Професија-режисер е да знаеш да бараш нешто да се направи, а не да покажуваш како нешто се прави. Никогаш немој да ги учиш глумците како да глумат, снимателот како да снима… правило кое Ценевски го запамети од едно од предавањата на американскиот продуцент и сценарист Роберт Вајс.

Ценевски е самосвесен човек и уметник. Причините за својот креативен рез делумно ги наоѓа и кај себе, но и во некои објективни околности. Тој, го врза филмскиот „јазол“ за кој никогаш не го најде дамакловиот меч за да го пресече. Можеби оттаму е неговата понатамошна тивка резигнација, неговиот креативен пацифизам, неговата уметничка дефанзива. Тој буквално сам се избори да влезе во филмот, како аматер, во друштво со Окан, Карлос Феро, Илинденка Петрушева, Коле Малинов… со луѓето од својата генерација Стевче Ацевски, Зафир Хаџиманов, па подоцна како асистент во ТВ Скопје и асистент на белградскиот режисер Славољуб Стефановиќ Раваси, кога неговата ревносност и агилност Раваси ќе ја пофали со реченицата: „Ако ви се олку талентирани асистентите, какви ли ви се режисерите?“.

Но, со своите филмови Ценевски е бунтовник, бунтовност насочена не кон човекот или луѓето туку кон системите, кон прагмите и конвенциите. Неговите филмови се отпор кон рамките кои ја лимитираат уметноста и животот. Тоа го покажа во третирањето на поезијата и поетите на Струшките вечери. Веќе во тие документарни портрети и прилози Ценевски прави концептуален исчекор, користејќи декомпонирани и скратени форми, внесувајќи духовитост во здодевноста на симпозиумите кога поетите зборуваат на тема „Што е поезија“? А потоа на истата тема на плажа или во кафеана… и празните столици во салата за симпозиуми. А следното утро како се протегаат и проѕеваат на балконите на хотел Палас во Охрид, а во фон оди нивната поезија! А документарно ги портретираше струшките венцоносци Еуџенио Монтале, Леополд Сенгор, Хисни Дагларџа, Рафаел Алберти…

Во седумдесеттите се појавија филмовите „Пет лесни парчиња“ на Боб Рафаелсон, „Пци од слама“ на Сем Пекинпо“, „Американски војник“ на Фасбиндер, „Замка“ 22“ на Мајк Николс…време на суровост во филмовите. Заразата од филмовите кај Кирил продолжува. Тогаш почувствува дека од ова поднебје може да се изнедри филмска приказна за суровоста, жестокоста, поетиката, онака без резерви и скрупули. На неговото уметничко патешествие тоа ќе биде главниот курс.

Насловите на неговите филмови сликовито зборуваат за жанровската разноликост а тематска конзистентност. ЦРНО е бојата што е доминантна, ЈАДОТ е човековото проклетство, ОЛОВНО тежок е патот по животните коридори и ЈАЗОЛОТ како метафора на компликуваниот  свет во кој живееме. Таква е перцепцијата за душевната и физичката тескобност на режисерот Ценевски.

Пред речиси 20 години во една прилика ми рече: „Чувството за припадност на еден народ не можат да го градат политичарите. Нивна задача е да создаваат услови во кои тоа чувство ќе се гради.“ Неверојатна антиципација за актуелните превривања во Македонија. И ќе додаде: „Тие треба само доследно да ги применуваат инструментите кои се користат во цивилизираните држави, а со кои ќе го штитат идентитетот на една култура , наследството.“

Ценевски пред „Црно семе“ беше миленик. По „Јазол“ беше во немилост. Ама неговата оставштина го победи времето, ги фрли во заборав неговите опоненти и лицемери. Овој потег за дигитализација на четирите филмови на Кирил Ценевски е вистинскиот доказ за тоа. Уметноста едноставно не може да се уништи. Или како што Роберт Бресон омилениот лик на Ценевски вели: „Екранот нема лимит, нема рамка“. Во таа смисла, за Ценевски филмот е цивилизациски дијалог.

Уметноста на Ценевски едноставно не трпи ниту ламентирање ниту еуфорија. Таа е само силен аргумент и документ кој е постојана битка со кичот и невкусот. Чисто и вредно културно наследство.

И за крај, веројатно повеќето од вас ја знаат приказната зошто во „Црно семе“ нема музика. А се планираше. Првично да ја прави Теодоракис, па потоа Илија Пејовски. Сепак, конечното решение е на одјавната шпица да оди „Со маки сум се родила“. Но, откако на првата (затворена) проекција кај некои од присутните музиката предизвикала солзи, Ценевски е категоричен дека не сака на филмот да се плаче и го остава филмот без ниту една нота.

Музиката во „Црно семе“ ја правеа копачите, штурците, брановите и … тишината.

 

Leave a comment