По големиот успех на македонскиот филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија” на Теона Стругар Митевска на 69-тото издание на филмскиот фестивал Берлинале и двете награди на паралелните жирија (наградата на Екуменското жири и наградата на германското здружение на независни киноприкажувачи), француската компанијата за продажба „Пирамид”, која ги откупи правата за продажба, успеа да го продаде филмот во 28 земји низ целиот свет.

Режисерката Теона Митевска на снимањето на филмот

Прикажувањето на филмот започнува во Франција од 1 мај, а потоа Петрунија продолжува во кино дистрибуција на Далечниот Исток (Кина, Јапонија), потоа Австралија, Јужна Америка (Бразил и Колумбија), Канада, Турција и земјите од Блискиот Исток, до источна Европа, вклучително Русија, Полска, Романија, Унгарија, Украина. Следува Западна Европа (Италија, Шпанија, Белгија, Австрија, Луксембург, Шведска, Данска, и Швајцарија), а филмот оди во дистрибуција и во соседството, во Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Црна Гора и Грција.

Покрај овие земји, преговорите продолжуваат и за САД, Германија, Мексико… „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ е продаден и на телевизиската куќа ХБО (HBO), која ќе почне со прикажување откако ќе заврши светската кино дистрибуција.

Илија Волчески, Лабина Митевска, Зорица Нушева и Виолета Шапковска, дел од екипата на „Петрунија…“ во киното Синеплекс

Филмот најпрвин се прикажува пред македонската публика, која веќе има можност да го погледне во скопските киносали Синеплекс и Милениум.

Leave a comment