Вчера во филмотечното кино „Одеон“ во Софија, во рамки на проектот “Балканофилмофилија“, беше прикажан филмот „Манаки – приказна во слики“ од Роберт Јанкулоски.

Настанот беше реализиран во соработка со Бугарската национална филмотека, Културно информативниот центар на РСМ во Софија и галеријата „Синтезис“. Филмот го претставија авторот Јанкулоски, Росен Спасов, одговорен за меѓународна соработка на Бугарската национална филмотека, и Владимир Ангелов, директор на Кинотеката на РСМ.

Продуцент, режисер и кинематографер е Роберт Јанкулоски, сценариото е на Илинденка Петрушева и Роберт Јанкулоски, монтажата на Блаже Дулев, музиката на Горан Керкез, а дизајнот и звукот на Дарко Спасовски.

Филмот ја прикажува фотографската работа на Јанаки и Милтон Манаки, првите балкански кинематографери. Со текот на годините Браќата Манаки се митологизирани, а додавањето на нови и непотврдени информации со цел да се зголеми нивната важност е непотребно и штетно, бидејќи нивното творештво и онака е од големо културно значење не само во Македонија, туку и во поширокиот балкански контекст. Поради оваа причина, секој факт и мислење презентиран во филмот Манаки – приказна во слики се внимателно истражени и потврдени со презентирани артефакти.

Приказната се раскажува преку оригинални документарни фотографии следејќи ја нивната работата од отворањето на првото професионално студио во 1898 година во Јанина и подоцнежното селење во Битола, сега познат како град на браќата Манаки.

 

Leave a comment