Со проекцијата на играниот филм ТАТКО (Babai / Father) во режија на Висар Морина (Visar Morina), според негово сценарио, и со Вал Малоку, Астрит Кабаши, Адриана Матоши (Val Maloku, Astrit Kabashi, Adriana Matoshi) во главните улоги, синоќа во Кинотеката на Македонија започна Неделата на косовскиот филм.

Владимир Ангелов, Гани Мехметај и Ѓерѓ Дедај

На присутните им се обратија Владимир Ангелов, директор на Кинотеката на Македонија, и Гани Мехметај, унивеверзитетскипрофесор и директор на „Косовафилм“ од Приштина, На почетокот на Неделата на косовскиот филм беше присутен и Н.Е. амбасадор на Косово во Македонија Ѓерѓ Дедај.

По проекцијата на филмот публиката имаше можност да поставува му прашања на Вал Малоку, детето кое ја одигра главната улога во ТАТКО на исклучителен начин. Талентираниот Малоку потејнува од актерско семејство.

Во наредните денови публиката ќе има можност да ги погледне следниве наслови:

20 ДЕКЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

ХЕРОЈОТ

(Heroi / The Hero)

Игран филм, Косово

2014 г., 106 мин., колор, ДСП

Режија: Луан Криезиу (Luan Kryeziu)

Сценарио: Луан Криезиу (Luan Kryeziu)
Улоги: Арбен Бајрактарај, Адриана Морина, Чун Лајчи, Салахудин Билал, Енвер Петровци, Џеми Ага (Arben Bajraktaraj, Adriana Morina, Çun Lajçi, Salahudin Bilal, Enver Petrovci, Xhemi Aga)

За време на косовската војна, едно село е опкружено со непријателски војници. „Херојот“, со помош на двајца постари војници, му го одвлекува вниманието на непријателот, доволно долго за селаните да побегнат и да се спасат. Војната завршува, но овој херој не може да воспостави врска со средината и новонастанатите општествени и политичко-економски промени. Љубовта, искреноста, чесноста, семејството – односот кон овие некогаш вреднувани поими се менува од корен. Други луѓе, без заслуги во војната, сега решаваат за судбината на херојот и за правецот во кој новото повоено општество се движи. Филмот ХЕРОЈ го следи бавното пропаѓање на вистинскиот „херој“.

21 ДЕКЕМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

ТРИ ПРОЗОРИ И ЕДНО БЕСЕЊЕ

(Tri dritare dhe nje varje / Three Windows And A Hanging)

Игран филм, Косово

2014 г., 94 мин., колор, ДСП

Режија: Иса Ќосја (Isa Qosja)

Сценарио: Зумбер Келменди (Zymber Kelmendi)

Улоги: Ирена Цахани, Луан Јаха, Донат Ќосја (Irena Cahani , Luan Jaha, Donat Qosja)

Во едно традицинално косовско село, по војната кога луѓето одново ги градат своите животи, учителката Луше во свое интервју дадено за странски новинар открива дека таа и три други жени од селото биле силувани од српските војници.

Кога мажите во селото ќе дознаат дека Луше е таа што разговарала со новинарот, ќе се свртат против неа и нејзиниот син. Се прашуваат и кои се другите три силувани жени. Секој се сомнева во сопствената сопруга. Сета таа непријатна ситуација е диригирана и од селскиот старешина, кој ги тера мажите да покажат сила, а не разбирање за жените во селото.

Сопругот на Луше, Илир, кој долго време бил воен заробеник, најпосле се враќа во селото. Неговите соселани веднаш од него бараат тој да заземе страна, да ја осуди сопствената сопруга, да ја напушти. Дали напатениот Илир ќе биде гласот на разумот во селото или и тој ќе попушти пред здруженото осудување типично за родово поделената средина?

22 ДЕКЕМВРИ (САБОТА), 20:00 ч.

НЕПОЖЕЛНИ

(T’padashtun / Unwanted)

Игран филм, Косово

2017 г., 85 мин., колор, ДСП

Режија: Едон Ризваноли (Edon Rizvanolli)

Сценарио: Едон Ризваноли (Edon Rizvanolli)

Улоги: Адриана Матоши, Јасон де Ридер, Ники Веркар (Adriana Matoshi, Jason de Ridder, Niki Verkaar)

Албан и мајка му Зана живеат во Холандија. Тој се чувствува како отпадник од општеството и се обидува да го најде своето место под сонцето, обично преку тепачки и конфронтации со своите врсници. Таа, пак, сè уште живее со траумите од војната во Косово, и целосно е посветена на работата и прехранувањето на семејството.

Албан ќе се запознае со Ана и лудо ќе се вљуби во неа, но кога мајка му ќе дознае дека девојката има српско потекло, силно ќе се спротивстави на врската. Набргу потоа Зана ќе разбере дека мајка ѝ починала, и заедно со Албан ќе заминат за Косово, за да присуствуваат на погребот. Тука Албан ќе се соочи со реалноста на својата мајка – неговиот дедо, таткото на Зана, ќе ги избрка од дома и ќе им каже дека се непожелни.

Повторно во Холандија, Зана ќе се обиде да се соземе, да ја прифати својата состојба, новата средина и да се помири со новиот живот далеку од дома, па дури и со врската на синот. Една случајна средба повторно ќе ја врати во болното минато, а Албан ќе разбере што точно се случило со неа и зошто денес живеат далеку од семејството.

23 ДЕКЕМВРИ (НЕДЕЛА), 19:00 ч.

ДОМЕ СЛАТКИ ДОМЕ

(Shtëpi e ëmbla shtëpi / Home sweet home)

Игран филм, Косово / Македонија

2016 г., 90 мин., колор, ДСП

Режија: Фатон Бајрактари (Faton Bajraktari)

Сценарио: Зумбер Келменди Zymber Kelmendi)

Улоги: Донат Ќосја, Арта Мучај, Шкумбин Истрефи, Леа Ќосја, Сусан Мустафов, Албин Бајрактари (Donat Qosja, Arta Muçaj, Shkumbin Istrefi, Lea Qosja, Susan Mustafov, Albin Bajraktari)

По војната Агрон долго време го сметале за исчезнат. Другарите соборци го виделе како умира, но потоа не знаат што се случило со него или неговото тело. Сепак, една вечер тој се појавува дома, а неговото семејство е пријатно изненадено, но и шокирано и збунето. Среќни се што е жив и здрав, но… Како сега да им го објаснат на другите неговото враќање?

Многу проекти во селото се реализирани во чест на неговата „херојска смрт“. Многу луѓе профитирале од тие проекти, а и неговото семејство прима финансиска помош – како семејство на паднат борец! – и уште има и подигнато кредит во име на тие средства. Во оваа траги-комична ситуација, Агрон е исправен пред две решенија – да излезе пред сите и да докаже дека е жив или да се крие и сочека проектите да завршат, а и кредитот да се исплати.

Времето минува, Агрон се крие дома, а во училиштето кое го носи неговото име се подига негов споменик. Агрон е сè повеќе збунет и изгубен.

23 ДЕКЕМВРИ (НЕДЕЛА), 21:00 ч.

ЕХО

(Eho / Echo)

Игран филм, Косово / Германија

2016 г., 93 мин., колор, ДСП

Режија: Дрен Жерка (Dren Zherka)

Сценарио: Дрен Жерка (Dren Zherka)

Улоги: Клара Хофелс, Селман Јусуфи (Klara Hofels, Selman Jusufi)

Хана во Германија започнува да ја истражува смртта на еден нелегален имигрант, но патем ја открива сопствената осаменост и длабоката тага вкоренета во нејзиниот живот. Илир во Косово, пак, се соочува со тоа што го изгубил во животот. Ниту очекува да добие помош од другите, иако изгубил сè за што се борел и работел во животот. Тој веќе ги изгубил сопругата и ќерката во војната, а нивното присуство сè уште го чувствува во полуопожарената куќа во која живее. A сега, го изгуби и синот.

Во Германија, Хана се обидува да сочувствува со семејството на младиот човек, притоа чувствувајќи одгромна вина. Пополека открива многу нешта за животот на младиот човек во Германија.

Двајцата се во поодминати години, не се познаваат лично, но нивните преиспитувања, истражувања, размислувања се насочени кон животот и смртта на еден млад човек.

Leave a comment