Месецот февруари отсекогаш бил резервиран за одржувањето на првиот европски „А“ фестивал, легендарното „Берлинале“, кое годинава слави прекрасен јубилеј, 70 години од постоењето. И за сè да биде во знакот на ексклузивното и прогресивното, фестивалот стартува нова страница од својата историја со две новини: првата е поместувањето на датумот на одржување од традиционалната втора недела – кон крајот од месецот (годинава од 20 февруари до 1 март, што делумно се должи и на раното одржување на Оскарите), но она што е поважно, фестивалот доби свежи сили во бордот по долгогодишното „владеење“ на г. Дитер Козлик, кој лани и официјално ја напушти функцијата директор на Берлинскиот фестивал. Карло Шатриан е новиот уметнички директор на Берлиналето, велат, одличен познавач на филмската историја, со долгогодишно искуство на влијателниот филмски фестивал во Локарно, додека Мариет Ризенбек е новата менаџерка која ќе се обиде да го крене фестивалот на повисоко ниво од досегашното. Таа е прва жена на чело на овој престижен фестивал. Да им посакаме успех!

 

Карло Шатриан и Мариет Ризенбек

Во присуство на видни гости, како министерката за култура и медиуми на Германија, Моника Гритерс, и секако, градоначалникот на Берлин, Мајкл Милер, 70. Берлинале ќе биде отворено вечерва со премиерата на филмот „My Salinger year“ на Филип Фалардо. Се очекува на црвениот килим пред Berlinale palast да зачекорат и актерите во овој филм – Сигурни Вивер, Маргарет Квејли, Даглас Бут… кои се дел од приказната за легендарниот писател Џером Селинџер, авторот на култниот роман „Игра во ‘ржта“ или „Ловец во житото“, како милувате.

Пред да се префрлам на филмовите во официјалната конкуренција на годинашното, јубилејно Берлинале, да потсетам дека на минатогодишното издание за прв пат имавме и македонски претставник во главната конкуренција, филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Митевска, кој иако не освои некоја од „мечките“ (ги доби Ecumenical prize и Guild film prize), сепак учеството на фестивалот претставуваше отскочна штица за филмот во понатамошните фестивалски променади ширум светот, каде освои безброј награди, а на крајот од 2019 година ја доби и „Лукс“ наградата од Европскиот парламент, како доказ за неговиот квалитет.

Годинава на фестивалот ќе се прикажат вкупно 340 филмови во различни селекции, а во трка за „Мечките“ ќе бидат 18 филмови од 18 различни кинематографии, што претставува вистински куриозитет. Еден од нив е документарен филм, а дури 16 од селектираните наслови ќе имаат официјална светска премиера токму на Берлиналето. Интересно, истата бројка фигурира како непознаница во однос на филмските автори застапени во официјалната селекција. Тоа се претежно имиња кои токму преку успехот на ваквите фестивали го бараат својот понатамошен пат под филмското сонце, што неретко и се случувало по освојувањето на некоја од наградите на Берлиналето. Единствени познати имиња со свои нови филмови во официјалната конкуренција се докажаната британска режисерка Сали Потер, во чиј нов филм насловен „The Roads Not Taken“ играат Хавиер Бардем, Ел Фанинг, Салма Хајек и Лора Лини, како и њујоршкиот ветеран Абел Ферара со своето ново остварување „Siberia“, во кое главната ролја повторно му ја доверува на Вилјем Дафо.

Но, општо познато е дека овој фестивал им дава шанса на неоткриените филмаџии, па така во последниве години почна да го бие глас дека наградените филмови не се баш оние најдобрите, кои биле во трка за наградите, алудирајќи на „контроверзноста поради контроверзност“ како единствен критериум кој го наметнува жирито. Се сеќаваме на „лудите“ победници од минатите изданија како „Touch Me Not“ на Адина Пинтили, или „Black Coal, Thin Ice“ на Диао Јинан. Затоа, баш ќе биде интересно да видиме што оваа година како најдобро меѓу понуденото ќе изберат членовите на интернационалното жири на чело со актерската величина Џереми Ајронс. Негови рамноправни колеги во гласањето се аргентинско/француската актерка Беренис Бежо, германската продуцентка Бетина Брокемпер, палестинската режисерка Анемари Јацир, американскиот сценарист и режисер Кенет Лонерган, италијанскиот актер Лука Маринели и бразилскиот „колега,“ филмскиот критичар Клебер Фиљо.

И другите програми на Берлиналето, особено „Панорама“, нудат возбудливи остварувања за гледачите, а организаторите не ги забораваат и филмските класици од немиот период, па така, годинава фокусот ќе биде ставен врз холивудскиот режисер Кинг Видор, и ќе бидат прикажани неколку негови реставрирани остварувања, на задоволство на вистинските филмски сладокусци. За прв пат годинава актерот Самуел Финци ќе биде домаќин на гала отворањето на фестивалот, кое вечерва ќе биде емитувано на каналот ZDF/3sat од 19.20, како и на стримот на официјалната фестивалска страна www.berlinale.de. Вклучете се 😉

Leave a comment