На 5 август (среда), со почеток во 20:00 ч., на програмата на летното кино под отворено небо е македонскиот игран филм МИРНО ЛЕТО на Димитрие Османли.

Пред 60 години, или летото 1960 година Димитрие Рули Османли започнува да го снима филмот МИРНО ЛЕТО што значи дека следната година ќе го прославиме 60-тиот роденден на првата македонска филмска комедија. Дополнително, оваа година  филмот МИРНО ЛЕТО е на списокот филмови што дигитално ќе се реставрираат. Сите тие јубилеи и активности, покрај симболичниот наслов беа повод Кинотекатата да одлучи летното кино да се вика кино „Мирно лето“!

МИРНО ЛЕТО (1961) е еден од филмовите-меѓници во македонската кинематографија, со пионерски дух во многу сегменти: Димитрие Османли е првиот македонски филмски режисер, а МИРНО ЛЕТО е првата комедија во македонската кинематографија. Премиерата на филмот се одржала на 18 мај 1961 година во скопското кино „Култура“.

За време на проекцијата на МИРНО ЛЕТО ќе бидат и претставени неколку артефакти од инспирирани од филмот и неговиот автор – меѓу другото карикатури на Василије Попович Цицо и Дарко Марковиќ.

Димитрие Османли беше филмски, театарски и телевизиски режисер, сценарист и педагог. Роден во Битола. Во 1934 г., кога имал неполни 7 години, првпат го видел семејниот пријател чичо Манаки како ракува со некаква „чудна кутија“. „И така јас се инфицирав од подвижните слики. Моето основно училиште по филмска режија беше катадневно одење во кино“ – ќе си спомне Димитрие Османли. Основно и средно образование завршува во Битола. На 27 ноември 1944 г., Рули, заедно со уште неколкумина, ја положува аудицијата за актери во Народниот театар во Битола и на оваа сцена настапува речиси две години. Матурира во 1947 г. „И тогаш, како за среќа се расчу за отворањето на Висока филмска школа во Белград. Јас тајно напишав една молба…“ – ги продолжува Рули своите сеќавања. Студиите ги завршува во учебната 1952/1953 година со дипломската претстава „Ѓаволштините на Скапен“ од Молиер во Народниот театар во Битола. Со диплома на прв дипломиран македонски режисер се враќа во Македонија, овојпат во Скопје. По враќањето од студиите од Белград, Димитрие – Рули Османли ќе се најде во Вардар филм. Во 1956 г. Рули ќе ги реализира филмовите: ПРВА ИЗЛОЖБА НА ЈУГОСЛОВЕНСКИ ТУТУН, РАСПЛАМТЕНИ ФАКЕЛИ, а во ФИЛМСКИ РЕПОРТЕР БР. 4 ќе ја сними и првата филмска репортажа за Милтон Манаки. Постдипломски студии посетува во 1961/1962 година на надалеку познатиот Институт за високи кинематографски студии. „За време на праксата во студијата сместени во Булоњската Шума, се запознал и се дружел со Трифо и Годар и со сите кинематографски `младотурци`, во она време сѐ уште неафирмирани режисери и синеасти собрани околу легендарното синеастичко списание ФИЛМСКИ ТЕТРАТКИ“ – ќе пренесе во една пригода неговиот син Томислав Османли. Долги години работи како театарски, телевизиски и филмски режисер. Исто така бил и професор и прв декан на Факултетот за драмски уметности, каде што предавал актерска игра и има изведено четири генерации актери. Покрај четирите играни филмови, МИРНО ЛЕТО (1961), МЕМЕНТО (1967), ЖЕД (1971) и АНГЕЛИ НА ОТПАД (1995), има снимено петнаесетина документарни филмови меѓу кои најзначајни се ДВАНАЕСЕТТЕ ОД ПАПРАДНИК (1965), ДЕВОЈКИТЕ ОД МАЛИ (1963) и КЕЈ 13 НОЕМВРИ (1964), и повеќе од дваесет телевизиски остварувања од кои ги издвојуваме телевизиските серии ИЛИНДЕН (ТВ Скопје) и МОРАВА (ТВ Белград), телевизиските филмови СКОПСКИ СНОВИДЕНИЈА, ВРАЌАЊЕ ВО РАЈОТ, ЛУЃЕ И ПТИЦИ, телевизиските драми ДОМОТ НА МОЈОТ ТАТКО, ГОСПОЃИЦА ЈУЛИЈА, ЦРНЕ ВОЈВОДА, КУКЛА, телевизиските мјузикли 101 КИЛОМЕТАР и ВЕСЕЛАТА ДРУЖИНА. На полето на театарската уметност, неговиот придонес е исто така значаен, има режирано преку триесет и пет театарски претстави низ театрите во Македонија меѓу кои БОЛВА ВО УВО, претстава што 18 сезони беше изведувана во Драмскиот театар со повеќе од 350 (!) изведби. Автор е и на две книги на снимање кои се публикувани: ЕКСЕЛЕНЦИИ МИРНО и АНГЕЛИ НА ОТПАД. Бил иницијатор за востановување на Фестивалот на филмска камера во Битола, во повеќе наврати бил претседател на Друштвото на филмски работници на Македонија, бил потпретседател на Сојузот на филмските работници на Југославија, претседател на Сојузната комисија за филм…

„Тешко е од денешен аспект да се објасни, а особено на помладите генерации, колку големо внимание предизвика овој филм, со колку љубов и воодушевување беа посетувани неговите проекции во кината. Главното дејство се одигрува во Охрид, иако делови од филмот беа снимени и во Скопје. Во она мирно, тивко, предземјотресно Скопје, со својот тогашен неповторлив шарм и убавина, но и убавината и неповторливоста на Охрид, како копнеж и желба на поинаков начин да се доживеат летните денови и авантури. Иако во тие години бевме на тинејџерска возраст, низ Скопје се ширеа приказни на кои места е снимен филмот, во кои објекти, што потоа бевме да ги посетиме, да ги видиме одблиску, особено делови од палатата на Рубенови во паркот. Настапуваа врвни, во тоа време особено популарни актери, но врвни мајстори беа и камерманите (Љубе Петковски), сценографите (Диме Шумка), сценаристите (Фрида Филиповиќ), монтажерите (Маја Лазаров), сето тоа беше обединето под режисерската палка на Димитрие Османли и продуцентот „Вардар филм“. Внимание привлекуваше самиот жанр – комедија, но и артистите што оставија траен белег во филмската и во театарската историја. Но во филмот се појавува уште еден јунак што не смее да се заборави, и кој во дејството внесува посебен шарм: тоа е италијанскиот автомобил „фиат балила“, кој им помага на јунаците од филмот, но им прави и проблеми кога ќе се расипе…“, вака пишуваше за МИРНО ЛЕТО хроничарот и писател Данило Коцевски пред две години.

 

МИРНО ЛЕТО

Игран филм, Македонија

1961, 99 мин., црно-бел, 35 мм.

Режија: Димитрие Османли

Сценарио: Фрида Филиповиќ

Улоги: Љупка Џундева, Слободан Перовиќ, Мери Бошкова, Илија Милчин, Дарко Дамевски, Ацо Јовановски, Петре Прличко, Илија Џувалековски

Преку една доста едноставна приказна публиката се запознава не само со ликовите на филмот, туку и со идеја за менталитетот на еден народ. Околностите на животот доведуваат Заре и Мира преку летото да се преселат во Охрид на подолг престој, надевајќи се дека ќе најдат спокојство и бегство од неуморните очи и усти на нивното соседство. Но, нештата никогаш не се толку едноставни. Со доаѓањето на првиот гостин во Охрид се отвара портата и за други непоканети гости. Започнува бркотница и хаос, кои брачниот пар Мисевски никако да ги избегнат и да го достигнат долго посакуваниот мир…

Leave a comment