојано запаѓа во неволји…

Играниот филм на Гароне (кој во 2018 го реализираше одличниот КУЧКАР/Dogman) создава еден богат волшебен свет на мистерии и чуда, исполнет со светли, забавни и трогателни моменти. Со секогаш одличниот Роберто Бенињи во главната улога, ПИНОКИО беше доминантен наслов на доделувањата на годинешнитенагради „Давид ди Донатело“, на доделувањето на наградите на италијанскиот „Златен глобус“,“, како и на националното здружение на филмски новинари и критичари на Италија.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез

 

7 НОЕМВРИ (САБОТА), 18:00 Ч.

ХАЈ – ФАЈ

(HI-FI)

Игран филм, Македонија

1987, 102 мин., колор, ДЦП

Режија: Владимир Блажевски

Сценарио: Горан Стефановски

Улоги: Фабијан Шоваговиќ, Данчо Чевревски, Елизабета Ѓоревска, Вукосава Донева, Мето Јовановски

 

Преку фрагмент од животот на Борис и неговиот син Матеј, филмот зборува за судирот на генерациите, за создадениот јаз поради идеолошката обоеност која едниот ја има, а другиот не ја поседува или, пак, кај него се манифестира на друг начин, и низ поинаквото однесување во умеењето или неумеењето да се помине животот достојно за едно човечко битие… Политичкиот затвореник Борис, по неколкуте години минати во затвор, се враќа дома. Во станот во кој по разводот со жената живее сам, вселен е неговиот син Матеј. Синот е веќе возрасен човек кој се обидува да заработи и да се афирмира како музичар. Во станот е сместено импровизирано тонско студио. Начинот на кој живее Матеј, неговата врска со девојката Мира, луѓето со кои тој контактира не му се допаѓаат на Борис. Тој смета дека е тоа бесмислен живот, без планови и идеали.

За ваквата трансформација на синот тој ја обвинува поранешната сопруга која е успешна во професионалната кариера, но затоа нема авторитет пред синот и единственото што може да го направи е да ја обезбедува неговата материјална егзистенција. Уште еден неочекуван пораз го погодува Борис. Жената со која сака да го помине преостанатиот дел од животот, умира. Според него, сега единственото што може да го направи – е да го „врати“ синот на вистинскиот пат и да му покаже дека човек треба достојно да го минува времето што му е дадено. Она што му преостанува е да воведе суров режим во животот на синот. Ги прекинува сите негови контакти. Го врзува со лисици, а сите потреби и сета комуникација ја презема на себе. Според мислењето на Борис, сè што се случува е лично меѓу нив двајцата. Тој врши и вербална и физичка тортура врз синот, инсистирајќи тој да се согласи дека животот што го водел е залуден. Матеј не се согласува со ставот на таткото, но пасивниот отпор што го покажува го заплашува Борис. Нивните денови минуваат во играње шах и во пречукување на затворскиот дневник што Борис го водел секојдневно и без исклучок во затворот. Најпосле, Борис сепак го ослободува синот. Тие тргнуваат на пат кон родното село на таткото…

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез

 

7 НОЕМВРИ (САБОТА), 20:00 Ч.

13 НОЕМВРИ (ПЕТОК), 20:00 Ч.

КЛЕТНИЦИ

(Les Miserables)

Игран филм, Франција

2019, 104 мин., колор, ДЦП

Режија: Лаџ Ли (Ladj Ly)

Сценарио: Лаџ Ли, Џордано Гедерлини, Алексис Маненти (Ladj Ly, Giordano Gederlini, Alexis Manenti)

Улоги: Дамиен Бонар, Алексис Маненти, Џебрил Цонга, Иса Перика, Ал-Хасан Ли (Damien Bonnard, Alexis Manenti, Djebril Zonga, Issa Perica, Al-Hassan Ly)

 

Инспекторот Стефан станува нов член на единицата за борба против криминалот во Монфермеј, на периферијата на Париз, каде што Виктор Иго пред два века го сместил дејството на неговиот роман „Клетници“. Заедно со неговите колеги Крис и Гвада, искусни теренски полицајци, се обидуваат да внесат ред во квартот каде што владее голема тензија меѓу членовите на локалните банди. Иницијална каписла е сосем банална: кражба на мало кученце…

Кога полициската  тројка ќе се најде во незавидна ситуација за време на едно апсење, тинејџер со дрон ја снима случката и се заканува дека сè ќе изнесе на социјалните мрежи. Стефан не го дели „ентузијазмот“ на колегите во примената на сила врз членовите на тинејџерските банди.

Филмот на Лаџ Ли е инспириран од париските протести во 2005 година, едни од најнасилни во новиот век. Лаџ Ли ја доби наградата за режија на Канскиот фестивал 2019, КЛЕТНИЦИ освои 3 национални награди „Цезар“ во Франција и беше номиниран за „Оскар“ за најдобар странски филм 2020, а филмот беше и дел од конкуренцијата на минатогодишниот фестивал „Браќа Манаки“ во Битола…

 

Возрасна категорија: 15 години

Влезница: 100 денари

 

9 НОЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 Ч.

ТАТКО (КОЛНАТИ СМЕ, ИРИНА)

Father (We are Cursed, Irina)

Игран филм, Македонија

1973, 84 мин., црно-бел, ДЦП

Режија: Коле Ангеловски

Сценарио: Коле Ангеловски

Улоги:  Велимир Бата Живоиновиќ, Неда Арнериќ, Мето Јовановски, Ненад Милосављевиќ

 

Меѓу селските момчиња кои заминуваат во војска е и тукушто оженетиот Дамјан, единствениот син на воденичарот Витан. Младата жена останува во куќата на свекорот. Упатени еден на друг тие заеднички го носат бремето на работата во воденицата и околу имотот. Во долгите и монотони вечери младата Ирина го посакува враќањето на Дамјан. Честите наминувања на Мечето, селскиот клисар и трговец, ја вознемируваат Ирина. Таа не го поднесува поради невкусните шеги кои алудираат на нејзината младост, убавина и самотија. Додека Витан собира дрва во планината, Ирина пере на потокот. Водата ја мами и таа се бања. Од грмушките ја гледаат селските момчиња. Ја гледа и Витан обземен од нејзината убавина.

Заемната привлечност на Витан и Ирина, на еден силен маж и една пожелна жена, се случува спонтано и скоро неминовно во осамата во која живеат. Но, и двајцата, оптоварени со грешноста на желбата која подеднакво ја чувствуваат, наоѓаат сили да ѝ се спротивстават. Не можејќи да ја контролира љубомората, Витан не само што не им допушта на селаните да носат жито за мелење во воденицата, туку и на случајните минувачи им се заканува со истрели. Една ноќ паѓаат сите предрасуди, страста станува посилна од сите забрани…

Доаѓа и денот на Дамјановото враќање. Тој во планината ги наоѓа татка си и својата жена кои во љубовен занес не го забележуваат неговото пристигнување. Сведок на целиот настан е и Мечето. Тој доаѓа во воденицата и го известува Витан дека Дамјан се крие во планината. Во воденицата владее молк. Витан и Ирина го очекуваат појавувањето на Дамјан. Гонет од љубомора и под бремето на неверојатниот грев, тој се однесува како подивен ѕвер. Своето право на маж го покажува силувајќи ја Ирина. Таа му се одмаздува убивајќи го. Витан се враќа од планината. Пред куќата го чека Ирина…

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез

 

10 НОЕМВРИ (ВТОРНИК), 18:00 Ч.

ОФИЦЕР И ШПИОН

(J’accuse / An officer and a spy)

Игран филм, Франција / Италија

2019, 132 мин., колор, ДЦП

Режија: Роман Полански (Roman Polanski)

Сценарио: Роберт Харис (Robert Harris)

Улоги: Жан Дижардан, Луј Гарел, Емануел Сење (Jean Dujardin, Louis Garrel, Emmanuelle Seigner)

 

Во 1895 година младиот и амбициозен офицер на француската армија Алфред Драјфус е обвинет дека шпионирал во корист на Германија и е осуден на доживотна робија, што треба да ја отслужи на злогласниот Ѓаволски Остров.

Меѓу сведоците на процесот е и полковникот Жорж Пикар, кој неодамна станал шеф на единицата за противразузнавање, која го уапсила Драјфус. Меѓутоа, Пикар открива дека Германците и по затворањето на Драјфус добиваат тајни податоци за француската војска. Во 2019 година ОФИЦЕР И ШПИОН на фестивалот во Венеција доби „Сребрен лав“ и уште три другио награди, меѓу кои и наградата на федерацијата на филмски критичари ФИПРЕСЦИ. Филмот забележа и четири Европски филмски награди и 12 номинации за националната француска филмска награда „Цезар“ (доби 3 награди, меѓу кои и за режија на Полански).

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

10 НОЕМВРИ (ВТОРНИК), 20:30 Ч.

13 НОЕМВРИ (ПЕТОК), 18:00 Ч.

ЗАТИШЈЕ ПРЕД БУРА

(Serenity)  

Игран филм, В. Британија / САД

2019, 96 мин., клор, ДЦП

Режија: Стивен Најт (Steven Knight)

Сценарио: Стивен Најт (Steven Knight)

Улоги: Метју Меконоги, Ен Хатавеј, Дајан Лејн (Matthew McConaughey, Anne Hathaway, Diane Lane)

 

Бејкер Дил е капетан на рибарски брод и води тури низ мирната тропска енклава, островот Плимут. Меѓутоа, спокојниот живот му се нарушува кога се појавува неговата поранешна сопруга Карен, очајна за помош. Таа го моли Дил да ги спаси неа и нивниот млад син од нејзиниот нов, насилен сопруг, така што ќе го одведе на рибарска тура среде море и ќе го фрли на ајкулите. Појавата на Карен го враќа Дил во еден живот, кој се трудел да го заборави, и додека се мачи помеѓу исправното и погрешното, светот му запаѓа во една нова реалност, која можеби не е таква каква што се чини.

 

Возрасна категорија: 15 години

Влезница: 100 денари

 

11 НОЕМВРИ (СРЕДА), 18:00 Ч.

СОСЕМ ОБИЧНА ЉУБОВ

(Ordinary love)

Игран филм, Велика Британија

2019, 92 мин., колор, ДЦП

Режија: Лајза Барос Д’Са, Глен Либрн (Lisa Barros D’Sa, Glenn Leyburn)

Сценарио: Овен МекКаферти (Owen McCafferty)

Улоги: Лиам Нисон, Лесли Менвил (Liam Neeson, Lesley Manville)

 

Џоан и Том се сопружници со неколку децениски стаж. Нивната врска е исполнета со нежности и хумор. Кога на Џоан неочекувано ѝ дијагностицираат рак на дојката, текот на нејзиното лечење ја става нивната врска на тест: се соочуваат со предизвиците пред нив и помислата што сè би можело да ѝ се случи на Џоан…

СОСЕМ ОБИЧНА ЉУБОВ е приказна за љубовта, преживувањето и тешките прашања што животот ги поставува пред секого, и веќе е прогласен за еден од најемотивните филмови на годината. Главните улоги ги толкуваат искусните Лесли Менвил и Лиам Нисон, кои имаат номинации за „Оскар“ и се добитници на десетина престижни филмски награди. СОСЕМ ОБИЧНА ЉУБОВ годинава беше во конкуренција за наградите на фестивалите во Торонто, Лондон, Чикаго, Стокхолм, како и за телевизиските и филмски награди на Ирска.

 

Возрасна категорија: 15 години

Влезница: 100 денари

 

 

11 НОЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 Ч.

ЛИЧНАТА ИСТОРИЈА НА ДЕЈВИД КОПЕРФИЛД

(Personal History of David Copperfield)

Игран филм, Велика Британија / САД

2019, 120 мин., колор, ДЦП

Режија: Армандо Јанучи (Armando Iannucci)

Сценарио: Сајмон Блеквел (Simon Blackwell)

Улоги: Дев Пател, Хју Лори, Тилда Свинтон (Dev Patel, Hugh Laurie, Tilda Swinton)

 

ЛИЧНАТА ИСТОРИЈА НА ДЕЈВИД КОПЕРФИЛД на шкотскиот режисер Армандо Јанучи.Филмот преставува адаптација на еден од најомилените ликови на Чарлс Дикенс. Дејствието на филмот е сместено во викторијанскиот период (19 век) и го следи Дејвид Коперфилд од неговата рана младост до средното доба.

Младиот Дејвид Коперфилд  е сведок на социјалната неправда, која е изразена во многу форми – недостаток на заштита на децата, лоши услови за работа на работничката класа и сиромаштијата. Сепак, кај Коперфил се раѓа талентот за раскажување и пишување, па неговото одраснување, иако во трагични услови, сепак не е лишено од хуманоста.

Ликот на Дејвид Коперфилд го игра индискиот актер Дев Пател, нова филмска ѕвезда во подем. Јанучи во филмот ги обединил и Тилда Свинтон, Питер Капалди и Бен Вишов, но и Хју Лори, омилениот лик доктор Хаус од истоимената мегапопуларна ТВ серија. Според критиката се работи за една од најдобрите екранизации на делото на Дикенс на големото платно кои се видени досега.

ЛИЧНАТА ИСТОРИЈА НА ДЕЈВИД КОПЕРФИЛД  го отвори 63 Лондонски филмски фестивал БФИ.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

12 НОЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 Ч.

КРАЈНО ИЗОПАЧЕН, ШОКАНТНО БЕЗМИЛОСЕН И ЗОЛ

(Extremely Wicked, Shockingly Evil, and Vile)

Игран филм, САД

2019, 110 мин., колор, ДЦП

Режија: Џо Берлингер (Joe Berlinger)

Сценарио: Мајкл Верви, Елизабет Кендал (Michael Werwie, Elizabeth Kendall)

Улоги: Зак Ефрон, Лили Ефрон, Каја Скоделарио, Џефри Донован (Zac Efron, Lily Collins, Kaya Scodelario, Jeffrey Donovan)

 

Тед Банди на прв поглед е привлечен, паметен и харизматичен маж. Лиз е самохрана мајка, претпазлива, и вљубена во Тед, сѐ додека не го приведат и обвинат за серија грозоморни убиства. Всушност, Тед Банди е еден од најбруталните сериски убијци во САД во 70те години на минатиот век, кој признал 30 убиства, а според „ракописот“ се смета дека е одговорен за смртта на над 100 жртви.

Филмот на Берлингер е поглед во умот на вистински социопат кој убива без каење. Негативецот Тед Банди се смета дури и за прототип на сериски убиец кој ги редефинирал најмрачните ставувања за човековата суровост. Критиката ја истакнува убедливоста на актерот  Зак Ефрон во улогата на овој сериски убиец.

Режисерот Берлингер минатата година сними и документарна серија во четири продолженија, базирана на интервјуата во траење од 100 часа кои новинарот Стивен Мишод ги водел 1980 година со Банди во затворот, откако е осуден на смртна казна.

КРАЈНО ИЗОПАЧЕН, ШОКАНТНО БЕЗМИЛОСЕН И ЗОЛ беше селектиран на „Санденс“ и победи на неколку фестивали во САД профилирани за крими жанрот.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

14 НОЕМВРИ (САБОТА), 18:00 Ч.

ЛОШО ОДНЕСУВАЊЕ

(Misbehaviour)

Игран филм, Велика Британија / Франција

2020, 106 мин., колор, ДЦП

Режија: Филипа Лоуторп (Philippa Lowthorpe)

Сценарио: Ребека Фрајан, Габи Чјап (Rebecca Frayn, Gaby Chiappe)

Улоги: Кира Најтли, Гугу Мбата-Роу, Џеси Бакли (Keira Knightley, Gugu Mbatha-Raw, Jessie Buckley)

 

Натпреварот за Мис на светот во 1970 година се одржува во Лондон, а домаќин на шоуто е американскиот комичар Боб Хоуп. Во тоа време Мис на светот е најгледано ТВ-шоу во светот со над 100 милиони гледачи…

Тврдејќи дека натпреварите за убавина ги третираат жените како објекти, активистките на новоформираното феминистичко движење за рамноправност на жените ќе ја окупираат сцената и ќе го прекинат преносот во живо на изборот на Мис на светот. Откако шоуто продолжува, резултатот предизвикува вистинска бура: победничка на натпреварот не е фаворизираната убавица од Шведска, туку Мис Гренада. Таа ќе стане првата црнка што ќе ја понесе круната за Мис на светот. За тие неколку часа публиката во светот го следи рушењето на наметнатиот патријархат и западниот идеал за убавина…

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

14 НОЕМВРИ (САБОТА), 20:00 Ч.

ОСИЛО  

(WASP Network)

Игран филм, Франција / Шпанија / Белгија

2019, 123 мин., колор, ДЦП

Режија: Оливие Асајас (Olivier Assayas)

Сценарио: Оливие Асајас (Olivier Assayas)

Улоги: Пенелопе Круз, Едгар Рамирез, Вагнер Маура, Гаел Гарсија Бернал  (Penélope Cruz, Édgar Ramírez, Wagner Moura, Gael García Bernal)

 

Кон крајот на 80-тите и раните 90-ти години од минатиот век, бунтовничките групи на кубанските антикомунистички емигранти ситуирани на Флорида започнуваат насилни напади во знак на протест против властодржието на долгогодишниот претседател Фидел Кастро, поставувајќи бомби во хотелите и убивајќи недолжни туристи.

Како одмазда, кубанската влада распоредува елитна група шпиони за да ги разбие терористичките групи одвнатре. На петмина од тие шпиони на крајот им се заканува доживотна казна затвор од американската влада под обвинение за убиства и шпионажа…

Филмот ОСИЛО во 2019 учествуваше на фестивалите во Венеција и Торонто…

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

Leave a comment