Документарниот филм ПАТОТ НА ЛОКУМОТ (The Roud Of Turkish Delight, 2018, 37 мин., колор, ХДД) на режисерите Елизабета Конеска и Роберт Јанкулоски синоќа во Кинотеката ги собра љубителите на добрите филмски приказни и на слаткиот специјалитет што ги поврзува гастрономиите на разните народи.

Роберт Јанкулоски

Сниман според сценариото на Конеска, а со камерата на Јанкулоски, ПАТОТ НА ЛОКУМОТ не однесе во Истанбул, Крушево, Битола, Скопје и Белград. Приказната започнува во слаткарницата и работилницата на Хаџи Бекир во Истанбул со вековна традиција што ја негуваат неговите наследници, продолжува во Битола, Крушево, Скопје и Белград. Мајсторите слаткари не ја откриваат тајната на нивните рецепти, но авторите на филмот ни претставија компаративно согледување на историскиот пат на локумот – деликатесното слатко и неговата современа состојба и примена во контекст на глобалниот развој.

Главниот акцент е даден на локумот во Македонија каде што овој продукт претставува значаен сегмент од културното наследство, како и на мајсторите како клучни двигатели на овој вид културни навики и одржувачи на традицијата. Нишката што ги поврзува сите овие приказни на Балканот е традицијата на производство на локум што се пренесува од колено на колено во семејствата Хаџи Бекир, Герас, Тагас, Ајро, Босиљчиќ…

По проекцијата на филмот посетителите имаа можност да уживаат во овој деликатес произведен од мајсторите во Крушево („Тагас Балкан“) и Скопје („Ригара“).

Leave a comment