Градовите, во зависност од годишните времиња и количеството на загаденост споредено со зелените површини, можат да мирисаат различно. Тоа, за жал, многу добро го знаеме. Зградите, пак, немаат мирис, но се задолжителна „супстанца“ во тоа што се вика „мирис на историјата“ на еден град.

Во центарот на Софија, на простор со радиус од околу еден километар – со црквата „Александар Невски“ како своевидна централна точка – се наоѓаат речиси сите битни зданија кои го презентираат историско-политичко-општествено-економско-културниот идентитет на бугарската држава. Меѓу останатите зданија, повеќе или помалку спектакуларни со нивниот габарит и фасада, има дури 21 театар. А некаде на половина пат на таа патека пропратена со „мирисот на историјата“, од амблематскиот Народен театар „Иван Вазов“ до кино-салата „Одеон“ – неформалниот храм на филмофилите – се наоѓа Бугарската национална филмотека.

Минатата недела по долг период во Софија се одржа манифестација во слава на македонската кинематографија. „Неделата на македонскиот филм“ – организирана од Кинотеката на Македонија, Македонскиот културно-информативен центар во Софија и Бугарската национална филмотека, помогната од Министерството за култура на Македонија – колку што беше уникатна можност за промоција на поновата македонска кинематографија, толку беше и прилика за средба со колегите од бугарската кинотека. Или, со еден збор, со – пријателите.

Бугарската национална филмотека е сместена на улицата „Јосиф Гурко“, во една зграда/куќа со непретенциозен изглед, но со интересна историја. Изградена е пред повеќе од сто години, на почетокот на дваесеттиот век, од страна на богат трговец, кој ја оставил во наследство на градот, па подоцна имала неколкудецениска функција на болница, а од средината на минатиот век во неа е сместена филмотеката. Со нејзината историја и работење нè запознаваат Антонија Ковачева, директорка на Бугарската национална филмотека, и Росен Спасов, одговорен за меѓународна соработка.

Антонија Ковачева, директорка на Бугарската национална филмотека

Бугарската национална филмотека (БНФ) е основана по Втората светска војна, во 1948, а од 1959 е членка на Меѓународната асоцијација на филмските архиви (ФИАФ). Според обемот на филмскиот фонд – околу 15.000 наслови (од кои близу 10.000 се од националната кинематографија), со над 40.000 копии и 300.000 придружни материјали – БНФ спаѓа меѓу најбогатите кинотеки на Балканот, веднаш зад Југословенската кинотека во Белград. До пред некоја година БНФ го издаваше и специјализираното списание „Филм и време“ („Кино и време“).

По падот на комунизмот, Бугарската националната филмотека со соочила со проблеми околу депонирањето на филмското благо. Просториите каде што биле сместени материјалите од филмскиот архив во неколку градови во Бугарија биле денационализирани, па следело селење во нови простории, и тоа десетина пати, што БНФ го чинело многу средства, а неговите вработени многу нерви.

Денес филмскиот архив ги чува материјалите во депоа во Софија, Стара Загора и Белоградчик, а основната база во којашто се чува филмскиот фонд е во непосредна близина на филмскиот град „Бојана“. БНФ во наредниот период планира реставрација на нејзиното седиште на „Гурко“, како и доизградба на современо депо во кое треба да бидат складирани сите филмски материјали.

 

Антонија Ковачева, филмска критичарка и теоретичарка на филмот, е директорка на БНФ од 2013 година. Вели дека БНФ започнала со дигитализација на филмскиот фонд пред повеќе од една деценија.

„Тоа е моето омилено прашање, но, за каква дигитализација говориме? Во аудиовизуелното наследство има неколку видови дигитализација. Досега ние ги дигитализираме филмовите за научно истражување, според стандардните дефиниции, во ниска резолуција, практично за онлајн (стриминг) употреба. Во 2005 владата во два наврати ни одобри финансиски средства во вкупна сума од половина милон евра. Со тие средства најпрвин ги префрливме сите филмови од нитратна лента на ацетатна лента – и тие филмови сега се практично нови – во тогашната лабораторија на „Кодак“. Со вториот дел од средствата ги дигитализиравме останатите филмови во стандардна дефиниција. Јас лично овој процес не го сметам за вистинска дигитализација, и еве веќе пет години се обидуваме да (за)купиме сопствен систем за дигитализација. Нашиот проблем е и тоа што имаме огромен број филмови, па немаме сметка да ги дигитализираме вон нашата институција. Сумата којашто е потребна за квалитетна дигитализација на целокупниот бугарски филмски фонд надминува 2 милиони евра“, објаснува Ковачева.

Една од битните функции на БНФ е и прикажувачката дејност. Кинотечната сала „Одеон“ – поранешно кино „Дружба“, постои од 60-те години на минатиот век – е комплетно реновирана во модерен дизајн и со најнова технологија за прикажување во 2013, а има секојдневна филмска програма со по 5 наслови, или околу 1.500 проекции годишно. Иако од 2014 на раскрсницата на улиците „Васил Левски“ и „Патријарх Ефтимиј“, каде што се наоѓа киното „Одеон“, траат градежните работи на софиското метро и пристапот е сè уште малку отежнат, тоа не ја спречува публиката од најразлични генерации редовно и во голем број да присуствува на проекциите. Киното „Одеон“, заедно со уште три-четири други сали низ Софија, ја чуваат честа на арт-филмот, наспроти прикажувањето на комерцијалните хитови во дваесеттината кино-сали во неколку мултиплекси.

Киното „Одеон“ во Софија

Бугарската кинематографија минатата година забележила 22 долгометражни играни наслови, што е своевиден успех во споредба со некои минати години. Последниве две години поминале во знакот на донесувањето на новиот закон за филм, кој треба да им овозможи подобри услови на бугарските филмски творци.

Росен Спасов, филмски критичар, вели дека киното „Одеон“, покрај редовната програма, напролет, а посебно наесен, е пребукирано со фестивалски активности како панорами, ретроспективи и слично. Балканската натпреварувачка програма на Софискиот филмски фестивал секогаш се одржува во киното „Одеон“, па минатиот март тука беше овенчан со награда ИСЦЕЛИТЕЛ на Ѓорче Ставрески, филм со кој се отвори Неделата на македонскиот филм во Софија.

Росен Спасов

„Најбитното во креирањето на програмата во филмотечното кино „Одеон“ ни е балансот меѓу кинотечните наслови и новите арт-филмови. Тој баланс во програмата е потребен за да ја анимираме публиката од помладите генерации, кои се љубители на арт-филмовите, и за кинотечната програма. Секоја недела имаме омажи на значајни филмски режисери и актери, а речиси секогаш се пропратени и со изложби на пишувана документација, фотографии и пропаганден материјал“, вели Спасов.

Киното „Одеон“ во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век било и неформален „филмски универзитет“ за генерации и генерации филмофили и автори, кои израснале во ова кино со култните филмови од американската и европските кинематографии.

„Со појавата на интернетот, состојбите денес се изменети, па киното не е единственото место каде што се гледаат арт-филмови. Но, бевте сведоци колку млади луѓе доаѓаа во „Одеон“ за време на Неделата на македонскиот филм, љубопитни да видат нешто ново. Расте една нова генерација која се интересира за квалитетни филмови. И ние се трудиме да им го овозможиме тој увид, бидејќи тие млади луѓе потоа остануваат да гледаат и архивски филмови“, се надоврзува Ковачева.

Тоа е и мисија на Бугарската национална филмотека. Им посакуваме успех…

Стојан Синадинов

Leave a comment