„РУСКА ЗИМА“: МЕСЕЦ НА КЛАСИЧЕН И СОВРЕМЕН РУСКИ ФИЛМ

4 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

АНА КАРЕНИНА: ПРИКАЗНАТА НА ВРОНСКИ

(Анна Каренина. История Вронского/Anna Karenina: Vronsky’s Story)

Игран филм, Русија

2017, 98 мин., колор, ДСП

Режија: Карен Шахназаров (Karen Shakhnazarov)

Сценарио: Карен Шахназаров , Јуриј Потенко (Karen Shakhnazarov, Yuriy Potenko)

Улоги: Елизавета Бојарскаја, Кирил Гребеншчиков, Владимир Илин (Elizaveta Boyarskaya, Kirill Grebenshchikov, Vladimir Ilin)

Манџурија во 1904 година за време на руско-јапонската војна. Руска воена болница на точките за повлекување во полууништено кинеско село. Шефот на болницата, Сергеј Каренин, дознава дека ранетиот офицер, грофот Вронски, е лицето кое ја уништило неговата мајка Ана Каренина. Без илузии дека ќе добие некакви одговори, Каренин доаѓа кај Вронски и му го поставува прашањето што го мачи целиот живот: што ја натерало неговата мајка да ја премине линијата, да направи прељуба и да изврши самоубиство?

По одредено двоумење, Вронски се согласува да ја раскаже приказната за неговата трагична љубов со Ана Каренина, забележувајќи дека луѓето се сеќаваат само на она што го избрале да се сетат. Вронски почнува да ја преиспитува приказната од пред триесет години и конечно сфаќа дека предолг период се наоѓа во минатото.

5 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

СОЛАРИС

(Солярис/Solaris)

Игран филм, Русија

1972, 167, црно-бел/колор, ДСП

Режија: Андреј Тарковски (Andrei Tarkovsky)

Сценарио: Андреј Тарковски, Фридрих Горенштајн, според романот на Станислав Лем (Andrei Tarkovsky, Fridrikh Gorenshteyn, Stanislaw Lem)

Улоги: Наталија Бондарчук, Јури Јарвет, Донатас Банионис, Анатолиј Солоницин, Владислав Дворжецки (Natalya Bondarchuk, Jüri Järvet, Donatas Banionis, Anatoli Solonitsin, Vladislav Dvorzhetsky)

Мисијата Соларис е утврдена база на планетата која пречекува еден вид агенти, но деталите се многу мистични. Научниците се обидуваат да ја разберат тајната на загадочната планета  Соларис, но набргу стануваат жртви на своите имагинации и скриени желби.

Психологот  Крис Келвин (Донатас Банионис) е испратен во вселенската станица по мистериозното исчезнување на еден од трите научници во базата. Келвин има задача да ја испита загадочната смрт на докторот, како и проблемите што ги мачат космонаутите во станицата. Тој го пронаоѓа и останатиот дел од екипата, кои се однесуваат чудно, а останува вчудоневиден кога во станицата ја сретнува и својата сопруга Кари, која е почината пред седум години. Веднаш станува видливо дека Соларис поседува нешто што ги носи потиснатите сеќавања и опсесии на космонаутите од вселенската станица. Келвин се прашува за неговата перцепција на релативноста.

СОЛАРИС е победник на филмскиот фестивал  во Кан од 1972 година, а филмот имаше римејк во режија на Стивен Содерберг во 2002 година.

6 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

АНДРЕЈ РУБЉОВ  

(Андрей Рублев)

Игран филм, Русија 

1966 г, 205 мин, црно-бел/колор, ДСП  

Режија: Андреј Тарковски (Andrei Tarkovski)

Сценарио: Андреј Тарковски, Андреј Кончаловски (Andrei Tarkovski, Andrei Konchalovski)

Улоги: Анатолиј Солоницин, Иван Лепиков, Николај Гринко (Аnatoliy Solonitsyn, Ivan Lepikov, Nikolay Grinko)

AНДРЕЈ РУБЉОВ е биографско-историска драма заснована на животот на познатиот руски иконописец од 15 век. Во 15 век руските земји минуваат низ турбулентни времиња, растргнати од татарската инвазија и борбата за превласт помеѓу руските принцови (болјари). Во такво опкружување, Андреј Рубљов, монах и иконописец, се обидува да проникне во суштината на уметноста и на верата, ги разгледува можноста и потребата да твори во услови на репресија и неправда, размислува за улогата на индивидуалецот, заедницата и власта во создавањето на духовна и епска уметност…

Рубљов ја доживува несреќата да биде сведок на еден масакр од страна на Татарите врз недолжното население и врз свештенството, во крајна нужда е приморан и да убие, и тој пораз на човечкиот ум и дух ќе го доживее и како свој пораз. Решава да се самоосуди на молк и да престане да комуницира со луѓето. По долга изолација се враќа меѓу луѓето и ќе биде изненаден од талентот на младиот конструктор на џиновската камбана. Во тој период ја насликал својата позната икона „Света Троица”. AНДРЕЈ РУБЉОВ бил долго време забранет од советските власти кои жестоко го обвинувале Тарковски за идеолошка и естетичка субверзивност. Во 1969 г. ја освојува наградата FIPRESCI на филмскиот фестивал во Кан.

7 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

ЅВЕЗДА

(Звезда/The Star)

Игран филм, Русија

2002, 97 мин., колор, ДСП

Режија: Николај Лебедев (Nikolay Lebedev)

Сценарио: Александар Бородјански, Евгени Григорјев (Aleksandr Borodyansky, Yevgeni Grigoryev)

Улоги: Игор Петренко, Артјом Семакин, Алексеј Панин (Igor Petrenko, Artyom Semakin, Aleksei Panin)

Во текот на Втората светска војна руската армија испратила специјална група наречена „Ѕвезда“ за борба против нацистите во нивната позадина. Филмот е базиран на истоимената книга на Емануил Казакевич.

Во летото 1944 година, нацистичките армии подготвиле масивна тенковска дивизија „Викинг“ за офанзивата на окупираната руска земја. Специјалната група на руската армија составена од седум снајперисти е испратена во операција за извидување зад непријателските линии, во позадината на нацистичката тенковска дивизија. Двете претходни руски групи никогаш не се вратиле. Седумте руски војници знаат дека одат во речиси сигурна смрт за победа во Татковинската војна.

7 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

СТАЛКЕР

(Сталкер/Stalker)

Игран филм, Русија

1979, 163 мин., црно-бел/колор, ДСП

Режија: Андреј Тарковски (Andrei Tarkovsky) 

Сценарио: Аркадиј и Борис Стругацки, според нивниот роман (Arkadiy Stugatskiy, Boris Strugatskiy)

Улоги: Александар Кајдановски, Анатолиј Солоницин, Николај Гринко, Алиса Фрејндлих, Наташа Абрамова (Alexander Kaidanovsky, Anatoli Solonitsin, Nikolai Grinko, Alisa Freyndlikh, Natasha Abramova)

Научнофантастичниот филм СТАЛКЕР е снимен според новелата „Пикник покрај патот“ на браќата Борис и Аркадиј Стругацки. Филмот ги следи тројцата мажи, Научникот (Николај Гринко), Писателот ( Анатолиј Солоницин) и Сталкер (Александар Кајдановски) и нивното патување низ мистериозната и заборавената територија во руската пустина наречена Зона. Во Зоната ништо не исто како што изгледа: таа е налик на вонземско место опкружено со војници и бодликава жица. И покрај убедувањата од жена му да не оди, Сталкер ги води луѓето во Зоната каде што тајните желби стануваат реалност, сеедно што ризикува казна затвор. Таа ноќ тој носи двајца во Зоната: популарниот писател, кој е циничен, но и се прашува за својата генијалност; и тивкиот научник, кој е позагрижен за својот ранец отколку за патувањето. Пристапот во Зоната мора да биде индиректен. Како се наближуваат поблиску до целта, правилата се чини дека се променети, а Сталкер се соочува со кризи. 

8 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 18:00 ч.

ШЕТАЈЌИ ПО УЛИЦИТЕ НА МОСКВА

(Я шагаю по Москве/Walking the streets of Moscow)

Игран филм, Русија

1964 г., 78 мин., црно-бел, ДСП  

Режија: Георги Данелија (Georgiy Daneliya)

Сценарио: Генадиј Шпаликов (Gennady Shpalikov)

Улоги: Никита Михалков, Алексеј Локтов, Евгениј Стеблов, Галина Пољских (Nikita Mikhalkov, Aleksej Loktov, Еvgeniy Steblov, Galina Polskikh)

Волоѓа е млад и амбициозен писател од Сибир. Неговиот прв краток расказ е објавен во списанието „Младост“. Уредникот на списанието Воронин го кани да дојде во Москва да се договорат за соработка. Во московското метро Волоѓа се запознава и се спријателува со Коља, кој се враќа дома по напорната ноќна смена. Волоѓа сака да оди во домот кај старите пријатели, но не знае точно каде е нивната улица и затоа Коља решава да му помогне да ја најде улицата, за на крај одат во куќата на Коља. Низ филмот ги следиме нивните доживувања низ градот, дополнително искомплицирани со појавата на привлечната продавачка Аљона.

9 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 18:00 ч.

СВОЈ МЕЃУ ТУЃИНЦИ, ТУЃИНЕЦ ДОМА  

(Свой среди чужих, чужой среди своих/ At Home Among Strangers, a Stranger Among His Own) 

Игран филм, Русија

1974 г., 97 мин., црно-бел/колор, ДСП 

Режија: Никита Михалков (Nikita Mikhalkov)

Сценарио: Никита Mихалков, Едуард Володарски (Nikita Mikhalkov, Eduard Volodarskiy)

Улоги: Јури Богатирјов, Никита Михалков, Сергеј Шакуров (Yuri Bogatyryov, Nikita Mikhalkov, Sergey Shakurov)

Приказната се одвива во почетокот на 1920 година, непосредно по завршувањето на граѓанската војна во Советскиот Сојуз. Егор Шилов е испратен да ја заштитува специјалната пратка со злато која се испраќа со воз. Но, возот е нападнат, тој е киднапиран и дрогиран, а златотото е украдено. Шилов е осомничен за предавство и мора да ја докаже својата невиност и да го врати златото. Шилов сега е „странец меѓу своите”, а во извршувањето на својата задача мора да стане „домашен меѓу туѓинците“.

10 ФЕВРУАРИ (НЕДЕЛА), 18:00 ч.

СЕМЕЈНИ ВРСКИ

(Родня/Family Relations)

Игран филм, Русија

1982 г., 98 мин., колор, ДСП 

Режија: Никита Михалков (Nikita Mikhalkov)

Сценарио: Виктор Мережко (Viktor Merezhko)

Улоги: Нона Мордјукова, Светлана Крјучкова, Јури Богатирјов (Nonna Mordyukova, Svetlana Kryuchkova, Yuriy Bogatyryov)                                                                                                                                        

Марија Конвалова е жена од село која заминува во централниот град на регионот да ја посети ќерката Нина и саканата внука Иришка. Таа е добра, скромна и едноставна жена, но е безнадежно изгубена во новиот свет што не го разбира. Но, во него живеат нејзините најдраги, па Марија се обидува да се справи со нивните идеи за животот. Таа е подготвена да го подобри односот на ќерката Нина со нејзиниот поранешен маж, но тоа сите ги доведува до жалост.

10 ФЕВРУАРИ (НЕДЕЛА), 20:00 ч.

ИВАНОВОТО ДЕТСТВО

(Иваново детство/Ivan’s childhood) 

Игран филм, Русија

1962 г., 95 мин., црно-бел, ДСП 

Режија: Андреј Тарковски (Andrei Tarkovsky)

Сценарио: Владимир Богомолов, Михаил Папава (Vladimir Bogomolov, Mikhail Papava)

Улоги: Николај Бурлјаев, Валентин Зубков, Евгениј Жариков (Nikolay Burlyaev, Valentin Zubkov, Evgeniy Zharikov)

ИВАНОВОТО ДЕТСТВО е трагична приказна за изгубеното детство на дванаесетгодишниот сирак Иван, кој ќе се најде на источниот советски фронт за време на Втората светска војна. Иван шпионира и собира информации во корист на Советската армија. Навлегува длабоко во позадината на германските редови, го ризикува сопствениот живот, иако причината за тоа на возрасните и искусни војници не им е секогаш јасна. Се обидуваат да го сместат во интернат, подоцна и во воена школа, но малиот сирак инсистира да остане на фронтот и да се одмазди за смртта на своето семејство.

Иван е мал херој кој чекори со сигурност до своите цели, невидлив за никого, но присутен во мислите на своите повозрасни пријатели, тројцата офицери на Советската армија. Филмот е прв долгометражен филм на А. Тарковски и во 1962 година е добитник на наградата „Златен лав“ на филмскиот фестивал во Венеција.

11 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 17:00 ч.

ШИРЛИ-МИРЛИ

(Ширли-мырли)

Игран филм, Русија

1995, 136 мин., колор, ДСП

Режија: Владимир Меншов (Vladimir Menshov)

Сценарио: Владимир Меншов, Виталиј Москаленко (Vladimir Menshov, Vitaliy Moskalenko)

Улоги: Валери Гаркалин, Вера Алентова, Ина Чурикова (Valery Garkalin, Vera Alentova, Inna Churikova)

Во рудник во далечната Јакутија е пронајден до сега невидено голем дијамант и е наречен „Спасителот на Русија“. Властите велат дека од продажбата на дијамантот може да се плати тригодишен одмор на Канарските Острови за секој руски државјанин. Шефот на криминалната банда Козулски го краде дијамантот за време на неговиот транспорт со авион во Москва, но потоа е ограбен од професионалниот крадец Василиј Кроликов…

Заплетот на филмот се врти околу Кроликов и неговите двајца идентични браќа. Кроликов е прогонуван од  мафијата на Козулски и двајца полициски офицери. Но, тоа не е сè: Кроликов открива дека има и четврт брат, а ликови на браќата ги игра Валери Гаркалин.

11 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

ИВАН ГРОЗНИ

(Иван Грозный/Ivan the terrible)

Игран филм, Русија

1944,45 г., (1 и 2 дел), 183 мин., црно-бел, ДСП

Режија: Сергеј Ајзенштајн (Sergei Eizenstein)

Сценарио: Сергеј Ајзенштајн (Sergei Eizenstein)

Улоги: Николај Черкасов, Серафима Бирман, Павел Кодочников, Лудмила Целиковскаја (Nikolay Cherkasov, Serafima Birman, Pavel Kodochnikov, Lydmila Tselikovskaya)

Биографски филм за рускиот цар Иван IV Василевич, наречен Иван Грозни.  Дејството почнува со Ивановото крунисување за цар. Во Москва се најавува обединување на Русија. Има постојани судири со надворешните и со  внатрешните непријатели, па дури и со најблиските пријатели, а врв на тоа е смртта на царицата Анастазија.

Иван се повлекува, но народот бара да се врати на престолот. Во втората половина на 16 век, царот ја зацврстува власта со помош на војската, а тоа не им е по волја на неговите политички ривали, руските болјари (аристократи). Сепак, Иван Грозни е првиот владетел што се прогласил за цар на цела Русија, а болјарите подготвуваат завера со намера да го убијат и да го востоличат Владимир како нов цар.                                                                                                                                                                                        

12 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

АЛЕКСАНДАР  НЕВСКИ 

(Александр Невский)

Игран филм, Русија

1938 г., 112 мин., црно бел, ДСП 

Режија: Сергеј Ајзенштајн (Sergei Eisenstein)

Сценарио: Сергеј Ајзенштајн, Пјотр Павленко (Sergei Eisenstein, Pyotr Pavlenko)

Улоги: Николај Черкасов, Н.Охлопков, Андреј Абрикосов (Nikolay Cherkasov, N.Okhlopkov, Andrey Abrikosov)

AЛЕКСАНДАР НЕВСКИ се смета за еден од највлијателните, најважните и најпопуларните остварувања од овој жанр во советската и светската кинематографија. Александар Невски е руски кнез кој во 1240 година се обидува да го одбрани Новгород, а заедно со него и цела Русија, од инвазијата на Тевтонските крстоносци. Откако успеал да го наметне својот авторитет против новгородските болјари и трговци, ја собира војската со која ќе се спротивстави на непријателите во големата битка на Чудското Езеро (1242 г.). Филмот АЛЕКСАНДАР НЕВСКИ е познат и по својата политичка позадина, бидејќи се толкува како алегорија на ситуацијата во светот пред Втората светска војна. Ова е првиот целовечерен звучен филм на Ајзенштајн.

13 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 18:00 ч.

МОЈА МИЛА И НЕЖНА ЗВЕРКА

(Мой ласковый и нежный зверь/Тhe shooting party)  

Игран филм, Русија

1978 г., 105 мин., колор, ДСП

Режија: Емил Лотеану (Emil Loteanu) 

Сценарио: Емил Лотеану, според новела на А.П. Чехов

Улоги: Галина Бељаева, Олег Јанковски, Кирил Ловров (Galina Belyaeva, Oleg Yankovskiy, Kiril Lovrov)

Може ли да се натера срцето да сака некого? Оленка потекнува од сиромашно семејство и се соочува со таа дилема: мора да се омажи за богат маж за да се спаси од сиромаштијата. Тројца мажи сакаат да го освојат нејзиното срце: остроумниот вдовец Урбенин, стариот гроф Карнеев и младиот и убав Камишев. Изборот е очигледен, но кој би знаел дали ова можеби ќе заврши како трагедија?

14 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

НАЈШАРМАНТНА И НАЈАТРАКТИВНА  

(Самая обаятельная и привлекательная/The most charming and attractive)

Игран филм, Русија

1985 г., 81 мин., колор, ДСП  

Режија: Гералд Бежанов (Gerald Bezhanov) 

Сценарио: Анатоли Ејрамџан (Anatoly Eyramdzhan)

Улоги: Ирина Маравјова, Татјана Василева, Александар Абдулов, Леонид Курављов (Irina Maravyova, Tatyana Vasileva, Aleksandr Abdulov, Leonid Kuravlyov)                                                                         

Надја Кљуева е на добро работно место во еден истражувачки институт, но не може да го организира својот личен живот. Таа има  над триесет години и сè уште не е мажена. Одвреме-навреме во автобус се сретнува со својата поранешна школска другарка Сузана. После тие средби животот на Надја почнува да ѝ се менува.

Сузана е професионален социолог и  на Надја ѝ дава практични совети како да си го промени своето однесување и стилот на облекување за да може да се омажи. Надја решава да го шармира нејзиниот колега Волоѓа, кој не ѝ се допаѓа премногу, но е многу популарен меѓу женскиот свет, своевиден Дон Жуан. Наскоро Надја сфаќа дека нејзината среќа и љубов што ги бара низ разни трикови и напори се во нејзината непосредна близина.

15 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 18:00 ч.

ИВАН ВАСИЛЕВИЧ ЈА МЕНУВА ПРОФЕСИЈАТА

(Иван Васильевич меняет профессию/Ivan Vasilievich: Back to the Future)

Игран филм, Русија

1973 г., 93 мин., колор/црно-бел, ДСП

Режија: Леонид Гајдај (Leonid Gaidai)

Сценарио: Владлен Бахнов, Леонид Гајдај, според новелата на Михаил Булгаков (Vladlen Bakhnov, Leonid Gaidai, Mikhail Bulgakov)

Улоги: Јуриј Јаковлев, Леонид Курављов, Александар Демјаненко (Yuriy Yakovlev, Leonid Kuravlyov, Aleksandr Demyanenko)

Еден обичен советски управник на зграда, со временска машина конструирана од соседот, по грешка ќе биде транспортиран од дваесеттиот век во шеснаесеттиот век, во времето кога со Москва и со Русија владеел царот Иван Грозни. Со него е и еден ситен провалник. Иван Грозни, пак, ќе биде транспортиран во дваесеттиот век, поточно во 1973 година.

Оваа комедија е еден од најгледани советски филмови во 1973 година со над 60 милиони гледачи.

16 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 18:00 ч.

ЧОВЕКОТ ОД БУЛЕВАРОТ КАПУЦИН

(Человек с бульвара Капуцинов/ A Man from Boulevard des Capucines)

Игран филм, Русија

1987, 99 мин., колор, ДСП

Режија: Ала Сурикова (Alla Surikova)

Сценарио: Едуард Акопов (Eduard Akopov)

Улоги: Андреј Миронов, Александра Јаковлева (Andrei Mironov, Aleksandra Yakovleva)

Господинот Џон Први (Џони) е кинематографер кој патува во Санта Каролина. Пресретнат од група разбојници, предводена од Блек Џек, Џони е единствениот кој не извлекува пиштол за да се брани, и тој чин го збунува Блек Џек. Потоа Блек Џек ја зема книгата што Џони толку внимателно и често ја разгледува, мислејќи дека е Библијата, но Џони му објаснува дека станува збор за „Историја на светскиот филм“, па разбојникот губи интерес за него.

Кога Џони пристигнува во Санта Каролина, налетува на голема тепачка во локалниот бар, се спријателува со каубоецот Били и лудо се вљубува во танчерката Дијана. Били се шегува на неговата инстантна вљубеност, предупредувајќи го дека срцето на Дијана е закатанчено поцврсто од воената база Форт Нокс, центарот на американската армија.

Филмот е комична критика на митот за американскиот Див Запад. Како што Холивуд ги  митологизирал авантурите за Бафало Бил, така советскиот филм за време на Студената војна се обидува да го деконструира тој мит преку сатира.

17 ФЕВРУАРИ (НЕДЕЛА), 18:00 ч.

УСПЕНИЕ  

(Восхождение/Тhe Ascent)

Игран филм, Русија 

1977 г., 111 мин, црно-бел, ДСП

Режија: Лариса Шепитко (Larisa Shepitko)

Сценарио: Василиј Биков, Јури Клепиков (Vasiliy Bykov,Yuri Klepikov) 

Улоги: Борис Плотников, Владимир Гостинкин, Сергеј Јаковлев (Boris Plotnikov, Vladimir Gostynkhin, Sergey Yakovlev)                                                                                                                                      

Приказната на ремек-делото УСПЕНИЕ користи мотиви од Татковинската војна, но е длабоко инспирирана од библиската тема на распнувањето на Христос. Во една студена зима за време на Втората светска војна, двајца црвеноармејци, Сотников и Рибак, тргнуваат да бараат храна за себе и за своите соборци. Тие во куќата на еден германски офицер наоѓаат една коза, ја земаат, но на враќање се уапсени од нацистичка патрола. Сотников, цврст во своите  верувања, одбива да одговара на сите прашања и покрај тоа што е физички малтретиран. Од друга страна, пак, Рибак тврди дека не знаат ништо, и едноставно би им рекле сè што знаат и прават само да останат живи. Рибак се става во служба на непријателот, а Сотников ги  презема сите гревови на себе и спокојно се упатува кон новата голгота.

19 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 17:00ч.

ОДИ И ВИДИ 

(Иди и смотри/Come and see)

Игран филм, Русија

1985, 142 мин., колор, ДСП 

Режија: Елем Климов (Elem Klimov)

Сценарио: Елем Климов, Алес Адамович (Elem Klimov, Ales Adamovich)

Улоги: Алексеј Кравченко, Олга Миронова, Лиубомирас Ланчевичис (Aleksеy Kravchenko, Olga Mironova, Liubomiras Laucevicius)

Белорусија под нацистичка окупација во 1943 година за време на Втората светска војна. Во центарот на приказната е момчето Флорја, кое ќе ја пронајде старата пушка и ќе му се придружи на партизанското движење на отпорот против германските сили. Тој ги доживува стравотиите од Втората светска војна, преобразувајќи се од весел тинејџер во маж со побелена коса за само два дена.

20 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 17:00 ч.

КИН-ЅА-ЅА

(Кин-дза-дза!)

Игран филм, Русија

1986, 135 мин., колор, ДСП

Режија: Георгиј Данелија (Georgiy Daneliya)

Сценарио: Георгиј Данелија, Реваз Габриадзе (Georgiy Daneliya , Revaz Gabriadze)

Улоги: Станислав Љубшин, Евгениј Леонов, Јури Јаковлев (Stanislav Lyubshin, Yevgeni Leonov, Yury Yakovlev)

Филмот се случува во осумдесеттите години од минатиот век во Москва. Вова, градежен надзорник, се олабавува дома по стресен ден на работа. Неговата сопруга бара од него да купи некои намирници, па Вова излегува во најблиската продавница. Во центарот на градот, на Калинин проспект, еден бос човек облечен во растурен капут, се жали секому со чудно барање: „Кажете ми го бројот на вашата планета? Или барем бројот на вашата галаксија?“. Вова и младиот грузиски студент со виолина започнуваат разговор во овој чуден човек. Чудакот им го покажува уредот за телепортација наречен „патник“, и Вова одлучува да ја провери веродостојноста на приказнатата, па и покрај предупредувањата на чудакот, случајно притиска едно копче на уредот. Одеднаш, Вова и виолинистот се телепортирани на планетата „Плуке“ во галаксијата „Кин-ѕа-ѕа“.

Планетата е населена со човеколики суштества, со примитивна технологија и варварска култура, која сепак е слична на онаа на Земјаните. Тие се телепатични, умеат да си ги читаат мислите, а единствени зборови што вообичаено ги користат во нивната култура се „ку“ (koo) и „кију“ (kyoo): првиот се користи за сè што е добро, а вториот е своевидна пцовка за сè што е лошо. Сепак, жителите на „Плуке“ можат брзо да се прилагодат на разбирањето и говорот на рускиот и на грузискиот јазик…

21 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 17:00 ч.

ДЕРСУ УЗАЛА  

(Дерсу Узала/Dersu Uzala)

 Игран филм, Русија – Јапонија 

1975 г., 141 мин., колор, ДСП   

Режија: Акира Куросава (Akira Kurosawa)  

Сценарио: Владимир Арсенев, Акира Куросава, Јуриј Нагибин (Vladimir Arsennev, Akira Kurosava, Yuriy Nagibin) 

Улоги: Максим Мунзук, Јуриј Соломин, Михаил Бичков (Maksim Munzuk, Yuriy Solomin, Mikhail Bychkov)

Руската војска испраќа експедиција во истражувачка мисија во областа околу реката Усури. Експедицијата ја предводи капетанот Арсенов. Наскоро во  неистражените шумски пространства го сретнуваат припадникот на Голдите, домородец по име Дурсу Узала, кој станува водич на експедицијата. Приказната зборува за погледите на светот и номадскиот начин на живот на Голдите претставен низ ликот на Дерсу Узала и пријателството на капетанот со него.

24 ФЕВРУАРИ (НЕДЕЛА), 17:00 ч.

КАНЦЕЛАРИСКА РОМАНСА

(Служебный роман/ Office Romance)

 Игран филм, Русија

1977, 159 мин., колор, ДСП

Режија: Елдар Рјазанов ( Eldar Ryazanov)

Сценарио: Емил Брагински (Emil Braginskiy)

Улоги: Алиса Фрејндлих, Андреј Мјагов, Светлана Немољаева (Alisa Freyndlikh, Andrey Myagkov, Svetlana Nemolyaeva)

Животот на целиот Завод за статистика ќе добие луд тек откако еден обичен работник, срамежлив маж, ќе се вљуби во својата директорка – строга жена.

Анатолиј Новоселцев работи во Заводот за статистика, чија директорка е непривлечна и строга жена. Неговиот стар пријател, Јуриј Самохвалов, кој ќе биде назначен за заменик-директор на Заводот, сака да го унапреди Новоселцев во шеф на одделот, но во тоа е попречен од страна на директорката Људмила Калугина. Јуриј му предложува на Новоселцев да ѝ се доворува на директорката, но поради иронија на судбината, Новоселцев и Калугина ќе се заљубат еден во друг.

26 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 17:00 ч.

НЕКОЛКУ ДЕНА ОД ЖИВОТОТ НА ОБЛОМОВ  

(Несколько дней из жизни И.И. Обломова/Oblomov) 

Игран филм, Русија

1980 г., 140 мин., колор, ДСП 

Режија: Никита Михалков (Nikita Mikhalkov)

Сценарио: Алексадар Адабашјан, Иван Гончаров (Aleksandr Adabashyan, Ivan Goncharov)  

Улоги: Олег Табаков, Јуриј Богатиров, Елена Соловеј (Oleg Tabakov, Yuriy Bogatyryov, Elena Solovey)

Санкт Петербург, средина на 19 век. Индолентниот и средовечен Обломов живее во станот со стариот слуга Захариј. Тој поголемиот дел од денот го преспива и мечтае за своето детство на родителскиот имот.

Неговиот пријател од детството, Штолц, сега веќе енергичен, успешен и деловен човек, го внесува Обломов во својот круг на пријатели секогаш кога престојува во градот. Животот на Обломов почнува да се менува кога Штолц ќе го запознае со Олга, убава и културна жена. Кога Штолц заминува на неколку месеци, Обломов изнајмува куќа во близина на Олга, и таа одлучува да го промени и да го претвори во друштвен и култивиран човек. Наскоро Олга и Обломов се вљубуваат, но тука е и Штолц.

26 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

ПАТ ЗА БЕРЛИН

(Дорога на Берлин/Road to Berlin)

Игран филм, Русија 

2015 г., 88 мин., колор, ДСП 

Режија: Сергеј Попов (Sergei Popov)

Сценарио: Емануел Казакевич, Евгениј Никишов (Emmanuil Kazakevich, Evgeniy Nikishov)

Улоги: Амир Абдикалов, Јуриј Борисов, Максим Демченко (Amir Abdykalov, Yuriy Borisov, Maksim Demchenko)

Летото 1942 година младиот службеник за комуникации е обвинет за кукавичлук и осуден на смрт со стрелање. Ненадејниот напад на Германците го одложува извршувањето на казната, па поради тоа осуденикот и неговиот стражар се принудени да побегнат. Додека се труди да го доведе осуденикот во штабот, се развива пријателство меѓу стражарот и неговиот заробеник, бидејќи и двајцата поминуваат низ неколку авантури и се борат против Германците.

27 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 18:00 ч.

СЕ ИЗДАВА КУЌА СО СИТЕ НЕУДОПСТВА

 (Сдаётся дом со всеми неудобствами)

Игран филм, Русија

2016, 91 мин., колор, ДСП

Режија: Вера Сторожева (Vera Storozheva)

Сценарио: Олга Попова, Вера Сторожева (Olga Popova, Vera Storozheva)

Улоги: Викторија Исакова, Ирина Пегова, Нина Дворжецкаја (Viktoriya Isakova, Irina Pegova, Nina Dvorzhetskaya)

Приказната на филмот се одвива на морскиот брег, каде што се наоѓа мала куќа што долго време била огласена за изнајмување. Итриот сопственик успева да им ја издаде на неколку семејства истовремено. Таму пристигнуваат сосем различни жени кои решиле да летуваат на море со своите деца. Тие воопшто не се слични една на друга и затоа често ќе запаѓаат во расправии. Приказната ќе добие пресврт кога од пловидба со брод ќе се врати вистинскиот сопственик на куќата. Морнарот не ни можел да претпостави дека човекот кому му ги доверил клучевите од куќата бил најобичен измамник…

28 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

ИСЧЕЗНАТА ИМПЕРИЈА

(Исчезнувшая империя/Vanished Empire)

Игран филм, Русија

 2008, 105 мин., колор, ДСП  

Режија: Карен Шахназаров (Karen Shakhnazarov)  

Сценарио: Евгениј Никишов, Сергеј Рокотов (Evgeniy Nikishov, Sergey Rokotov)  

Улоги: Александар Љапин, Лидија Миљузина, Егор Барановски (Aleksandr Lyapin, LidiyaMilyuzina, Egor Baronovskiy)  

Дејството се одвива во Москва во седумдесеттите години од минатиот век. Приказната е за љубовниот триаголник меѓу две момчиња и една девојка кои студираат на ист факултет и се соочуваат со првите разочарувања и победи.

Додека се зафатени со своите лични животи и љубови, ја пропуштаат претпоставката дека СССР, земјата во која се родени и живеат, наскоро ќе исчезне од политичката карта на светот.

Leave a comment