Со проекцијата на играниот филм МИСИЈА ЛОНДОН (Mission London) на режисерот Димитар Митовски (Dimitar Mitovski), синоќа во Кинотеката се одржа и средба со сценаристот на овој филм, писателот Алек Попов, автор на истоимениот хит-роман.

Алек Попов, Дејан Трајкоски, директор на ПРО-ЗА БАЛКАН, и Владимир Ангелов, директор на Кинотека (од лево на десно)

По големиот успех на романот „Мисија Лондон“ на Алек Попов, режисерот Митовски го сними истоимениот филм, кој ја врати бугарската публика во кино-салите, а забележа голема популарност кај нас и во регионот.

Дејан Трајкоски (лево) и Огнен Антов

Настанот беше дел од интернационалниот книжевен фестивал ПРО-ЗА БАЛКАН, чиј лауреат на наградата „Прозарт“ за 2019 е токму Алек Попов. Филмот го најавија директорот на фестивалот Дејан Трајкоски и еден од копродуцентите на филмот, Огнен Антов.

Александар Прокопиев (лево) и Алек Попов

По проекцијата се одржа разговор со Попов, под модераторство на писателот проф. д-р Александар Прокопиев, кој е и преведувач на романот „Мисија Лондон“.

Попов говореше за авторските дилеми кога се пишува проза и кога се пишува филмско сценарио, посочувајќи на финесите со кои се занимаваат мајсторите на пишаниот збор во  двете уметности.

(Фото и видео: Лидија Христова)

МИСИЈА ЛОНДОН

Игран филм, Бугарија / Македонија / Унгарија / Велика Британија / Шведска

2010, 107 мин.,колор, ДЦП

Режија: Димитар Митовски (Dimitar Mitovski)

Сценарио: Делјана Манева, Димитар Митовски, Алек Попов (Delyana Maneva, Dimitar Mitovski, Alek Popov)

Улоги: Ралф Браун, Алан Форд, Томас Арана, Мето Јовановски (Ralph Brown, Alan Ford, Tomas Arana, Meto Jovanovski )

Приклучувањето на Бугарија во Европска Унија е повод за спектакуларен настан кој се планира во амбасадата на Бугарија во Лондон. Настанот  ѝ е многу битен на сопругата на бугарскиот претседател, која сака да се промовира и себеси, а задачата му е доделена на Варадин, новиот бугарски амбасадор во Лондон. Освен организацијата на концертот, најважната „политичка“ задача на Варади е да го обезбеди присуството на британската кралица: не треба да се сомневате дека тоа е личната желба на „прват дама“ на Бугарија.

Но, со корумпираните вработени во бугарската амбасада, кои го дополнуваат личниот буџет преку ситен криминал, и недоразбирање со Пи-Ар агенцијата, која треба да обезбеди семејство кое ќе личи на британското кралско семејство –  едноставна задача на Варадин се претвора во хаотичен кошмар за него, но и за угледот на неговата држава и „првата дама“…

 

Leave a comment