Пишува: Стојан Синадинов

Постои една дефиниција за создавање скулптура од камен или од дрво што им се припишува на неколку познати личности, но, сеедно, рецептурата гласи вака: „Земаш една карпа или парче дрво, едно длето, и го отфрлаш материјалот што не ти е потребен. Тоа што ќе остане е уметничко дело!“.

За Чарлс Спенсер Чаплин (Charles Spencer Chaplin), или едноставно Чарли Чаплин (Лондон, 15 април 1889 – Корсие-сур-Вевеј, 25 декември 1977) се напишани безброј текстови, филмолошки студии и книги. Пребарувањето на интернет под неговото име Charles Charlie Chaplin дава повеќе од 15 милиони артикли, па се поставува прашањето кои зборови би биле одвишок во „вајањето“ на овој портрет? Бидејќи, да не се лажеме, филмскиот опус на Чарли Чаплин одамна е споменик – монументален! – на американската и светската кинематографија. Но, да се обидеме…

Еве, на пример, да тргнеме од крајот. Податокот дека два месеци откако Чаплин починал, двајца автомеханичари, Полјак и Бугарин (емигранти од тогашниот Источен блок на Европа), го откопале сандакот со неговото тело на гробиштата во гратчето Корсие-сур-Вевеј (Corsier-sur-Vevey) на ридовите над Женевското езеро, и барале откуп во висина од 600.000 американски долари од неговата сопруга, Уна Чаплин (Oona Chaplin; моминско О’Нил, ќерка на познатиот драмски писател Јуџин О’Нил, нобеловец за книжевност во 1936) не може а да не биде „филмски“. Кога на тоа ќе се додаде дека Уна само се насмеала на нивната уцена, со коментарот дека Чарли Чаплин би умрел од смеа (по втор пат, ха, ха, да се насмееме и ние), се чини дека вистинскиот материјал од кој може (и мора!) да му се прават спомениците на големиот Шарло е само – смеата! Судејќи по реакциите на луѓето во кино-салите насекаде низ светот, кога ги гледаат филмовите на Чарли Чаплин, смеата сè уште е основниот материјал од кој се вајаат спомениците и стотици години подоцна од настанокот на неговите целулоидни дела.

Аристотеловото дело „За трагедијата“ го навестува постоењето и на неговата поетика за комедијата, бидејќи завршува со реченицата „А за комедијата…“. Италијанскиот писател и теоретичар Умберто Еко од тој недостаток направи извонредно длабок, а истовремено стилски питок роман „Името на розата“. Филмот ИМЕТО НА РОЗАТА (The Name of the Rose) од 1986 година во режија на Жан-Жак Ано (Jean-Jacques Annaud), со Шон Конери и Кристијан Слејтер (Sean Connery, Christian Slater) можеби посликовито го покажува третманот на смеата низ вековите. Таа била сметана за субверзивна во очите на опресивните режими бидејќи го разбивала стравот од властодржците.

Да скратиме: Чарли Чаплин со смеата не само што ги забавувал народните маси низ Америка и светот (барем на почетокот на неговата кариера), туку со смеата – понекогаш и со оние „кисели“ насмевки по гледањето на ГОЛЕМИОТ ДИКТАТОР или СВЕТЛИНИТЕ НА ВЕЛЕГРАДОТ – бил прилично жесток критичар на општеството во кое живеел. И тоа не му било простено. Затоа левичарот Чаплин во ерата на макартизмот („ловот на црвените вештерки“ во САД по втората светска војна) бил прогласен за, што друго ако не – комунист, и му бил забранет влез во земјата каде што на почетокот на 20-от век дошол од родниот Лондон за да ја направи една од најголемите кариери во филмската индустрија. Чаплин живеел во Швајцарија и цели две децении не доаѓал во САД, сè до 1971, кога во Холивуд ја примил почесната награда на Американската филмска академија за животно дело во филмот.

Чаплин, всушност, потекнува од работничката класа: мајка му Хана Хериет Хол (Hannah Harriet Hall), со уметничко име Лили Харви (Lily Harvey), и татко му Чарлс Спенсер Чаплин постариот биле забавувачи во лондонските клубови. Бил припадник на англиканската црква, но важел за агностик (верник-скептик). Имал делумно ромско потекло по таткова линија, секогаш одлучно одбивал да го потврдува или одрекува наводното еврејско потекло, не сакајќи да им дава „муниција“ на антисемитистите.

Кога во седумдесеттите години од минатиот век во СФРЈ телевизијата беше еден од „прозорците кон светот“, и тоа црно-бел, меѓу најголемите задоволства во виртуелниот свет беа т.н. бурлески со Чарли Чаплин. Форшпанот со наслов „Бурлески“ на ТВ екраните беше вовед со загарантирана „смејурија и пишурија“. Подоцна откривавме дека тоа се филмовите што Чарли ги снимал во Холивуд во втората деценија од минатиот век, во траење од 15-20 минути, но и делови од неговите долгометражни играни филмови. Ако треба попластично објаснување, последни на таа трага беа ситком серијалите МИСТЕР БИН (Mr. Bean), креирани од Роувен Аткинсон (Rowan Atkinson, кој феноменално ја играше насловната улога), и Ричард Кертис (Richard Curtis), од крајот на минатиот век.

Тоа беше тој Чаплин, скитник без нарушено достоинство, дури и со став на вистински господин, облечен во облека што смешно му стои, но таква нашол: тесно сако, панталони и чевли поголеми за неколку броја, шапка (полуцилиндар) и стап од бамбус. Целата таа појава имаше заштитен знак и во кратките мустаќи, што отсекогаш сме ги викале „хитлеровски“, и кои не мораше да ги менува кога го играше ликот на диктаторот во ГОЛЕМИОТ ДИКТАТОР. Неговата појава вештите сликари можеа да ја нацртаат со два-три потега на перото или четкичката, па заради тој иконички минимализам и остана трајно врежана во сеќавањата на сите „големи мали деца“.

Со безмалку 90 улоги на филм и 72 заслуги како режисер, Чаплин е од оние автори кои компримираат вистински филмски универзум сам за себе: бил и сценарист, монтажер, продуцент, а повремено и компонирал или бирал музика за неговите филмови. Во споредба, речиси колку цела една помала национална кинематографија во распон на истиот период кога творел. Такви се тие богати филмографии на исклучителни автори, кои траеле по половина век (Ингмар Бергман, Џон Хјустон, Клинт Иствуд…).

Негов опозит беше Бастер Китон, „човекот со каменото лице“, кому договорот со холивудското студио му забранувал да се смее на филм. СВЕТЛИНИТЕ НА СЦЕНАТА на Чаплин од 1952  година е нивното заедничко простување од ерата на немиот филм, пантомимата и комичните филмови во кои остварија величествени кариери и успеси.

Чаплин ја започнал кариерата уште како дете, на осумгодишна возраст, како член на тогашните патувачки театарско-забавувачки трупи. Со 20 години веќе е искусен забавувач-пантомимичар, и по втор пат гостува во САД со трупата на Фред Карн, каде што го забележуваат од едно филмско студио и го добива првиот филмски ангажман. Првата година, 1914, снимил над 30 филмови, а во вториот од нив ДЕТСКИ АВТО-ТРКИ ВО ВЕНИС (Kid Auto Races at Venice) го игра ликот на скитникот, што ќе стане заштитен знак во неговата кариера.

По првичните успеси, во 1916 г. го потпишува првиот милионски договор и почнува да ги продуцира своите филмови, основајќи сопствено студио. Следниот чекор во филмската индустрија е формирањето на компанијата „United Artists“, заедно со Мери Пикфорд, Даглас Фернбакс и Д.В. Грифит (Mary Pickford, Douglas Fairbanks, D.W. Griffith). Откако во 1952 г. му е забранет влез во САД (го задржал британското државјанство а, и покрај успехот, никогаш не зел американско државјанство), Чаплин ќе ја прати сопругата Уна во Холивуд да го продаде неговиот уддел во едно од најмоќните филмски студија во светот.

Како и да е, од крајот на Првата светска војна до почетокот на Втората светска војна Чаплин ги снима своите најуспешни кратки и среднометражни филмови (ДЕТЕТО / The Kid, 1921; МРЗЛИВЦИ / The Idle Class, 1921; АЏИЈАТА / The Pilgrim, 1923…) и долгометражни филмови (ЦИРКУС / The Circus, 1928; СВЕТЛИНИТЕ НА ВЕЛЕГРАДОТ / City Lights, 1931; МОДЕРНИ ВРЕМИЊА / Modern Times, 1936).

Појавата на звучниот филм, се чини, не е омилен момент во животот на Чаплин и неговиот филмски карактер-скитникот, но, сеедно, и во таа сфера не е неуспешен: ГОЛЕМИОТ ДИКТАТОР (The Great Dictator, 1940), ГОСПОДИНОТ ВЕРДУ (Monsieur Verdoux, 1947) и СВЕТЛИНИТЕ НА СЦЕНАТА (Limelight, 1952) е неговите три звучни филмови, со кои ја завршува американската епизода во неговиот живот и кариера.

Во Велика Британија го снима КРАЛ ВО ЊУЈОРК (A King in New York, 1957), а се враќа во Холивуд дури во 1971 кога ја примил наградата „оскар“ на Американската филмска академија за животно дело.

Со Уна О’Нил се венчал во 1943 година и добиле 8 деца: синовите Кристофер, Јуџин и Мајкл (Christopher, Eugene, Michael), и ќерките Џералдина, Џозефина, Џејн, Викторија и Анет-Емили (Geraldine, Josephine, Jane, Victoria, Annette-Emilie). Единствено Џералдина Чаплин направи актерска кариера во Холивуд.

И, што да се напише на крајот од овој кроки портрет на Чаплин? Кај Умберто Еко постои таа изгубена книга на Аристотел за комедијата и смеата, но сите што ќе ја прочитаат – умираат, бидејќи страниците кои мора да се листаат со прстите лизнати со јазикот се натопени со силен отров.

А, можеби, и подобро е што не постои/не постоела дефиниција на смеата, како остров на слободата?

 

Leave a comment