Во кино „Агими“, Тирана, а во соработка со Архивот на Албанија, се прикажуваа следните филмови: ДАЕ и СРЕЌНА НОВА 49 на Столе Попов, ГОСПОД ПОСТОИ, ИМЕТО И Е ПЕТРУНИЈА на Теона Митевска, ПРЕД ДОЖДОТ на Милчо Манчевски и филмските материјали на БРАЌА МАНАКИ, првите сниматели на Балканот. Проектот траеше од 14 ноември до 17 ноември 2019 год.

На секоја од проекциите имаше значителна публика која се состоеше од филмски влубеници, потоа студенти, режисери и разни лица и работници од филмската област. Пред и после проекциите имаше прашања на кои одговорав како филмолог при Кинотека на Северна Македонија, а додека траеше проекцијата на филмските материјали на Браќата Манаки во траење од еден час, ги коментирав цело време кадрите како наратор во „офф“ тон, со посебен акцент врз историскиот аспект, начинот на снимање, местата, личностите и настаните.

Воспоставивме контакти од кои произлегоа и други плодни идеи и контакти со светски личности како со госпоѓата Ирис Елези, директор на Архивот и режисер на бројни филмови, господинот Томас Логореци, писател и сценарист на многубројни филмови, добитници на престижни награди. Потоа со режисери и сценаристи кои имаат реализирани копродукции со Македонија, и се договоривме за предавање на копии кои би ја збогатиле архивата на Кинотека на Северна Македонија.

Ни беше укажана посебна чест и упатена голема благодарност до Кинотека на Северна Македонија за реализираните проекции во Тирана, со надеж дека соработката ќе продолжи и во други домени кои ги засегаат нашите професионални преокупации.

Арсим Лесковица

Leave a comment