Денеска во Кинотеката на Македонија продолжи проектот ФИЛМСКА УЧИЛНИЦА со неговата втора сесија.

На втората сесија филмската и телевизиска режисерка Марија Џиџева дискутираше со посетителите за нивните „домашни задачи“ на тема режисеркса опсервација, како и на темата за вистината и лагата во филмот.

 

Филмологот-советник Игор Старделов, раководител  на одделот за  прибирање, заштита, обработка и чување на аудиовизуелни дела, им ја презентираше историјата на филмското архивирање и технолошките нијанси во дигиталната реставрација на кинематографските дела. Филмскиот критичар Стојан Синадинов говореше за влијанијата на филмските школи и автори низ историјата на кинематографијата… 

Десеттина средношколци и бруцоши, на возраст од 15 до 19 години, кои конкурираа за учество на оваа уникатна школа, се запознаваат со основите на филмската историја и теорија, режија, сценарио, монтажа, продукција, филмска камера, актерство, сценографија, костимографија на филм…

ФИЛМСКА УЧИЛНИЦА е проект за креативна едукација од областа на филмот и аудио-визуелното наследство наменет за ученици од средните училишта. Часовите се одржуваат во сабота, а проектот ќе трае 10 недели.

Проектот е замислен како интерактивна филмска училница, каде младата популација ќе може да се запознае со нематеријаното богатство, пред сè, аудио-визуелното, и ќе добие филмска едукација од областа на историјата на филмот, запознавање со филмскиот јазик и аудио-вузуелното изразување и можност за креирање на авторски филмски етиди, инспирирани од богатата ризница на македонската кинематографија. Мотото на проектот е „Гледај филмови, учи и создавај!“.

Идејата на проектот е подигање на свеста на младите луѓе за значењето, вредноста и влијанието на националното аудио-визуелно наследство, поттикнување на истражувачко љубопитство, запознавање со вештини за истражувачка работа, со идеја за нивно вклучување во откривање на нови аудио-визуелни материјали од локални и приватни архиви, како и развивање на имагинацијата за создавање на лични аудио-визуелни приказни, инспирирани од историјата на македонската кинематографија.

Во реализација на преоктот учествуваат и филмолозите Александар Трајковски, Александра Младеновиќ, Дамјана Ивановска, Бојан Станишиќ, Лидија Христова.

Проектот е финансиран од Министерство за култура на Република Северна Македонија.

Leave a comment