Изданија

Владата на Република Македонија  во 2011 година ја назначи Кинотеката на Македонија за одговорна институција за дигитализацијата на македонското филмско наследство.

Процесот на дигитализација и дигитална реставрација е доста обемен и сложен, и специфичен за секој проект посебно, но, воглавно ги содржи следните постапки: скенирање на сликата (најчесто негатив доколку е достапен) во 2К или 4К резолуција, а тонот, од магнетна лента или од негатив оптички тон, се префрла во дигитален формат. По скенирањето,стабилизацијата на сликата и автоматската корекција, сликата рачно се реставрира со дигитална постапка, при што се корегираат сите оштетувања, крацери и други гребнатинки.

Потоа се прави колор корекција на сликата на секој филм одделно, додека тонот се чисти и се корегира од шумовите кои настанале од физичко оштетување или од забот на времето. По завршената колор корекција, доколку има потреба, сликата повторно рачно се корегира. Така реставрираните слика и тон се спојуваат, и по направените контролни проекции, сите филмови се префрлаат на LTO ленти, за нивно архивирање, како и за изработка на нов дубл негатив и нови филмски копии.

Освен тоа, се изработуваат и DCP-а од секој наслов, за дигитално прикажување во кината, како и пониски видео формати.

Долгорочниот проект на дигитална реставрација Кинотеката го започна во 2011 година со дигитализацијата на филмскиот опус на Столе Попов. Беа дигитализирани и дигитално реставрирани 4 играни и 3 документарни филмови, во вкупна должина од 17.810 метри, 35 мм. филмска лента. Процесот заврши во 2012 година по што, истата година, беше објавено и ДВД издание со дигитално реставрираните филмови.

Во 2012 година беше дигитализиран и дигитално реставриран целокупниот опус снимен од браќата Манаки во вкупна должина од 1.800 метри на 35 мм. филмска лента. Во 2013 година беше издадено ДВД со нивните дигитално реставрирани филмови.

Во 2013 година Кинотеката го дигитализираше и дигитално го реставрираше документарниот филм „Македонија во слики“ на Арсениј Јовков, снимен 1923 година, во должина од 400 метри, од 35 мм. филмска лента.

Во 2014 година беа преземени два проекта за дигитализација и дигитална реставрација на македонското филмско наследство. Првиот проект беше дигитализација на филмскиот опус на режисерот Љубиша Георгиевски, и тоа 4 играни и 3 кратки филмови во вкупна должина од 10.030 метри, на 35 мм. филмска лента. И од овој проект, како и претходните, беа издадени ДВД-а со дигитализираните филмови на Љубиша Георгиевски.

Вториот проект, кој Кинотеката го реализираше во соработка со Друштвото на филмски професионалци на Македонија, беше дигитализирањето на четирите играни филмови на Милчо Манчевски, проект кој беше завршен во почетокот на 2015 година.

Во 2017 година, при што беа дигитализирани и дигитално реставрирани шесте играни филмови на режисерот Бранко Гапо, кои потоа беа публикувани како ДВД издание.

Кинотеката на Македонија продолжува со дигитализацијата на богатиот аудиовизуелен материјал што го поседува, со што ќе се овозможи и ќе се поттикне широка достапност и презентација на културното наследство на Република Македонија. Во 2018 година ќе бидат дигитализирани и дигитално реставрирани играните филмови на Кирил Ценевски.