ВОВЕДУВАЊЕ НА BD ФОРМАТОТ

Владимир Ангелов
Директор на Кинотеката на Северна Македонија

 

Повторно еден пионерски потфат за Кинотеката. Овојпат, станува збор за блуреј издание – оптички диск со поголем податочен капацитет од ДВД, доминантен во употреба на полето на домашните видеа насекаде во светот. Овој блуреј на филмот МИРНО ЛЕТО е прво вакво издание на македонскиот пазар. Се надевам не и последно, бидејќи блујерот е далеку посупериорна технологија од класичното ДВД како носач на аудиовизуелен материјал, а Кинотеката секогаш се залага за и стреми кон квалитено презентирање на националното филмско наследство. Во 1961 година, кога Димитрие Османли како прв школуван домашен режисер го претстави своето МИРНО ЛЕТО, а продуцентот „Вардар филм“ својата прва комедија, малку кој се надеваше дека милионската публика од Вардар до Триглав ќе се забавува со перипетиите покрај Охридското езеро на една млада брачна двојка која се обидува да ја сочува својат приватност. Барем во Македонија, МИРНО ЛЕТО ги рушеше сите рекорди на гледаност. Шест децении подоцна, Кинотеката успеа дигитално да го реставрира и дигитализира МИРНО ЛЕТО благодарение на Министерството за култура на Р. С. Македонија и меѓународниот проект „Сезона на класични филмови“ координиран
од Европската асоцијација на кинотеки, а поддржан од програмата Creative Europe MEDIA на ЕУ. Со тоа оваа прва македонска комедија ќе допре до повеќе гледачи, а младите генерации ќе можат да ја доживеат речиси подеднакво автентично како што своевремно имаа можност нивните баби и дедовци да го доживеат филмот во киносалите. И тоа на дигитален медиум, со формат според моменталните светски стандарди.

 

Преземи буклет: Буклет МИРНО ЛЕТО