Писменоста започнува со буквата „А“ од азбуката. Филмската писменост, пак, започнува на 28 декември 1895 година, во салонот „Индиен“ на „Гранд Кафе“ во Париз, со јавна проекцијата на комерцијалните филмови на браќата Лимиер,

Иако и претходно имало филмски изуми – кинематографите на Леон Гијом Були и Томас Алва Едисон – подобрената верзија што ја креирале браќата Огист и Луј Лимиер се смета за почеток на историјата на подвижните слики какви што ги знае(в)ме изминативе 125 години.

На 28 декември 1895 година биле прикажани десет кратки филмови, меѓу нив и првиот филм на браќата Лимиер, ИЗЛЕГУВАЊЕТО НА РАБОТНИЦИТЕ ОД ФАБРИКАТА ЛИМИЕР. Инаку, тој филм е прикажан како демонстрација на затворена проекција на 22 март 1895 година на конференцијата за унапредување на фотографската индустрија во Франција, пред публика која броела 200 луѓе.

Првата јавна проекција на филмовите биле во придружба на пијанист. Тој формат на јавно прикажување филмови ќе се задржи сè до појавата на звучниот филм во 1927 година (со синхронизиран дијалог и пеење во игран филм), чиј симбол е „Џез пејач“ на студиото „Ворнер брадерс“.

Кинематограф доаѓа од грчкиот израз κίνημα / kínēma што значи „движење“ и γράφειν / gráphein, „пишување“. Кинематографот на Лимиерови била практична, лесна и пренослива машина, па набрзо стекнала голема популарност. До јануари 1896 година веќе биле произведени околу двесте такви уреди. Нивниот филм ПРИСТИГНУВАЊЕ НА ВОЗОТ НА СТАНИЦА СИОТА ги содржи сите филмски планови…

Десетина години по таа прва јавна филмска проекција, браќата Милтон и Јанаки Манаки го снимаат и прикажуваат првиот филм кај нас.  Се смета дека постариот брат Јанаки ја купил првата филмска камера во Лондон (производство на компанијата „Charles Urban Trading”, 300-тиот примерок од серијата Bioscope) во 1907 и ја донел во Битола. Со таа „Камера 300″ ја снимаат нивната баба Деспина како преде, и тоа е  започетокот на кинематографијата на Балканот. Баба Деспина, според кажувањата на браќата Манаки, имала над 110 години: таа е веројатно единственото човечко битие родено во 18. век, а снимено на филмска лента во 20. век.

Уметноста и индустријата на подвижните минувала низ разни технолошки промени, во склад со етмологијата на терминот. И движењето и „пишувањето со светлина“ продолжуваат…

 

 

Leave a comment