Синоќа во Кинотеката на Македонија се одржа скопската премиера на документарниот филм за Јанаки и Милтон Манаки, МАНАКИ – ПРИКАЗНА ВО СЛИКИ (Manaki – Story in Pictures) на Роберт Јанкулоски, и беше отворана изложбата на реставрирани фотографии од опусот на Браќата Манаки. Скопската премиера и изложба се чествување на Милтон Манаки по повод 55-годишнината од неговата смрт.

 

Роберт Јанкулоски, автор на МАНАКИ – ПРИКАЗНА ВО СЛИКИ

Јанкулоски, професор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА и директор на Македонскиот центар за фотографија, е сценарист, кинематографер, режисер и продуцент на МАНАКИ – ПРИКАЗНА ВО СЛИКИ. Косценарист е Илинденка Петрушева, историчар и теоретичар на филмот, монтажата е на Блаже Дулев, музиката е на Горан Керкез, а дизајнот на звук на Дарко Спасовски.

Изложбата на реставрирани фотографии на браќата Манаки

Авторскиот филм на Роберт Јанкулоски ја прикажува фотографската работа на Јанаки и Милтон Манаки, првите балкански сниматели, преку интересна и инвентивна сторија, „оживувајќи“ ја ерата на Манакиевци низ нивните фотографии. Приказната се раскажува преку оригинални документарни фотографии, следејќи ја нивната работата  од отворањето на  првото професионално студио во 1898 година во Јанина  и нивното подоцнежно селење во Битола.

Јанкулоски за МАНАКИ – ПРИКАЗНА ВО СЛИКИ вели:

Преку овој филм сакав да се прикаже фотографското творештво на браќата Манаки, како и да се разветлат одредени периоди од нивните животи. Сепак, подобро се изразувам низ фотографијата и подвижните слики, па затоа и го направив овој филм.

Јанкулоски е автор и на монографијата за браќата Манаки со дигитализирани репродукции на оригиналните фотографски стаклени плочи, која што беше издадена кон крајот на 2017 г. Документарниот филм МАНАКИ – ПРИКАЗНА ВО СЛИКИ е финансиран од Агенцијата за филм.

Leave a comment