Поетика на стоицизмот и стоицизмот на осаменоста

Стојан Синадинов

Жан-Пјер Мелвил(1917-1973) е еден од оние филмски автори кои, како „обични“ луѓе, се соочиле со превртливоста на судбината. Мелвил во Втората светска војна бил активен учесник во движењето на отпорот во Франција, окупирана од нацистите, и дел од тоа искуство има преточено воАРМИЈА НА СЕНКИ(L’ARMEE DES OMBRES, 1969). Неговиот филм најмалку е стандардна глорификација на тоа движење на отпорот: напротив, наместо црно-белата поделба на добри и лоши момци,ликовите се осаменици и губитници, типични анти-херои. Со мрачната атмосфера која повеќе наликува на криминалистичките филмови, АРМИЈА НА СЕНКИ не спаѓа во стандардните воспевања на антофашистичкото движење.

Но, токму моментот кога АРМИЈА НА СЕНКИ се појавува пред публиката – 1969 година – станува негов најголем хендикеп. Шеесетосмашкото движење е изразито негативно настроено против политиката на претседателот Жарл Де Гол, па и АРМИЈА НА СЕНКИ станува колатерална штета на минатото на Мелвил и етикетата дека е непоправлив „деголист“.

Можеби може да се повлече и некаква паралела со друг еден контроверзен француски автор, овој пат книжевник. Станува збор за Андре Малро и неговото константно недоразбирање со левичарски настроените интелектуалци во Франција, кои му замеруваа на воената биографија (била полни со фабрикувани подвизи), заземање на конзервативната страна во војната во Алжир и „деголизмот“. Климаксот на тоа недоразбирање, повторно, е клучната 1968 година, па Малро, долгогодишен министер за култура и информации, следната година се повлекува од политичката и јавната сцена. Нормално, во пакет со Де Гол.

А тоа што Мелвил бил на вистинската страна во војната? А тоа што имал и непосредно влијание врз францускиот „нов бран“? Токму „новобрановците“ од „Каје ди синема“, најблаго кажано, го дискредитираат АРМИЈА НА СЕНКИи филмот останува само со млакиот прием во Франција, без интернационална дистрибуција. Ќе треба да поминат добри три децении за да победи „поетската правда“ и филмската критика и публика во Европа и САД повторно да го откријат АРМИЈА НА СЕНКИ. Можеби чудно, но токму по заслуга на „Каје ди синема“: влијателното списание во средината на 90-те го ревалоризира АРМИЈА НА СЕНКИ, што му обезбедува втор живот на филмот и останатиот опус на Мелвил.

Можеби изгледа небитно, но индиректен дел од таа „реновинара“ слика за Мелвил беше и македонската филмско-фестивалска сцена. Добитник на наградата за животно дело на  минатогодишното издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера во Битола „Браќа Манаки“ беше кинематограферот Пјер Лом, коавтор на фотографијата во АРМИЈА НА СЕНКИ.

Роден како Жан-Пјер Грумбах, го зема презимето на неговиот омилен американски писател Хенри Мелвил (МОБИ ДИК) како псевдоним во 1942 година во Лондон, каде што му се приклучува на движењето „Слободна Франција“. По војната формира независна продукција и под силно влијание на американскиот филм ноар и криминалистички филм започнува да снима филмови на реални локации, а не студио, со малубројна екипа и релативно непознати актери.

По ТИШИНА НА МОРЕТО (LE SILENCE DE LA MER, 1947) бил забележан од Жан Кокто, кој го ангажирал како режисер на адаптацијата на неговиот најпознат роман СТРАШНИ ДЕЦА (LES ENFANTS TERRIBLES, 1949). По успехот на КОГА ЌЕ ГО ЧИТАШ ОВА ПИСМО (QUAND TU LIRAS CETTE LETTRE, 1952) Мелвил веќе има сопствено независно студио, па го снима популарниот ГОЛЕМИОТ БОБ (BOB LE FLAMBEUR,1955), а неговите наредни филмови создаваат актерски ѕвезди како Жан-Пол Белмондо (Jean-Paul Belmondo)), Ален Делон (Alain Delone), Лино Вентура (Lino Ventura)… Мелвил ги снима комерцијалните успеси ЛЕОН МОРЕН, СВЕШТЕНИК (LEON MORIN, PRÉTRE 1961), МАНГУПИ (LE DOULOS, 1962), па продолжува со САМУРАЈ (LE SAMOURAI, 1967), АРМИЈА НА СЕНКИ (1969), ЦРВЕНИОТ КРУГ (LE CERCLE ROUGE, 1970)и последниот негов филм, ПАНДУР (UN FLIC, 1972)… Делон во тој период од неговата кариера го носи епитетот „Мелвилов актер“.

Хроничарите на филмот под ставката тривијалности ги забележалеи неговите жестоки препирки со соработниците: Лино Вентура не разговарал со него за време на снимањата, Белмондо му удрил тупаница… Мелвил важел за мегаломан, умислен дека токму тој го отелотворува „американскиот сон“ на француско тло, носел каубојска шапкар и темни очила.

Сепак, го истакнуваат неговото влијание не само на францускиот „нов бран“ – Жан-Лик Годар (Jean-Luc Godard) му прави посвета во ДО ПОСЛЕДЕН ЗДИВ (À BOUT DE SOUFFLE, 1960),ангажирајќи го во епизодна улога – туку и на водечките автори од крајот на минатиот и почетокот на овој век: Вилијам Фридкин (William Friedkin), Џон Ву (John Woo), Квентин Тарантино (Quentin Tarantino), Мајкл Мен (Michael Mann)…

АРМИЈА НА СЕНКИ (L’ARMEE DES OMBRES), 1969

Режија: Жан-Пјер Мелвил (Jean-Pierre Melville)

Улоги: Лино Вентура (Lino Ventura), Пол Мерис (Paul Meurisse), Жан-Пјер Касел (Jean-Pierre Cassel), Симон Сињоре (Simon Signoret)

Сценарио: Мелвил според романот на Џозеф Кесел (Joseph Kessel)

Директори на фотографија: Пјер Лом (Pierre Lhome), Валтер Вотиц (Walter Wottitz)

Музика: Ерик Демарсан (Eric Demarsan)

Главниот лик, Филип Гербие (Вентура) е еден од водачите на движењето на отпорот во окупирана Франција за време на Втората светска војна, поточно во периодот 1942-1943 година. Се обидува да ја одржи организацијата и покрај постојаните провали, предавства, апсења, сурови мачења во логорите… Таа задача го присилува често да делува како шеф навистинскагангстерска банда, да елиминира сомнителни членови на движењето, што му носи морални дилеми.

Малата група илегалци се крие во сигурни куќи, соработува со американската и британската војска, ги лови и ликвидира предавниците, организира бегства од затвори. Реалистичкиот пристап во реализацијата на сценариото, лишен од сентименти, во Франција бил дочекан со спротивставени оценки, но е заслужен за подоцнешните одлични оценки во Европа и САД.

ЦРВЕНИОТ КРУГ (LE CERCLE ROUGE), 1970

Режија: Жан-Пјер Мелвил (Jean-Pierre Melville)

Улоги: Ален Делон (Alain Delone),Андре Бурвиј (Andre Bourvil), Џан Марија Волонте (Gian Maria Volonte), Ив Монтан (Yves Montand), Пол Кроше (Paul Crauchet)

Сценарио: Жан-Пјер Мелвил (Jean-Pierre Melville)

Директор на фотографија: Анри Декае (Henri Decae)

Музика: Ерик Демарсан (Eric De Marsan)

Главните ликови во филмот се Кори (Делон), криминалец неодамна излезен од затвор, Вогел (Волонте), затвореник во бегство, и Јансен (Монтан), алкохоличар и поранешен полицаец. По сила на приликите, се здружуваат во намерата да ја ограбат добро чуваната продавница за скапоцен накит. Зад петите им е бескрупулозниот полициски инспектор Матеј (Бурвил), кој, пак, не бира средства во извршувањето на неговата мисија да ги лови криминалците.

Во ЦРВЕНИОТ КРУГ постапката на Мелвил го фаворизира креирањето на ликовите и атмосферата на сметка на динамиката на сторијата, па филмот има прилично споро темпо. Сепак, тоа воопшто не е хендикеп да биде прогласен за класичен филм во криминалистичкиот жанр.

Leave a comment