КУЌАТА ШТО ЈА ИЗГРАДИ ЏЕК (The House That Jack Built)

Игран филм, САД

2018 г., 155 мин., колор, ДСП

Режија: Ларс фон Трир (Lars von Trier)

Сценарио: Ларс фон Трир (Lars von Trier)

Улоги: Мет Дилон, Ума Турман, Бруно Ганц, Сиобан Фалон Хоган, Софи Гребол,Рајли Кио, Џереми Дејвис (Matt Dillon, Uma Thurman, Bruno Ganz, Siobhan Fallon Hogan, Sofie Gråbøl, Riley Keough, Jeremy Davies)

 

Пишува: Влатко Галевски

Во зависност од аголот на гледање, убиство на еден човек може да биде уметнички чин, убиството пак на 70 луѓе е филозофски чин. И според толкувањето на Фон Трир, не секое од тие убиства е на високо филозофско рамниште, ама извршувањето на тој чин – останува уметност.

Ларс е несомнено талентиран режисер кој ретко признава авторитети (исклучок се Тарковски и Дејвид Бови, и уште некои). Оттука неговите амбиции во „Куќата…“ да биде како неговиот духовен ментор, пијанистот Глен Гулд.  Затоа Гулд е „главниот лик“ во неговиот филм. Генијалниот пијанист и неприкосновен ексцентрик одбиваше да ги свири Шопен, Шуман, Лист, Дебиси и голем дел од основниот пијано репертоар, нарекувајќи ги нивните дела-празни театрални гестови. Не го сакаше ниту зрелиот Моцарт. Во една од своите изјави ексцентрикот Гулд вели: „Ја мразам публиката, не како индивидуи, туку масовно…мислам дека таа е сила на злото“. Го препознавате Ларс? Или „Изолацијата е единствен сигурен начин за човековата среќа“. Исто како „јунакот“ Џек во филмот на Трир. Или, „Кај публиката постои речиси садистичка потреба за крв, чекајќи да се случи кикс, да пукне жица, да падне пулт, диригентот да заборави каде е…Тоа е страшно!“ Токму тоа Ларс и го дава на „својата“ публика, крв до колена, пукање черепи… се додека диригентот не се заборави до каде е! Гулд вели: „Вистина е дека често поминував на црвено, но од друга страна често и запирав на зелено, ама никогаш не ме пофалија за тоа“. Колку ли Ларс ја сака оваа изјава!?

Архивската снимка која го прикажува Глен Гулд како го свири Бетовен, ја најавува метафората со којашто Фон Трир цинично алудира на настаните во својот филм. Гласот на Бруно Ганц (Вирџ) прашува: „Кое е ова смешно човече што свири?“, а Џек вели: „Тоа е Глен Гулд, еден од најголемиете пијанисти на нашето време. Тој ја претставува уметноста“.

А Џек ја сака уметноста. Го сака и Вилијам Блејк, неговиот фото-негатив и неговата темна светлина, неговите „Пророчки книги“. И идејата за контра-култура, за демонската моќ на регенеративниот херој. Ларсовиот Џек е Блејковиот свештеник на злото кој  „Исто како што гасеницата ги избира најубавите листови за таму да ги положи своите јајца, така и свештеникот ги положува своите клетви врз најубавите животни радости“

Дури ни кутриот пастирски поет Вирџ (Вергилиј) не е кадарен да ја разбере уметноста на Џек, веројатно поради тоа што немал прилика да го чита Блејк и да го слуша Гулд.

Сте го читале Блејк, како Ѓаволот Библијата, вели саркастично Вирџ во ролја на Џековата совест.

Ларс Фон Трир неизбежно се трансформира во интелектуален егзибиционист, и тоа свое кредо го надградува врз „Антихрист“ и „Нимфоманка“. Речиси несфатлива интенција да се биде агностик, да се самоспознае преку садистичкиот порив на Џек да ја објасни уметноста преку завршниот чин на овоземското постоење. Во таа смисла Ларс, користејќи архивски снимки и авто-цитати од сопствените филмови, како врвна уметност ја смета онаа што ја создале историските негативци со своето тоталитаристичко владеење, па ги реди, Иди Амин, Сталин, Мусолини, Мао, Хитлер… и теоријата за „благородниот трулеж“. Стремежот на уметноста да стане иконична. Како идеите и градбите на архитектот Шпер или како вградените сирени на „штуките“ кои сееле ужас при понирањето.

Но, Ларс е далеку од какво и да е шарлатанство. Тој иако на дрзок (за пошироката публика) начин, сепак проблематизира на тема: разум – морал. За „негативната совест“, нешто како дистописка варијанта на совеста. За своето намерно лудило тој не бара оправдување туку користи наведување и затоа значењето на чинот е небитно, важно е делото. Отстрелот на елен е само чин на доближување кон уметноста, отстрелот на своето семејство е иконична уметност. Кога Вирџ, видно вознемирен од чинот на отстрел му вели на Џек: „Сето човечко го редуцираш на материја, па така, животот го снемува, а заедно со него и уметноста која толку ја цениш!?“, Џек го негира со крунскиот аргумент-создавањето на врвното „ледено вино Sauterne“. Редоследот е следен: грозјето треба да смрзне, па да дехидрира, за на крајот  со благородно гниење да ферментира во својата смисла – вино.

Војните, жртвите, политиката, љубовта, патриотизмот, актерството, значи животот во илјада облици… сето тоа кај Ларс е минлива кореографија. Само смртта е совршената кореграфија. Веројатно затоа што немаме можност да правиме корекции.

Умешноста на Ларс да не внесе во своите филозофско-естетските конструкти е прилично мачно искуство за гледачот. Таа манипулативност и фатализам несомнено се тешки за дигестија. Но и доколку сме отпорни на неговите умешно компилирани епигонски потфати (каде внесува екстремни амфетамински дози), треба сериозно да се помачиме во обидот да најдеме средина во екстремноста.

Во секој случај, Ларс милува да ја става во искушение својата публика, и тоа го прави мајсторски. Тој го буди потиснатиот садизам во човековата природа, но, неговите 5 филмски инциденти сепак имаат очекуван епилог, едно долго патување низ Дантеовите кругови, се до „врвното совршенство“ – Уметноста, или Пеколот, како што сакате!

Конечно, реторичко прашање е колкумина навистина имаат лудило за да ја уриваат сопствената куќа што ја градат. Ларс е еден од ретките што може тоа да си го дозволи.

Проекциите на филмот се дел од ОМАЖОТ НА БРУНО ГАНЦ: 11 МАРТ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч., 16 МАРТ (САБОТА), 20:00 ч.

Leave a comment