Стојан Синадинов

Кога славниот колумбиски писател Габриел Гарсија Маркес (1927-2014), вистинска икона на Латинска Америка не само во културолошка, туку и во цивилизациска смисла, пред неизбежниот крај на биолошкиот живот заради болеста започнал да го губи помнењето, неговите почитувачи со горчина се сеќаваа на максимата што го обележа творештвото на овој автор: „Меморијата е креација“ („La memoria es una creación“)!

Инспирацијата ќе ја најдеме секаде и во секое време, но меморирањето на дестилираните теми и идеи, вообличени во повеќе или помалку личен авторски ракопис – сетете се на романите Сто години самотија, Есента на патријархот, На полковникот нема кој да му пише на Маркес – е токму онаа креација по која трагаат творците. Во годината кога државата Израел слави 70 години од постоењето, таа креација во нејзината кинематографија не случајно се потпира на меморијата. Безбројните наслаги на колективното несвесно низ историјата и митовите на еврејскиот народ и личниот поглед на креаторот како ангажман се потребните состојки на оној амалгам што го посакува секоја култура.

Ако за некој народ важи предубедувањето дека ја негува меморијата за сопственото постоење, тогаш тоа е сигурно е еврејскиот народ. Не се потребни многу потсетувања за оваа теза, но дури и еден инстант преглед низ најпознатите филмски наслови на автори од еврејско потекло го потврдуваат тоа.

Многу од топ-листите на 10 или колку веќе филмови со еврејска тематика – од библиската тема за егзодусот, преку болната тема за холокаустот, до етаблирањето на државата Израел во 1948 година во милјето на геополитички нестабилниот Блиски Исток и новите секојдневни социокултурни проблеми – не можат без ШИНДЛЕРОВАТА ЛИСТА (Schindler’s List, 1993 г.) на Стивен Спилберг (Steven Spielberg), СВИРАЧ НА ПОКРИВОТ (Fiddler on the Roof, 1971 г.) на Норман Џуисон (Norman Jewison), ЕГЗОДУС (Exodus, 1960) на Ото Преминџер (Otto Preminger), ПИЈАНИСТОТ (The Pianist, 2002 г.) на Роман Полански (Roman Polanski), ИДА (Ida, 2013 г.) на Павел Павликовски (Paweł Pawlikowski) и веројатно уште дузина други филмови продуцирани и снимани во САД и Европа.

Но, (по)добрата страна на израелската кинематографија е тоа што топ-листите на филмови од европската и светската кинематографија последниве децении не можат барем без неколку наслови создадени во Израел. Меѓу амблематските филмови на современата израелска кинематографија се ТАНЦ СО БАШИР (Waltz with Bashir, 2008 г.) на Ари Фолман (Ari Folman), уникатен документарец реализиран во техника на ротоскоп-анимација со користење на класична филмска слика; ПОСЕТА НА БЕНДОТ (The Band’s Visit, 2007 Г.) на Еран Колерин (Eran Kolerin), филм за човечката димензија на стариот израелско-египетски политички и културолошки судир; РАЗВОД (Gett, 2014 г.) на Ронит Елкабец (Ronit Elkabetz), драма за обидот да се сруши вековната мачистичка традиција потпомогната од религијата; ИСПОЛНИ ЈА ПРАЗНИНАТА (Fill the Void, 2012 г.) на Рама Бурштејн (Rama Burshtein), уште еден филмски „прст в око“ на споменатата конзевративна традиција; ЛИБАН (Lebanon, 2009 г.) на Самуел Маоз (Samuel Maoz), антивоен крик во деценискиот израелско-арапски судир, што Маоз на поинаков начин го повторува и во неговиот најнов филм ФОКСТРОТ (Foxtrot, 2017 г.), а кинематограферот Ѓора Бејач (Giora Bejach) и за двата филма беше наградуван на Интернационалниот фестивал на филмската камера во Битола…

Сигурно дека има уште наслови кои се омилени меѓу филмофилите, зависно од интересите и вкусовите. Н.Е. амбасадорот Дан Оријан по повод Неделата на израелскиот филм, за прв пат организирана во Кинотеката на Македонија пред 4 години, го цитираше Дани Мудја, филмски продуцент, критичар и професор, кој смета дека „израелскиот филм талка по неговиот идентитет уште од првите денови“ и ги поставува прашањата дали треба да се обиде со жанровски филм на американски начин, лични филмови во европски манир, мелодрами и комедии според индијски, египетски и турски терк, или, пак, придружување на новото медитеранско културно движење? Мудја тогаш немал одговори, оставајќи го времето да ги посочи новите тенденции. Какви се тие денес, неколку години подоцна?

Можеби токму тоа талкање по уникатен идентитет во филмската естетика е она што постојано ги придвижува авторите. Меморијата, рековме веќе, не е спорна. Во кој правец оди креацијата?

Не случајно меѓу насловите во Неделата на израелскиот филм се два документарни филмови. НА МАПАТА (On the map) на Дани Менкин (Dani Menkin) наизглед е класичен документарец за спортот, кој ги евоцира спомените за првата европска шампионска титула во кошарка на најпознатиот клуб Макаби од Тел Авив, НА МАПАТА е во суштина првокласен документ за историјата на модерниот Израел, кој се следи како вистинска трилер драма.

Кошаркарите на Макаби од Тел Авив се обидуваат за првпат да ја скршат доминацијата на италијанските, шпанските и клубовите од тогашниот Советски Сојуз во Лигата на европските шампиони. Тоа се случува во прилично сензитивен политички период за Израел и неговата позиција  на Блискиот Исток, по масакрот на израелските спортисти на Олимписките игри во Минхен, Германија, во 1972 година, војната со Египет за време на празникот Јом Кипур во 1973 година, киднапирањето на авионот на Ер Франс на летот од Тел Авив до Париз во 1976 година…

Од друга страна, и спортот е бојно поле: Советскиот Сојуз го смета Израел за непријателска земја и одбива неговиот шампион ЦСК од Москва да игра во Тел Авив, па се игра на неутрален терен. Тој натпревар, во стилот на некогаш опуларната синтагма на спортските новинари, е „повеќе од игра“: сепак Макаби победува и во финалето игра против тимот Варезе од Италија. Менкин во НА МАПАТА ги собира преживеаните членови шампионскиот тим на Макаби и тие повторно заедно ја гледаат снимката од напнатиот финален меч. Американскиот играч од еврејско потекло Тал Броди е главната надеж на Израелците. Инаку, Броди се откажал од успешна кариера на играч во американската професионална кошаркарска лига НБА за му се придружи на Макаби, на наговор на Моше Дајан, тогаш клучна политичка фигура во младата држава. По неговиот пример и други американски играчи доаѓаат во Израел: Олси Пери, Ерик Минкин, Боб Грифин, Лу Силвер, Џим Боутрајт… И сите заедно, како што изјавил Броди по освојувањето на шампионатот, го позиционираат Израел „на мапата, не само во спортот…“.

Режисерот Менкин, еден од водечките автори во израелската кинематографија, во документарецот НА МАПАТА соработувал, меѓу останатите, и со Ненси Спилберг (Nancy Spielberg), сестра на славниот Стивен Спилберг, во намерата да покаже како спортот може да ја обедини нацијата и како еден човек (играч) може да направи (позитивна) разлика.

Специфична е таа дебата за креацијата во документарниот филм и правоверноста на фикцијата во играниот. А бидејќи веќе ги споменавме Спилбергови, вреди да се потсетиме на имагинарната  дебата околу еден друг документ на времето, најтрагичниот од минатиот 20. век – холокаустот. Клод Ланцман (Claude Lanzmann) е автор на деветчасовниот документарец ХОЛОКАУСТ (Shoah, 1985 г.) за погромот на Евреите во Европа – епска збирка од интервјуа со преживеаните, но и злосторниците. Откако Спилберг го сними ШИНДЛЕРОВАТА ЛИСТА, Ланцман изрази скептичност дали друг филмски род, освен документарниот, може адекватно да го изрази хоророт на холокаустот, дефинирајќи ги фикциите (играните филмови, вклучително и Спилберговото ремек-дело) како „грешки“, „престапи“, кои го тривијализираат посебниот карактер на страдањето на Евреите…

Другиот документарец во изборот на оваа Недела на израелскиот филм е СИРИСКИОТ ПАЦИЕНТ (Hapaтzua Hasuri/ The Syrian Patient) на Рахели Шварц (Racheli Schwartz). Колку и да сте секојдневно бомбардирани со информации за актуелните страдања што ги продуцира војната неколкугодишната војна во Сирија, на оваа географска оддалеченост не можете да се отргнете од скриеното чувство на вина заради помислата дека „Пеколот – тоа се другите!“. Обично се вели дека војните – секако, и актуелните – најчесто се перцепираат црно-бело, добри и лоши, наши и нивни… Но, колку сите ние сме виновни што војната во земја со 26 различни етнички групи комотно ја гледаме како црно-бела слика?

СИРИСКИОТ ПАЦИЕНТ – со симпатичната посвета на култниот филм АНГЛИСКИОТ ПАЦИЕНТ (The English Patient, 1996 г.) на Ентони Мингела (Anthony Minghella) во насловот – е документ за малку познатата приказна дека ранети сиријски војници и цивили тајно се транспортираат во Израел, каде што им с епружа потребната медицинска помош и нега.

И како што во фикцијата АНГЛИСКИОТ ПАЦИЕНТ Жилиет Бинош како медицинска сестра се грижи за непознатиот ранет војник (Ралф Фајнс) со речиси непрепознатлива физиономија заради изгорениците, во СИРИСКИОТ ПАЦИЕНТ се среќаваат поранешните непријатели, овој пат како доктори или медицински персонал и пациенти. Израелските војници во тајна мисија префрлаат ранети Сиријци во Израел, каде што отпрвин се чувствуваат како на непријателска територија. Меѓутоа, сега нивната перспектива е поинаква: можат ли да паднат табуата за вечните непријателства заради припадноста на различни вери и нации, како што не постојат ниту вечни пријателства, туку интерес? И дали добрината може да се запамети – меморира – за да се врати со добрина?

Рахели Шварц е веќе искусна авторка на неколку документарци. Нејзините филмови ДА СЕ ТРГНЕ ПРЕВЕЗОТ (To Remove the Veil), КИБУЦ (Kibbutz, 2005 г.) и ПОНАР (Ponar, 2002г.) ги истражуваат социјалните мени во современото израелско општество, но и пошироко. Шварц во КИБУЦ ја истражува пропаста на овој алтернативен модел на егзистенција, а во ДА СЕ ТРГНЕ ПРЕВЕЗОТ ја следи намерата на една млада жена од заедницата Друзи, кои живеат на Голанската висорамнина, која тргнува во лична крстоносна војна за да ги реализира своите политички и општествени соништа.

Играниот филм СЛАТКАРОТ (Haofeh mi Berlin/The Cakemaker) на режисерот и сценарист Офир Раул Грејзер (Ofir Raul Graizer) е романтична драма со навидум бизарен заплет. Томас (Тим Калхоф) е млад пекар од Берлин, Германија, и е во хомосексуална врска со Орен (Рој Милер), бизнисмен од Ерусалим, кој често доаѓа во Берлин. Меѓутоа, Орен загинува во сообраќајна несреќа, па натажениот Томас ќе отпатува во Ерусалим, сакајќи да дознае каков бил животот на неговиот љубовник „на другата страна“. Повторно, во суштина, се работи за замрзнување на една димензија од личната и емоционална меморија.

Во сторијата на младиот автор Грејзер – СЛАТКАРОТ му е дебитанстки филм – Томас ја запознава вдовицата на Орен, Анат (Сара Адлер) и без да и го открива вистинскиот идентитет и „машката“ тајна започнува да работи во нејзиното кафуле. Тоа што Томас со неговите германски колачи и торти ја препородува кафулето и го зголемува профитот е приземно во споредба со односот што се развива меѓу него и Анат. Претчуствува ли Анат нешто, па затоа расте емоционалниот набој меѓу нив? И дали, повторно, во сторијата на филмот се работи за потрагата на Анат по некакво – било какво – отелотворување на меморијата за емоцијата со Орен, па макар и со неговиот љубовник? Како што, обратно, почетокот на заплетот лежеше во желбата на Томас за меморирање на емоцијата…

Драмската комедија НУЛА МОТИВАЦИЈА (Efes be-yachasei enosh/ Zero Motivation) е дебитантски долгометражен игран наслов во филмографијата на режисерката и сценаристката Талија Лави (Talya Lavie). Очигледно дека Лави, како и Грејзер, режисерот на СЛАТКАРОТ, се припадници на најновата генерација израелски автори чии филмови не се оптеретени од големите теми. Токму таквиот пристап на тн. мали теми кои го засегаат обичниот човек им носи популарност кај публиката, но овие автори, на мала врата, отвораат и суптилни теми за општетсвото какви што се хомосексуалноста, родовата еднаквост…

Играниот филм ВРВКИ (Sruchim/Laces) на режисерот Јаков Голдвасер (Jacob Goldwasser) го третира светот на семејствата со веќе возрасни потомци кои се лица со посебни потреби и проблемите со кои се соочуваат. Гади (Нево Кимхи) е момче на триесетина години со пречки во развој, но бескрајно позитивен и духовит човек кој по смртта на мајка му мора да се живее со биолошкиот татко Рувен (Нево Кимхи), кој одамна го напуштил. Кога велат дека несреќата никогаш не оди сама, тогаш тоа му се случува на Рувен: освен што тешко го прифаќа чудниот син, започнуваат и проблемите со здравјето. Откако на Рувен ќе му откажат бубрезите, единствен спас за него е пресадување од блиска личност. Гади?

Искусниот режисер Голдвасер, со десетина наслови во неговата филмографија, освен што занаетски ја раскажува сторијата, суптилно ги засегнува прашањата за социјалните рамки на семејството и етичките дилеми околу пресадувањето органи од лица со пречки во менталниот развој. Иако Голдвасер режирал непретенциозна семејна драма, а главните ликови се зрачат со многу оптимизам, нема да ви го покаже светлото на крајот од тунелот по секоја цена.

И Нир Бергман, режисерот на играната драма СПАСУВАЈЌИ ГО НЕТА (Lehazil еt Neta/Saving Neta), се фокусира на семејните релации. Неговите хероини се четири жени со повеќе или помалку проблеми во животот, и секоја од нив се среќава со мистериозниот странец Нета.

Раскажан во стилот на драмска елипса, можеби под влијание на популарните филмови КУЧЕШКИ ЉУБОВИ (Amores perros, 2000 г.) и ВАВИЛОН (Babel, 2006 г.) на Алехандро Гонзалес Ињариту (Alejandro González Iñárritu), СПАСУВАЈЌИ ГО НЕТА ја користи фрагментарната драматургија како своевидно огледало во кое се препознаваат емоциите при средбите на мистериозниот Нета со секоја од жените.

Нир Бергман е искусен режисер со завидно искуство во телевизиската продукција. Тој е еден од креаторите на ТВ серијалот НА ТЕРАПИЈА, заедно со Ори Сиван и Хагаи Леви (Ori Sivan, Hagai Levi), која доживеа десетина интернационални франшизи, вклучувајќи ја и македонската, со Никола Ристановски во главната улога.

Седумдесетгодишнината од основањето на државата Израел е убав повод за увид во модерната израелска кинематографија, но не и единствен. Има таму квалитетни автори, побарајте ги нивните филмови…

 

 

 

 

Leave a comment