Болоња! Прво што ви паѓа напамет, освен шпагетите болоњезе, се разбира, е Болоњскиот универзитет, најстариот универзитет во континуитет во Европа, универзитет на кој своевремено се учеле и тројцата големи мајстори на италијанската литература: Данте, Петрарка и Бокачо, а кој и денес претставува вистински расадник на знаењето во Италија и цела Европа. Болоња е и градот во кој е роден Пјер Паоло Пазолини и градот кој Умберто Еко го одбра за свој дом.

Има Болоња и свој џез фестивал кој исто така не е за потценување, но, она што нас особено нè интересира е филмскиот фестивал во Болоња, фестивалот на новореставрирани филмови – „Ил чинема ритровато“ (Il cinema ritrovato), што би можело да се преведе како „Повторно откриени филмови“.

И навистина е така! Имено, на овој фестивал публиката веќе 33 години по ред има можност да се сретне со новореставрирани филмови од сите жанри и епохи, од сите земји и континенти, или како што би рекле Италијанците, со филмови од „сите бои“ (di tutti colori).

Годинава фестивалот што го организира Кинотеката на Болоња, покрај огромниот број придружни активности како продажба на филмска литература, ДВД и блуреј изданија итн., има повеќе од 400 проекции, во неколку кино сали, но и на отворен простор, што е негова специфика. Имено, отсекогаш најголемо внимание привлекувале проекциите што се одржуваат на главниот градски плоштад – Piazza maggiore.

Piazza maggiore

Годинава главна ѕвезда на фестивалот е славниот американски режисер, творецот на трилогијата „Кум“, но и на ред други култни остварувања – Френсис Форд Копола, кој прво ќе одржи предавање, а потоа, по прв пат во Европа ќе ја претстави новореставрираната верзија на неговото ремек-дело „Апокалипса денес“, во финална (final cut) верзија.

Копола на снимањето на „Апокалипса сега“

Покрај него, гостин на фестивалот е и новозеландската режисерка Џејн Кемпион, која, покрај предавањето што ќе го одржи, ќе ја претстави и реставрираната верзија на нејзиниот најпознат филм, што воедно ќе биде и финале на фестивалот – филмот „Пијано“. Тука се и големиот француски режисер, инаку голем пријател и чест гостин на фестивалот – Бертран Таверние и новата американска режисерска ѕвезда – Николас Виндинг Рефн и тоа во двојна улога – како презентер на неколку новореставрирани независни американски филмови од седумдесеттите, но и како режисер на играниот филм „Возење“ (Drive).

Фестивалот годинава ќе понуди и омаж на големиот италијански актер и писател Едуардо де Филипо, но и на француската актерска икона Жан Габен, како и на една од дивите на немиот филм, француската актерка Мусидора. По повод стогодишнината од раѓањето на големиот Федерико Фелини ќе бидат прикажани три негови помалку познати остварувања: „Кловнови“, „Рим“ и „Белешките на еден режисер“, како и низа предавања, но и долгата верзија на документарниот филм на Гидеон Бахман за Фелини. Не се заборавени ни големите имиња на американскиот нем филм – Чарли Чаплин и Бастер Кинот, чии ремек-дела „Циркус“ и „Камерман“ ќе бидат прикажани со соодветна музичка придружба во живо.

Фестивалот нуди и содржини за најмладите, како и за најтврдокорните архивисти кои ќе имаат можност да проследат филмски материјали снимени во 1899 година, но и во 1919 година, пред точно сто години, како и ред други алтернативни програми.

И, што друго да се каже во овој воведен допис од Болоња освен она што од досега напишаното веќе можеше да се заклучи – дека фестивалот „Ил чинема ритровато“ во Болоња е вистински рај за филмофилите!

(продолжува подетално во следните дописи)

 

Leave a comment