Со проекција на играниот филм ВРВКИ (Sruchim/Laces, 2018) – потресна семејна драма во режија на Јаков Голдвасер (Jacob Goldwasser) и со одличните актери Нево Кимхи (Nevo Kimchi), Дов Гликман (Dov Glickman), Евелин Хагоел (Evelin Hagoel) – синоќа во Кинотеката на Македонија започна Неделата на израелскиот филм (3-7 декември).

Директорот на Кинотеката Владимир Ангелов ги поздрави Н.Е. Амбасадорот на Израел Дан Оријан, министерот за здравство Венко Филипче, д-р Рахел Шели Леви Друмер и славниот кошаркар Тал Броди, а потоа запалија свеќа, прославувајќи го почетокот на празничните денови Ханука, денови на посветеноста и фестивалот на светлината.

Владимир Ангелов, Венко Филипче, Дан Оријан, Тал Броди и д-р Рахел Шели Леви Друмер

Во духот на празникот Ханука, Амбасадата на Израел вчера на Универзитетската клиника во Скопје донираше 48 специјални колички за деца во Македонија. Тал Броди е почесен амбасадор на добрата волја на државата Израел и поранешен врвен кошаркар кој имал играно во националниот тим на САД, а подоцна во Израел. Дел од богатата играчка и животна приказна на Броди ќе можете да видите на 7 декември (петок), во 20:00 часот, во одличниот документарец НА МАПАТА (On the map), во режија на Дани Менкин (Dani Menkin).

Јана Ничота, координаторка на Неделата на израелскиот филм, и Дан Оријан, амбасадор на Израел

НА МАПАТА ја раскажува приказната за европскиот шампион во 1977 година, Макаби од Тел Авив, кој ја освојува титулата во време кога Средниот Исток сѐ уште заздравува од војната на Јом Кипур во 1973, олимпискиот масакар во 1972 во Минхен и киднапирањето на летот на Ер Франс од Тел Авив во 1976. Филмот раскажува како еден „аутсајдер“ израелски кошаркарски тим однесе победа над европските кошаркарски велесили, вклучувајќи го и ЦСКА Москва (на Западот познат и како „Црвената армија“), тим што одбивал да се натпреварува со Израелци.

Присуствот на д-р Рахел Шели Леви Друмер на Неделата на израелскиот филм е повеќе од симболично. Таа е внука на познатиот еврејски лекар  и голем хуманист, Хаим Абреванел, кој живеел и работел во Битола до 1963 година.  Абреванел бил  и првиот раководител на интерното одделение во битолската болница, а од февруари годинава Здравствениот дом во Битола го носи неговото име.

Leave a comment