Федерико Фелини (Federico Fellini, 20 јануари, 1920, Римини – 31 октомври, 1993, Рим) е еден од најпознатите италијански филмски режисери на 20 век со огромно влијание врз светската кинематографија.

Потекнува од средна класа, школуван во католички интернат. Како 18-годишник доаѓа во Фиренца да студира правни науки, но наскоро започнува да се занимава со карикатури, стрипови и новинарство. Не престанал до смртта.

Во 1939 се сели во Рим и повторно се запишува на факултет за да избегне служењето воен рок, бидејќи Втората светска војна е веќе започната. Следната година почнува да пишува текстови за филм и гегови. Првиот ангжман со поголем успех му е работата како косценарист и асистент на Роберто Роселини во периодот 1945-1946.

Во 1950 дебитира на филм како корежисер (со Алберто Латуада) на филмот „Светлините на вериетето“. Појавата на Фелини како автор кореспондира со појавата на новиот филмски бран неореализам на душата (познатиот неореализам дополнет сопсихолошко-морална тематика), и почнуваат да се редат насловите во неговата филмографија: „Белиот шеик“ (Lo sceicco blanco, 1952), „Безделници“ (I vitelloni, 1953), „Улица“ (La strada, 1954) – за последните два наслови ги добива првите големи награди последователно, „Сребрен лав“ во Венеција…

Фелини четири пати освојувал „оскар“ за најдобар странски филм – со „Улица“, „Ноќите на Кабирија“ (Le notti di Cabiria, 1957), 8½ (1963) и „Амаркорд“ Amarcord (1973) – а петтата позлатена статуетка на Академијата за филмски уметности и наука му е доделена за животно дело.

Светскиот филм, но и културата воопшто, ги задолжи со неколку наслови од неговата богата филмографија: „Сладок живот“ (La dolce vita, 1960, награда „Златна палма“), „Џулиета и духовите“ (Giulietta degli spiriti, 1965), „Сатирикон“ (Satyricon, 1969), „Рим“(Roma, 1972), „Градот на жените“ (La città delle donne, 1980), „Бродот плови“ (E la nave va, 1983).

Приватно – но и професионално – бескрајно врзан за неговата животна љубов, актерката Џулиета Масина (Giulietta Masina).

Кинотеката оваа пролет подготвува циклус со некои од неговите незаборавни филмски ремек-дела како омаж на стогодишнината од неговото раѓање.

 

Leave a comment