Која е формулата за успешен филм, посебно во европските кинематографии, чии успеси не секогаш се мерат со гледаноста и заработувачката на кино-благајните?

Има една изрека во српскиот јазик, која гласи „Просто као пасуљ“ („Просто како грав“). Со неа се изразува некоја ептен лесна активност, иако зад добрата чинија вкусен чорбест грав – а уште повеќе зад тавче гравчето – стојат барем два часа готвење според таен рецепт, кој е различен од регион до регион, од село до село, од тетратката на една до тетратката на друга домаќинка, од еден до друг војнички казан… Секако, тајните се состојат и во изборот на некоја мирудија, без која нема абер од вистинскиот вкус.

Кога сме кај тоа „просто као пасуљ“, има една анегдота како се прави грав на српски начин. Се става гравот да се вари во лонец со вода, па се истура првата вода кога ќе зоврие; повторно се става да се вари, се истура втората вода; се вари по трет пат, и кога ќе зоврие, се истураат и водата и гравот, па на тава со врело масло се фрлаат неколку кременадли! Така е некако и со правилата на разни филмски школи и правци – ако се држите доследно до правилата, тешко дека ќе направите дело со посебна естетика.

Современата данска кинематографија, во овој избор претставена со овие шест долгометражни филмови (пет играни и еден документарен), продуцирани во последниве пет години, некако сè уште го носи товарот на славата на револуционерното движење Догма 95 (Dogme 95, дански збор за догма). Затоа, можеби, цели 23 години од објавувањето на манифестот  на ова авангардно филмско движење (Dogme 95 Manifesto), секогаш кога пред гледачите ќе излезе нов наслов на некои од тогашните протагонисти, критичарите и филмофилите бараат релации со нивните претходни филмови, повторно и повторно прегледувајќи ги десетте заповеди запишани во Заветот на чистотата (Vows of Chastity; Kyskhedsløfter на дански јазик). И, останале ли „догматиците“ верни на нивната догма? Секако дека не! Догма 95 не само што не е проглас со железни правила на снимање, туку е провокација, како прст в око, за филмските автори и публиката да размислат што е филмската уметност, како (треба да) се прават филмови, што е суштината на филмот?

Мало потсетување. Движењето е основано од режисерите Ларс фон Трир (Lars von Trier) и Томас Винтерберг (Thomas Vinterberg), кои го објавуваат манифестот и Заветот на чистотата. Воопшто не е случајно што движењето Догма 95  е претставено во 1995 година (на 22 март) во париското кино Одеон, по повод стогодишнината на филмот. Наскоро им се придружуваат уште двајца сонародници, Кристијан Левринг (Kristian Levring) и Сорен Краг-Јакобсен (Søren Kragh-Jacobsen), а движењето подоцна добива интернационални рамки, од Чиле и Аргентина до Јужна Кореја. Во следните десет години се снимени триесеттина филмови според правилата на Догма 95, а СПРОТИ БРАНОВИТЕ (Breaking the waves, 1996 g.) на Фон Трир и ПРОСЛАВА (Festen/The Celebration, 1998 г.) на Винтерберг се сметаат за највпечатливите изданоци на ова движење.

Инаку, знаете ли дека и македонската кинематографија има еден догма филм? Се работи за БОЛИ ЛИ? (Does it hurt?, 2007 г.) на Анета Лешниковска, кој е и прв балкански догма филм, со Игор Џамбазов, Ирена Ристиќ, Дејан Лилиќ, Висар Вишка, Милијана Додевска…

Меѓутоа, првосвештениците на движењето набргу ќе сфатат дека сите правила, колку и да се авангардни, можат само да ѝ пречат на креацијата, па полека-полека ги напуштаат, ослободувајќи се од товарот на „револуционерноста“. А правилата од нивната библија велат дека не смеат да се носат реквизити на локацијата на снимање, туку може да се користат само затекнатите предмети и објекти; фотографијата и звукот мора да се снимаат заедно; не смее да се користи музика, освен ако не е дел од снимената сцена; камерата мора да биде од рака, без употреба на стативи; филмот мора да биде во боја, без дополнително осветлување, дозволена е употреба на само една лампа закачена на камерата; филмот не смее да користи филтри и графичка обработка, не смее да содржи површни акциони дејствија и оружје, и мора да се случува сега и овде, без жанровски одредници; форматот мора да биде 35 мм, резолуцијата 4×3 (не смее да биде вајдскрин, widescreen); и, на крајот (или почетокот, како сакате) режисерот не смее да биде потпишан на шпицата на филмот…

Но, кој еднаш одел спроти брановите, секогаш ќе оди во тој правец. Не само попознатите Винтерберг, Фон Трир или Сузан Бир (Susanne Bier), туку и Краг-Јакобсен, на пример. Овој циклус обединува приказни од психијатриска болница, „обичните“ младешки љубовни врски и љубовта во зрелото доба, прашањето за мигрантите, но и костимирана драма од средновековниот фантастичен свет и документарна драма за модерните етички прашања за правото на живот на секој човек.

Што би се рекло, просто токму како грав, а?

Стојан Синадинов

 

СРЕДА, 01 НОЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 19.00 ч.

КРАЈ МЕНЕ

(Coborâm la prima/Beside Me)

Игран филм, Романија

2017 г., 84 мин., колор, ДС

Режија: Теди Некула (Tedy Necula)

Сценарио: Александра Аксинте (Alexandra Axinte)

Улоги: Јулијан Бурчиу, Груманеску Цезар, Викторија Кочијас (Iulian Burciu, Grumazescu Cezar, Victoria Cocias)

 

Овој инспиративен филм на младиот романски режисер Теди Некула, на кој истовремено може да се гледа и како на социјален експеримент, претставува алегориска приказна за самиот свет и за односите во него.

Подземната железница во Букурешт е блокирана во утринските часови, само еден ден по ужасниот пожар во еден од ноќните клубови на главниот град со голем број починати или повредени млади луѓе. Луѓето тргнати на пат почнуваат да разговараат еден со друг. Што се случува кога времето, магично или механички, ќе застане за еден момент… или за половина час? Кога другиот сум јас, а јас сум другиот, и кога времето „изгубено“ може да се претвори во време „добиено“ низ пријател, искуство, разговор…

На крајот на патот претворен во патешествие, некој излегува променет.

Специјален гостин на проекцијата: Теди Некула

 

ДЕНОВИ НА ЈУЖНОКОРЕЈСКИ ФИЛМОВИ

02 НОЕМВРИ (ПЕТОК), 19.00 ч.

ТАКСИСТ

(Taeksi woonjunsa /A Taxi Driver)

Игран филм, Јужна Кореја

2017 г., 137 мин., колор, ДСП

Режија: Јанг Хун (Jang Hun)

Сценарио: Еом Ју-на (Eom Yu-na)

Улоги: Сонг Канг-хо, Томас Кречман, Ју Хае-јин  (Song Kang-ho, Thomas Kretschmann, Yoo Hae-jin)

 

Акционата драма е сместена во мај 1980 година кога еден таксист од Сеул добива понуда што изгледа премногу добро за да биде вистинита, или барем да помине без поголеми проблеми. Понудата е следна: ако превезе еден странец од Сеул до Гванџу и назад пред да започне полицискиот час, ќе му биде исплатена сума доволна да ги плати неколкуте заостанати месечни кирии.

Таксистот, без да се интересира за деталите, прифаќа и во неговиот автомобил е германскиот фоторепортер. Таксистот мотивиран од високата заработувачка по секоја цена се обидува да најде начин да ги заобиколи полициските блокади на Гванџу, каде што се одвиваат масовни анти-владини демонстрации, и успева да влезе во градот. Вознемирен од опасната ситуација, таксистот го побрзува фоторепортерот да се вратат назад. Но, фоторепортерот не се обѕрнува на неговите молби, туку започнува да ги фотографира протестите, кои стануваат сè подраматични…

 

02 НОЕМВРИ (ПЕТОК), 21.30 ч.

КУНДО: ДОБА НА РАЗБОЈНИЦИ

(Kundo: Min-ran-eui si-dae/Kundo: Age of the Rampant)

Игран филм, Јужна Кореја

2014 г., 137 мин., колор, ДСП

Режија: Јун Џонг-бин (Yoon Jong-bin)

Сценарио: Јеон Чеол-Хонг, Јун Џонг-бин (Jeon Cheol-Hong, Yoon Jong-bin)

Улоги: Ха Џунг-ву, Ганг Донг-вон, Ли Сунг-мин (Ha Jung-woo, Gang Dong-won, Lee Sung-min)

 

Сторијата на историската драмска акција е сместена во 19 век, на залезот на ерата на династијата Јосеон, турбулентен период полн со социјални немири. Поради постојаните природни катастрофи и слабите жетви, сиромаштијата, гладот ​​и смртта се раширени. Група борци наречени Кундо се креваат против неправедното и корумпирано благородништво, чиј интерес е постојано збогатување на плеќите на сиромашните.

Борците на Кундо се своевидна азиска варијанта на Робин Худ и длабоко се уверени дека нивната кауза е поважна од нивните животи. Ги напаѓаат корумпираните службеници, им ги одземаат парите и стоката, а потоа ги делат на сиромашните и ранливите групи граѓани. Во таква атмосфера се случува личната драма на Џо Јун, кој е вонбрачен син на богат благородник и слугинка (што во феудална Кореја значело, практично, робинка). Бидејќи неговиот биолошки татко и неговата сопруга немале деца, тие го довеле Јун во нивниот дом на негова десетгодишна возраст, но подоцна маќеата раѓа син.

Борејќи се да го добие татковото признавање како законит син и наследник, Јун добива вистинска прилика кога група крадци го убиваат неговиот полубрат. Бидејќи е вешт мечувалец, Јун решава да ги ограби сиромашните за да стекне поголемо богатство. Но, не застанува на тоа: неговата следна цел за убивање е бремената сопруга на полубратот, чие дете може да му го одземе приматот како наследник…

 

03 НОЕМВРИ (САБОТА), 14.00 ч.

ГОСПОЃИЦА БАБИЧКА

(Soo-sang-han geun-yeo/Miss Granny)

Игран филм, Јужна Кореја

2014 г., 124 мин., колор, ДСП

Режија: Хванг Донг-хиук (Hwang Dong-hyuk)

Сценарио: Хванг Донг-хиук, Хонг Јун-јеонг (Hwang Dong-hyuk, Hong Yoon-jeong)

Улоги: Шим Еун-киунг, На Мун-хи, Парк Ин-хван (Shim Eun-kyung, Na Moon-hee, Park In-hwan)

 

Сторијата на оваа драмска комедија, која била огромен хит во кино-салите во Јужна Кореја со речиси 9 милиони продадени влезници, говори за неочекуваната трансформација на една 74-годишна вдовица. Таа живее со синот и снаата: колку што е горда на професионалните успеси на синот, кој е универзитетски професор по геронтологија – наука за културолошкиот, социјалниот и биолошкиот аспект на стареењето – толку не се сложува со депресивната снаа.

Еден ден нејзината снаа ненадејно колабира, сместена е во болница, и советот на лекарите е да живее одвоено од свекрвата. Синот ѝ соопштува на мајка му дека ќе мора да ја сместат во старечки дом. Таа разочарано шета по улиците и наидува на едно мистериозно фото-студио, во кое тврдат дека можат да ги доловат моментите од младоста. Жената се фотографира, мислејќи дека тоа ќе биде сликата за нејзиниот надгробен споменик, но кога ќе излезе од студиото сфаќа дека е е млада, 20-годишна девојка!

Најпрвин се крие од семејството и го менува името во О Ду-ри (Oh Doo-ri), корејска варијанта на Одри Хепберн (Audrey Hepburn), нејзината омилена глумица. Заплетот допрва започнува, бидејќи Одри му се приклучува на хеви-метал бендот на нејзиниот внук…

 

03 НОЕМВРИ (САБОТА) ВО 19.00 ч.

ПРЕДАВАЊЕ НА ДЕЈАН РИСТИЌ: „ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА ВО ОЧИТЕ НА СОВРЕМЕНИЦИТЕ“

Прикажување на документарниот филм „Приказна за Живоин“

(Продукција: „Филмске новости“)

 

 

НЕДЕЛА НА СОВРЕМЕН ДАНСКИ ФИЛМ

6 НОЕМВРИ (ВТОРНИК) ВО 20.00 ч.

ЧАСОТ НА РИСОТ

(I lossens time/The Hour of the Lynx)

Игран филм, Данска

2013 г., 93 мин., колор, ДСП

Режија: Сорен Краг-Јакобсен (Søren Kragh-Jacobsen)

Сценарио: Сорен Краг-Јакобсен, Тобиас Линдхолм  (Søren Kragh-Jacobsen, Tobias Lindholm)

Улоги: Софи Гребол, Сиње Егхолм Олсен, Фредерик Кристијан Јохансен (Sofie Gråbøl, Signe Egholm Olsen, Frederik Christian Johansen)

 

Свештеничката Хелен ѝ се обраќа на Лисбет, која е научник, со очајна молба за помош. Млад човек, откако убил стар брачен пар, е сместен на психијатриски оддел со мерки на засилена безбедност. Момчето се обидело да се самоубие додека богохулело, па двете жени се во трка со времето за да го спасат. Започнуваат да навлегуваат сè подлабоко и подлабоко во болниот ум и душата на момчето…

Режисерот Сорен Краг-Јакобсен (1947 година, Копенхаген) е еден од најреномираните дански режисери и соосновач на проектот „Dogme 95“ што ја прослави данската кинематографија и нејзините автори во светот кон крајот на минатиот век. „Dogme 95“ како веристички филмски правец, во кој спаѓаат и попознатите автори Ларс фон Триер и Томас Винтернберг (Lars von Trier, Thomas Vinterberg), се залагаше за филмови снимани на традиционален начин, без специјални ефекти и висока технологија. Краг-Јакобсен е ученик на прашката школа, се стекна со меѓународен успех со МИФУНЕ (Mifune, 1999 г.), но е и популарен музичар.

 

7 НОЕМВРИ (СРЕДА) ВО 20.00 ч.

ДОЛГА КРАТКА ПРИКАЗНА

(Lang historie kort/Long Story Short)

Игран филм, Данска

2015 г., 100 мин., колор, ДСП

Режија: Меј ел-Туки (May el-Toukhy)

Сценарио: Марен Луизе Кене, Меј ел-Туки (Maren Louise Käehne, May el-Toukhy)

Улоги: Миле Лефелт, Питер Генцлер, Трине Дурхолм, Даница Ќурчиќ, Јенс Албинус (Mille Lehfeldt, Peter Gantzler, Trine Dyrholm, Danica Curcic, Jens Albinus)

 

Приказната на филмот ни раскажува за Елен и нејзините пријатели, кои се наоѓаат во доцните триесетти и раните четириесетти години од животот. Сите тие се преокупирани со компликациите во љубовта кои, помалку или повеќе, самите си ги создале, па трагаат по некакво романтично искупување за неуспешните врски.

ДОЛГА КРАТКА ПРИКАЗНА е резиме на љубовните врски на пријателите на Елен, и нивните подеми и падови во период од три години. Приказната е раскажана во осум поглавја, и дејствието на секое од нив се случува на забава по различен повод : прослава на Нова Година, вселување во нова куќа, прослава на летната солистиција (најдолгиот ден на северната хемисфера), забава со изненадувања, крштевка, годишнина и јубилеј. Заедничката приказна на оваа група пријатели е потрага по концептот на совршена врска и одговорот на прашањето – што е вистинска љубов?

 

8 НОЕМВРИ (ЧЕТВРТОК) ВО 20.00 ч.

ПРИРОДНО РАСТРОЈСТВО

(Naturens Uorden/Natural Disorder)

Документарен филм, Данска

2015 Г., 98 мин., колор, ДСП

Режија: Кристијан Сондерби Јепсен (Christian Sønderby Jepsen)

 

ПРИРОДНО РАСТРОЈСТВО е документарец за новинарот и комичар Јакоб Носел, кој боледува од церебрална парализа. Режисерот и писателот Јепсен го документира процесот на поставката на автобиографската драма на Носел на сцената на данскиот Кралски театар.

Преиспитувајќи ја сопствената интима, Јакоб Носел се осврнува на научниот свет и модерните етички прашања за евгениката (наука за проучување и практикување на селективното размножување кое се применува на луѓето, со цел да се подобри видот, но во поширока смисла, евгениката се занимава и со подобрување на човековите генетски особености). Какво право на живот има Јакоб?

 

9 НОЕМВРИ (ПЕТОК) ВО 20.00 ч.

ПОСВЕТА НА ЉУБОВТА

(Nøgle hus spejl/Key House Mirror)

Игран филм, Данска

2015 г., 91 мин., колор, ДСП

Режија: Михаел Ноер (Michael Noer)

Сценарио: Андерс Фритиоф Аугуст, Михаел Ноер (Anders Frithiof August, Michael Noer)

Улоги: Гита Норби, Свен Волтер (Ghita Nørby, Sven Wollter)

Лили и Макс се во брак повеќе од 50 години. Сега живеат заедно во старечки дом, каде што Макс е на заздравување по мозочниот удар. Лили ги остава сопствените потреби настрана, но сепак копнее по возбуда и интимност во нејзиниот живот. Кога еден маж познат како „Пилотот“ ќе се всели во апартманот наспроти нивниот, Лили веднаш е шармирана од него и неговата страст за живот. Но, ниту нејзиното семејство, ниту другите жители во старечкиот дом, не го сакаат новиот станар.

Неразбрана од нејзиното семејство и заробена во животот со Макс, Лили решава да избега од нејзиниот невидлив затвор и да ја побара својата слобода. Мајкл Ноер (1978 година) важи за еден од најталентираните режисери на неговото време.

 

10 НОЕМВРИ (САБОТА) ВО 20.00 ч.

РОЗИТА

(Rosita)

Игран филм, Данска

2015 г., 90 мин., колор, ДСП

Режија: Фредерике Аспек (Frederikke Aspöck)

Сценарио: Ким Фупз Акесон, Бергот Блекен (Kim Fupz Aakeson, Bergljot Bleken)

Улоги: Јенс Албинус, Микел Бое Фолсгард, Мерседес Кабра (Jens Albinus, Mikkel Boe Folsgaard, Mercedes Cabra)

 

Средовечниот вдовец Улрик (Албинус) живее во мало рибарско гратче на северот на Данска и има два сина. Тие живеат тивок живот, исполнет со рутината на секојдневните обврски во рибарската индустрија. На Улрик му недостасува нежноста и дружбата со жена откако починала неговата сопруга, па како и некои други негови сограѓани, се одлучува на договорен брак со младата емигрантка Розита (Мерседес Кабра) од Филипините, која пристигнува со туристичка виза, на „пробен брачен период“.

Розита, нормално, е шокирана од новата животна и културна средина, а тоа што Улрик не го познава англискиот јазик е уште една пречка во нивната комуникација. Јоханес (Фолсгард), помладиот син на Улрик, кој сè уште живее во татковата куќа, треба да биде нивни преведувач. Јоханес има привлечна девојка и неволно е вовлечен во оваа релација. Меѓутоа, во следните неколку недели меѓу него и Розита се развива привлечност. Додека срамежливиот Улрик е несигурен за идејата за брак со младата Филипинка и не е вешт да ѝ покаже повеќе љубов и внимание, Јоханес и Розита започнуваат тајно да флертуваат.

 

11 НОЕМВРИ (НЕДЕЛА) ВО 20.00 ч.

ЌЕРКАТА НА ВЕШТЕРКАТА

(Skammerens datter/The Shamer’s Daughter)

Игран филм, Данска

2015 г., 96 мин., колор, ДСП

Режија: Кенет Каинз (Kenneth Kainz)

Сценарио: Андерс Томас Јенсен, Лене Кабербол (Anders Thomas Jensen, Lene Kaaberbøl)

Улоги: Роланд Молер, Алан Хајд, Јакоб Офтебро (Roland Møller, Allan Hyde, Jakob Oftebro)

 

Приказната на оваа фантастична авантура е базирана на истоимената книга на писателката за деца Лене Кабербол (Lene Kaaberbøl) и се случува во имагинарниот средновековен фантастичен свет со џинови и магии. Дина и нејзиното семејство се фрлени во авантурата на својот живот, со цел да го стават вистинскиот наследник на Кралството Данарк на тронот.

Дина е ќерка на Шејмер и Мелусина, и неволно ја наследила натприродната способност на нејзината мајка, која важела за „вештерка“: можела да ѕирне директно во душата на луѓето, засрамувајќи ги на тој начин. Кралот на Данарк бил убиен заедно со својата бремена сопруга и четиригодишниот син. Осомничен за убиството е постариот син на кралот, Никодим Гаврани, кој е пронајден мртов пијан со нож во рака. Но, според законите во кралството, тој не може да биде сметан за виновен сè додека не го признае убиството…

Судијата ја повикува „вештерката“ Мелусина, која има дарба за испитување на нечиј ум. Иако го гледа каењето на Никодим за неговото однесување во минатото, не наоѓа чувство за вина кај него за колежот на кралското семејство, па е фрлена в затвор. Во пресрет на судскиот процес кој треба да го одлучи и наследникот на кралскиот трон, лордот Дракан ја зема Дина, која ја има истата способност како мајка ѝ…

 

ФЕСТИВАЛ ЗА ДУХОВНИ ВРЕДНОСТИ

12 НОЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20.00 ч.

7 ЗБОРОВИ

(7 Cuvinte/7 Words)

Документарен филм, Романија

2015 г., 104 мин., колор, ДСП

Режија: Андреј Негоита (Andrei Negoita)

 

7 ЗБОРОВИ е приказна за еден човек кој поминал 21 година зад решетки, борејќи се за своите верувања. Роден помеѓу двете светски војни, Георге Калчу започнал да студира медицина во Букурешт, Романија, и првпат бил уапсен во 1948 година, на возраст од 23 години. Прогласен е за виновен затоа што ја сакал својата земја и бил противник на новиот комунистички режим. Цели 16 години минувал низ серија искуства за границите на човековата издржливост, „превоспитување“” во најсуровите комунистички затвори во Романија, познати по истребувањето на секаква опозиција на системот.

Калчу отслужувал казна во затворот Питешти, потоа бил испратен во казнено-поправниот дом Герла, потоа во затворот наречен „гробот на смртта“ во Џилава и, конечно, во Ајуд. Следела „слобода“ во земја која страдала од теророт од тајната полиција Секуритате. Сепак, тој докажал дека превоспитувањето не го скршило: продолжувајќи ја својата мисија, одлучил да стане свештеник. Отец Георге зборувал смело против системот, обраќајќи им се на младите од Романија во серија од седум зборови. Повторно бил уапсен, и во 1978 г. бил осуден на смртна казна. По големиот притисок на тогашниот американски претседател Роналд Реган, Калчу е ослободен и емигрирал во САД…

 

13 НОЕМВРИ (ВТОРНИК), 19.00 ч.

ПОСЛЕДНИОТ ОД ПРЕРОДБЕНИЦИТЕ

Документарен филм, Македонија/Албанија

2018 г., 96 мин. колор, ДСП

Режија: Кујтим Ѓонај

Јосиф Багери, кој бил самоук и научил да чита и да пишува на 18 години, е еден од последните преродбеници. Тој е една од најзначајните личности на 19. век, период на национална обнова: Багери се издигнал како херој против петвековното Отоманско ропство, борејќи се за слобода и национално достоинство.

Неговите живот и дело во овој документарниот филм се претставени со цел да пренесат силна порака дека јазикот и културата на еден народ бараат само однос, чест и заемна почит. Реализацијата на овој документарен филм е постигната со тесната соработка меѓу Филмските фондови на Република Македонија и на Република Албанија.

 

14 НОЕМВРИ (ВТОРНИК), 20.00 ч.

ОДЛУКА

(Decision)

Краток игран филм, Македонија

2018 г., 21 мин., колор, ДСП

Режија: Агим Абдула

Сценарио: Буњамин Куртиши, Лулзим Рашити

Улоги: Ајета Реџеповиќ, Насер Рафуна, Амернис Нокшиќи, Бурхан Амити, Исмет Рамадани, Ајше Усеини

Еден млад човек внимателно следи една стара дама, и тоа, всушност, изгледа како да се грижи за неа. Подоцна, тој се среќава со ноторен крадец и го моли да провали во станот на старата дама. Успева да го убеди крадецот да ја стори кражбата, иако тој ја изразува својата неподготвеност. По една недела, крадецот успева да го направи делото. Набргу потоа, старата дама се разболува. Крадецот се наоѓа себеси во ситуација да направи одлука за промена на животот.

 

ФИЛМ ПО ИЗБОР НА  ГЕТЕ ИНСТИТУТ

15 НОЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20.00 ч.

ПАРК НА СРЧИ

(Scherbenpark/ Broken Glass Park)

Игран филм, Германија

2011 г., 91 мин., колор, ХД

Режија: Бетина Блимнер (Bettina Blümner)

Сценарио: Катарина Крес (Katharina Kress)

Улоги: Јасна Фрици Бауер, Улрих Ноетен, Макс Хегевалд (Jasna Fritzi Bauer, Ulrich Noethen, Max Hegewald)

Сторијата на филмот ја следи Саша Најман, која е паметно и многу елоквентно 17-годишно девојче. Како 10-годишно дете се доселила во Германија од Русија. Подоцна сведочела на ужасен настан во нејзиното семејство: нејзиниот очув Вадим ја убил мајка ѝ пред нејзини очи, и оттогаш единствената желба на Саша е да го убие очувот.

Кога локалниот весник објавува сторија дека извршителот на суровото убиство сега наводно се кае, Саша целосно го губи трпението. Таа се жали кај Фолкер Требур, одговорниот уредник на весникот, за објавената вест која го прикажува нејзиниот очув во позитивно светло. Уредникот ѝ ја нуди неговата помош и ја сместува во неговата куќа на одреден период. Таму Саша го запознава неговиот син Феликс, кој е многу поинаков од сите други млади момчиња од нејзиниот кварт. По летниот одмор, во кој се разгореле чувствата во необичниот триаголник Саша-Феликс-Фолкер, ништо веќе не е исто како претходно…

 

НЕДЕЛА НА БОСАНСКОХЕРЦЕГОВСКИ ФИЛМ

16 НОЕМВРИ (ПЕТОК), 20.00 ч.

НИЧИЈА ЗЕМЈА

(Ničija zemlja/No Man’s Land)

Игран филм, Босна и Херцеговина

2001 г., 98 мин., колор, 35 мм

Режија: Данис Тановиќ (Danis Tanović)

Сценарио: Данис Тановиќ (Danis Tanović)

Улоги: Бранко Ѓуриќ, Рене Биторајац, Филип Шоваговиќ, Кетрин Картлиџ (Branko Đurić, Rene Bitorajac, Filip Šovagović, Katrin Cartlidge)

 

Десјтвието се случува во 1993 година, во екот на најкрвавите судири во Босна и Херцеговина. Босанските војници Цера (Шоваговиќ) и Чики (Ѓуриќ) се наоѓаат во еден ров на линијата на судирот меѓу Србите и Бошњаците. Ровот е погоден од граната: Цера лежи онесвестен, а Чики се крие во земуницата. Српската војска испраќа патрола да ја извиди состојбата во ровот на ничијата територија.  Постариот војник (Мустафа Надаревиќ) и неискусниот Нино (Биторајац) мислат дека Цера е мртов, па под него подметнуваат отскочна мина, со монструозна намера да убијат што повеќе босански војници кога ќе дојдат по мртвите тела.

Чики стапува во акција, го убива постариот војник, а го држи Нино како заложник. Пушката е час во рацете на едниот, па во рацете на другиот, а „дебатата“ за тоа кој прв ја почнал војната трае. Во меѓувреме се алармирани странските мировници,„сините шлемови“: филмот ја покажува апсурдната страна на војната, полна со црн хумор, како и бесполезноста на странските мировни сили. Сторијата не може без странските новинарски екипи, кои се надвиснуваат над ровот како мршојадци…

НИЧИЈА ЗЕМЈА е добитник на Оскар за најдобар филм од неанглиското говорно подрачје за 2001 година, а меѓу останатите ги доби и наградите Златен глобус и Цезар.

 

17 НОЕМВРИ (САБОТА), 20.00 ч.

СЕ СЕЌАВАШ ЛИ НА ДОЛИ БЕЛ

(Sjećaš li se Dolly Bell)

Игран филм, Босна и Херцеговина (СФРЈ)

1981 г., 110 мин., колор, 35 мм

Режија: Емир Кустурица (Emir Kusturica)

Сценарио: Емир Кустурица, Абдулах Сидран (Emir Kusturica, Abdulah Sidran)

Улоги: Славко Штимац, Слободан Алигрудиќ, Лилјана Благоевиќ, Павле Вуисиќ, Мира Бањац (Slavko Štimac, Slobodan Aligrudić, Liljana Blagojević, Pavle Vuisić, Mira Banjac)

 

Дино (Штимац) е тинејџер во Сараево во шеесеттите години од минатиот век, кога се судираат старото и новото време, а граѓаните живеат со уверување дека е напредокот на општеството е можен, макар и по принципот на самоубедување. Оттаму и култната реплика што ја изговара главниот јунак Дино: „Секој ден, во секој поглед, сè повеќе напредувам!“.

Дино е доброчудно и срамежливо момче кое ги слуша секојдневните совети на неговиот добар, но болежлив татко (Алигрудиќ) за технолошкиот напредок на светот. Водачот на локалните мангупи од маалото го убедува да ја сокрие проститутката со „уметничко име“ Доли Бел (Благоевиќ) на неговиот таван, па по некое време ќе дојде по неа. Дино полека но сигурно се вљубува во убавата проститутка, но никако не смее да ги покаже чувствата пред другарите – млади сурови мажјаци…

СЕ СЕЌАВАШ ЛИ НА ДОЛИ БЕЛ е првата соработка на сценаристот Сидран и Кустурица, ученикот на славната „Прашка школа“. Филмот го доби Сребрениот лав на Венецискиот фестивал како најдобро дебитантско дело и се смета за меѓник на новиот босански филм. Овој тандем три години подоцна ќе го направи ТАТКО НА СЛУЖБЕН ПАТ (Otac na službenom putu), што ја освои Златната палма во Кан. СЕ СЕЌАВАШ ЛИ НА ДОЛИ БЕЛ е необична, но многу успешна мешавина на италијанскиот неореализам и „прашката школа“.

 

18 НОЕМВРИ (НЕДЕЛА), 20.00 ч.

ГЛУВ БАРУТ

(Gluvi barut)

Игран филм, Босна и Херцеговина (СФРЈ)

1990 г., 116 мин., колор, 35 мм

Режија: Бахрудин Бато Ченгиќ (Bahrudin Bato Čengić)

Сценарио: Бахрудин Бато Ченгиќ (Bahrudin Bato Čengić)

Улоги: Мустафа Надаревиќ, Бранислав Лечиќ, Фабијан Шоваговиќ, Светозар Цветковиќ, Мира Фурлан (Mustafa Nadarević, Branislav Lečić, Fabijan Šovagović, Svetozar Cvetković, Mira Furlan)

 

Работен според романот на Бранко Чопиќ, ГЛУВ БАРУТ е приказна за идеолошкиот судир меѓу партизаните и четниците во Босна и Херцеговина за време на Втората светска војна. Во едно српско село во Босна луѓето се под пресија на две идеологии: претставник на партизаните е политичкиот комесар Шпанац (Надаревиќ), а на четниците е офицерот на кралската војска во Југославија, Радекиќ (Лечиќ).

Шпанац е фанатичен приврзаник на комунистичката идеологија што сака да го смени светот, без разлика на бројот на жртвите, додека, пак, Радекиќ е човек од тие краишта кој добро ја познава ситуацијата на теренот, и се обидува да сочува што повеќе човечки глави, дури и по цена на сопствените идеали. Шпанац во Радекиќ гледа главен двигател на отпорот што селаните го пружаат на прокламиранити левичарски идеали.

ГЛУВИ БАРУТ е еден од ретките филмови кои се занимава со т.н. „леви скршнувања“ – сурова партизанска чистка на идеолошки неподобните – во ексјугословенската кинематографија. Овој филм е и последен во филмографијата на Ченгиќ, еден од најзначајните автори во босанскохерцеговската и југословенската кинематографија од крајот на шеесеттите и почетокот на седумдесеттите години на минатиот век, со филмовите МАЛИ ВОЈНИЦИ (Mali vojnici, 1967 г.) и УЛОГАТА НА МОЕТО СЕМЕЈСТВО ВО СВЕТСКАТА РЕВОЛУЦИЈА (Uloga moje porodice u svjetskoj revoluciji, 1971 г.), работени според романите на значајните книжевници Мирко Ковач (Mirko Kovač) и Бора Ќосиќ (Bora Ćosić).

 

19 НОЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20.00 ч.

БИТКАТА НА НЕРЕТВА

(Bitka na Neretvi)

Игран филм, Босна и Херцеговина(СФРЈ)

1969 г., 95 мин., колор, 35 мм

Режија: Вељко Булаиќ (Veljko Bulajić)

Сценарио: Вељко Булаиќ, Ратко Ѓуровиќ,  (Veljko Bulajić, Ratko Đurović)

Улоги: Јул Бринер, Харди Кригер, Франко Неро, Силва Кошчина, Орсон Велс, Милена Дравиќ, Сејгер Бондарчук, Љубиша Самарџиќ, Вилимир Бата Живоиновиќ, Павле Вуисиќ, Коле Ангеловски (Yul Brynner, Hardy Krüger, Franco Nero, Sylva Koscina, Orson Welles, Milena Dravić, Sergey Bondarchuk, Ljubisa Samardžić, Velimir Bata Zivojinović, Pavle Vuisić)

 

Битката на Неретва или „Битката за ранетите“ е назив за четвртата непријателска офанзива на Народно ослободителната војна во Југославија. Тоа е назив за непријателските операции Вајс 1 и Вајс 2, во кои силите на нацистичка Германија во содејство со Италијанците, усташите, домобраните и четниците, се обиделе да го уништат на ослободителното движење предводено од партизаните во сливот на реката Неретва, а потоа во источна Херцеговина во периодот од 20 јануари до 1 април 1943 година. Филмот ја следи битката на партизаните кои сакаат да го пробијат обрачот на непријателските војски и претставува „фреска“ од десеттина незаборавни филмски ликови и нивните судбини во текот на офанзивата.

БИТКАТА НА НЕРЕТВА е веројатно најскапата филмска продукција во некогашна Југославија: сниман е цели 17 месеци, со учество на тогашните најголеми филмски ѕвезди во светот. Славниот шпански сликар Пабло Пикасо го направил постерот за филмот за неговата интернационална дистрибуција, што е само втор постер во неговата кариера. Но, БИТКАТА НА НЕРЕТВА е и еден од култните филмови на т.н. партизански жанр во југословенската кинематографија: репликите од филмот одамна се дел од ексјугословенската митологија…

 

20 НОЕМВРИ (ВТОРНИК), 20.00 ч.

ЖЕНА СО ПЕЈЗАЖ

(Žena s krajolikom)

Игран филм, Босна и Херцеговина (СФРЈ)

1976 г. (1989 г.), 66 мин., колор, 35 мм

Режија: Ивица Матиќ (Ivica Matić)

Сценарио: Ивица Матиќ (Ivica Matić)

Улоги: Столе Аранѓеловиќ, Божидарка Фрајт (Stole Aranđelović, Božidarka Frajt)

 

Изворно снимен како телевизиски филм, ЖЕНА СО ПЕЈЗАЖ е првиот и единствен долгометражен игран филм на култниот сараевски автор, кој во филмографијата има забележано триесеттина краки филмови. Матиќ починал непосредно по снимањето на ЖЕНА СО ПЕЈЗАЖ, кој во 1976 г. ја добил главната награда на фестивалот на Југословенската радиотелевизија во Порторож. Цели 13 години подоцна филмската верзија на неговото дело, со додадените снимени материјали (самиот автор го замислил ЖЕНА СО ПЕЈЗАЖ како долгометражен игран филм) е прикажана на Филмскиот фестивал во Пула, каде што постхумно ја добива највисоката награда, Златната арена за режија, а потоа и наградата ФИПРЕСЦИ на фестивалот во Монте Карло. Опусот на Матиќ се смета за еден од темелите на т.н. сараевска филмска школа, подоцна реафирмирана со светските успеси на Кустурица, Адемир Кеновиќ…

ЖЕНА СО ПЕЈЗАЖ е филмски есеј за судирот на уметникот и општеството. Приказната е инспирирана од наивното сликарство, и со посебно чувство за фотографијата и атмосферата (кинематографер е Карпо Аќимовиќ-Година, а и самиот Матиќ дипломирал филмска камера на загрепската филмска академија), го следи шумарот (Аранѓеловиќ) со необична пасија – сликањето женски актови. Шумарот-сликар наивец добива служба во зафрлено босанско село и таму наговара многу мештанки да му позираат голи. Тоа ќе ги разбесни нивните мажи и конзервативната средина, која смета дека шумарот не го соблекува жените само заради сликањето.

 

ОТВОРАЊЕ НА 9-ТОТО ИЗДАНИЕ НА МЕЃУНАРОДНИОТ ФЕСТИВАЛ ЗА ФИЛМОВИ СНИМЕНИ СО МОБИЛЕН ТЕЛЕФОН „МОБИЛ ФЕСТИВАЛ“ 2018

16 НОЕМВРИ (ПЕТОК) 19.00 ч.

„Мобил Фестивал“ е интернационален фестивал на филмови снимени со мобилен телефон. Оваа година помеѓу 16 и 24-ти ноември, во Скопје,  фестивалот ќе го има своето деветто издание.

Мобил Фестивал е единствен фестивал од ваков вид од регионот кој успеа да остане редовен. Од 2012 година, фестивалот прерасна во регионален и, освен домашна и интернационална селекција, веќе има и селекција на филмови од регионот.

Во овие девет години постоење фестивалот прикажа стотици филмови снимени со мобилен телефон, како во домашната така и во интернационалната селекција. Воедно, „Мобил фестивал“ стана дел од огромната интернационална мрежа на фестивали кои промовираат филмови снимени со мобилен телефон.

Организатор на фестивалот е продуцентската куќа „КТ Филм и Медиа“.

Фестивалот е поддржан од градот Скопје и од регионалниот филмски фонд Balkan Cinema Citiеs.

 

ДЕТСКИ ФИЛМ ВО РАМКИТЕ НА МОБИЛ ФЕСТИВАЛ

20 НОЕМВРИ (ВТОРНИК) 18.00 ч.

ПОМОШ, ЈА СМАЛИВ НАСТАВНИЧКАТА

(Hilfe, ich hab meine Lehrerin geschrumpft /Help, I shrunk my teacher)

Игран филм, Германија/ Австрија

2015 г., 90 мин., колор, ДСП

Режија: Свен Унтервалд (Sven Unterwaldt Jr.)

Сценарио: Герит Херманс (Gerrit Hermans)

Улоги: Ања Клинг, Оскар Кејмер, Аксел Штајн, Ото Валкес  (Anja Kling, Oskar Keymer, Axel Stein, Otto Waalkes)

 

Во сторијата на овој детски филм – полн со акција, авантура и смеа –11-годишниот Феликс ќе ја намали омразената директорка на училиштето, д-р Шмит-Гесенвајн, на висина од шест инчи (15 сантиметри), бидејќи го затекнала како прави тест на храброст.

Заедно со неговата пријателка Ела, Феликс се труди да ја врати директорката на нејзината нормална големина. Марио, ривалот на Феликс, се обидува да го спречи по секоја цена. Во заплетот се вклучува и духот на основачот на училиштето, кој го игра Ото Валкис.

 

24 НОЕМВРИ (САБОТА) 17 ч.

Завршна вечер на Мобил Фестивал

 

 

22 НОЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 17 ч.

ХОТЕЛ ГАГАРИН

(Hotel Gagarin)

Игран филм, Италија

2018 г., 94 мин., колор, ДСП

Режија: Симоне Спада (Simone Spada)

Сценарио: Лоренцо Еспање (Lorenzo Rossi Espagnet, Simone Spada)

Улоги: Клаудио Амендола, Лука Арџентеро, Џузепе Батистон (Claudio Amendola, Luca Argentero, Giuseppe Battiston)

 

Група од петмина луѓе, тотално различни по карактер, заминува во Ерменија за да направи филм. Тие се во потрага по нов предизвик во животот и игнорираат сè што ќе се случи со секој од нив.

Никола е учител со голема страст за филмот, и неговото одамна напишано сценарио конечно ќе добие шанса да биде филмувано од страна на еден продуцент, кој предлага филмот да се снима во Ерменија. Никола заминува со неговите пријатели во Ерменија, но кога ќе пристигнат таму, во земјата избива војна. Нивниот сомнителен продуцент ќе исчезне заедно со парите и Никола и пријателите сфаќаат дека тоа било измама само за да се исцицаат пари од некои европски фондови.

Додека седат заглавени во хотелот „Гагарин“, опкружени со шума и завеани од снег, наоѓаат оригинална и неочекувана можност за незаборавна среќа. ХОТЕЛ ГАГАРИН е прекрасна комедија со порака дека филмот е фабрика за соништа кои понекогаш и се исполнуваат.

 

 

НЕДЕЛА НА ШПАНСКИ ФИЛМ

21 НОЕМВРИ (СРЕДА), 20 ч.

ДОБРЕДОЈДОВТЕ ГОСПОДИНЕ МАРШАЛ

(Bienvenido Mister Marshall/ Bienvenido mister Marshall)

Игран филм, Шпанија

1953 г., 78 мин., црно-бел, ДСП

Режија: Луис Гарсија Берланга (Luis García Berlanga)

Сценарио: Луис Гарсија Берланга, Хуан Антонио Бардем (Luis García Berlanga, Juan Antonio Bardem)

Улоги: Лолита Севиља, Маноло Моран, Хозе Исберт (Lolita Sevilla, Manolo Morán, José Isbert)

 

Откако дознале дека американски добротвори се заинтересирани да ги посетат шпанските села и да им помогнат, жителите на малото село Вилар дел Рио почнуваат да се подготвуваат да ги пречекаат кога ќе пристигнат.

Тивкото село е управувано од глувиот, непослушен и добродушен градоначалник, кој само бара начин да му даде живот на местото. Убавата вест пристигнува во селото: високи личности од Северна Америка ќе им дадат економска помош на земјата, посетувајќи град по град, село по село. Градоначалникот не знае како да ги пречека. Агентот на пејачката Кармен Варгас, која треба да ја изведе песната „Големата андалузиска ѕвезда“, предлага изненадувачки иницијативи, ги придвижува сите луѓе од селото само за да подготви подобар прием за странците. Неговата идеја е да ги прикријат сите земјоделци како Андалузијци и да ги украсат куќите во секоја улица со типични декорации. Сите почнуваат да работат, а исто така и да сонуваат и размислуваат за тоа што ќе побараат од Американците, кои ќе дојдат со многу долари.

На денот на нивното пристигнувањето сите жители од Вилар дел Рио се на улиците, од градоначалникот до новороденото дете…

 

22 НОЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20 ч.

ЧИКО И РИТА

(Chico y Rita/Chico & Rita)

Анимиран филм, Шпанија

2010 г., 94 мин., колор, ДСП

Режија: Тоно Ерандо, Хавиер Марискал, Фернандо Труеба (Tono Errando, Javier Mariscal, Fernando Trueba)

Сценарио: Игнасио Мартинез де Писон, Фернандо Труеба (Ignacio Martínez de Pisón, Fernando Trueba)

Приказната започнува на Куба,  во 1948 година. Чико е млад пијанист со големи соништа. Рита е прекрасна пејачка со извонреден глас. Музиката и романтичната желба ги обединуваат, но нивното патување во традицијата на латинската балада – болеро – носи болка и маки.

Од Хавана до Њујорк, од Париз до Холивуд и Лас Вегас, двете страствени индивидуи се борат со невозможни шанси да се обединат во музиката и во љубовта.

 

23 НОЕМВРИ (ПЕТОК), 20 ч.

ЈУГОТ

(El sur)

Игран филм, Шпанија

1983 г., 95 мин., колор, ДСП

Режија: Виктор Ерис (Víctor Erice)

Сценарио: Виктор Ерис (Víctor Erice)

Улоги: Омеро Антонути, Сонсолес Арангурен, Исиар Болаин (Omero Antonutti, Sonsoles Aranguren, Icíar Bollaín)

 

Шпанските филмофили го обожуваат овој филм. Режисерот Ерис ја сместува приказната во Шпанија по граѓанската војна (1936-1939) и ја раскажува преку очите на едно девојче, а подоцна во филмот и тинејџерка.

Во мрачната атмосфера на тие години во Шпанија, режисерот ја покажува врската помеѓу намќорестиот татко и неговата ќерка полна со животен елан. Меланхолична приказна се случува во град во северниот дел на Шпанија. Девојчето е фасцинирано од тајните на југот кои се скриени во личноста на нејзиниот татко.

Филмската критика го истакнува ЈУГОТ како ултимативен наслов заради камерата и локациите на кои е сниман, како и дијалозите меѓу ликовите.

 

24 НОЕМВРИ (САБОТА), 20 ч.

СМРТТА НА ВЕЛОСИПЕДИСТОТ

(Muerte de un ciclista/ Death of a Cyclist)

Игран филм, Шпанија

1955 г., 88 мин., црно-бел, ДСП

Режија: Хуан Антонио Бардем (Juan Antonio Bardem)

Сценарио: Хуан Антонио Бардем (Juan Antonio Bardem)

Улоги: Лусија Босе, Алберто Клосас, Бруна Кора (Lucia Bosé, Alberto Closas, Bruna Corrà)

 

Маж и жена што се во тајна љубовна афера удираат со нивниот автомобил во велосипедист, и од страв да не бидат откриени како љубовници, не му пружаат помош. Велосипедистот умира.

Хуан е академски образован човек, предава на Универзитетот поради борба за престиж со неговиот зет. Марија Хозе е богато омажена: во бракот и животот ѝ е досадно, но не би се откажала од удобностите што ги ужива. Двајцата се љубовници. Откако ќе го усмртат случајниот велосипедист,  Хуан е вознемирен и неправеден кон студентите, па еден од нив паѓа на испит. Рафа, научник од нивниот круг на пријатели, навестува дека знае нешто, и тој се заканува дека ќе му ја открие нивната врска на Мигел, сопругот на Марија. Но, токму горделивоста на Мигел можеби е најголемата надеж на љубовниците: Хуан им предлага решение…

 

25 НОЕМВРИ (НЕДЕЛА), 20 ч.

БЕЗ СРАМ

(Sin Verguenzas)

Игран филм, Шпанија

2011 г., 116 мин., колор, ДСП

Режија: Јоакин Ористрел (Joaguin Oristrell)

Сценарио: Доминик Харари, Јоакин Ористрел (Dominic Harari, Joaguin Oristrell)

Улоги:  Вероника Форке, Даниел Хименес Качо, Кандела Пења (Verónica Forqué, Daniel Giménez Cacho, Candela Peña)

Изабел добива сценарио за филм. Откако ќе го прочита и станува јасно дека се темели на нејзината стара љубовна врска со филмскиот режисер Марио Фабра кој е автор на сценариото.

26 НОЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20 ч.

ЦРВЕНАТА ВЕРВЕРИЧКА

(La ardilla roja/ The Red Squirrel)

Игран филм, Шпанија

1993 г., 114 мин., колор, ДСП

Режија: Хулио Медем (Julio Medem)

Сценарио: Хулио Медем (Julio Medem)

Улоги: Ема Суарез, Нанчо Ново, Марија Баранко (Emma Suárez, Nancho Novo, María Barranco)

 

Џота е музичар и има намера да изврши самоубиство: на тој чекор се решава бидејќи е во очај откако го напуштила девојката. Додека се бори со сопствените демони, девојка по име Лиза вози мотоцикл и паѓа од мостот. Џота ѝ притрчува на помош и ја носи во болница. Девојката во несреќата ја губи меморијата, заборавила дури и како се вика, па Џота ѝ го „измислува“ нејзиниот живот. Тој ѝ измислува ново име на Лиза, а на докторите им вели дека се момче и девојка, и дека веќе неколку години живеат заедно како пар.

Лагата продолжува некое време. Џота ја користи ситуацијата за повторно да го оживее својот живот, според своите желби…

 

27 НОЕМВРИ (ВТОРНИК), 20 ч.

ПЕПЕРУТКА

(La lengua de las mariposas/ Butterfly)

Игран филм, Шпанија

1999 г., 96 мин., колор, ДСП

Режија: Хозе Луис Куерда (José Luis Cuerda)

Сценарио: Рафаел Азкона, Хозе Луис Куерда (Rafael Azcona, José Luis Cuerda)

Улоги: Мануел Лозано, Фернандо Фернан Гомез, Уксија Бланко (Manuel Lozano, Fernando Fernán Gómez, Uxía Blanco)

 

Драма за пораснувањето на едно дете. Годината започнува идилично за Мончо: тој започнува да оди на училиште, има прекрасен учител, се спријателува со Роке, почнува да ги открива некои од мистериите на еротиката. Со својот постар брат, саксофонист кој има свој бенд, тргнуваат на пат од нивниот град во Галиција. Но, тоа е истата година ога Шпанската република е нападната од фашистите. Таткото на Мончо е републиканец, како и неговиот наставник, повозрасниот Дон Грегорио.

Линиите на судирот во граѓанската војна се исцртани и полека станува јасно дека Републиканците ја губат превласта во битките. Стравот, насилството и предавствата се мешаат со чувствата  во душата на момчето што пораснува…

 

 

ФРАНЦУСКИ КИНО КЛУБ

27 НОЕМВРИ (ВТОРНИК), 18.00 ч.

ПОСЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ ВО ШИБАТИ

(Derniers jours a Shibati/Last days in Shibati)

Документарен филм, Франција

2017 г., 60 мин., колор, ДСП

Режија: Хендрик Дисолје (Hendrick Dusollier)

Во огромниот град Чонгкинг, Кина, последниот дел од старите населби треба да се урнат, а жителите да се преселат и да им се изградат нови домови. Во текот на снимањето на документарецот, што траело со месеци, режисерот се спријателува со младиот Жу Хонг и извонредната г-ѓа Ксу Лиан, последните сведоци на светот што ќе исчезне.

 

АНИМАКС СКОПЈЕ ФЕСТ

29-30 НОЕМВРИ (ЧЕТВРТОК-ПЕТОК), 19 ч.

„Анимакс Скопје Фест“ е прв и единствен фестивал на анимиран филм во Македонија. Фестивалот претставува уникатна можност за презентирање на креативните потенцијали и достигнувања од областа на светската современа анимација.

Македонските автори разменуваат искуства со гостите, а заеднички под капата на Анимакс ја доближуваат т.н. осма уметност пред нашата публиката. Покрај работилниците за професионалци, Анимакс Скопје Фест сè повеќе ги интегрира децата во својата програма како со редовната детска програма, така и со сè поголемиот број работилници и активности, посветени на најмладите кои, всушност, претставуваат своевидни инкубатори на таленти  и ја антиципираат нивната „уметничка иднина“.

На фестивалот се случуваат и придружни активности, како промоции на стручна литература, изложби и слично, нешто што му дава колорит и специфика на настанот.

 

 

Остави коментар