АНИМАКС СКОПЈЕ ФЕСТ

1-2 ДЕКЕМВРИ (САБОТА-НЕДЕЛА)

„Анимакс Скопје Фест“ е прв и единствен фестивал на анимиран филм во Македонија. Фестивалот претставува уникатна можност за презентирање на креативните потенцијали и достигнувања од областа на светската современа анимација.

Македонските автори разменуваат искуства со гостите, а заеднички под капата на Анимакс пред нашата публика ја доближуваат  т.н. осма уметност. Покрај работилниците за професионалци, Анимакс Скопје Фест сè повеќе ги интегрира децата во својата програма како со редовната детска програма, така и со сè поголемиот број работилници и активности, посветени на најмладите кои всушност претставуваат своевидни инкубатори на таленти и ја антиципираат нивната „уметничка иднина“.

На фестивалот се случуваат и придружни активности како промоции на стручна литература, изложби и слично, нешто му што дава колорит и специфика на фестивалот.

 

НЕДЕЛА НА ИЗРАЕЛСКИ ФИЛМ

3 ДЕКЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

ВРВКИ

(Sruchim / Laces)

Игран филм, Израел

2018, 98 мин., колор, ДСП

Режија: Јаков Голдвасер (Jacob Goldwasser)

Сценарио: Хаим Мерин (Haim Merin)

Улоги: Нево Кимхи (Nevo Kimchi), Дов Гликман (Dov Glickman), Евелин Хагоел (Evelin Hagoel)

Гади е дете возрасен со благи пречки во развојот, со уникатна смисла за хумор, со заразно смеење и бескраен оптимизам. Ненадејната смрт на мајката го принудува привремено да се пресели во куќата на својот биолошки татко, од кого бил отуѓен скоро цел живот. Рувен, таткото на Гади, заглавен во сопствените проблеми, никогаш особено не ја сакал комуникацијата со својот чуден син. Но, скриената љубов меѓу таткото и синот се зацврстува сè повеќе како што повторно се запознаваат. Бескрајниот оптимизам на Гади ќе ги утешува во време кога ќе мора да се справуваат со турбуленциите на животот.

НЕДЕЛА НА ИЗРАЕЛСКИ ФИЛМ

4 ДЕКЕМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

НУЛА МОТИВАЦИЈА

(Efes be-yachasei enosh / Zero Motivation)

Игран филм, Израел

2014 г., 97 мин., колор, ДСП

Режија: Талија Лави (Talya Lavie)

Сценарио: Талија Лави (Talya Lavie)

Улоги: Дана Ивги (Dana Ivgy), Нели Тагар (Nelly Tagar), Шани Клајн (Shani Klein)

Во далечна пустинска воена база, група млади жени војници, сите израелски регрути, служат војска играјќи компјутерски игри, пеејќи поп-песни и заговарајќи како да ги префрлат на служба во Тел Авив додека им служат кафе на мажите кои ги држат конците. Ова е израелски филм исполнет со интелигентни, бистри жени со смисла за хумор кои ги користат хефталиците како автоматско оружје. Ако постои војна, тогаш тоа е војна против досадата, лошите униформи, глупавите правила и правењето на една работа по три пати. Првиот филм на Талија Лави е одговорот на Израел на Лена Дунам, сценаристот на серијата Девојки на HBO: Нула мотивација освои урнебесни критики и огромна публика.

НЕДЕЛА НА ИЗРАЕЛСКИ ФИЛМ

5 ДЕКЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

СПАСУВАЈЌИ ГО НЕТА

(Lehazil еt Neta / Saving Neta)

Игран филм, Израел

2016 г., 90 мин., колор, ДСП

Режија: Нир Бергман (Nir Bergman)

Сценарио: Еран Бар Гил (Eran Bar Gil), Нир Бергман (Nir Bergman)

Улоги: Ротем Абухаб (Rotem Abuhab), Ема Алфи Ахарон (Emma Alfi Aharon), Наама Арлаки (Naama Arlaky)

Четири жени со хаотичен живот запознаваат мистериозен странец, Нета, чија чесност и чувствителност им помага повторно да се поврзат со нивните семејства. Кога животот на Нета ќе тргне во погрешен правец, тој прави сè што може за да се врати на вистинскиот пат. Неговата приказна се раскажува преку средбите што ги има со овие жени во текот на една година, во клучни пресвртници и за нив и за него. Секој лик е одраз на друг лик и прашањето што се поставува во една понекогаш се одговара во друга приказна.

НЕДЕЛА НА ИЗРАЕЛСКИ ФИЛМ

6 ДЕКЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

СЛАТКАРОТ

(Haofeh mi Berlin / The Cakemaker)

Игран филм, Израел/Германија

2017, 105 мин., колор, ДСП

Режија: Офир Раул Грејзер (Ofir Raul Graizer)

Сценарио: Офир Раул Грејзер (Ofir Raul Graizer)

Улоги: Сара Адлер (Sarah Adler), Зохар Штраус (Zohar Shtrauss), Тим Калхоф (Tim Kalkhof), Сандра Саде (Sandra Sade), Рој Милер (Roy Miller)

Томас, млад германски пекар, има афера со Орен, женет Израелец, кој често патува во Берлин поради бизнис. Кога Орен ќе загине во сообраќајна несреќа во Израел, Томас патува во Ерусалим за да најде одговори за неговата смрт. Под измислен идентитет, Томас се инфилтрира во животот на Анат, вдовицата на неговиот љубовник, која е сопственик на едно кафуле во Ерусалим. Тој почнува да работи за неа – прави германски торти и колачи, кои ќе го вратат во живот нејзиното кафуле. Томас се вклучува во животот на Анат на начин на којшто воопшто не очекувал и за да ја скрие вистината, ја проширува лагата до граници од каде што нема враќање.

НЕДЕЛА НА ИЗРАЕЛСКИ ФИЛМ

7 ДЕКЕМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

НА МАПАТА

(On the map)

Документарен филм, САД

2016, 85 мин., колор, ДСП

Режија: Дани Менкин (Dani Menkin)

Сценарио: Дани Менкин (Dani Menkin)

НА МАПАТА ја раскажува приказната за европскиот шампион во 1977 година, Макаби од Тел Авив, кој ја освојува титулата во време кога Средниот Исток сѐ уште заздравува од војната на Јом Кипур во 1973, олимпискиот масакр во 1972 во Минхен и киднапирањето на летот на Ер Франс од Тел Авив во 1976. Преку призмата на спортот, НА МАПАТА зборува за тоа како еден тим успеа да ги освои срцата на нацијата сред домашни превирања и глобалните махинации на Студената војна.

Филмот раскажува како еден „аутсајдер“ израелски кошаркарски тим однесе победа над европските кошаркарски велесили, вклучувајќи го и ЦСКА Москва (на Западот познат и како „Црвената армија“), тим што одбивал да се натпреварува со Израелци. Веднаш по оваа историска и емотивна победа, израелско-американскиот херој Тал Броди стана нераскинлив дел од историјата на младата држава кога изјави: „Израел е НА МАПАТА, не само во спортот туку во сѐ“.

НЕДЕЛА НА ИЗРАЕЛСКИ ФИЛМ

СИРИСКИОТ ПАЦИЕНТ

(Hapaтzua Hasuri / The Syrian Patient)

Документарен филм, Израел

2017 г., 61 мин., колор, ДСП

Режија: Рахели Шварц (Racheli Schwartz)

Под закрила на темнината, група војници пренесуваат ранети Сиријци во Израел.

Ова е нераскажаната приказна за херојство во тешки услови. Како што беснее војната во Сирија, ранети војници и цивили тајно се пренесуваат во Израел за помош. Овој филм за првпат ни дава можност да фрлиме поглед во комплексните и трогателни врски меѓу поранешните непријатели – пациентите и докторите. Сведоци сме на приказните на неколкумина Сиријци кои се будат во израелска болница. Можеби претходно би се чувствувале дека се на непријателска територија, но сега препознаваат дека хуманоста и надежта се можни во овој свет. Филмот ја прикажува хуманоста меѓу луѓето, Сиријци и Израелци, од различна перспектива: поранешните непријатели стануваат партнери во борбата за живот.

 

ФРАНЦУСКИ КИНО КЛУБ

10 ДЕКЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

ТАКСИ ЗА ТОБРУК

(Un taxi pour Tobrouk / Taxi for Tobruk)

Игран филм, Франција/Шпанија

1961 г., 95 мин., црно-бел, ДСП

Режија: Дени де ла Пателие (Denys de la Patellière)

Сценарио: Дени де ла Пателие, Рене Авар (Denys de la Patellière, René Havard)

Улоги: Шарл Азнавур, Лино Вентура, Харди Кригер (Charles Aznavour, Lino Ventura, Hardy Krüger)

Сторијата на овој класичен филм се случува во либиската пустина во 1942 г., за време на клучната битка за Ел Аламејн. Таа битка е важна бидејќи британските воени сили, потпомогнати од француските војници, конечно го поразуваат германскиот корпус во Африка предводен од генералот Ромел, кој заради водењето итра воената тактика бил нарелен „Пустинска лисица“.

Познатиот француски шансониер и актер Азнавур го игра ликот на докторот Самуел Голдман, кој побегнал од Франција кога била окупирана од нацистите, и сега е дел од петчлениот тим на командоси кои треба да го уништат германското складиште за гориво. За време на акцијата гине водачот на командосите, па раководењето му е доделено на Тео Дима (Вентура), боксер без милитаристички амбиции.

Кога возилото на француските командоси ќе биде уништено од непријателски авион, тие се сред пустината, без вода. Наидува германска патрола што ја уништуваат, а единствениот преживеан, капетанот фон Штегел (Кригер) го земаат како заложник. Како школуван војник, Штегел знае да се ориентира во секој предел и ги избавува од пустината: со тоа им ги спасува животите, но го спасува и сопствениот живот. Можат ли непријателските војници, ставени во животнозагрозувачка ситуација за обете страни, да си помагаат меѓусебно, почитувајќи го војничкиот кодекс?

 

ФЕСТИВАЛ НА ФИЛМСКА МОНТАЖА СИНЕМАТИК 

12 – 13 ДЕКЕМВРИ (СРЕДА – ЧЕТВРТОК), 16:00 – 20:00 ч.

Годинава фестивалот ќе го има своето трето издание во рамките на кое ќе има проекции на филмови, ќе бидат доделени награди, меѓу кои и наградата за животно дело на монтажер за особен придонес во филмската монтажа.

Некои велат дека филмот се создава три пати: на хартија, при снимањето и при монтирањето. Монтажерот поставува темпо и ритам, диктирано од редоследот на кадрите и тајмингот на приказната. Се вели дека добриот рез треба да е невидлив. Ова е прашање на проценка. Сепак, во никој случај креаторите на тие резови и правилата на нивната уметност не смеат да останат невидливи.

Токму тоа е улогата на дводневниот Фестивал на филмската монтажа „Синематик“ – на монтажерите да им понуди платформа за презентација и дискусија на нивната работа. Фестивалот ги става во фокус монтажерите, направен е во нивна чест и се обидува да им го обезбеди заслуженото место во светската филмска уметност.

Фестивалот доделува награда за животно дело на еден монтажер. Во негова чест се прикажува избор од филмови од неговиот опус пред публиката и се нуди можност публиката да постави прашања на лауреатот за неговиот специфичен стил и неговата работа низ децениите.

 

ФИЛМ ПО ИЗБОР НА ГЕТЕ ИНСТИТУТ

14 ДЕКЕМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

ЗА МЕНЕ И ЗА ТЕБЕ

(Über-Ich und Du / Superegos)

Игран филм, Германија

2014/15 г., 100 мин., колор, ХД

Режија: Бенјамин Хајсенберг (Benjamin Heisenberg)

Сценарио: Бенјамин Хајсенберг, Јозеф Лехнер (Benjamin Heisenberg, Josef Lechner)

Улоги: Георг Фридрих, Андре Вилмс, Николас Вакербарт (Georg Friedrich, André Wilms, Nicolas Wackerbarth)

Младиот измамник Ник Гутлихт живее од продажба на украдени книги. Сепак, тоа не му е доволно за живот, бидејќи има долгови. Ник мора да исчезне на некое време и завршува во вилата на стариот и познат филозоф и психолог Курт Ледиг, кој одбива да се пресели кај својата ќерка. Ник е ангажиран од фамилијата како старател.

Курт во меѓувреме сака да работи на еден проект што не сака да го довери никому. Овој партнерски однос меѓу двајцата различни поединци брзо ја стекнува својата динамика. Курт гледа во Ник вреден истражувачки проект и го подложува на апсурдна терапија. Ник, пак, гледа во библиотеката на Курт шанса за исплата на долговите. Чудниот тандем се зближува и доживува серија апсурдни авантури и опасности во кои самите паѓаат.

 

15 ДЕКЕМВРИ (САБОТА), 10:00 – 17:00 ч.

ЕТНОФФ – ЕТНОЛОШКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

ЕТНОФФ – Етнолошки Филмски Фестивал претставува порта кон домашната и светската визуелна антропологија, социологија и другите хуманистички дисциплини. Четврта година по ред фестивалот во Скопје носи селекција на професионални и полупрофесионални етнографски филмови, чија цел најчесто е да прикажат одредени општествени проблеми, а можеби да посочат и нивни решенија.

Сепак, неретко се случува оваа цел да изостане, па да сведочиме само личен, автобиографски потфат на авторот, кој во помала или поголема мера секогаш е вклучен директно во самата содржина на филмот, нешто што предизвикува постојана дискусија во хуманистичките дисциплини.

Визуелниот наратив, како еден од водечките прикази на човечката реалност и имагинација, зазема сè поголем замав во антропологијата. Некои го сметаат само како метод кој помага во теренското истражување, додека други му даваат предност како засебна форма на истражување воопшто.

Спектарот на теми е невозможно да се предвиди – етнографските филмови тангираат глобални феномени, но и специфични ситуации кои им се познати само на оние кои директно ги доживуваат. Токму тоа е и дел од мотивацијата да се креира етнографско дело – соживување со Другиот.

 

15 ДЕКЕМВРИ (САБОТА), 20:00 ч.

БРОД ТРГНАТ КОН НЕМЕРЛИВОТО – ИГОР ИСАКОВСКИ (1970-2014)
(A Ship Sailing Off to the Immeasurable – Igor Isakovski (1970-1974)

Документарно-поетски омаж, Македонија

2015 г., 16 мин., колор/црно-бел, ХД

Режија: Сашо Димоски (Sašo Dimoski)
Сценарио: Сашо Димоски (Sašo Dimoski)
Камера: Сашо Димоски (Sašo Dimoski)
Учествуваат: Јовица Ивановски, Елизабета Баковска, Тихомир Јанчовски, Тони Димков (Jovica Ivanovski, Elizabeta Bakovska, Tihomir Jančovski, Toni Dimkov)

Иако замина на само четириесет и четири години, Игор зад себе остави шеснаесет издадени книги, од кои десет се збирки поезија.[…] Тој не беше само плоден автор, неуморен преведувач од англиски, српски, хрватски, босански, тој беше и основач на културната институција и издавачка куќа „Блесок“.

Игор Исаковски беше идејниот творец на електронското списание „Блесок“, едно од најстарите електронски списанија за култура во Европа, преку кое, пионерски и визионерски, ја ширеше македонската култура низ светот, а светската култура ја носеше во Македонија.

 

15 ДЕКЕМВРИ (САБОТА), 20:15 ч.

ФОКСТРОТ

(Foxtrot)

Игран филм, Израел

2017 г., 113 мин., колор, ДСП

Режија: Самуел Маоз (Samuel Maoz)

Сценарио: Самуел Маоз (Samuel Maoz)

Улоги: Лиор Ашкенази, Сара Адлер, Јоната Ширај (Lior Ashkenazi, Sarah Adler, Yonaton Shiray)

Во оваа семејна трагедија приказната ги следи родителите на војник кој го губи животот на должност. Филмот го истражува начинот на кој тагуваат поединците но и целите општества, и како се провлекува низ генерациите.

Режисерот Маоз го карактеризира филмот како танц на човекот со судбината. Како што објаснува тој, се работи за филозофска парабола која се обидува да го деконструира овој нејасен концепт наречен судбина, низ приказна за татко и син. Колку што таткото прави сè да го ослободи синот од служењето воен рок, толку тој потег има судбински исход за синот…

ФОКСТРОТ минатата година го освои Гран При од жирито на фестивалот во Венеција, а режисерот Самуел Маоз ја доби награда за најдобар режисер на фестивалите во Венеција, Атина, Израел и Луксембург, а кинематограферот Ѓора Бејач годинава беше лауреат на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола. Филмот е прогласен за еден од најдобрите филмови за 2017 година.

 

НЕДЕЛА НА КОСОВСКИ ФИЛМ

19 ДЕКЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

ХЕРОЈОТ

(Heroi / The Hero)

Игран филм, Косово

2014 г., 106 мин., колор, ДСП

Режија: Луан Криезиу (Luan Kryeziu)

Сценарио: Луан Криезиу (Luan Kryeziu)
Улоги: Арбен Бајрактарај, Адриана Морина, Чун Лајчи, Салахудин Билал, Енвер Петровци, Џеми Ага (Arben Bajraktaraj, Adriana Morina, Çun Lajçi, Salahudin Bilal, Enver Petrovci, Xhemi Aga)

За време на косовската војна, едно село е опкружено со непријателски војници. „Херојот“, со помош на двајца постари војници, му го одвлекува вниманието на непријателот, доволно долго за селаните да побегнат и да се спасат. Војната завршува, но овој херој не може да воспостави врска со средината и новонастанатите општествени и политичко-економски промени. Љубовта, искреноста, чесноста, семејството – односот кон овие некогаш вреднувани поими се менува од корен. Други луѓе, без заслуги во војната, сега решаваат за судбината на херојот и за правецот во кој новото повоено општество се движи. Филмот ХЕРОЈ го следи бавното пропаѓање на вистинскиот „херој“.

НЕДЕЛА НА КОСОВСКИ ФИЛМ

20 ДЕКЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

ТАТКО

(Babai / Father)

Игран филм, Косово

2015 г., 104 мин., колор, ДСП
Режија: Висар Морина (Visar Morina)

Сценарио: Висар Морина (Visar Morina)

Улоги: Вал Малоку, Астрит Кабаши, Адриана Матоши (Val Maloku, Astrit Kabashi, Adriana Matoshi)

Десетгодишниот Нори и неговиот татко Г’зим талкаат по косовските улици и продаваат цигари, обидувајќи се да заработат за гол живот. Живеат во постојан страв од главата на нивното патријахално семејство, од кое мајката на Нори побегнала и го оставила малечкиот на милост и немилост на постарите. По паѓањето на Берлинскиот ѕид Г’зим ќе избега во Германија, оставајќи го синот зад себе. Нори е повреден и се наоѓа во болница.

Сепак, малиот Нори ќе заздрави и со украдени пари ќе тргне во потрага по својот татко. ТАТКО е истовремено потресна и сурово реална приказна за односот татко-син. Филмот е добитник на повеќе награди на филмските фестивали во Карлови Вари, Минхен, Баден-Баден, итн.

НЕДЕЛА НА КОСОВСКИ ФИЛМ

21 ДЕКЕМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

ТРИ ПРОЗОРИ И ЕДНО БЕСЕЊЕ

(Tri dritare dhe nje varje / Three Windows And A Hanging)

Игран филм, Косово

2014 г., 94 мин., колор, ДСП

Режија: Иса Ќосја (Isa Qosja)

Сценарио: Зумбер Келменди (Zymber Kelmendi)

Улоги: Ирена Цахани, Луан Јаха, Донат Ќосја (Irena Cahani , Luan Jaha, Donat Qosja)

Во едно традицинално косовско село, по војната кога луѓето одново ги градат своите животи, учителката Луше во свое интервју дадено за странски новинар открива дека таа и три други жени од селото биле силувани од српските војници.

Кога мажите во селото ќе дознаат дека Луше е таа што разговарала со новинарот, ќе се свртат против неа и нејзиниот син. Се прашуваат и кои се другите три силувани жени. Секој се сомнева во сопствената сопруга. Сета таа непријатна ситуација е диригирана и од селскиот старешина, кој ги тера мажите да покажат сила, а не разбирање за жените во селото.

Сопругот на Луше, Илир, кој долго време бил воен заробеник, најпосле се враќа во селото. Неговите соселани веднаш од него бараат тој да заземе страна, да ја осуди сопствената сопруга, да ја напушти. Дали напатениот Илир ќе биде гласот на разумот во селото или и тој ќе попушти пред здруженото осудување типично за родово поделената средина?

НЕДЕЛА НА КОСОВСКИ ФИЛМ

22 ДЕКЕМВРИ (САБОТА), 20:00 ч.

НЕПОЖЕЛНИ

(T’padashtun / Unwanted)

Игран филм, Косово

2017 г., 85 мин., колор, ДСП

Режија: Едон Ризваноли (Edon Rizvanolli)

Сценарио: Едон Ризваноли (Edon Rizvanolli)

Улоги: Адриана Матоши, Јасон де Ридер, Ники Веркар (Adriana Matoshi, Jason de Ridder, Niki Verkaar)

Албан и мајка му Зана живеат во Холандија. Тој се чувствува како отпадник од општеството и се обидува да го најде своето место под сонцето, обично преку тепачки и конфронтации со своите врсници. Таа, пак, сè уште живее со траумите од војната во Косово, и целосно е посветена на работата и прехранувањето на семејството.

Албан ќе се запознае со Ана и лудо ќе се вљуби во неа, но кога мајка му ќе дознае дека девојката има српско потекло, силно ќе се спротивстави на врската. Набргу потоа Зана ќе разбере дека мајка ѝ починала, и заедно со Албан ќе заминат за Косово, за да присуствуваат на погребот. Тука Албан ќе се соочи со реалноста на својата мајка – неговиот дедо, таткото на Зана, ќе ги избрка од дома и ќе им каже дека се непожелни.

Повторно во Холандија, Зана ќе се обиде да се соземе, да ја прифати својата состојба, новата средина и да се помири со новиот живот далеку од дома, па дури и со врската на синот. Една случајна средба повторно ќе ја врати во болното минато, а Албан ќе разбере што точно се случило со неа и зошто денес живеат далеку од семејството.

НЕДЕЛА НА КОСОВСКИ ФИЛМ

23 ДЕКЕМВРИ (НЕДЕЛА), 19:00 ч.

ДОМЕ СЛАТКИ ДОМЕ

(Shtëpi e ëmbla shtëpi / Home sweet home)

Игран филм, Косово / Македонија

2016 г., 90 мин., колор, ДСП

Режија: Фатон Бајрактари (Faton Bajraktari)

Сценарио: Зумбер Келменди Zymber Kelmendi)

Улоги: Донат Ќосја, Арта Мучај, Шкумбин Истрефи, Леа Ќосја, Сусан Мустафов, Албин Бајрактари (Donat Qosja, Arta Muçaj, Shkumbin Istrefi, Lea Qosja, Susan Mustafov, Albin Bajraktari)

По војната Агрон долго време го сметале за исчезнат. Другарите соборци го виделе како умира, но потоа не знаат што се случило со него или неговото тело. Сепак, една вечер тој се појавува дома, а неговото семејство е пријатно изненадено, но и шокирано и збунето. Среќни се што е жив и здрав, но… Како сега да им го објаснат на другите неговото враќање?

Многу проекти во селото се реализирани во чест на неговата „херојска смрт“. Многу луѓе профитирале од тие проекти, а и неговото семејство прима финансиска помош – како семејство на паднат борец! – и уште има и подигнато кредит во име на тие средства. Во оваа траги-комична ситуација, Агрон е исправен пред две решенија – да излезе пред сите и да докаже дека е жив или да се крие и сочека проектите да завршат, а и кредитот да се исплати.

Времето минува, Агрон се крие дома, а во училиштето кое го носи неговото име се подига негов споменик. Агрон е сè повеќе збунет и изгубен.

НЕДЕЛА НА КОСОВСКИ ФИЛМ

23 ДЕКЕМВРИ (НЕДЕЛА), 21:00 ч.

ЕХО

(Eho / Echo)

Игран филм, Косово / Германија

2016 г., 93 мин., колор, ДСП

Режија: Дрен Жерка (Dren Zherka)

Сценарио: Дрен Жерка (Dren Zherka)

Улоги: Клара Хофелс, Селман Јусуфи (Klara Hofels, Selman Jusufi)

Хана во Германија започнува да ја истражува смртта на еден нелегален имигрант, но патем ја открива сопствената осаменост и длабоката тага вкоренета во нејзиниот живот. Илир во Косово, пак, се соочува со тоа што го изгубил во животот. Ниту очекува да добие помош од другите, иако изгубил сè за што се борел и работел во животот. Тој веќе ги изгубил сопругата и ќерката во војната, а нивното присуство сè уште го чувствува во полуопожарената куќа во која живее. A сега, го изгуби и синот.

Во Германија, Хана се обидува да сочувствува со семејството на младиот човек, притоа чувствувајќи одгромна вина. Пополека открива многу нешта за животот на младиот човек во Германија.

Двајцата се во поодминати години, не се познаваат лично, но нивните преиспитувања, истражувања, размислувања се насочени кон животот и смртта на еден млад човек.

One comment
  • Марија Авшар, 070/880699
    Објавено на декември 4, 2018 at 9:34 am

    Веб страницава ви е топ, супер. Само така продолжете, да не мораме да доаѓаме до таму за да видиме што има вечер кај вас. А и критичките осврти ви се многу добри. Фала за вашата грижа за љубителите на филмот.

    Reply

Остави коментар