Нема да биде ништо ново ако на почетокот на ретроспективата за кинотечната 2020 година ја споменеме светската здравствена криза предизвикана од пандемијата со вирусот ковид-19. Престапната 2020 година, сепак, за Кинотеката не е „година што ја изедоа скакулците“ (Борислав Пекиќ). Еве што работевме, што сработивме и како се дружевме изминатава година.

На почетокот вреди да се напомене дека и покрај првичниот шок од пандемијата и замирањето на активностите во доменот на јавната дејност кон средината на март, Кинотеката согласно сите здравствени протоколи за безбедност на гледачите на почетокот на летото стартуваше со летното кино, а во текот на есента продолжи со прикажување во киносалата со редуциран број посетители. Во 2019 година забележавме рекорден број гледачи, нешто над 20.000, а во 2020 година таа бројка, и покрај сите предизвици, достигна 10.000.

Филмската програма во летното кино „Мирно лето“ во периодот на јули, август и септември забележа околу 5.000 посетители! Од 8 октомври програмата на Кинотеката се врати во киносалата, секако со почитување на сите здравствени протоколи…

Летнотo кино беше промовирано минатата година. Тогаш напишавме дека се надеваме дека „пробната работа“ на летното кино ќе прерасне во своевиден фестивал. Годинава летното кино го доби името „Мирно лето“ – според култната комедија на Димитрие Османли од 1961 година – и филмските проекции и други настани под отворено небо се покажаа како одличен потег за зачувување на духот во услови на пандемија.

Стартот на летната кино програма во дворот на Кинотека на 10 јуни беше одбележано со 4 дневен настан и селекција на 4 современи европски филмови European Film Challenge.

За да се одржи квалитетот на проекциите, беше изградена кабина за филмски проектор и поставено филмско платно според сите професионални стандарди. Во холот, пред влезот во киносалата беше изграден нов шанк-пулт, каде што освен освежителни пијалаци може да се набават и изданијата и публикациите на Кинотеката.

Пандемијата со ковид-19 делумно ја преформатираше јавната дејност на Кинотеката. Така, освен проекции на кинотечните бисерите од филмскиот архив, онлајн станаа достапни дигиталните верзии на сите броеви на списанието „Кинопис“, кој во 2020 ја прослави 30-годишнината од неговото постоење, како и низа филмолошки студии на авторите м-р Игор Старделов, д-р Атанас Чупоски, м-р Мими Ѓоргоска-Илиевска, монографијата „Манчевски“, мултидисциплинарен публицистички проект на уредникот и автор Марина Костова, потоа книгата за аматерскиот филм во Македонија на Илинденка Петрушева, и ИСТОРИЈА НА ФИЛМОТ на Георги Василевски…

Но, да одиме хронолошки.

Јануари традиционално го започнавме со програмата „Кино утро“ во Кинотеката, составена од детски играни и анимирани филмови, главно од европските продукции – Германија, Данска, Италија, Романија, Австрија, Франција – но и од прочуената јапонска школа за анимација.

Јануари беше месец обележан со рекорден број проекции на МЕДЕНА ЗЕМЈА на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска и ВРБА на Милчо Манчевски, за кои се бараше билет повеќе. МЕДЕНА ЗЕМЈА беше номиниран за „Оскар“ во две категории (најдобар документарец и најдобар странски филм); кинематограферите Фејми Даут и Самир Љума ја добија наградата „Cinema Eye Honors“ за исклучително достигнување во кинематографијата; филмот ја доби и наградата за најдобар документарен филм која ја доделува Меѓународното здружение на филмски критичари (NSFC), и се најде на листите на најдобрите годинешни филмови на многу значајни списанија како „Њујорк Тајмс“, „Ролинг Стоун“, „Варајети”, „Венити феир“…

Пред еден век во јануари бил роден Федерико Фелини (1920-1993), а Кинотеката подготви циклус со некои од неговите незаборавни филмски ремек-дела како омаж на стогодишнината од неговото раѓање.

Во јануари замина во вечноста актерката Неда Арнериќ, „Ширли Темпл на југословенската кинематографија“. Таа остави траен белег и во македонскиот филм: улогата на Делфина во ИСПРАВИ СЕ ДЕЛФИНА (1977) на Александар Ѓурчинов, креирана според животот на легендарната пливачка Атина Бојаџи, сигурно спаѓа меѓу најпопуларните улоги во ексјугословенската кинематографија во 20 век. Кинотеката подготви мини-циклус со Неда Арнериќ во македонски играни филмови. Истиот месец замина и легендарниот филмски работник, тонскиот снимател Глигор Паковски – Гицо (роден 1932).

Во февруари имавме проекции на десетина наслови од поновата македонска играна и документарна продукција и копродукциски проекти – КОБРА на Игор Иванов-Изи, НЕЗАБОРАВНА ПРОЛЕТ ВО ЗАБОРАВЕНО СЕЛО на Куштрим Бектеши, ЗБОР на Слободан Деспотовски, ИЛУЗИЈА на Светозар Ристевски, МЕДЕНА НОЌ на Иво Трајков, ВРАЌАЊЕ на Кастриот Абдили, ЖЕНАТА НА МОЈОТ ЖИВОТ на Антониј Дончев, ПИЈАВИЦИ на Драган Маринковиќ…

Февруари е традиционалниот термин за дводневниот фестивал на музички документарци СКОПЈЕ СИНЕМА СИТИ, а веднаш по него следуваа и ДЕНОВИ НА СЛОВЕНЕЧКА КУЛТУРА. Во рамките на овие денови, а по повод 100 години од раѓањето на режисерот Франце Штиглиц – кој ја задолжи и македонската кинематографија со два играни филма, ВОЛЧА НОЌ и ВИЗА НА ЗЛОТО – беа прикажани неговите меѓународно наградувани филмови НА СВОЈАТА ЗЕМЈА и ДОЛИНА НА МИРОТ, како и ВИСТИНСКИ КОПИЛИЊА на Јоже Бевц и ЗА ДУША на Матјаж Клопчич.

Во февруари се одржа и првото издание на Фестивалот на современи ирански и македонски филмови. Не напушти и хрватскиот филмски режисер Ватрослав Мимица, кој остави значајна трага во македонската и ексјугословенската кинематографија: Мимица беше автор на МАКЕДОНСКИОТ ДЕЛ ОД ПЕКОЛОТ (1972).

Почетокот на март го одбележи одложувањето на сите настани и проекции во Кинотеката заради пандемијата предизвикана од ковид-19. Тоа, сепак, беше предизвик за поинакво форматирање на кинотечната програма и засилено дигитализирање на изданијата на Кинотеката.

Во април можевме да ја гледаме документарната репортажа „Галичник“ – еден од бисерите на кинотечниот архив – на онлајн платформата Cinesquare. По повод промоцијата на новото ДВД издание на Кинотеката со 5 дигитализирани македонски играни филмови, на Cinesquare беше прикажана филмската црно-бела класика ТРИ АНИ на хрватскиот режисер Бранко Бауер, во продукција на „Вардар филм“. Во следниот период продолжи прикажувањето на дела од кинотечниот архив на оваа платформа.

По повод 30-годишнината од излегувањето на првиот број, во април и мај беше комплетирано онлајн изданието на сите досегашни броеви на КИНОПИС – списание за историја, теорија и култура на филмот и другите уметности. КИНОПИС излегува веќе три децении, при што Кинотеката соработува со најзначајните филмски критичари, есеисти, автори и историчари во земјата и странство.

Кон крајот на април објавивме дека актерот и режисер Коле Ангеловски и костимографката Зорка Тодорова-Младеновиќ се овогодинешните добитници на наградата „Златен објектив“ за 2020, според одлуката на Управниот одбор на Кинотеката на Северна Македонија.

Во мај се одржа 10. издание на ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ, насловено „ФФФ Пролетните онлајн миграции“, како плод на солидарно партнерство меѓу ФФФ (организиран од страна на Филозофското друштво на Македонија), Кинотеката на С. Македонија и македонската VoD платформа Cinesquare. Во мај беше и 70. роденден на Друштвото на филмските работници на Македонија: јубилејот беше одбележан во септември.

Кинотеката на својата веб-страница продолжи да „прикачува“ дел од своите изданија со што истите се достапни за пошироката јавност, кинотечната публика и сите оние коишто сакаат да дознаат нешто повеќе за домашната и странската кинематографија. По сите досегашни броеви на КИНОПИС, списанието за теорија и историја на филм, од крајот на мај достапни за читателите се и монографијата МАНАКИ од авторот м-р Игор Старделов, издание  на Кинотека од 2003 година, АНДРЕЈ ТАРКОВСКИ: ФИЛМСКА МОЛИТВА на д-р Атанас Чупоски, филмолози-советници во Кинотеката; истражувачкиот труд КНИЖЕВНОСТА ВО ДИЈАЛОГ СО ФИЛМОТ на м-р Мими Ѓоргоска-Илиевска; монографијата МАНЧЕВСКИ, повеќегодишен комплексен, меѓународен и мултидисциплинарен публицистички проект на уредникот и автор Марина Костова, во издание на „Арс Ламина-публикации“…

Кинотеката ја збогати нејзината дигитална издавачка едиција и со книгата ВРЕМЕ НА ИГРИ И СОНИШТА (аматерскиот филм во Македонија од 1935 до 2011 година) на дамата на македонската филмска критика и публицистика Илинденка Петрушева, и со ИСТОРИЈА НА ФИЛМОТ на Георги Василевски. Кога на почетокот на новиот милениум Кинотеката на Македонија ја издаде првата книга од четворотомната ИСТОРИЈА НА ФИЛМОТ на историчарот и теоретичар на филмот Георги Василевски, Македонија се најде на мапата на одвај петнаесеттина земји во светот кои имаат Историја на филмот од свои автори.

Јули беше во знакот на циклусот филмови со Чарли Чаплин во летното кино под отворено небо. Со  десет наслови од творештвото на Чаплин – од неговите почетоци па сè до последните дела – Кинотеката ви овозможи увид во најдоброто од златната ера на немиот филм, но и начинот со кој легендарниот Шарло се справувал со предизвикот на звучниот филм.

Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ најде место во августовската програма на летното кино, како и првото издание на МЛАДИНСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ за кратки филмови на автори до 24 години

Почетокот на септември во летното кино „Мирно лето“ беше резервиран за скопската епизода од Неделата на новиот германски филм. Месецот продолжи со 23-то издание на Скопје филм фестивал: срцевината на програмата беа избрани наслови од поновата светска продукција и ретроспектива на филмското творештво на Федерико Фелини по повод 100-годишнината од неговото раѓање. Во рамките на СФФ беше одбележана и стогодишнината од раѓањето на книжевникот, филмски сценарист и режисер, Славко Јаневски (Скопје, 11.1.1920 – 20.01.2000).

Следуваше и шестото издание на фестивалот на музички филмови „Скопје синема сити“, потоа поетско-музичко препрочитување на книгата „Црни и жолти“ по повод 100 години од раѓањето на Славко Јаневски со ВИС “Тркалезна маса” – беше прикажан и филмот „Сонце зад решетки“ (1957), чиј потписник на сценариото и режијата е Јаневски – а летното кино во септември беше домаќин и на петтото издание на фестивалот за духовни и хумани вредности „Богодоричен покров“. Во дворот на Кинотеката се одржа и второто издание на Фестивалот на урбана култура МУРАЛ.

Октомври започна со вториот филмски викенд во рамките на 6. издание на Филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје синема сити“, во летното кино. Ја промовиравме и монографијата „40: ИФФК Браќа Манаки“, во издание на Кинотеката на Република Северна Македонија, која излезе од печат минатата година по повод 40 години од основањето на фестивалот „Браќа Манаки“. А со оглед на временските прилики, програмата на Кинотеката од 8 октомври се врати во нејзината добро позната киносала, со почитување на сите здравствени протоколи.

Октомври беше месецот кога започна и уникатниот филмски проект ФИЛМСКА УЧИЛНИЦА, една од активностите на Кинотеката која филмолозите и филмските техничари ја реализираа со голема радост. ФИЛМСКА УЧИЛНИЦА е проект за креативна едукација од областа на филмот и аудио-визуелното наследство наменет за ученици од средните училишта. Проектот под водство на филмската и ТВ режисерка Марија Џиџева започна на 10 октомври, се одвиваше секоја сабота, и се одржаа 10 сесии. Секоја сесија траеше 5 школски часа, кои се состоеа од предавања на различни теми, реализирани од филмолози од Кинотека и филмски професионалци, како и проекции на филмови. Учесниците имаа ретка можност да ги проследат предавањата на неколку специјални гости: на филмската режисерка Тамара Котевска и кинематограферот Фејми Даут од МЕДЕНА ЗЕМЈА, аниматорите Крсте Господиновски и Жарко Иванов, како и да ги чујат одговорите на нивните „милион“ прашања.

Во оваа интерактивна филмска училница младата популација се запозна со нематеријалното богатство, пред се, аудио-визуелното, потоа со историјата на филмот, со филмскиот јазик и аудио-вузуелното изразување, и имаше можност за креирање авторски филмски етиди.

Целта на проектот е, преку интерактивното – креативно учење, учесниците да добијат основи на филмско познавање, да научат како да гледаат филм,  како да размислуваат за едно филмско дело и да стекнат примарни вештини за креирање на филмски приказни како начин на лично изразување, како и за изработка на сопствени аудио-визуелни етиди кои би им помогнале во текот на нивното школување. Во ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА  ги отворивме портите на филмскиот трезор на Кинотека со цел да го приближиме  филмското наследство до младата публика, и  со  гледање филмови, учење и дружење да ги  инспирираме младите луѓе да откриваваат нови знаења и да создаваат свои дела. Проектот е финансиран од Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Кинотеката во октомври беше домаќин на фестивалот КИНЕНОВА: под мотото „Проекции во живо“, три филма од годинешната програма на фестивалот КИНЕНОВА беа прикажани во кинотечната сала.

По повод својот роденден на 29 април, Кинотеката секоја година го доделува „Златниот објектив“ на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија. Годинава заради пандемијата церемонијата се одложи за октомври, и на церемонијата што се одржа во просториите на Кинотеката на 14 октомври, на актерот и режисер Коле Ангеловски и костимографката Зорка Тодорова-Младеновиќ им беа врачени наградите „Златен објектив“. Директорот на Кинотеката Владимир Ангелов им врачи пригодни плакети и значки „Златен објектив“, а слово за делото на годинешните лауреати одржа филмологот д-р Атанас Чупоски.

На 27 октомври Кинотеката го одбележа Светскиот ден на аудиовизуелното наследство со неколку настани. Кинотека ги отвори своите работни простории и депоа за студентите, ученициите, колегите од сродните институции и секторот за заштита на културно наследство, како и за љубопитните граѓани. Годинешново мото под кое светските филмски архиви, музеи и институции поврзани со заштитата на културно наследство организираа изложби, проекции, предавања и слични настани по повод Светскиот ден на аудиовизуелно наследство е „Вашиот прозорец кон светот“.

Во октомври се одржа и шестото издание на Меѓународниот студентски фестивал на етнографски филм ЕТНОФФ, во организација на Македонското студентско етнолошко друштво. Во овој месец замина уште една актерската легенда: на 69-годишна возраст почина филмскиот, театарски и ТВ актер, продуцент и професор на ФДУ во пензија Данчо Чевревски. Во негова чест на 7 ноември го прикажавме филмот „Хај-фај“ (Hi-Fi, 1987) на Владимир Блажевски, еден од петте дигитално реставрирани филмови македонски играни филмови објавени на ДВД носач.

Почнувајќи од 27 ноември, следните десет вечери во кинотечното кино беа посветени на полскиот режисер Кшиштоф Кешловски и неговата филмска серија ДЕКАЛОГ, реализирана во 1988 година. Кшиштоф Кешловски (Krzysztof Kieslowski, 1941-1996) е од оние благородни филмски автори кои, веројатно, на полската и европската кинематографија ѝ дале повеќе отколку што добиле од нив, па затоа, не случајно, е наречен и „последниот европски моралист“.

Кинотеката во декември организираше ревија филмови на режисерот, сценарист и продуцент Митко Панов: филмофилите имаа можност да ги видат неговите кратки филмови СО КРЕНАТИ РАЦЕ (креативен документарец) и ЛИВАДА (игран), долгометражниот документарец ЗЕМЈАЦИ и долгометражните играни филмови ВОЈНАТА ЗАВРШИ и СВЕДОК (во кој славниот актер Бруно Ганц ја оствари неговата последна главна улога на филм).

Во Кинотеката секогаш има простор за вљубениците во филмот: во организација на Кино сојузот на Македонија и Народна техника на Македонија, со град Скопје и Кинотеката како домаќини, на 16 декември 2020 година се одржа официјалната проекција на филмовите и доделување на награди  од 49. Државен фестивал на непрофесионален филм „49.ДФНФ-Скопје 2020“. Кинотеката ја доби престижната Златна плакета од UNICA (Union Internationale du Cinéma / Интернационален филмски сојуз) за придонес и подршка во популаризацијата и афирмација на непрофесионалниот филм

Декември го завршивме и со промоцијата на најновото издание на списанието КИНОПИС бр. 57-58.. Овој број на списанието содржи 12 различни текстови (во 3 рубрики) од различни стручни аспекти, категории и родово-видови пристапи од областите на теоријата, историјата и културата на филмот и другите сродни уметности – стручни, теориско-критички и/или магистерско-докторски студии и анализи, филмски и фестивалски рецензии и критики, како и историско-филмски прегледи, анализи и студии.

Во текот на изминатата година ја привршивме и реализацијата на новото ДВД издание, „Антологија на македонскиот краток игран филм Vol. 1“. Оваа антологија, која наскоро ќе биде промовирана, содржи избор од 25 кратки играни филмови од македонски автори кои твореле изминативе 70 години.

Во киносалите одамна не се слуша оној добро познат звук на зуење кога филмската лента минува низ проекторот. Ние во Кинотеката повремено пуштаме филмови на класична 35 мм лента, но, и без тој звук знаеме дека животот, како и филмот, мора да се движи!

Продолжуваме со движење…

 

Leave a comment