ТРИСТАНА

(Tristana)

Игран филм, Шпанија / Франција / Италија

1970, 99 мин., колор, блуреј

Режија: Луис Буњуел (Luis Buñuel)

Сценарио: Хулио Алехандро, Луис Буњуел (Julio Alejandro, Luis Buñuel)

Улоги: Катрин Денев, Фернандо Реј, Франко Неро (Catherine Deneuve, Fernando Rey, Franco Nero)

 

„Многу ми е забавно да претворам нешто што не ми се допаѓа во нешто што ќе ми се допадне“, рекол Луис Буњуел за неговиот филм „Убавицата на денот“ (1967), кој е базиран на роман кој не му се допаѓал, но со голем ентузијазам го прифатил предизвикот да го режира. Веројатно со слично објаснување се нафатил да го снима и филмот „Тристана“ (1970), според истоимениот роман од 1892 година на шпанскиот писател Бенито Перез Галдос. Буњуел го сметал тој роман за едно од послабите дела на Галдос, но темата за перверзиите на моќта која е во сржта на оваа приказна била мотив за уште една забава на режисерот.

Буњуел, кој во времето на Шпанската граѓанска војна (1936-1939) бил во служба на републиканската влада и бил задолжен за пропагандни активности, со овој филм по втор пат ја добива поддршката на поствоената шпанска филмска продукција, иако неколку години пред тоа со „Виридијана“ (1961) предизвикува голем метеж, по што тој филм добива забрана за прикажување во Шпанија и споменување во печатот сè до смртта на диктаторот Франциско Франко. Веројатно свесен дека „Тристана“ ќе биде детално проверен од цензорите, тој како и да не се обидува во овој филм да ја истакне својата препознатлива субверзивност, а го нема ниту негово често разбивање на дејството со фантастични или потсвесни елементи. Сепак, овде дејството е претежно реалистично градено, со само едно страшно привидение (човечка глава како дел од камбана), што е дел од еден сон.

Катрин Денев и Фернандо Реј

Младата Катрин Денев (во улогата на Тристана) и стариот Фернандо Реј (Дон Лопе), се централните ликови во оваа студија за моралната и институционалната перверзност во културата доминирана од традиција во која на мажите им припаѓаат привилегиите, богатството и честа. Токму флуидното сфаќање на честа е една од дилемите кои се ефектно прикажани во оваа сторија, кај ликот на Дон Лопе, кој е претставник на некоја повисока (аристократска или буржујска) класа, и кој во име на одбрана на својата чест е подготвен дури и да оди на двобој, а кога е во прашање одбраната на честа на девојката која тој ја згрижува по смртта на нејзината мајка, си дозволува поголема слобода на толкување.

Катрин Денев и Франко Неро

Во Тристана ја гледаме една од антологиските улоги на француската актерка Денев, која минува една патека од невина и љубезна девојка кон бесчувствителна и „дијаболично“ огорчена жена која што ги исмева мажите што ја посакуваат. Но таа метаморфоза е во корелација со трансформацијата на нејзиниот партнер во крајностите од една аморална состојба на егоистичен хедонизам и подигрување со општествените и религиозните норми до грижлив чувар на послабите и бранител на поредокот.

Од денешна перспектива дополнителен шарм на овој филм му дава тоа што е создаден во еден од најдекадентните периоди на европската кинематографија, преполн со еротски набој, кој како да зрачи од фотографските нијанси на светлите бои во филмовите од шеесетите и седумдесетите години од минатиот век. Секако, за разлика од „Убавицата на денот“ (исто така со Катрин Денев во главната улога), каде „врие“ од еротски сцени, во „Тристана“ посуптилно се чувствува таа еротска нишка, првенствено преку копнежот кој го предизвикуваат неколку мали надразнувања од страна на главниот женски лик. И покрај тоа што тие кратко дозирани еротски секвенци, во кои нема речиси ништо „експлицитно“, се вкомпонирани како мал дел  од комплетната естетика на овој филм, тие сепак со нивната хипнотичка визуелна моќ функционираат како впечатливи доживувања кои остануваат во долго сеќавање.

* Филмот е на репертоарот на Кинотеката во рамките на СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ КЛАСИК – ФОКУС НА РЕЖИСЕРИТЕ БУЊУЕЛ, САУРА И БЕРЛАНГА на 7 АПРИЛ (НЕДЕЛА), 20:30 ч.

 

 

 

Leave a comment