По неколкудневниот период на силни дождови и променливо време што ги зафатија Скопје и поголемиот дел од државата, летното кино на Кинотеката на Северна Македонија од вчера (10 август, понеделник), со почеток во 20:00 ч. е повторно отворено за публика.

Дождовите не само што ја одложија филмската програма на неколку денови, туку го одложија и свеченото именување на ова летно кино, кое во минатата среда (на 5ти август) требаше и официјално да го добие името „Мирно лето“, според играниот првенец на филмската режисерска легенда Димитрие Рули Османли.

Името не случајно е избрано за ова летно кино, со желба истото да се одрази и на функционирањето на кинотечната програма овие денови, и навистина летото да мине мирно и во најдобар ред. Логото беше испишано на ѕидот веднаш до филмското платно, поканите врачени, пијалоците спремни…

Но, се случи истото како и во филмот, односно новоименуваното кино ја сподели судбината со Мира и Заре, главните ликови на оваа прва македонска комедија од 1961 година. Посакуваното „мирно“ лето се претвори во „бурно“ , а во случајот на Кинотека и – во „дождливо“. Реализацијата на она што е планирано не зависи секогаш од нашите желби и вложувања.

 

На разочарување на публиката која веќе се навикна вечерите да ги поминува пред филмското платно во дворот на Кинотека, проекциите беа оправдано одложени. Суштината, концептот на летнотно кино – кинотечното, но и било каде во светот – е проекциите да се следат под отворено небо, а тоа ја налага зависноста од временските услови и прилагодливоста на програмата. Нејсе, дождливите вечери се зад нас, а во наредните неколку денови повторно им се враќаме на вечерните проекции, филмската програма.

Вчера на програмата беше играниот филм ТИЕ (LORO, 2018) во режија на Паоло Сорентино кого го паметиме по оскаровецот „Големата убавина“ (2013) и тв-серијата „Младиот папа“ (2016).

Следните денови, ако се е во ред со временските прилики, на репертоарот се документарниот „Битлси: Осум дена во неделата“ на Рон Хауард (вторник, 11 август), комедијата „Скитникот од плажата“ (2019) на Хармони Корин, драмите „Климакс“ (2018) на Гаспар Ное, „Златна ракавица“ (2019) на Фатих Акин, „Офицер и шпион“ (2019) на Роман Полански, и така натаму…

Откажаните проекции на филмовите ќе бидат презакажани наредниве денови.

ВЕ ПОТСЕТУВАМЕ ДЕКА ПРОЕКЦИИТЕ ЗАПОЧНУВААТ ВО 20:00 Ч.

Leave a comment