ДИСКРЕТНИОТ ШАРМ НА БУРЖОАЗИЈАТА

(Le charme discret de la bourgeoisie / The Discreet Charm of the Bourgeoisie)

Игран филм, Франција

1972, 102 мин., колор, 35 мм

Режија: Луис Буњуел (Luis Buñuel)

Сценарио: Луис Буњуел, Жан-Клод Кариер (Luis Buñuel, Jean-Claude Carrière)

Улоги: Фернандо Реј, Делфин Сејриг, Пол Франкер, Стефани Одран, Жан-Пјер Касел, Милена Вукотиќ (Fernando Rey, Delphine Seyrig, Paul Frankeur, Stéphane Audran, Jean-Pierre Cassel, Milena Vukotic)

Во стереотипизираната претстава за буржоазијата, што денес важи за малограѓаните – новопечени буржуи, кои додека безуспешно ја бркаат истенченоста на вистинската висока класа остануваат и без автентичноста на својата „грутка“, нема ништо шармантно. Но, Луис Буњуел, макар и пежоративно нарекувајќи го „дискретен“, успеал да извлече прилично шарм од буржоазијата во својот најуспешен филм (барем според заработката и освоениот Оскар), наоѓајќи го таму каде што не се гледа, но мора да го има – во несвесното, за да се појави/симптоматизира во сонот.

Најголемиот филмски надреалист овој „дискретен шарм“ го цеди доведувајќи ги протагонистите во индискретни ситуации, во кои цивилизираноста дебела, односно тенка колку маската/костимот на статусот што го носат, лесно се пробива, за да се стигне до податливиот за целта, нестабилен експлозивен психолошки материјал.

„Тригерот“ за ова симнување на маските случајно го дал продуцентот Серж Силберман, кој на Буњуел и на неговиот сценарист Жан-Клод Кариер им раскажал како на париските улици налетал на пријатели од Бразил, кои ги поканил на вечера, но заборавил да ѝ каже на жена му. Следствено, таа опуштено си гледала телевизија кога гостите дошле, очекувајќи вечера…

Ликовите со „дискретен шарм“ во филмот, буржуите, шестмина на број – по три мажи и жени, Буњуел ги изложува на серија неуспешни обиди да одржат заедничка вечера, сфатена во смислата на централен ритуал – институција на оваа повисока средна класа – сцена на која можат да покажат дека не напразно зрачат статус.

И додека репетитивниот комфор на нивниот живот – од вечера до вечера, сѐ повеќе го нагризуваат повторливи упади на реалниот живот (смртта, сексот, законот/полицијата, тероризмот), додуша во надреални околности, инхибираните буржуи остануваат актери на бината кои не го знаат текстот – парадигмата за опсегот на нивната компетенција е дадена во сцената кога го повикуваат својот шофер за да поентираат што тој не знае како нив – „правилно“ да пие мартини.

„Не постои систем што ќе може да ја култивира толпата“, заклучува по шоферското пиење „на екс“ ликот кој го игра Фернандо Реј (најпознат по улогите во филмовите на Буњуел), а кој е амбасадор на Република Миранда, како референца на креативниот придонес на продуцентот Силберман со приказната за пријателите од јужноамериканскиот континент.

За да се додаде фројдовско гориво на човечкиот материјал од кој букнува „Дискретниот шарм на буржоазијата“, ликовите со „префинети“ манири се занимаваат, на пример, и со „дилање“ кокаин (згодно им доаѓа работата во дипломатијата), па сонуваат кошмари. Но, повеќе од тоа „царевото ново руво“ да им се замени со пругаста затворска униформа, се плашат од тоталното андерсеново разобличување – „Царот е гол“.

 

Плакат од филмот на Буњуел

А токму тоа им го приредува Буњуел, кога ги седнува на вечера на која конечно е послужено јадењето, за во моментот кога ќе сфатат дека печеното пилешко е сценски реквизит, во просторијата да се отвори театарска завеса. Буржуите ја добиваат сцената/вечерата, кон која упорно тежнеат сметајќи дека им следува по природно право, но ритуалот е демистифициран; и додека не знаат ниту ред од текстот на претставата напишана по рендгенска снимка на несвесното (дејствието се случува во сон на еден од протагонистите), ги облева студена пот, а на сето тоа, долу во публиката, се насладува „толпата“ предодредена да им служи.

Како своевиден омаж на русоовото „враќање кон природата“, Буњуел ги слика јунаците на филмот и во секвенца што се повторува неколку пати како некаков рефрен (тоа е и последната сцена), како дотерани (за на вечера) одат низ природа, надвор од градот, но никако не скршнуваат од асфалтот додека навидум бесцелно талкаат. И на крајот секогаш завршуваат во куќата на првата фрустрација (првиот неуспешен обид да вечераат), како место на нивниот вечен „опскурен предмет на желбата“, а каде природата (градината) по буржоаски вкус ја уредува градинар кој всушност е бискуп – пастирот на душите што го познаваат само по облеката.

Иако нема цврст наративен след, „Дискретниот шарм на буржоазијата“ тече „меко“ како времето на часовниците на Салвадор Дали (со Буњуел заедно ја направија иконата на краткиот филм „Андалузискиот пес“), благодарение на мајсторски изведената, органска испреплетеност на приказните од јавето/стварноста и сонот/фантазијата.

Оскарот за најдобар странски филм во 1973 го примил продуцентот Силберман, откако Буњуел предизвикал мал скандал по објавата на номинациите, одговарајќи му на новинар кој го прашал какви се шансите да ја добие наградата. Буњуел одговорил дека шансите се големи, зашто ѝ платил 25.000 долари на Академијата, колку што му било побарано: „А, Американците имаат недостатоци, но се луѓе од збор“.

* Филмот е на репертоарот на Кинотеката во рамките на СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ КЛАСИК – ФОКУС НА РЕЖИСЕРИТЕ БУЊУЕЛ, САУРА И БЕРЛАНГА на 10 АПРИЛ (СРЕДА), 18:00 ч.

         

Leave a comment