Филмската програма на Кинотеката под отворено небо во летното кино „Мирно лето“ продолжува и во октомври. Секако, се надеваме дека временските услови ќе го дозволат тоа.

Убава вест за филмофилите е и тоа што со најавените здравствени протоколи есенва ќе започнат и стандарните филмски проекции во кинотечното кино. Повеќе за тоа откако ќе бидат прецизирани деталите…

Оваа објава ги содржи филмовите на програмата за првиот дел од октомври. Како што можете да видите, има наслови за сечиј вкус, а меѓу нив е и новиот македонски фим на двоецот Ивица Димитријевиќ и Мартин Иванов во независна продукција.

 

5 ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК) 21:00 Ч.

ХРОНОФОБИЈА

(Chronofobia)

Игран филм, Швајцарија

2018, 93 мин., колор, ДЦП

Режија: Франческо Рици (Francesco Rizzi)

Сценарио: Даниела Гамбаро, Франческо Рици (Daniela Gambaro, Francesco Rizzi)

Улоги: Виничио Маркиони, Сабине Тимотео, Леонардо Нигро (Vinicio Marchioni, Sabine Timoteo, Leonardo Nigro)

 

Сатер е осамен човек, кој е во постојано движење, бегајќи од себе. Преку ден, шета низ Швајцарија со бело комбе, додека преку ноќ тајно го набљудува животот на една друга осамена личност: Ана, млада жена што страда од сложен облик на тага. Откако ја открива неговата опседнатост со неа, се создава необична врска меѓу нив. Но оваа кревка рамнотежа за кратко време ќе биде уништена, кога Ана ја открива мрачната тајна на Сатер. Филмот e хроника на една невозможна љубовна приказна.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

5 ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК) 19:00 Ч.

6 ОКТОМВРИ (ВТОРНИК) 19:00 Ч.

ХАКЕР 

(Hacker)

Игран филм, Данска

2019, 97 мин., колор, ДЦП

Режија: Пол Берг (Poul Berg)

Сценарио: Пол Берг, Руне Кале Бјерко (Poul Berg, Rune Kalle Bjerkø)

Улоги: Есбен Далгард Андерсен, Јанус Набил Бакрави, Алфред Бјерне Ларсен (Esben Dalgaard Andersen, Janus Nabil Bakrawi, Alfred Bjerre Larsen)

 

Филмот ја раскажува приказната на тринаесетгодишниот талентиран хакер Бенјамин, кој открива дека мајка му не починала во сообраќајна несреќа пред години, како што му било кажано.

Трагата посочува кон високи службеници во Данската тајна служба, па Бенјамин заедно со неговата нова другарка Савана тргнува на стресна потрага да ја дознае вистината за исчезнувањето на неговата мајка.

 

Возрасна категорија: 8 години

Влезница: 100 денари

 

6 ОКТОМВРИ (ВТОРНИК) 21:00 Ч.

КАДЕ ПРИПАЃАМЕ?

(Where We Belong)

Документарен филм, Швајцарија

2019, 78 мин., колор, ДЦП

Режија:  Жаклин Цинд (Jacqueline Zünd)

Сценарио:  Жаклин Цинд (Jacqueline Zünd)

Учествуваат: Карлтон Гогел, Шерада Гогел, Томанс Курман (Carleton Gogel, Sherazade Gogel, Thomas Kurmann)

 

Поетски и интензивен документарен филм, кој ни прикажува како младите се борат со разделбата на нивните родители.

Родителите се разделуваат, семејството се распаѓа. Од она што некогаш било едно сега произлегуваат два одвоени светови. Децата сега живеат меѓу два дома, во постојана транзиција. Филмот се обидува да ни ја приближи детската реалност и се фокусира на тоа колку децата се кревки, но истовремено и колку храбро, паметно и со смеа ја перципираат нивната состојба.

Филмот е номиниран за „Кристална мечка“ на филмскиот фестивал Берлинале 2019 во програмата Generation Kplus и е добитник на Young Eyes наградата на Документарниот фестивал во Лајпциг.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

7 ОКТОМВРИ (СРЕДА), 19:00 Ч.

УШТЕ ЕДНА ТУРА

(Druk / Another Round)

Игран филм, Данска / Шведска

2020, 115 мин., колор, ДЦП

Режија: Томас Винтерберг (Thomas Vinterberg)

Сценарио: Тобиас Линдхолм, Томас Винтерберг (Tobias Lindholm, Thomas Vinterberg)

Улоги: Мадс Микелсен, Томас Бо Ларсен, Ларс Ранте, Магнус Миланг (Mads Mikkelsen, Thomas Bo Larsen, Lars Ranthe, Magnus Millang)

УШТЕ ЕДНА ТУРА по седум години повторно ги спои режисерот Винтерберг и актерот Микелсен, по нивниот голем успех со ЛОВОТ (The Hunt) во 2012, со кој Микелсен ја освои „Златната палма“ на Канскиот фестивал за најдобра главна машка улога. Винтерберг, кој заедно со Ларс фон Трир е еден од основачите на филмското движење „Догме 95“, во УШТЕ ЕДНА ТУРА гради концептуална приказна за пијанчењето на четворица разочарани и уморни интелектуалци, средношколски професори по историја, физичко воспитување, психологија и музичко образование.

Приказната за професорите тргнува од наводната теорија на еден познат психолог дека секој човек би требало да се роди со 0,5 промили алкохол во крвта, па таквата скромна опиеност би му го отворила умот за светот околу него, би му ги намалила проблемите и би му ја зголемила креативноста…

Сакајќи да ја докажат оваа теорија, четворицата професори почнуваат со експериментот – да бидат константно опиени во текот на целиот работен ден на училиште. Најкреативен и најагилен во „докажувањето“ на теоријата е професорот по историја (Микелсен): под дејство на алкохол здодевните предавања за периодот на Втората светска војна на неговите часови ги претвора во вистинско шоу, а неговите ученици се воодушевени од лекциите. УШТЕ ЕДНА ТУРА е горчлива комедија која ги открива и сериозните животни проблеми, вклучувајќи го и оној дека тагата не може да се излечи со алкохол.

Филмот на Винтерберг беше селектиран во официјалната конкуренција на годинешниот Кански фестивал, но неговото одржување во мај беше одложено. УШТЕ ЕДНА ТУРА имаше светска премиера на фестивалот во Торонто, а минатиот месец беше победник на фестивалот во Сан Себастијан.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

8 ОКТОМВРИ (ЧЕТВРТОК) 19:00 Ч.

СТУДЕНА ВОЈНА

(Zimna wojna / Cold War)

Игран филм, Полска / Велика Британија / Франција

2018, 90 мин., црно-бел, ДСП

Режија: Павел Павликовски (Pawel Pawlikowski)

Сценарио: Павел Павликовски, Јануш Гловацки (Pawel Pawlikowski, Janusz Glowacki)

Улоги: Јоана Кулиг, Томаш Кот, Борис Шиц (Joanna Kulig, Tomasz Kot, Borys Szyc)

Сторијата на филмот зборува за страсната љубовна приказна меѓу младата и амбициозна пејачка и танчарка Зула (Јоана Кулиг) и музичарот и диригент Виктор (Томаш Кот). Зула излегува од поправен дом и се пријавува на аудицијата на новоформираното културно-уметничко друштво што ги негува традициите на полскиот фолклор веднаш по војната.

СТУДЕНА ВОЈНА освои „Златна палма“ за режија во Кан минатата година и беше еден од најсериозните кандидати за Оскар, со бројни одлични критики низ целиот свет.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

9 ОКТОМВРИ (ПЕТОК) 19:00 Ч.

ПАРАЗИТ

(Gisaengchung/ Parasite)

Игран филм, Јужна Кореја

2019, 132 мин., колор, ДЦП

Режија: Бонг Џун Хо (Bong Joon Ho)

Сценарио: Бонг Џун Хо (Bong Joon Ho)

Улоги: Канг-хо Сонг, Сун-киун Ли, Јео-џеонг Џо (Kang-ho Song, Sun-kyun Lee, Yeo-jeong Jo)

 

Четиричленото семејство Ки-Тек живее во влажен подрумски стан и секојдневно ги гледаат минувачите по тротоарот. Членовите на семејството се невработени, а заработуваат така што склопуваат кутии за пица.

ПАРАЗИТ претставува смеса од повеќе жанрови: црна комедија, социјална драма, сатира, хорор и трилер. Филмот, според зборовите на режисерот, е „комедија без кловнови и трагедија без негативци“. Во 2019 година ПАРАЗИТ ја освои „Златната палма“ на Канскиот филмски фестивал, како прв јужнокорејски филм што се закитил со оваа награда, а триумфираше и како севкупен победник на доделувањето на „Оскарите“.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

10 ОКТОМВРИ (САБОТА) 19:00 Ч.

ОФИЦЕР И ШПИОН

(J’accuse / An officer and a spy)

Игран филм, Франција / Италија

2019, 132 мин., колор, ДЦП

Режија: Роман Полански (Roman Polanski)

Сценарио: Роберт Харис (Robert Harris)

Улоги: Жан Дижардан, Луј Гарел, Емануел Сење (Jean Dujardin, Louis Garrel, Emmanuelle Seigner)

 

Во 1895 година младиот и амбициозен офицер на француската армија Алфред Драјфус е обвинет дека шпионирал во корист на Германија и е осуден на доживотна робија, што треба да ја отслужи на злогласниот Ѓаволски Остров.

Меѓу сведоците на процесот е и полковникот Жорж Пикар, кој неодамна станал шеф на единицата за противразузнавање, која го уапсила Драјфус. Меѓутоа, Пикар открива дека Германците и по затворањето на Драјфус добиваат тајни податоци за француската војска. Во 2019 година ОФИЦЕР И ШПИОН на фестивалот во Венеција доби „Сребрен лав“ и уште три другио награди, меѓу кои и наградата на федерацијата на филмски критичари ФИПРЕСЦИ. Филмот забележа и четири Европски филмски награди и 12 номинации за националната француска филмска награда „Цезар“ (доби 3 награди, меѓу кои и за режија на Полански).

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

13-15 ОКТОМВРИ (ВТОРНИК-ЧЕТВРТОК), 20:00 Ч.

ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН ФЕСТИВАЛ НА ДЕБИТАНТСКИ ФИЛМОВИ „КИНЕНОВА“

 

 

17 ОКТОМВРИ (САБОТА) 19:00 Ч.

МАРТИН ИДН

(Martin Eden)

Игран филм, Италија/Германија/Франција

2020, 129 мин., колор/црно-бел, ДЦП

Режија: Пјетро Марсело (Pietro Marcello)

Сценарио: Маурицио Браучи, Пјетро Марсело (Maurizio Braucci, Pietro Marcello)

Улоги: Лука Маринели, Џесика Креси, Винченцо Немолато, Марко Леонарди, Денис Сардишо, Кармен Помела, Карло Чеки (Luca Marinelli, Jessica Cressy, Vincenzo Nemolato, Marco Leonardi, Denise Sardisco, Carmen Pommella, Carlo Cecchi)

 

Адаптацијата на познатиот роман на Џек Лондон го прикажува младиот сиромашен морнар кој тежнее да стане писател. Смета дека само на тој начин ќе ја премости класната разлика и ќе може да му се доближи на богатото семејство на неговата вереница Елена. Воден од правдољубивоста, политички се активира како социјалист, но тоа го води во конфликт со буржоаскиот свет на Елена.

За разлика од романот, дејствието на филмот е поместено во Наполи во 70те години од минатиот век. Режијата на Марчело синтетизира стилови на разни епохи. Актерот Лука Маринели за улогата на Мартин Идн ја доби главната награда на фестивалот во Венеција 2019 година. Филмот доби награда и на фестивалот во Торонто (Канада).

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

17 ОКТОМВРИ (САБОТА) 21:00 Ч.

ВИСТИНАТА

(La verité / The Truth)

Игран филм, Франција/Јапонија/Швајцарија

2019, 119 мин., клор, ДЦП

Режија: Хироказу Корееда (Hirokazu Koreeda)

Сценарио: Хироказу Корееда (Hirokazu Koreeda)

Улоги: Катрин Денев, Жилиет Бинош, Итн Хоук, Лудивин Сање (Catherine Deneuve, Juliette Binoche, Ethan Hawke, Ludivine Sagnier)

Фабиен е остарена француска филмска ѕвезда која покрај повременото губење на помнењето, се труди да остане достојна и почитувана. По објавувањето на нејзинитемемоари, нејзината ќерка Лумир досѓа од Њујорк во Париз за да го прослават тој настан.

На средбата по многу години се случува интелигентна и духовита борба на мислења меѓу мајката и ќерката. Лумир ја доведува во прашање прошлоста на нејзината мајка, во биографијата опишана во розеви тонови. Напнатоста во нивниот однос – потцртана со најновата улога на Фабиен во нов научно-фантастичен фим – постепено попушта. Дали ќе се помират?

Камерата е на францускиот кинематографер Ерик Готје, лауреат на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола 2018 година за филмот ПЕПЕЛТА Е НАЈЧИСТО БЕЛО. ВИСТИНА беше учесник на фестивалот во Венеција 2019 година.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

Leave a comment