Денес (21.март, четврток) напладне  во просториите на Кинотека на Северна Македонија, беше промовирано ДВД изданието на реставрираните играни филмови на Кирил ЦеневскиЦРНО СЕМЕЈАДОЛОВНА БРИГАДА и ЈАЗОЛ се четирите дигитално реставрирани долгометражни играни филмови во оваа уникатна колекција.

Пред публиката, во која беа македонските актери Костадинка Велковска од Загреб и Лазар Ристовски од Белград, дел од соработниците на Ценевски и учесници во неговите играни филмови, како и почитувачите на неговото филмско дело, воведна благодарност кон авторот, што во наследство ни ги остави овие четири филма и нè задолжи со нив, изрази директорот Владимир Ангелов.

Владимир Ангелов и актерите Лазар Ристовски и Петре Арсовски

Посебна благодарност до Костадинка Велковска и Лазар Ристовски, актерскиот тандем од ЈАЗОЛ, кои најдоа време да дојдат и да присуствуваат на овој настан, посочи Ангелов.

Тој изрази благодарност до Министерството за култура за поддршката за рестраврација на опусот на Ценевски, на филмското студио „Клик“ од Загреб кои ја извршија дигитализацијата и реставрацијата на филмовите, како и до сите соработници во овој уникатен проект.

Филмскиот критичар Влатко Галевски се осврна на играниот опус на Ценевски низ еден поинтимен светоглед на режисерот, говорејќи за бунтовноста на авторот против системите и конвенциите, а не против човекот или луѓето.

Ценевски е самосвесен човек и уметник. Причините за својот креативен рез делумно ги наоѓа и кај себе, но и во некои објективни околности. Тој го врза филмскиот јазол за кој никогаш не го најде дамокловиот меч за да го пресече. Можеби оттаму е неговата понатамошна тивка резигнација, неговиот креативен пацифизам, неговата уметничка дефанзива, истакна Галевски.

Филмологот Александар Трајковски, како продуцент на дигиталната реставрација, го презентираше процесот низ кој поминале филмските копии.

Покрај внимателното разгледување на филмските материјали, направен е и преглед низ придружните материјали од филмовите (фотографии, натписи, книги на снимање, сценарија) сè со цел да се обезбедат информации за постоењето на различни верзии, за начинот на снимање и сл. Овие информации се користеа и како помош во случаи кога требаше да се детерминира извесна намера на авторот, која што не е видлива на филмскиот негатив (на пример: вештачки ноќни сцени, односно извесно време од денот постигнато со постпродукциски методи), а позитив тонските копии можат делумно да ја дадат, заради нивната старост и оштетеност, објасни Трајковски.

Актерките Костадинка Велковска (лево) и Славица Николовска-Спасова, колешки од студентските денови на загрепската Драмска академија

Во публиката беа и дел од некогашните соработници на Ценевски, како композиторот Илија Пејовски, актерите Емил Рубен, Петре Арсовски, Симеон Мони Дамевски, монтажерот Спасе Тасевски, тон-мајсторот Глигор Паковски, продуцентот Панта Мижимаков… Присутните по промоцијата имаа можност да го видат ЈАЗОЛ во реставрирано руво. Публиката може да ги проследи проекциите на играните филмови на Ценевски утре (петок, 22 март) и во сабота (23 март).

22 МАРТ (ПЕТОК), 18:00 ч.

ЦРНО СЕМЕ

(Black Seed)

Игран филм, Македонија

1971, 89 мин., колор, ДСП

Режија: Кирил Ценевски

Сценарио: Кирил Ценевски, Ташко Георгиевски

Улоги: Ацо Јовановски, Дарко Дамевски, Мите Грозданов, Павле Вуисиќ, Ристо Шишков, Воја Мириќ

За време на Граѓанската војна во Грција, 1946 година, припадници на кралската грчка војска, во чиј состав влегуваат и Македонците од Егејска Македонија, под обвинение дека се комунисти и непријатели на кралска Грција, се казнуваат со упатување во логор на пуст остров. Поради своите убедувања и етничкото потекло, некои од нив ги совладуваат сите тешкотии, задржувајќи го своето човечко достоинство. Други, пак, не успеваат во тоа, и наместо очекуваниот спас, доживуваат целосен морален пад.

Централни личности се Андон Совичанов, Парис и Христос, кои, секој за себе, претставуваат индивидуална комплексност на самосвоен лик, што е видливо преку страдањата низ кои минуваат и кои ги означуваат разните димензии на човековиот отпор. Голготата започнува со одземањето на оружјето на Македонците од Егејска Македонија, припадници на кралската војска, и со нивно депортирање, најпрвин во воен затвор каде што ги сослушуваат, а потоа, натоварени на брод во тешки и сурови услови, ги носат на пуст и карпест остров. На островот нема вода, така што нудењето и поткупувањето со вода е еден од методите за кршење и уривање на достоинството на жедните затвореници, при што од нив се бара да потпишат изјава за лојалност кон кралот и готовност за откажување од Организацијата.

Влезница:  50 ден.

22 МАРТ (ПЕТОК), 20:00 ч.

ЈАД

(Anguish)

Игран филм, Македонија

1975, 119 мин., колор, ДСП

Режија: Кирил Ценевски

Сценарио: Кирил Ценевски

Улоги: Дарко Дамевски, Фабијан Шоваговиќ, Марга Потоцка, Нада Гешовска, Олег Видов, Сабина Ајрула-Тозија, Танасие Узуновиќ

Крај на XI-от век. Охрид, Византија. Силен духовен отпор на словенското население кон византиската власт и христијанската догма, искажан преку ересот на богомилското движење и автентичната самобитност на народот. Прогони, анатеми, убиства, чуми, несреќи… вител во кој ја следиме судбината на семејството на Аврам, како вековен симбол на човековото опстојување на балканските крстопати. Во селото на Аврам владее епидемија на големи сипаници. Сите болни ги фрлаат во вар. Аврам сè уште нема наследник, а тоа неизмерно го посакува. Ноќе, кога селаните изведуваат во шумата ритуали за изгонување на болестите и кажуваат молитви упатени кон природата, Аврам ја забележува младата и убава Далија со која посакува да има син. Правото на старешина тоа му го дозволува. Во исто време и жената на Аврам упатува паганска молитва кон Сонцето за да ја оплоди нејзината утроба. Се раѓаат два сина. Едниот, Вардан, и неговата мајка Далија се сместени во манастир, а другиот, Гаврил, ја има сета таткова љубов. Момчињата израснуваат и се запознаваат на еден црковен празник, кога Аврам со семејството и селаните доаѓаат во манастирот…

Влезница:  50 ден.

23 МАРТ (САБОТА), 18:00 ч.

ОЛОВНА БРИГАДА

(Lead brigade)

Игран филм, Македонија

1980, 115 мин., колор, 35 мм

Режија: Кирил Ценевски

Сценарио: Кирил Ценевски

Улоги: Ацо Јовановски, Благоја Спиркоски-Џумерко, Данчо Чевревски, Дарко Дамевски, Илија Џувалековски, Коле Ангеловски, Миља Вујановиќ, Миралем Зупчевиќ, Павле Вуисиќ

Зима во една рударска населба. Во рудникот работата се одвива според вообичаениот ритам. Во окното, заедно со рударите, се симнува и инженерот Лазар. Рударот со прекар Мајор ги распоредува двојките за работа. Злокобното завивање на сирената ја прекинува работата во рудникот. Рударот Шило алармира кај рударите за тројцата завеани рудари кои, доаѓајки на работа од околните села, останале заглавени во снежните наноси. Сите рудари се подготвени да помогнат. Во возилото на рудникот седнува инженерот Лазар и тргнува во потрага. За еден од рударите помошта пристигнува предоцна.

Едно од окната во рудникот е забрането за работа. Во него е наоѓалиштето на талиумовите минерали, потребни за извршување на експериментите со соларна енергија. Инженерот Лазар е млад и принципиелен човек кој ги застапува интересите на рударите. Во Дирекцијата на рудникот тој зборува за несоодветните работни услови на рударите и за малиот паричен надоместок што тие го добиваат. Неговите забелешки не ги засегнуваат присутните, а особено не директорот на рудникот. Во посета на инженерот пристигнува неговата сопруга, која живее во друг град. Нивниот брак нема перспектива. Поради постојаните недоразбирања, Лазар инсистира неговата сопруга веднаш да замине од неговата соба во рударскиот хотел. Како да претчувствува дека причината за нејзиното доаѓање е интересот за ретките минерали со кои таа тргува…

Влезница:  50 ден.

23 МАРТ (САБОТА), 20:00 ч.

ЈАЗОЛ

(Knot)

Игран филм, Македонија

1985, 117 мин., колор, 35 мм

Режија: Кирил Ценевски

Сценарио: Славко Јаневски

Улоги: Лазар Ристовски, Ацо Јовановски, Кирил Ристовски, Костадинка Велковска, Петар Арсовски

Дејството на филмот се случува во март 1943 година, кога според планот на геноцидното однесување кон Евреите беа транспортирани и Евреите од Скопје… Хирургот Никола, кому му е одземена дозволата за работа од страна на бугарската окупаторска власт, ги минува долгите монотони вечерни часови во хотелскиот бар. Гости во барот се германските офицери, како и бугарскиот началник Симеонов. Офицерите се забавуваат играјќи руски рулет, кој се разликува од изворната варијанта по тоа што германските офицери стрелаат во главата на затвореникот Симеон, човек од илегалата и познајник на Никола…

Еден од луѓето на Партијата, кој честопати доаѓа во градот за да одржува врски и да пренесува директиви, е Јанко Подгорник. Тој се претставува како деловен човек и отседнува во хотелот. Но, бугарската полиција го открива и тој ранет успева да побегне. Така повреден се поврзува со Симеон, кој бара помош од Никола. Постојано пијан и политички неопределен, Никола се колеба, но сепак му помага на повредениот и му го вади куршумот од ногата на која ѝ се заканува гангрена… Во празниот дом на хирургот Никола го пречекува неговата поранешна девојка Марија. Врската со неа му носи немир, таа бара докази за неговата љубов и притоа пројавува љубомора кон поранешната соработничка на Никола, медицинската сестра Дора, која е Еврејка…

Влезница:  50 ден.

Leave a comment