Под мотото „Гледај филмови, учи и создавај!“ денеска во Кинотеката на Македонија започна проектот ФИЛМСКА УЧИЛНИЦА.

На првите часови беа присутни десеттина средношколци и бруцоши, на возраст од 15 до 19 години, кои конкурираа за учество на оваа уникатна работилница. Тие ќе имаат можност да се запознаат со основите на филмската историја и теорија, режија, сценарио, монтажа, продукција, филмска камера, актерство, сценографија, костимографија на филм…

ФИЛМСКА УЧИЛНИЦА е проект за креативна едукација од областа на филмот и аудио-визуелното наследство наменет за ученици од средните училишта. Часовите се одржуваат во сабота, а проектот ќе трае 10 недели.

 

По запознавањето со дел од предавачите на оваа училница, под водство на филмската и телевизиска режисерка Марија Џиџева, филмологот советник м-р Игор Старделов ги запозна учесниците со историјата и дејноста на Кинотеката. Тие имаа можност и да го посетат депото на Кинотеката каде што се чува аудио-визуелното наследство на македонската кинематографија.

 

Филмскиот критичар Стојан Синадинов ги запозна со почетоците и развојот на филмската уметност, а потоа учесниците продолжија со предавањето на Џиџева и дискусиите за основите на филмот… Во реализација на преоктот учествуваат и филмолозите Александар Трајковски, Александра Младеновиќ, Дамјана Ивановска, Бојан Станишиќ, Лидија Христова.

 

Проектот е замислен како интерактивна филмска училница, каде младата популација ќе може да се запознае со нематеријаното богатство, пред сè, аудио-визуелното, и ќе добие филмска едукација од областа на историјата на филмот, запознавање со филмскиот јазик и аудио-вузуелното изразување и можност за креирање на авторски филмски етиди, инспирирани од богатата ризница на македонската кинематографија.

Идејата на проектот е подигање на свеста на младите луѓе за значењето, вредноста и влијанието на националното аудио-визуелно наследство, поттикнување на истражувачко љубопитство, запознавање со вештини за истражувачка работа, со идеја за нивно вклучување во откривање на нови аудио-визуелни материјали од локални и приватни архиви, како и развивање на имагинацијата за создавање на лични аудио-визуелни приказни, инспирирани од историјата на македонската кинематографија.

Целта на проектот е, преку интерактивното-креативно учење, учесниците да добијат основи на филмско познавање, да научат како да гледаат филм,  како да размислуваат за едно филмско дело и да стекнат примарни вештини за креирање на филмски приказни како начин на лично изразување на својот поглед и став кон животот, како и за изработка на сопствени аудио-визуелни етиди кои би им помогнале во текот на нивното школување.

Во реализација на наставата на  филмската училница ќе се ангажираат професори од високо образовни филмски школи и професионалци од различни филмски професии (филмолози, историчари на филм, сценаристи, режисери, кинематографери, монтажери, сниматели и дизајнер на звук, аниматори, костимографи, сценографи…), кои ќе ги запознаат учениците со филмската уметност и култура, ќе ги научат за основите на историјата и развојот на филмот, со базичните сегменти на  филмскиот јазик, со начинот на создавање на едно филмско дело и ќе ги насочат и помогнат при реализацијата на нивните филмски етиди.

Проектот е финансиран од Министерство за култура на Република Северна Македонија.

Leave a comment