„Никогаш не ќе може да се врати истиот сјај во тревата, блесокот на младоста и светот, но нема да тагуваме, ќе најдеме сила во она што остана.“

„Ода на бесмртноста“, Вилијам Вордсворт

 

Американскиот филмски институт, филмот СЈАЈ ВО ТРЕВАТА го стави на 47 место на најголемите и најубави љубовни и романтични приказни на сите времиња. Во 1962 г. СЈАЈ ВО ТРЕВАТА на Вилијам Инге му донесе златна статуетка за оригинално сценарио, а на Натали ѝ донесе номинација за улогата на Дини Лумис. Приказната за Дини и Бад е вистинита, Вилијам Инге за неа бил инспириран од искрената но несреќна љубов на негови познаници.

СЈАЈ ВО ТРЕВАТА е мелодрама што со многу носталгија нè потсетува на поразите на нашата младост и во која без горчина се евоцира споменот на оние тажни мигови  кога гаснат илузиите, кога ја снемува страста и радоста. Филмот на Елија Казан зборува за грчевитите фрустрации и за жестокоста на љубовната треска низ која минуваат тинејџерите од дваесeтите години од минатиот век, но јасно е дека темата на конфликтите на младите со своите родители, во чии рамки се изоструваат и гаснат нивните заеднички или спротиставени опсесии, се шири од една страна до своите митски извори, а од друга страна кон иднината која го менува својот социјален контекст во однос на сегашноста или иднината, никако меѓутоа своето конфликтно јадро и своето жариште на спротивности.

Средношколците Бад (Ворен Бити) и Дин (Натали Вуд) се вљубуваат  еден во друг, и нормално мечтаат еден ден да се венчаат. Дин е преубава, но сиромашна девојка со пречувствителна душа, а Бад е пристоен и популарен особено мегу девојките,  фудбалски капитен, син на најбогатиот и најмоќниот човек во Канзас, кој е прекален бизнисмен, навикнат сè да е по негово. Набрзо Бад почнува да го изморува и нервира врската со Дин која се сведува само на држење за рака, гушкање и бакнежи и сака да оди понатаму од тоа. Дин знае дека ако го направи тоа ќе ја добие  истата репутација како неговата сестра Џин која е позната како слободна и неморална девојка, но сепак  желна за вистинска љубов. Дин ќе направи се само да го задржи Бад, без оглед на последиците што ќе следат потоа. Нејзината пак мајка е опседната со идејата дека до бракот Дин мора да е чиста и дека сексот е само репродуктивна нужност. Моќниот татко на Бад, јасно му дава на знаење, дека ако Дин остане бремена ќе мора да се ожени со неа, а со тоа би му се уништила иднината на Јејл, па го советува  да побара друг тип на девојка. Иако Бад многу ја сака својата девојка Дин, тој одлучува да го послуша советот на тaткото, а кога Дин ќе дознае за тоа, таа се избезумува и принудена е да побара лекарска помош.

Убавата Натали Вуд и нејзиниот заводлив партнер, Ворен Бити се идеална матрица што ги репродуцира асоцијациите на сличните конфликтни ситуации во кои се нашле античките, ренесанснитe или младите херои на далечната иднина. Нивната љубов е толку нежна, толку трогателна и убава што во името на поразот што ѝ е бесрамно нанесен, виновникот за тоа злосторство – институцијата семејство, заслужува да се презре. Но како што дивеењето на омразата создава идеално плодна почва на која ќе виреат најубавите љубовни приказни, така и урнатиот сон на љубовниците од СЈАЈ ВО ТРЕВАТА ќе послужи како благородна граѓа за финалното обликување на онаа болна состојба на неминовнатa разделба.

Кога во завршните кадри од филмот,после нејзиниот подолг  престој во болница, преродената и како никогаш порано разубавената Дин ( Натали Вуд ) ќе се сретне со својата некогашна љубов, во срцата на носталгичните љубовници повторно ќе се разбудат соништата од младоста,повторно ќе изнурнат траумите , кој во овој миг како да ги маѓепса и спитоми  со својот допир големата безнадежна тага. И во тој миг завршува младоста, збунетите погледи, беспомошните насмевки, се последниот сигнал на прошката со времето што го нарекуваме  време на илузиите и лудостите. По оваа средба веќе сè ќе биде поинаку: и белиот библиски фустан на Натали Вуд и сјајот во очите на помирливиот Ворен Бити и нивната  нова среќа, и иднината, и сеќавањето на големата љубов од училишните денови.

Казан на загубената среќа не ѝ доделува некакви хипохондрични белези што ги умртвуваат сите други животни импулси на своите херои,кои небаре го кренаа цел свет против себе, против силата што ги туркаше еден кон друг и против опојниот сон да ѝ останат верни на својата љубов.

Leave a comment