Промоцијата на ДВД изданието со реставрираните играни филмови на Кирил Ценевски ЦРНО СЕМЕЈАДОЛОВНА БРИГАДА и ЈАЗОЛ се четирите дигитално реставрирани долгометражни играни филмови – беше уникатна прилика за средба со загрепската актерска со македонско потекло Костадинка Велковска. 

Костадинка Велковска веќе 50 години на театарската и филмската сцена. Настапувала во стотина театарски претстави и 30-тина филмови, ТВ филмови и ТВ серии. Родена во Скопје, кон крајот на 60-тите години од минатиот век заминала на студии по актерство на загрепската Драмска академија, каде што групата по актерска игра на македонски јазик ја водел бардот Илија Џувалековски. Колеги на студиите ѝ биле Емил Рубен, Славица Николовска-Спасова… Сепак, Велковска по завршување на првата година преминала на студии по актерство во домицилната група на загрепската Академија (на хрватски јазик).

Како млада актерка станала миленичка на славниот писател Мирослав Крлежа, а посебно на неговата сопруга Бела. Сепак, Велковска неикогаш не била славољубива.

„Ако некој објави монографија за мене, можам веднаш да умрам!“ истакна Велковска во минатогодишното интервју за загрепски „Јутарњи лист“.

Македонската публика најмногу ја памети по улогите во ТВ филмот ТОМЕ ОД БЕНЗИНСКАТА ПУМПА (1979), по сценарио на Горан Стефановски и во режија на Јане Петковски, и токму по ЈАЗОЛ на Кирил Ценевски. Велковска го игра ликот на Марија во ЈАЗОЛ на Ценевски, според романот „Две Марии“ на Славко Јаневски.

Костадинка Велковска и Лазар Ристовски во сцена од ЈАЗОЛ

Како денес Велковска гледа на искуството од снимањето на ЈАЗОЛ пред 35 години? Таа вели дека сеќавањата на снимањето на ЈАЗОЛ се прекрасни, бидејќи било исклучително благодарно да се работи со Ценевски.

Ценевски беше одлично подготвен пред снимањето на филмот. Со Ценевски се среќававме на фестивалите во Пула, но немавме некоја блиска комуникација. Ми се јави и ме покани да играм во ЈАЗОЛ. Дојдов во Скопје неколку дена пред снимањето, одржувавме проби и се сеќавам дека Ценевски на тие проби точно знаеше што сака, упатствата му беа феноменални. На снимањето беше максимално сконцентриран, екипата одлично функционираше… Што да кажам, освен дека ми е многу жал што откако го завршивме филмот, никогаш повеќе не се сретнав со Ценевски! Можеби Македонија требаше да му даде и други шанси. Не знам во што било проблемот, но знам дека Ценевски е квалитетен и талентиран режисер. Ценевски имаше огромен успех со првиот филм ЦРНО СЕМЕ, и подоцнешните очекувања биле огромни, секој негов филм да добива Оскар. Нема никаков сомнеж дека неговите филмови се професионално реализирани, со сложена структура, со добри актерски остварувања…

Костадинка Велковска, Лазар Ристовски и Владимир Ангелов

Велковска се сеќава дека филмот бил одлично прифатен од филмските критичари на Пулскиот фестивал.

Сигурно ќе добиевме некоја награда, но ја имавме несреќата што таа година конкурент ни беше ТАТКО НА СЛУЖБЕН ПАТ на Емир Кустурица, кој веќе победи на фестивалот во Кан.

Иако Велковска нема други улоги во македонската продукција, нејзиниот опус на театарската и филмска сцена е богат. Во 2014 година била избрана да ја игра главната улога на Мајка Тереза во претставата СВЕТИЦА ВО МРАКОТ, интернационален проект реализиран во Сараево, според текст на Венко Андоновски.

Кога во 2016 Мајка Тереза беше прогласена за светица, градот Загреб одлучи да направи хрватска верзија на таа претстава, со помала актерска екипа. Текстот повторно беше на Андоновски, а јас ја играв Мајка Тереза. Критиките беа многу пофални, бев и на аудиенција кај папата Франциск, а ми беше многу драго што со таа претстава гостував и во Скопје.

Велковска во ЈАЗОЛ

Велковска од денешен аспект воопшто не жали што некако повеќе му се посветила на театарот, а има снимено и повеќе од 30 телевизиски серии за хрватската телевизија.

Што ќе направев да се сретнав со Ценевски на промоцијата на неговите филмови? Само ќе го гушнев, без ниту еден изговорен збор, среќна да го видам…

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Leave a comment