„Уставот на некоја земја може да биде напишан како приказна со најдобрите човекови намери, но во реалноста да не биде така. Затоа авторот може и мора да направи љубовна приказна за омразата, вели режисерот од најдобрите  традиции на Прашката школа, откривајќи и зошто е вљубен во Охрид“

За мајсторите на актерската игра обично велат дека публиката ги слуша со подотворена уста дури и кога рецитираат телефонски именик. Рајко Грлиќ не е актер, но како филмски режисер е толку умешен со нив што, ете, го режираше „Уставот на Република Хрватска“.

Секако, станува збор за филм со тој необичен наслов, но сепак на некој начин инспириран од реалниот Устав на Република Хрватска. Грлиќ и сценаристот Анте Томиќ, популарен коментатор и колумнист, својата трета заедничка соработка („Караула“ во 2006 година и „Нека остане меѓу нас“ во 2010 година) ја базираат врз сознанието дека параграфите на хрватскиот устав се четиво полно со љубов и добрина, но општеството кое почива на тој устав е полно со омраза. Затоа и поднасловот на филмот е „Љубовна приказна за омразата“.

„Устав на Република Хрватска“ говори за еден хрватски професор­националист (го игра српскиот актер Небојша Глоговац), кој во интимните моменти е трансвестит, преоблекувајќи се во женска облека, и неговиот сосед, полицаец од српска националност (Дејан Аќимовиќ), кој за да ја задржи службата мора да положи еден вид државен испит од познавањето на Уставот. Професорот е претепан од група млади патриоти, за кои „педерисувањето“ воопшто не е патриотски чин, па го негуваат полицаецот и неговата жена (Ксенија Маринковиќ). И тука паѓа договорот професорот да му помогне на полицаецот да го совлада испитното градиво, па двете малцинства – сексуално и национално – меѓусебно подобро се запознаваат…

НАЈДРАГИ СОРАБОТНИЦИ

„Устав на Република Хрватска“ е единаесетти долгометражен авторски филм на Грлиќ и неодамна ја освои главната награда на фестивалот во Монтреал, Канада (единствен фестивал од „А“ категорија на северноамериканска почва), а во него партиципираат и македонскиот копродуцент Дејан Милошевски, композиторот Дуке Бојаџиев, а во една од споредните улоги настапува и Јелена Јованова.

Рајко Грлиќ (горе) со актерите Ксенија Маринковиќ, Небојша Глоговац и Дејан Аќимовиќ на сетот на „Устав на Република Хрватска“

Грлиќ , изданок на познатата Прашка школа од шеесеттите години на минатиот век (заедно со Срѓан Карановиќ, Горан Марковиќ и Лордан Зафрановиќ, а подоцна и Горан Паскаљевиќ, Емир Кустурица…), е познат како режисер кој, освен трите сценаристички соработки со Томиќ, често подолгорочно се врзува за одредени соработници. Во седумдесеттите и осумдесеттите години тоа беа Срѓан Карановиќ, режисер со кого сработија неколку одлични заеднички филмови и ТВ серии, потоа Алекс Кенигсмарк, писателката Дубравка Угрешиќ… Дали изборот е по принципот на сличноста, или, пак, на различноста на карактерите?

– Со Томиќ заедно ги пишувавме сценаријата за „Устав на Република Хрватска“ и „Нека остане меѓу нас“, додека, пак, „Караула“ е направена по мотивите на неговиот претходно објавен роман. Заедно напишавме уште едно сценарио, „Чудото во Поскокова Драга“, велат дека тоа е најкомерцијалното сценарио што некогаш сме го напишале, но не најдовме пари за снимање на тој филм. Ние сме мали кинематографии и тешко можеме да правиме комплицирани филмови. А кога таквите проекти се комедии, и тоа на некој мал јазик како хрватскиот, многу е тешко, речиси невозможно, за него да се најдат пари во Европа. Но, да се вратам на прашањето за сценаријата. Соработката со Срѓан Карановиќ се случи некако природно, бевме цимери за време на студиите во Прага, пријатели, кумови, знаевме заедно да си играме со разни идеи, и така некако, без многу договарање, го направивме сценариото за неговиот прв филм, „Друштвена игра“ – раскажува Грлиќ.

Грлиќ и сценаристот Анте Томиќ на сетот на „Устав на Република Хрватска“

Со тој филм стигнале и на програмата на фестивалот во Кан, заедно ги пишувале сценаријата за три филма на Грлиќ и три на Карановиќ, како и за популарната евергрин­серија „Грлом у јагоде“ на Карановиќ, чиј наслов кај нас своевремено беше адаптиран во „Бос по трње“.

– Но и кога престанавме заедно да пишуваме сценарија, до ден­денес си ги читаме сите верзии на сценаријата еден на друг и си праќаме груби забелешки на тони. Чешкиот писател Кенигсмарк, денес покоен, ми беше добар пријател, ученик на Милан Кундера, и тој имаше прекрасно чувство за иронија, а на нашите „балкански“ приказни гледаше со добродушна отстапка. Покојниот Иво Кушан, со кого го пишувавме сценариото за „Чаруга“, е најпознатиот хрватски писател за деца. Со големите писатели, како што се покојниот Борислав Пекиќ и Дубравка Угрешиќ, работевме на сценаријата кои произлегоа од нивните романи. А од „Караула“ до денес, речиси 12 години сум во „сценаристички брак“ со Томиќ, млад, духовит, и во таа духовитост прилично жесток писател. Ние сме толку различни што сè уште му се радуваме еден на друг. Како што гледате, ова е еден голем телефонски именик во кој има многу имиња кои веќе не се јавуваат. Така изгледа однадвор, а за мене тоа се прекрасни години на дружење и игра со мудри и весели луѓе. Бесконечно драгоцени парчиња од животот.

Загрепскиот домашен универзитет Грлиќ’ беше најсериозната школа во којашто некогаш сум учел. Затоа е и прилично нормално моите приказни да имаат мирис и ‘историско искуство’ од тоа семејство.

Насловот на неговиот најнов филм прилично збунува на прв поглед, како намерна провокација за гледачите, а сигурно и за политичарите. Грлиќ вели дека хрватскиот устав е една прекрасна, речиси лирска книга за тоа дека сите би требало да бидат толерантни, внимателни и обѕирни кон луѓето покрај себе, и тој е врховно правило за животот на една заедница.

– А бидејќи тешко може да се каже дека таа заедница живее токму според тие правила, се одлучивме да раскажеме приказна за разликата меѓу замисленото и реалното. За книгата која сите ја спомнуваат, а која многу малку луѓе ја имаат прочитано. Но покрај овој сувопарен, речиси чиновнички наслов, филмот има уште почуден поднаслов, „Љубовна приказна за омразата“ објаснува Грлиќ.

СЕМЕЈНО „НАСЛЕДСТВО“

Благиот еротизам и критиката на општеството во „Уставот на публиката хрватска“ – како што критичарот Ивица Иванишевиќ си поигра со насловот – е продолжената нишка која се провлекува во речиси сите филмови на Грлиќ. Неговиот колега Горан Марковиќ во книгата „Прашката школа не постои“ ја дефинираше оваа школа како снимање филмови за малите луѓе фрлени во вителот на големите политички, социјални и историски идеи.

– Можеби Горан е во право. Нешто слично ми говори и Анте Томиќ, тоа дека ние страшно долго ги градиме ликовите, па кога конечно изгледаат како тридимензионални луѓе, ги фрламе во мрачната бездна на реалноста, а потоа, со помош на приказната, макотрпно повторно ги враќаме на светлината на денот. И, да, тоа се главно приказни за губитници. Победниците, луѓето од насловните страници, покрај себе секогаш имаат толпа која раскажува за нив. Раскажувачите на филмските приказни повеќе им се потребни на оние за кои малку се говори, оние што одвај ги забележуваме – смета Грлиќ.

Грлиќ (лево) и Срѓан Карановиќ на фестивалот во Кан 1978

Пред 6 години во САД беше објавена книгата „Филмовите на Рајко Грлиќ – Филмови за љубовта, сексот, револуцијата, војната и останатите последични нешта“, подготвена од американската критичарка Рут Бредли, која уште во насловот сосем концизно ја опфаќа кариерата на Грлиќ. Но, сакајќи да загребеме подлабоко во неговата биографија, го прашуваме колку во неговите филмови внел од политичко­историското „семејно богатство“: татко му Данко беше универзитетски професор по филозофија, припадник на групата околу авангардното левичарско списание „Праксис“, а мајка му Ева Израел, Втората светска војна ја минала како партизанка…

– Мајка ми е носител на орден за храброст, била во Дрвар за време на седмата офанзива, на островот Вис, со Првата пролетерска бригада го ослободувала Белград. Да, тоа „семејно богатство“, без разлика дали сме свесни за тоа или не, нѐ обликува во младоста, во семејството. Јас дури верувам дека „загрепскиот домашен универзитет Грлиќ“ беше најсериозната школа во која што некогаш сум учел. Затоа е и прилично нормално моите приказни да имаат мирис и „историско искуство“ од тоа семејство – гордо вели Грлиќ.

МОЛЧЕЛИВА ТОЛПА

Историјата на овие простори некако не им дава мирно време ниту на вторите генерации на семејствата, па Грлиќ за време на владеењето на Фрањо Туѓман во деведесеттите ја напушти Хрватска и отиде во САД, каде што денес е еден од најеминентните професори на Универзитетот во Охајо. Неговото повторно враќање во Хрватска на почетокот на векот беше обележано со документарецот за туѓманизмот „Ново, ново време“, а беше и продуцент на „Среќно дете“ на Игор Мирковиќ, популарен музички документарец за некогашниот нов бран во хрватскиот рокенрол. Треба ли денес сè уште да додаваме ново во времето бидејќи повторно и повторно се враќаме во старите мрачни и ни малку среќни времиња?

Слободан Трниниќ, кинематографер, Грлиќ и Иво Хушњак, сценограф на сетот на „Нека остане меѓу нас“ (од лево на десно)

– Јас си отидов бидејќи дозата на омразата и националистичкиот фанатизам беше претерана дури и за мојот издржлив желудник. Последнава година, за жал, во Хрватска се случи не само повторување на тој фанатизам, туку отиде и чекор понатаму. Но, истовремено се случи и граѓански отпор: пет илјади уметници и културни работници, а повеќето од нив зависат од финансиите од Министерството за култура, храбро потпишаа апел за смена на Златко Хасанбеговиќ, човекот кој по грешка на природата и општеството се најде на министерското место. И успеавме да го исфрлиме од тоа седло. Истовремено на улиците на Загреб излегоа педесетина илјади луѓе кои не се согласуваа црквата да им ја крои образовната програма и да им ги враќа децата назад во средниот век. Не успеаја во тоа, но покажаа дека веќе не се молчелива граѓанска толпа наменета за политички колеж – објаснува Грлиќ.

Најважно за мене, Карановиќ, Марковиќ и Зафрановиќ е што останавме пријатели, и никакви политики, фестивали и пари не успеаја да нѐ раскараат. А тоа во нашата професија е редок случај.

Неговата генерација од Прашката школа меѓусебно соработуваше во десетина филмови и ТВ-серии. Генерацискиот настап на младите филмаџии можеби носи предност, но колку Грлиќ, Карановиќ, Марковиќ и Зафрановиќ низ животот и филмот оделе како „боси по трње“?

– Мислам дека ние ја минавме нашата делница од филмскиот пат чесно и со дигната глава, а сега, повеќе или помалку, сме на нејзиниот завршеток. Најважно за нас како луѓе е што останавме пријатели. Никакви политики, фестивали, пари и сè останато не успеа да нѐ раскара. А тоа во нашата професија е редок случај – смета Грлиќ.

СОВЕТИТЕ НА ВЕТЕРАНОТ

Освен прашката нишка, кај Грлиќ не може да не се забележи честата соработка со актерите Мики Манојловиќ, Ксенија Маринковиќ, Дејан Аќимовиќ, потоа со снимателите Слободан Трниниќ, Томислав Пинтер, монтажерот Андрија Зафрановиќ… Но, како би изгледал неговиот идеален тим на соработници?

– Мислам дека се случи некој вид дрим-тим токму за „Устав на Република Хрватска“. Филмот ги имаше младоста и енергијата на снимателот Бранко Линта и композиторот Дуке Бојаџиев, актерското умеење на Глоговац, Аќимовиќ и Маринковиќ, духовитата мудрост на Томиќ и големото знаење и мирнотијата на монтажерот Зафрановиќ. Со вакви мајстори и полош режисер од мене би направил добар филм – дециден е Грлиќ.

На Грлиќ, секако, треба да му се верува. Ценетиот професор на Универзитетот во Охајо има издадено и цеде „Како да направите сопствен филм: Интерактивна филмска школа“, основач е на Имагинарната филмска академија во Грожњан (Истра) и во Атенс (Охајо), фестивалот во Мотовун, постојано го спојува искуството со енергијата на младите филмаџии…

– Често држам мастер-класови на кои ангажирам неколку студенти и заедно правиме филм. Некогаш тој процес трае година-две, некогаш и повеќе. Годинава правам документарец со четворица студенти кои доаѓаат од различни страни на светот – Иран, Турција, Колумбија и САД – и секој од нив ќе режира етапа од долгометражна сторија. Јас ги мачам, ги малтретирам, а за возврат го делам моето искуство со нив. Им давам од наслагите на мојата старост, а од нив ја црпам младоста. Така откривам еден свет на денешнината, за мене непознат, и благодарејќи на тоа живеам во уверувањето дека сè уште не сум ‘рѓосал – вели Грлиќ.

НИКАДЕ КАКО ОХРИД

А токму тој почнал да снима аматерски филмови уште како средношколец, се занимавал и со телевизиско новинарство, театарска глума, студирал филозофија, потоа отишол на прашката ФАМУ, но веќе по првите професионални филмови почнал да предава на загрепската филмска академија. Колку комбинацијата од формалното академско и неформалното образование е добар совет за неговите студенти?

– Им потенцирам да бидат чесни кон приказните кои ги раскажуваат и да ги раскажуваат само ако многу држат до нив. Да ги обликуваат така како што бараат приказните, а не како што мислат дека приказните треба да изгледаат. Накусо – да не подлегнуваат на модата и трендовите, да не копнеат по лесни поени. Филмот е маратон и победата на сто метри во таа дисциплина ништо не значи – гласат неговите совети.

Кинематограферот Слободан Трниниќ и Грлиќ на снимањето на „Караула“ во Охрид

Пред десет години Грлиќ го снимаше „Караула“ во Македонија, со копродуценти од речиси сите поранешни ју држави, „националниот состав“ на соработниците е мешан и во неговиот нов филм. Пред четврт век ги имаше покојниот Ненад Стојановски и Петар Арсовски во „Чаруга“, а во меѓувреме сними и два филма на англиски јазик.

– Најудобно се чувствував во Охрид. Минав четири месеци снимајќи го „Караула“ и оттогаш постојано повторувам дека се сомневам дека некогаш ќе се чувствувам толку пријатно на снимање на некој филм. Најискрено! Бев опкружен со прекрасни луѓе, македонски продуцент беше Владимир Анастасов – Вац. Со Арсовски пријателувам и работам од раните осумдесетти години. Кога некој би ме прашал што е Македонија, јас би одговорил – тоа ти е Петар Арсовски. Голема душа од човек. Томиќ и јас специјално пишувавме улога за него во „Караула“. Со виртуозот Влатко Стефановски работевме на „За среќа се потребни тројца“ и оттогаш сум негов голем поклоник. Прекрасно соработувавме со Ненад Стојановски, и сè така по ред до „Устав на Република Хрватска“, кој е снимен со голема помош на Агенцијата за филм на Македонија и продуцентот Милошевски. Филм во кој се појавува преубавата Јелена Јованова, а талентираниот композитор Дуке Бојаџиев со неговата музика собира големи комплименти секаде каде што се прикажува – вели Грлиќ. За него филмот е „јавна работа“, додека пак животот е интимна категорија која секој пристоен човек се обидувам да ја заштити од „јавна употреба“.

– Моето семејство? Еве, да не речете дека сум целосно вон времето во кое сè е на продажба. Со сопругата Ана живееме на релација Америка – Хрватска, а во Хрватска претежно на Истра. Ќерката Олга и внуката живеат во Њујорк. Олга е дизајнер, арт директор во една од најголемите издавачки куќи во САД. Нејзината титула помпезно гласи вака – Creative director, St. Martin’s Griffin&Paperback, Executive art director, St. Martin’s. Прави насловни страници на книги, ужива во тоа и многу е успешна. Единствена жена која се пробила во тој елитен дизајнерски круг на њујоршките креативни директори – со задоволство вели Грлиќ.

Разговарал: Стојан Синадинов (Интервјуто првично е објавено во ноември 2016 во неделникот „Теа модерна“) 

Фотографии: rajkogrlic.com

ОМАЖОТ НА РАЈКО ГРЛИЌ Е НА ПРОГРАМАТА НА КИНОТЕКА ОД 31 МАЈ (ПЕТОК) ДО 4 ЈУНИ (ВТОРНИК) 

Leave a comment