Публиката по премиерата на македонскиот документарен филм „Медена земја“ („Honeyland“) во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, што се одржа на 28 јануари (понеделник) во Јута, САД, во рамки на филмскиот фестивал „Санденс“ („Sundance“), реагираше со овации, воодушевување и долг аплауз. Критичарите само неколку часа по премиерата се огласија со позитивни критики во медиумите и преку социјалните мрежи.

Познатиот филмски критичар Ентони Кауфман од „Скрин Интернешнал“ („Screen International“) по премиерата на „Медена земја“ („Honeyland“) напиша: „Бев скептичен, но откако го гледав се убедив дека гласините кои се ширеа на Санденс за македонскиот документарец Медена земја се вистинити. Овој документарец е совршен колку што еден документарец би можел да биде.“

Шери Линден од престижниот „Холивуд Репортер“ („Hollywood Reporter“) напиша: „Во оваа ера на кризи на изумирање, загрозени природни живеалишта, безобѕирно профитирање, а да не зборуваме за работата на Одделот за внатрешни работи на Трамп, Медена земја раскажува приказна со универзален одглас, дури и кога открива заборавено место, кое е толку специфично и необично, што повеќето современи луѓе од западниот свет никогаш не би можеле ни да го замислат“.

Со позитивни коментари се огласија и Крис О’Фалт од „Индивајр“ („Indierwire“), Ерик Хајнс од „Филм комент“ („Film Comment)“, Соња Епштајн од „Слоан сајанс енд филм“ („Sloan Science And Film“) и други.

‒ Исклучително рафинираното чувство за препознавање на уникатниот документаристички филмски јазик и повеќеслојноста во овој наратив беше провокација за публиката која по премиерата, во минутите определени за прашања и одговори, настапи со огромна љубопитност и многу комплименти и според еден од организаторите на „Санденс“, ова е еден од ретките документарци на фестивалот, воопшто, на кој целата публика останала на „прашања и одговори“ по филмот ‒ откри екипата на филмот.

„Медена земја“ („Honeyland“), дебитантско остварување на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, е во официјална конкуренција на престижниот фестивал за независни филмови „Санденс“ во категорија со уште 11 други документарни филмови од целиот свет. Покрај режисерите, на премиерата на „Санденс“ присуствуваа и продуцентот и монтажер на филмот, Атанас Георгиев, и снимателите Фејми Даут и Самир Љума. Веднаш по премиерата беше организиран и промотивен настан за „Медена земја“ („Honeyland“) во Парк Сити, на којшто беше дегустиран автентичниот мед, собран од Атиџе – главната протагонистка во филмот, како и македонски висококвалитетни вина од винарницата „Бовин“.

Режисерите Љубо Стефанов и Тамара Котевска

„Медена земја“ („Honeyland“) раскажува приказна за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на Земјините ресурси. Зад музиката на „Медена земја“ („Honeyland“) стојат членовите на групата „Фолтин“, а како музички супервизор се јавува Рана Еид од „ДБ Студиос“ (DB Studios) од Бејрут. Документарецот, кој е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“, е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од „Фармахем“, а поддржан е и од Агенцијата за филм на Република Македонија.

На фестивалот „Санденс“, кој се одржува од 24 јануари до 3 февруари, ќе следуваат уште шест проекции на македонскиот документарец (четири во Парк Сити и две во Солт Лејк Сити). „Санденс“ е најголем американски фестивал на независен филм и еден од најпрестижните во светот, на ниво на фестивалите во Берлин, Кан, Венеција и други. Ова е првпат македонски долгометражен документарен филм, со мнозинска домашна копродукција, да влезе во конкуренција на „Санденс“ и токму поради тоа е од големо значење за македонската кинематографија.

„Медена земја“ годинава ќе има презентации на значајни светски фестивали. Премиерата во Скопје ќе се одржи на почетокот на март, а детали околу датумот и местото на одржување ќе бидат соопштени по враќањето на екипата од САД.

Leave a comment