На иницијатива и во организација на Друштвото на Филмски Работници на Македонија, годинава за прв пат ќе се одржи филмската ревија „Златна рамка“, која ќе претставува увид и приказ на реализираните македонски филмови во изминатата календарска година. Од 22 до 24 февруари во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ) публиката ќе има можност да ги погледне новите остварувања во македонската кинематографија, а филмските професионалци ќе можат да разменат мислења и искуства за нивната работа.

На првото издание на ревијалните денови на македонски филм „Златна рамка“ под мотото „Влези во наш филм“ ќе бидат прикажани вкупно 25 наслови во три програмски целини. На 23.02.2019 (сабота) ќе ДФРМ ќе додели почесни награди за филмските професионалци- за најдобар филмски автор, филмски актер и филмски работник. Ревијата „Златна рамка“ не е од комерцијален карактер и проекциите ќе бидат бесплатни.

На сите креaтивни остварувања, а особено на филмот кој претставува најкомплексна уметност потребна му е поддршката од својата публика. „Златна рамка“ се создаде поради фактот што најголем број на домашните филмови не се прикажуваат на редовен репертоар во кино салите и ова е одлична можност да се претстават пред нашата публика. Ваквиот начин на ревијално претставување на националната кинематографија се практикува насекаде во светот и е дел од поддршката и едукацијата на домашната публика за сопствената кинематографија. Исто така, публиката ќе има можност да ги проследи филмовите заедно со дел од авторите кои ги создале и да учествува во дискусиите што се предвидени после секоја програма.

Во делот на работната програма на „Златна рамка“ е предвидено да се одржи презентација на МЕДИА деск Македонија во МКЦ. Филмаџиите ќе можат да се запознаат со начините и можностите за аплицирање во овие фондови, како и Тркалезна маса на тема „Нема кинематографија без филмска критика“, модерирана од страна на уметничкиот координатор на „Златна рамка“, новинар и истражувач на македонскиот филм, Ана Василевска.

Leave a comment