Денес беше презентиран уште еден успех на етнолозите од Музејот реализиран како печатен материјал, дополнет со 4 ДВД како носачи на визуелен материјал на кој се претставени вкупно 13 етнолошки филмови. Нивни автори се др. Владимир Боцев и Елизабета Конеска и двајцата вработени во етнолошкото одделение на Музејот на Македонија.

Мирјана Мирчевска и Владимир Боцев

Промотерот проф. др. Мирјана Мирчевска од институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот  факултет, УКИМ, Скопје нагласи дека етнографските филмови денес, како производ на рефлексивна и одговорна документаристичка пракса во чии рамки на визуелно компетентен начин се прикажуваат, но истовремено и се разгледуваат, прашања од значење за  разбирање на биолошките, општествените и културните взаемности во формите на однесување, мислење на поединци и групи, претставуваат исклучително важен начин на комуникација. Како такви, етнографските филмови всушност се резултат на исцрпно и долготрајно бележење во дадена средина на вистински постоечки или пак, сега реконструирани, но претходно постоечки форми на човекова пракса. Основната цел на етнографскиот филм е да ги мобилизира гледачите, да ги поттикне на соодветна антрополошка рефлексија која ќе биде што пореална и без идеализирање, без преувеличување или егзотизација. Од друга страна, не треба ниту да предизвика маргинализирање или било каква измена во прикажаните дејствија на индивидуите или групите.

Визуелната антропологија, науката кој се занимава со етнографските филмови во целокупната постапка: од замисла, преку реализација се до анализа, никогаш не била целосно инкорпорирана во главните текови на антропологијата. Долго време антрополошките филмови се сметале само како објективен запис за реалноста, кој служи за натамошна анализа, за потоа да бидат складирани во архивите, или како аудиовизуелна помош во процесот на образование. Но, денешните визуелни антрополози кои примарно се занимаваат и со снимање и со анализа на снименото, говори во прилог на сѐ подоминантната теза дека визуелната антропологија, исто како и пишуваниот текст, е наративно средство за пренесување на антрополошкото знаење. Како што ја нарекува Маргарет Мид: визуелна антропологија во една вербална научна гранка – проф. др. Мирјана Мирчевска.

Таа ја потенцираше и активноста на колегите од Музејот, потсетувајќи дека Етнолошкиот музеј на Македонија, како водечка институција од овој вид во Македонија, по своето основање во 1949 година, најпрво започнува да ја зголемува збирката на предмети од материјалната култура. Набрзо, етнолозите од музејот согледуват дека паралелно со материјалната граѓа, од важност е и визуелната, и релативно брзо во 1953 година, етнологот Вера Кличкова го режира првиот етнолошки филм АЗОТ како документарен филм со етнолошка тема инициран од Музејот на Македонија.  Во годините што следуваат, од 1953 до 1966, сета етнографска визуелна продукција претставена како филм е со нејзиниот потпис. Нејзиниот поглед на етнолог, исклучително вешт, реален и подготвен да го забележи и тоа што некој друг не би го забележал, денес ни овозможува да имаме можност за етнолошка и антрополошка анализа, преку компарација, споредба, рефлексија според некоја теорија. Нешто, што денес колку и да сакаме, на друг начин не можеме да го добиеме. Би рекле: ова е првата фаза.

Втората фаза започнува во крајот на деведесетите години на минатиот век кога дел од колегите етнолози почнуваат да снимаат материјали кои најпрво служеле за поддршка на нивните пишани текстови. Увидувајќи дека на терен многу од работите не можат да се регистрираат во потполност преку фотографијата или преку вербалниот приказ, започнуваат да создаваат продукција на етнолошки документарни филмови каде предмет на обсервација се традициските култури во разни сегменти од животот на Македонците, творејќи, како што вели едниот од нив: … да создаваат етнологија со помош на камера. Сега, или подобро речено уште тогаш, бидејќи се работи за период од триесетина година, користејќи се со помош на комлементарни научни методи, двајца од нив успеаја во Музејот повторно да го вратат производството на етнолошки документарни филмови.

Имињата на колешката Елизабета Конеска и колегата др. Владимир Боцев се значајни имиња за етнолошката документарна продукција не само во Музејот на Македонија туку и во Републикава. Денес, на овие 4 ДВД-а  имаме можност да ја гледаме продукцијата од трите филма на авторката Елизабета Конеска со сценарио и режија, забележано со камерата на Роберт Јанкуловски: Професија во движење – крушевски калајџии, (првиот со кој започнува засилената продукција), Звукот на чеканот и Белградскиот казанџија. Авторот на овој проект др. Владимир Боцев пак, е автор на сценарио, камера и режија на филмовите: Курбан-живоприношение во село Покрајчево, Џоломари, Бабарот што враќа кусур, Во името на господ, Самовилска вода , Говедар Камен, В година пак ќе дојдеме, Возот за Мартолци, Ниту ќе го продолжи ни ништо, и последниот засега, Росе од Заград. Богата продукција за определен временски период, во определени специфични услови за работа во државата, од само двајца професионалци. Импресивно и вредно за почит. Сепак има една недореченост, не во делот на создавањето туку во делот на презентирањето на веќе снимените филмови. Освен Музејот на Македонија, Кинотеката и евентуално на некој од воспоставените фестивали на документарни и етнолошки филмови, нема сцена каде би можеле да се погледнат.  Истовремено, презентирањето на првите филмови во странство датираат од 1960/61 година, за да новите автори за кои денес зборуваме презентирајќи ги нивните видео записи, продолжат со прикажување на фестивали во странство: Србија, Романија, Франција, Естонија, Италија, Бугарија, Португалија, Словенија, Русија, Латвија, Полска, Хрватска. За многу од нив имаат освоено високи награди и признанија. Последно во низот на признанија е пофалницата која ја доби овој проект како музејски проект на годината, доделена од ИКОМ.

Честитајќи им на колегите за вложениот труд, време, ентузијазам, енергија и професионалност, им посакувам и понатаму да продолжат со ваквата работа. А на некои други на кои тоа им е во описот на работните места, да овозможат предуслови како за создавање, така и за поголема достапност и видливост на овие филмови. Ќе завршам со зборовите на Пол Хокингс, кој вели: … Можеме да бидеме сигурни дека, ако бидат добро чувани, филмовите и видео лентите кои ние и нашите колеги ширум светот сме ги снимиле, тие ќе станат исклучително вреден дел на културното наследство на следните генерации – заклучи Мирчевска.

 

 

Leave a comment