Со љубов кон ГРАЃАНИНОТ КЕЈН

ГРАЃАНИНОТ КЕЈН на Орсон Велс е ремек-дело. Прогласен е од голем број критичари за најдобар филм на сите времиња. Не постигнал голем комерцијален успех, но било јасно дека по него, уметноста на филмот ќе се вреднува по нови критериуми. Велс вовел иновации во фабулативната структура на приказната и им доделил нова функција на длабинскиот кадар кај камерата и монтажата. Секоја повторна средба со ова дело на Орсон Велс предизвикува восхит пред харизмата на неговиот талент и неговата генијалност.

Во ГРАЃАНИНОТ КЕЈН тој ќе нè поведе како стар другар за рака и ќе нè внесе во еденските градини украсени со овошките на моќта, љубовта, власта, дарбата и дарежливоста. Користејќи ги проседеата на хрониката за животот на моќниот новински магнат и милионер Кејн, тој создава широка панорама на општествената констелација на современета Америка и филигранска слика за осаменоста на човекот.

Филмот почнува со смртта на главниот лик Чарлс Фостер Кејн. Кејн при неговата издишка ќе го прошепоти, меѓу другото, како мистична порака и нежниот збор „пупка“, чие тајно значење низ филмот се обидува да го открие еден новинар. Веднаш по неговото огласување магијата собрана зад неколкуте самогласки и согласки почнува трескавично да ги открива световите што час пред нивното обелоденување беа  обвиени во мрак, изгонети од незнаењето во некои длабоки слоеви на свеста и осудени на заговарнички молк. Во далечната перспектива на тие светови, редовно се наѕираше титанистичката силуета на моќниот магнат Кејн, голем вљубеник во животот, во успехот во власта. Секогаш насочен кон изворите на моќта, Kejн ќе ја доживее трагедијата на паднатиот ангел и тој со химничен тресок ќе се стркала по скалите што неговата имагинација и талент ги подигна во градителската еуфорија до самото небо. Но, овие светови во исто време се и амбиентални рамки на преокупациите и желбите со кои живееја неколкуте пријатели на Кејн кои, сега се присеќаат на патот по кој некогаш минуваа заедно со егзалтираниот освојувач и победник и осаменик. Тие го надживееја моќникот па некој од нив со носталгија, некои со тага, но и со омраза, ги оживуваат во сеќавањето деновите означени со доминантната силуета на Кејн. Но, и така видени дамнешните успеси и лути битки не можеа а да не ја откријат на виделина големата разлика меѓу темпераментот на Кејн и граѓанскиот софистицизам на верните, но и неверните пријатели што беа сведоци на неговиот трескавичен пад. Кејн го носи плодоносното зрно на генијот. Тој гради, создава и уништува како освојувач кому никој не може да му застане на патот. Љуби како и што мрази, диво и нежно, во исто време, агресивно и питомо. Пред умирање можеби и затоа ќе го прошепоти зборот „пупка“ полн со ветување, радост и помирливост, збор од којшто и денес се шири свежиот мирис на љубовта и на сонот за освојување на светот.

Leave a comment