Кога ќе почнете да копате по површината, никогаш не знаете на што сè ќе наидете. Сепак, ние знаеме: мартовската програма на Кинотеката на Македонија ја започнуваме со КОПАЊЕ на Ивица Димитријевиќ и Мартин Иванов, филм снимен во независна продукција, и продолжуваме низ месецот што му го посветивме на европскиот филм, но и на многу други филмски содржини.

Пред одредено време овој реален свет го напушти Бруно Ганц, легендарниот актер со швајцарска адреса. Ганц е веројатно најслав(е)ниот актер од германското говорно подрачје на денешнината, но и и целиот свет беше негов актерски дом. Беше и ангел (НЕБОТО НАД БЕРЛИН на Вим Вендерс) и Хитлер (ПАД на Оливер Хиршбигел), а во киносалата на Кинотеката на Македонија ќе го видиме во македонската копродукција СВЕДОК на Митко Панов и во КУЌАТА ШТО ЈА ИЗГРАДИ ЏЕК на контроверзниот Ларс фон Трир.

Месецот март е добар повод да ги разбудиме вашите сеќавања на еден бисер на македонската кинематографија. Се работи за режисерот Кирил Ценевски и неговиот опус од 4 играни долгометражни филмови, кои Кинотеката на Македонија дигитално ги реставрираше и ги издаде како комплет на ДВД. Секако, ќе имате прилика да ги видите ЦРНО СЕМЕ, ЈАД, ОЛОВНА БРИГАДА и ЈАЗОЛ и на големото платно во киносалата.

Имаме уште еден нов македонски филм во независна продукција. Васил Христов-Вуси и неговите актери пред една деценија го снимија ЕЈ, но заради контроверзноста на темата – исчезнувањето на премиерот со антички „корени“– филмот беше довршен дури минатата година.

Од домашната продукција ја издвојуваме и премиерата на проектот на кинематограферот и професор Роберт Јанкуловски, МАНАКИ – ПРИКАЗНА ВО СЛИКИ, документарен филм за Јанаки и Милтон Манаки, а ве покануваме и на отворањето на изложба на реставрирани фотографии од опусот на Браќата Манаки. Тука е и ТЕАТАРОТ СКУПИ, научно-образовен филм во режија на Владимир Блажевски: филмот не ги открива само тајните на амфитеатарот од римскиот период, туку тој нѐ воведува во археологијата како наука, а и во конзерваторството како занает.

Не ја занемаруваме ниту стручната публицистика, па во март ќе го промовираме и изданието на Кинотеката на Македонија, МУЗИКАТА ВО МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ: ОД „ФРОСИНА“ ДО „ЛАЗАР“ на универзитетскиот професор Александар Трајковски.

Март како Месец на европскиот филм ќе ви ги претстави и новите филмови на исклучителниот ирански синеаст Асгар Фархади што го покори светот (СИТЕ ЗНААТ, продукција на шпански јазик, со ѕвездите Пенелопе Круз и Хавиер Бардем), потоа Матео Гароне (КУЧКАР), Карла Симон (ЛЕТО 93), Џеси Перец (ЏУЛИЕТ, ИСКРЕНО, екранизација на новиот роман на популарниот британски писател Ник Хорнби), како и неколку наслови од германска продукција: ПОМОШ, ГИ СМАЛИВ РОДИТЕЛИТЕ на Тим Трагесер, ДОБРЕДОЈДОВТЕ ВО ГЕРМАНИЈА на Симон Верховен и ШТО ОСТАНУВА на Ханс-Кристијан Шмид.

Месецот на европски филм ќе ви претстави и два интересни наслови во романска продукција: долгометражниот анимиран филм МЕРСИ СТРИТ на Александру Бузеа, Стефан Бузеа и МИЛЕНИЧИЊА на Адријан Ситару.

Традиционално перцепиран како „женски“ месец, март ќе ви ги претстави и Вечерите на женски права со два извонредни документарци – ТАА ЗАПОЧНА на Нора Поги и Инсија Саед, и КОД – ОТСТРАНУВАЊЕ НА РОДОВИОТ ЈАЗ на Робин Хаузер Рејнолдс. Авторите на двата документарци се фокусираат на жените и девојките во светот на информатичкитетехнологии.

Програмата ЕУРОПА ПАНОРАМА: ДЕНОВИ НА НОРДИСКИ ФИЛМ  во три вечери ќе ви претстави десетина краткометражни дела на автори од Северна Европа, а пролетно загревање на фестивалот СКОПЈЕ СИНЕМА СИТИ ви нуди 4 музички документарци, портрети на некои од најзначајните имиња во светот на музиката.

Март нуди уште неколку одлични филмови кои вредат да се погледнат.

Leave a comment