Едно од лапидарните објаснувања на теоријата на постмодернизмот се обидуваше да го сведе овој уметнички правец на едноставен бином:  90 насто традиција + 10 насто модерност = постмодернизам.

Така е во теоријата. Меѓутоа, како да бидете „само“ традиционалист во филмот, ако сте, практично пионери, на самите негови почетоци на развој како уметност? Па, едноставно, ќе ја создадете таа традиција, плус ќе ѝ додадете модернизам, и ете ве веднаш во филмските енциклопедии. Но, кому уште му е гајле за енциклопедиите, ако вашите филмови и денес изгледаат свежо, инвентивно, пророчки, како и некогаш, критички до срж и, секако најважно, гледливи.

Ако се обидеме да ги сместиме тројцата автори на шпанската и на светската кинематографија од СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ КЛАСИК – ФОКУС НА РЕЖИСЕРИТЕ БУЊУЕЛ, САУРА И БЕРЛАНГА во некаква теоретско-критичарска „фиока“, повеќе од сигурно е дека некои нивни филмови и ставови ќе „ѕиркаат“ како набрзина и лошо напикани чорапи. Или ќе бидат спротивставени како рогови во вреќа.

Луис Буњуел (Luis Buñuel), 1900 – 1983, познат по прекарот „Бичот на буржоазијата“ („The Scourge of the Bourgeoisie“) што му го залепија филмските критичари, а Буњуел уште повеќе се трудеше да го заслужи како „татко на филмскиот надреализам“. Можеби изгледа чудно податокот дека Буњуел, тој голем критичар на црквата, жабурникот во општествените норми и конформизмот, како дете посетувал католичко училиште, но тој податок, ќе се сложите, се чини толку надреално во неговата биографија. Студирајќи книжевност и филозофија во Мадрид, се запознава со новата уметност – филмот, снима аматерски филмови и пишува критики. Кога во 1925 година во Париз ќе ги сретне надреалистите – Андре Бретон (André Breton) и Салвадор Дали (Salvador Dali), меѓу другите – како да стигнал дома. Му асистира на Жан Епштајн (Jean Epstein) во два филма, а во 1929 со Дали го создава краткометражното ремек-дело на филмскиот надреализам, АНДАЛУЗИСКИ ПЕС (Un chien andalou). Следува ЗЛАТНО ДОБА (L’ Âge d’or, 1930), филм што ќе биде забранет, а повеќето негови копии уништени, но ништо не може да го спречи тој целулоиден „дух на слободата“: ниту фашизмот ниту корпоративниот капитализам. Буњуел останува секогаш свој, а останатото е подобриот дел од историјата на неколку кинематографии – шпанската, француската, мексиканската…

Со ЗАБОРАВЕНИ (Los olvidados, 1950) ЈА ОСВОЈУВА „Златната палма“ во Кан за режија, а ќе се врати на Азурниот Брег по уште една „Златна палма“, за ВИРИДИЈАНА (Viridiana 1961). Со неговиот прв филм во боја, УБАВИЦА НА ДЕНОТ (Belle de jour, 1967), го освојува и „Златниот лав“ во Венеција. Иако секогаш го презирал Холивуд, во 1973 го освојува и Оскарот за најдобар странски филм со ДИСКРЕТНИОТ ШАРМ НА БУРЖОАЗИЈАТА (Le charme discret de la bourgeoisie, 1972).

На СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ КЛАСИК ќе ги видиме неговите антологиски остварувања СИМОН СТОЛПНИКОТ (Simon del desierto / Simon of the Desert), ТОЈ МРАЧЕН ПРЕДМЕТ НА ЖЕЛБАТА (Cet obscur objet du desir / That Obscure Object of Desire), ТРИСТАНА (Tristana), АНГЕЛ ИСТРЕБУВАЧ (El Angel Exterminador / The Exterminating Angel), ВИРИДИЈАНА  (Viridiana) и ДИСКРЕТНИОТ ШАРМ НА БУРЖОАЗИЈАТА (Le charme discret de la bourgeoisie / The Discreet Charm of the Bourgeoisie)..

Луис Гарсија Берланга (Luis García Berlanga), 1921 – 2010, е шпански режисер и сценарист. По студиите на мадридската филмска школа заедно со колегата Хуан Антонио Бардем (Juan Antonio Bardem) ја основал продуцентската куќа „Алтамира“, заедно ги пишуваат и ги режираат првите филмови, меѓу кои и бескрајно симпатичниот ДОБРЕДОЈДОВТЕ, ГОСПОДИНЕ МАРШАЛ (Bienvenido, Mr. Marshall, 1952). ПЛАСИДО (Plácido) (1961) веќе го мерка „Оскарот“, а ЏЕЛАТ (El verdugo, 1963) ја освојува наградата на критика ФИПРЕСЦИ на Фестивалот во Венеција и се смета за негов најуспешен филм. Од крајот на 70-тите до средината на 80-тите години од минатиот век Берланга е на чело на шпанската Кинотека. Во избор, пак, на македонската Кинотека на СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ КЛАСИК ќе можете да ги видите неговите наслови ПЛАСИДО (Plácido), ЏЕЛАТ (El verdugo / The Executioner) и БИКЧЕТО (La vaquilla / The Heifer).

Карлос Саура (Carlos Saura), роден во 1932, е еден од најистакнатите шпански режисери во седумдесеттите и во првата половина на осумдесеттите години на минатиот век. Прво се занимава со фотографија и аматерски филм, а во 1957 година дипломира на Институтот за кинематографски истражувања во Мадрид, каде што подоцна и предава. Целиот негов опус, низ специфична надреалистичка поетика и црн хумор во кој се мешаат фактите и фикцијата, е насочен кон деконструкција на наследените културни влијанија и врз препрочитување и редефинирање на шпанската историја и културното наследство. По првенецот ХУЛИГАНИ (Los
golfos, 1961), следуваат БАЛАДАТА ЗА БАНДИТОТ (Llanto por un bandido, 1963), ЛОВ (La caza, 1965), ГРАДИНА НА ЗАДОВОЛСТВАТА (El Jardín de las delicias, 1970), РОДНИНАТА АНХЕЛИКА (La Prima Angélica, 1973), БРЗО, БРЗО (Deprisa, deprisa, 1980), за кој ја доби „Златната мечка“ на Берлинскиот филмски фестивал, потоа и СЛАТКИ ЧАСОВИ (Dulces horas, 1982), АНТОНИЕТА (Antonieta, 1983), КАРМЕН (Carmen, 1984), ЕЛДОРАДО (El Dorado, 1988), ТЕМНА НОЌ (La noche oscura, 1989), AJ, КАРМЕЛА (Ay, Carmela, 1990), ТАНГО (Tango, 1997), ГОЈА ВО БОРДО (Goya en Burdeos, 1999), БУЊУЕЛ И МАСАТА НА ЦАР СОЛОМОН (Buñuel y la mesa del rey Salomón, 2001), САЛОМА (Salomé, 2001), документарниот ФАДО (Fado, 2007), ЈАС, ДОН ЏОВАНИ (Io, Don Giovanni, 2009), и последниот, ФЛАМЕНКО, ФЛАМЕНКО (Flamenco, Flamenco, 2010).

Централниот дел од творештвото на Саура го сочинуваат осум филма снимени со американската актерка Џералдина Чаплин, во кои женските ликови се општествено прифатливите модели на жени доведени во криза по која ослободуваат субверзивни фантазии: ПЕПЕРМИНТ ФРАПЕ (Peppermint Frappé, 1967, „Сребрена мечка“ во Берлин), СТРЕСОТ Е ТРИ, ТРИ (Stress-es tres-tres, 1968), ДУВЛО (La madriguera, 1969), АНА И ВОЛЦИТЕ (Ana y los lobos, 1973), ЗМИЈА ВО ПАЗУВИ (Cría Cuervos, 1976), ЕЛИЗА, ЖИВОТЕ МОЈ (Elisa, vida mía, 1977), СО ВРЗАНИ ОЧИ (Los ojos vendados, 1978), и МАМА ПОЛНИ 100 ГОДИНИ (Mamá cumple 100 años, 1979).

Филмовите што ќе бидат на програмата на СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ КЛАСИК се ФЛАМЕНКО, ФЛАМЕНКО  (Flamenco, Flamenco), ТАНГО (Tango), ГОЈА ВО БОРДО (Goya en Burdeos) и ЗМИЈА В ПАЗУВИ (Cría Cuervos).

Повелете во Кинотека!

Стојан Синадинов

 

ПЕТОК (5 АПРИЛ), 18:00 ч.

ФЛАМЕНКО, ФЛАМЕНКО

(Flamenco, Flamenco)

Документарен филм, Шпанија

2010, 97 мин., колор, блуреј

Режија: Карлос Саура (Carlos Saura)

Сценарио: Карлос Саура (Carlos Saura)

Улоги: Пако де Лусиа, Сара Барас, Хозе Мигуел Кармона, Монтсе Кортес, Мигуел Поведа (Paco de Lucía, Sara Baras, José Miguel Carmona, Montse Cortés, Miguel Poveda)

 

Режиран од легендарниот шпански режисер Карлос Саура, ФЛАМЕНКО, ФЛАМЕНКО е еволутивно музичко патување низ светлината, песната и танцот на динамичната и жива уметничка форма. Филмот прикажува концентрирана доза на врвни изведувачи на фламенкото, ветерани и помлади танчери, пејачи и музичари, како Сара Барас, Марија Бала, Пако де Лусиа, Мигуел Поведа…

Додека во претходниот документарец посветен на фламенкото – ФЛАМЕНКО (Flamenco, 1995) – Карлос Саура се занимава со историските корени и еклектичната позадина на овој музичко-танчерски стил,  ФЛАМЕНКО, ФЛАМЕНКО го третира како чиста уметничка форма и естетско доживување за публиката, комбинирајќи инсерти инспирирани од ремек-делата на Пикасо, Гоја и Густав Климт со строго контролирани движења на камерата, за да се нагласи виртуозната изведба на фламенко точките на танчерските и музичките легенди.

Прекрасната фотографија во филмот е на Виторио Стораро, оскаровецот кој гостуваше и на ИФФК „Браќа Манаки“ и доби награда за животно дело, кој по вторпат соработува со Саура на темата фламенко. Камерата на Стораро во буквален смисол претставува мастерклас за употребата на бојата и светлото во креирањето нарација без зборови…

Возрасна категорија: За сите возрасти

Влезница: 50 денари

 

5 АПРИЛ (ПЕТОК), 20:00 ч.

ПЛАСИДО

(Plácido)

Игран филм, Шпанија

1961, 85 мин., колор,  блуреј

Режија: Луис Гарсија Берланга (Luis García Berlanga)

Colina, José Luis Font, etc.)

Улоги: Касен, Хозе Луис Лопес Васкез, Елвира Квинтиља, Мануел Александре, Марио Бустос  (Cassen, José Luis López Vázquez , Elvira Quintillá, Manuel Alexandre, Mario Bustos)

 

Пласидо е сиромашен возач на камиони во едно мало шпанско гратче. Тој се обидува да заработи доволно за да ги исплати сите рати за купениот камион за да не му биде одземен. Неговото семејство не може да си дозволи ниту дом, немаат пари за кирија, и на Пласидо му се чини оти им нема крај на маките и сиромаштијата. Но, за време на божиќните празници, богатите госпоѓи во гратчето ќе решат својата „христијанска“ побожност да ја докажат со тоа што ќе поканат бездомни и сиромашни сограѓани на своите раскошни празнични трпези. Така и Пласидо ќе се најде во друштво на едно богато семејство, но како што одминува ноќта, тој ќе почне да ги преиспитува своите ставови кон парите и богатството што толку го посакува. Не е сè онака како што очекувал.

Возрасна категорија: 13 години

Влезница: 50 денари

 

6 АПРИЛ (САБОТА), 18:00 ч.

СИМОН СТОЛПНИКОТ

(Simon del desierto / Simon of the Desert)

Игран филм, Мексико

1965, 45 мин., црно-бел, блуреј

Режија: Луис Буњуел (Luis Buñuel)

Сценарио: Хулио Алехандро, Луис Буњуел (Julio Alejandro, Luis Buñuel)

Улоги: Клаудио Брук, Силвија Пинал, Хортенсија Сантовења, Луис Ачевес Кастањеда, Енрике Алварез Феликс (Claudio Brook, Silvia Pinal, Hortensia Santoveña, Luis Aceves Castañeda, Enrique Álvarez Félix)

Дејствието на филмот е сместено во петтиот век од нашата ера. Аскетот Симон е длабоко религиозен христијанин и во желбата да им се спротивстави на овоземските искушенија и да биде поблиску до Бога, се решава на саможртвување – живее на еден столб сред пустина. Негови следбеници се селаните и патниците намерници кои веруваат дека Симон е светец способен да прави чуда и ги слушаат неговите беседи.

Искушенијата на кои го подложува сатаната, кој е во женски облик (Пинал), секогаш се во различна форма. Некогаш како убава жена што го заведува, некогаш како свештеник, некогаш дури и како Исус Христос, но Симон секогаш ги согледува намерите на сатаната. На крајот, сатаната го води во еден дискоклуб во Њујорк, САД, во шеесеттите години на минатиот век…

Откако Буњуел се вратил во Шпанија во 1961 и ја режирал ВИРИДИЈАНА, филмот ги скандализирал Ватикан и шпанската влада, па Буњуел морал повторно да се врати во егзил во Мексико. Таму го режира АНГЕЛОТ ИСТРЕБУВАЧ во 1962. Овие филмови, заедно со СИМОН СТОЛПНИКОТ, ја сочинуваат неговата критичка трилогија за религијата.

Мексиканската актерка Пинал во една пригода објасни зошто  СИМОН СТОЛПНИКОТ  е среднометражен филм. Првичната идеја била да се сними омнибус-филм што ќе го режираат тројца автори: замислата на продуцентот Густаво Алатристе (сопругот на Пинал) била, покрај Буњуел, по една приказна да режираат Федерико Фелини и Жил Дасен. Фелини поставил услов женската улога во неговиот дел да ја игра неговата сопруга Џулиета Масина, а Дасен како главна актерка во неговиот дел ја гледал исклучиво Мелина Меркури, неговата сопруга. Тогаш и Алатристе се заинатил тој да го режира мексиканскиот дел со Пинал, што го предизвикало нивниот развод. Иако Пинал го повредила Алатристе, нејзиниот став бил категоричен – тој не може да режира кога веќе тука е Буњуел!

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 50 денари

 

6 АПРИЛ (САБОТА), 19:00 ч.

ЏЕЛАТ

(El verdugo / The Executioner)

Игран филм, Шпанија / Италија

1963, 90 мин., колор, блуреј

Режија: Луис Гарсија Берланга (Luis García Berlanga)

Сценарио: Рафаел Аскона, Луис Гарсија Берланга (Rafael Azcona, Luis García Berlanga)

Улоги: Нино Манфреди, Ема Пенеља, Хозе Исберт, Хозе Луис Лопез Васкез, Анхел Алварез (Nino Manfredi, Emma Penella, José Isbert, José Luis López Vázquez, Ángel Álvarez)

Стариот Амадео треба да се пензионира. Неговата професија не е многу „популарна“ – тој е џелат – и тешко му е да најде наследник. Тоа многу го загрижува, бидејќи, иако по природа е тивок и повлечен човек, сепак не сака, по него, некој некомпетентен да ја преземе таа толку деликатна работа. Неговата ќерка, исто така, има проблем поради професијата на татка си, не може да си најде момче, зашто никој не сака да му биде зет на градскиот џелат. Младиот Хозе има сличен проблем. Тој е гробар, добро заработува, но ниту една девојка не го сака поради професијата. Освен Кармен, ќерката на џелатот.

Според Амадео, неговата ќерка и гробарот би биле одлична двојка. Но, треба да најде начин да го натера младиот кандидат за зет да ја продолжи неговата професија. Дали сите тројца ќе го добијат тоа што го сакаат?

Филмот ја доби наградата ФИПРЕСЦИ на Филмскиот фестивал во Венеција во 1963, а беше и еден од главните кандидати за наградата „Златен лав“.

Возрасна категорија: 15 години

Влезница: 50 денари

 

6 АПРИЛ (САБОТА), 20:30 ч.

ТОЈ МРАЧЕН ПРЕДМЕТ НА ЖЕЛБАТА

(Cet obscur objet du desir / That Obscure Object of Desire)

Игран филм, Франција / Шпанија

1977, 102 мин., колор, 35 мм

Режија: Луис Буњуел (Luis Buñuel)

Сценарио: Луис Буњуел, Жан-Клод Кариер (Luis Buñuel, Jean-Claude Carrière)

Улоги: Фернандо Реј, Карол Буке, Анхела Молина, Жилиен Берто, Андре Вебер (Fernando Rey, Carole Bouquet, Ángela Molina, Julien Bertheau, André Weber)

ТОЈ МРАЧЕН ПРЕДМЕТ НА ЖЕЛБАТА е последен филм на Буњуел. Неговата сторија се случува во Шпанија и во Франција и зборува за еротскиот однос меѓу Матје (Реј) и Кончита, а во заднина се терористичките напади во Европа во текот на 70-тите години од минатиот век. Матје е богат средовечен Французин, а Кончита е неговата поранешна деветнаесетгодишна собарка, нивниот однос е емоционална игра на мачка и глушец.

Улогата на Кончита ја толкуваат две актерки (Буке и Молина). Почетокот на нивната релација ја раскажува Матје за време на едно патување. Откако ќе се качи на возот и ќе се смести во вагонот, Матје, на изненадување на сите присутни, ќе истури кофа со вода врз младата девојка која стои на перонот на железничката станица. Прикажана низ флешбекови, сторијата на Буњуел раскажува како Матје станува опседнат од Кончита дотолку што и не забележува дека нејзиниот лик го играат две актерки, сосем различни според изгледот, што ги претставуваат различните страни на нејзината личност. Кончита постојано го предизвикува Матје и ја разгорува еротската страст кај него, но никогаш не му дозволува да ја задоволи неговата желба за неа…

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 50 денари

 

7 АПРИЛ (НЕДЕЛА), 18:00 ч.

БИКЧЕТО

(La vaquilla / The Heifer)

Игран филм, Шпанија

1985, 122 мин., колор, блуреј

Режија: Луис Гарсија Берланга (Luis García Berlanga)

Сценарио: Рафаел Аскона, Луис Гарсија Берланга (Rafael Azcona, Luis García Berlanga)

Улоги: Алфредо Ланда, Гиљермо Монтезинос, Сантијаго Рамос, Хозе Сакристан, Карлес Велат (Alfredo Landa, Guillermo Montesinos, Santiago Ramos, José Sacristán, Carles Velat)

 

За време на Шпанската граѓанска војна, на фронтот на Арагон, една група републикански војници ќе се прикраде до селото во кое се сместени „франковистите.“ Имаат за цел да украдат вол за да ги прехранат своите соборци. Во селото се празнува селската слава и републиканците влегуваат облечени во униформи на своите непријатели, сметајќи дека во сета таа врева и врвулица од луѓе, ќе останат незабележани. Меѓутоа, нивнот план паѓа во вода кога ќе бидат вмешани во трка со бикови низ селото, потоа и во верска процесија. Да биде белјата поголема, бикчето што сакаат да го украдат ќе биде дел од локалната корида, но ќе успее да прескокне преку оградата и ќе избега надвор од селото, кон ридовите. Сега петтемина натрапници се „заробени“ во селото, во лажни униформи, а треба да смислат план за бегство назад, во шумата, пред да бидат откриени од непријателот.

Возрасна категорија: 15 години

Влезница: 50 денари

 

7 АПРИЛ (НЕДЕЛА), 20:30 ч.

ТРИСТАНА

(Tristana)

Игран филм, Шпанија / Франција / Италија

1970, 99 мин., колор, блуреј

Режија: Луис Буњуел (Luis Buñuel)

Сценарио: Хулио Алехандро, Луис Буњуел (Julio Alejandro, Luis Buñuel)

Улоги: Катрин Денев, Фернандо Реј, Франко Неро (Catherine Deneuve, Fernando Rey, Franco Nero)

По смртта на мајка ѝ, младата Тристана (Денев) останува сираче. Ја посвојува дон Лопе (Реј), угледен средовечен интелектуалец и атеист. Дон Лопе најпрвин ја третира Тристана како сопствена ќерка, но набргу да ја доживува како жена и почнува да ја освојува како маж. Со текот на времето Тристана созрева и посакува да има сопствен избор на слободно одлучување. Се вљубува во младиот уметник Хорацио (Неро) и си заминува со него. По извесно време Тристана тешко се разболува и останува без нога. Се враќа кај нејзиниот аристократски заштитник дон Лопе, но нивниот однос сега е променет…

ТРИСТАНА бил прикажан на Канскиот фестивал и номиниран за Оскар во категоријата најдобар странски филм во 1970 година. Контроверзниот Буњуел во таа пригода изјавил дека не би бил повеќе морално згаден освен во случај да го добие Оскарот…

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 50 денари

 

8 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

АНГЕЛ ИСТРЕБУВАЧ

(El Angel Exterminador / The Exterminating Angel)

Игран филм, Мексико

1962, 95 мин., црно-бел, 35 мм

Режија: Луис Буњуел (Luis Buñuel)

Сценарио: Луис Буњуел, Луис Алкориза (Luis Buñuel, Luis Alcoriza)

Улоги: Силвија Пинал, Жаклине Андер, Енрике Рамбал (Silvia Pinal, Jacqueline Andere, Enrique Rambal)

Филмот започнува со доаѓањето на неколкумина гости, припадници на високата класа, на вечера. Сите се свечено облечени и убаво се забавуваат. По вечерата седнуваат во салонот, и тогаш забележуваат дека сите слуги исчезнале од куќата. Аристократите сфаќаат дека од некоја непозната и чудна причина физички не се способни да го напуштат салонот иако се отворени сите врати и прозорци…

Гостите остануваат во салонот со денови, а сите нивни лични позиции што ги имаат изградено врз основа на положбата во општеството почнуваат да се распаѓаат, и започнува нивната борба за живот на анимално ниво.

АНГЕЛ ИСТРЕБУВАЧ е горчлива сатира на Буњуел за високата класа, во која тој ја прикажува постапната дегенерација на група отмени луѓе од аристократи до дивјаци со животинско однесување. Критичарите повлекуваат паралела меѓу АНГЕЛ ИСТРЕБУВАЧ и ДИСКРЕТНИОТ ШАРМ НА БУРЖОАЗИЈАТА на ниво на драмскиот заплет како алегорија: како што во АНГЕЛ ИСТРЕБУВАЧ гостите не можат да ја напуштат собата, така гостите во ДИСКРЕТНИОТ ШАРМ НА БУРЖОАЗИЈАТА никако не можат да ја остварат планираната вечера. Од друга страна, критичарите во сатиричната алегорија на Буњуел ја „читаат“ и неговата интерпретација на фашистичкиот режим на Франко во Шпанија, сметајќи ги гостите на вечерата како симбол на владејачката класа во тој период и нивната лакомост која ќе ги „изеде“ самите нив.

АНГЕЛ ИСТРЕБУВАЧ ја доби наградата на критиката и на Асоцијацијата на сценаристите на фестивалот во Кан во 1962 година.

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 50 денари

 

8 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

ТАНГО
(Tango)
Игран филм, Шпанија / Аргентина
1998, 115 мин., колор, 35 мм
Режија: Карлос Саура (Carlos Saura)
Сценарио: Карлос Саура (Carlos Saura)
Улоги: Мигел Анхел Сола, Сесилија Нарова, Миа Маестро, Енрике Пинти, Хуан Карлос Копес (Miguel Ángel Solá, Cecilia Narova, Mía Maestro, Enrique Pinti, Juan Carlos Copes)

Главниот лик во филмот, режисерот Марио Суарез се обидува да направи филм за тангото. Осамен, откако го напуштила сопругата Лаура, која била и негова главна танчерка, тој бара болни и брутални теми од минатото на Аргентина, а истовремено на своите музичари и танчари им дава слобода на изразување која е неопходна за да се задоволат вкусовите и очекувањата на аргентинската публика.

Ситуацијата уште повеќе ќе се вжешти кога режисерот ќе се вљуби во главната танчарка Елена, инаку девојка на моќниот гангстер Анхело Ларока, кој е и главниот финансиер на филмот.

Креативната визија на Марио ќе предизвика оспорување кај продуцентите кога тој ќе им го претстави планот за сцената која го претставува мрачното минато на Аргентина од втората поливина на минатиот век, исполнето со политичка репресија на воената диктатура и „исчезнувањето“ на многу демократски активисти. Како што се одвива реализацијата на филмот, така линиите меѓу реалноста и фикцијата почнуваат да се губат…

Фотографијата на Виторио Стораро (Vittorio Storaro), соработникот во неколку филмови на Саура, доби награда на фестивалот во Кан, а ТАНГО беше и шпански кандидат за наградите Оскар и Златен глобус од неанглиското говорно подрачје.

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 50 денари

 

9 АПРИЛ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

ВИРИДИЈАНА

(Viridiana)

Игран филм, Шпанија / Мексико

1961, 90 мин., црно-бел. блуреј

Режија: Луис Буњуел (Luis Buñuel)

Сценарио: Хулио Алехандро, Луис Буњуел (Julio Alejandro, Luis Buñuel)

Улоги: Силвија Пинал, Франциско Рабал, Фернандо Реј, Хосе Калво, Маргатира Лозано (Silvia Pinal, Francisco Rabal, Fernando Rey, José Calvo, Margarita Lozano)

Виридијана (Пинал) е милосрдна сестра – искушеничка пред полагањето на конечниот завет. Главната милосрдна сестра ја тера Виридијана да го посети нејзиниот вујко, дон Хаим (Реј), кој ѝ бил старател пред да дојде во манастирот.

Виридијана многу личи на покојната сопруга на Хаим, се вљубува во неа и на различни начини се обидува да ја наговори да остане да живее покрај него на имотот. Последната ноќ пред да си замине, Виридијана се сложува да го облече невестинскиот фустан на сопругата на дон Хаим. Ќерката на дон Хаим ѝ кажува на Виридијана дека татко ѝ сака да ја побара. Виридијана е вџашена од таа идеја и сака да си замине, но ќерката ѝ става дрога во пијалакот. Дон Хаим ја носи во спалната соба и сака да ја силува, но се премислува во последен момент.

Следното утро дон Хаим ѝ вели на Виридијана дека ѝ ја одзел невиноста и оти не може обесчестена да се врати во манастирот. Виридијана сепак заминува, но полицајците ја спречуваат да се качи на автобус, ја враќаат на имотот бидејќи вујко ѝ се обесил.

Дон Хаим ѝ оставил половина од големиот имот на Виридијана, и таа решава да остане. Обидувајќи се да го ублажи чувството на вина, Виридијана како неформална калуѓерка создава рај за сиромашните луѓе кои живеат околу имотот на нејзиниот вујко. Но, малку добро доаѓа од нејзините добри намери…

ВИРИДИЈАНА е првиот филм на Луис Буњуел снимен во Шпанија по прогонот што траел 25 години. Филмот ја доби „Златната палма“ во Кан во 1961 година.

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 50 денари

 

9 АПРИЛ  (ВТОРНИК), 20:00 ч.

ГОЈА ВО БОРДО

(Goya en Burdeos)

Игран филм, Шпанија / Италија

1999, 107 мин., колор, 35 мм

Режија: Карлос Саура (Carlos Saura)

Сценарио: Карлос Саура, Луиџи Скатини (Carlos Saura, Luigi Scattini)

Улоги: Франсиско Рабал, Хосе Коронадо, Марибел Верду, Еулалија Рамон, Дафне Фернандез (Francisco Rabal, José Coronado, Maribel Verdú, Eulalia Ramón, Dafne Fernández)

Франциско Гоја (го толкува Франциско Рабал), глув и болен, ги живее последните години во Бордо, Франција, со сопругата Леокадија и  ќерката Росарио. Живее во доброволен егзил, протестирајќи против репресивното владеење на кралот Фердинанд VII во Шпанија.

Всушност, Гоја побегнал во Франција откако жената од неговите соништа Кајетано, војвотката од Алба (ја игра Марибел Верду), непромислено и се спротивставила на кралицата Марија Лујза и таа неразумност ја платила со животот. Сега Гоја е во егзил, им се воодушевува на француските пејзажи и вина, но му недостасува неговата вила во Мадрид.

Слика навечер и, некаде помеѓу долгите разговори со ќерката и неподносливите главоболки, во мислите се навраќа на клучните моменти во својот живот, особено на врската со војвотката од Алба, на моментот на спознанието кога открива во кој правец сака да слика, инспириран од делата на Веласкез…

ГОЈА ВО БОРДО доби пет шпански национални награди „Гоја“, вклучувајќи ја и наградата за најдобар актер – Франциско Рабал. Филмот доби и две награди на фестивалот во Монтреал (Канада), а Европската филмска академија го прогласи Виторио Стораро за најдобар кинематографер.

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 50 денари

 

10 АПРИЛ  (СРЕДА), 18:00 ч.

ДИСКРЕТНИОТ ШАРМ НА БУРЖОАЗИЈАТА

(Le charme discret de la bourgeoisie / The Discreet Charm of the Bourgeoisie)

Игран филм, Франција

1972, 102 мин., колор, 35 мм

Режија: Луис Буњуел (Luis Buñuel)

Сценарио: Луис Буњуел, Жан-Клод Кариер (Luis Buñuel, Jean-Claude Carrière)

Улоги: Фернандо Реј, Делфин Сејриг, Пол Франкер, Стефани Одран, Жан-Пјер Касел, Милена Вукотиќ (Fernando Rey, Delphine Seyrig, Paul Frankeur, Stéphane Audran, Jean-Pierre Cassel, Milena Vukotic)

Дејствието на филмот се врти околу кошмарите на неколку пријатели кои постојано се обидуваат да се сретнат на заедничка вечера. Дон Рафаел Акоста (Реј) е амбасадор на измислената јужноамериканска држава Миранда, кој шверцува кокаин што им го продава на своите пријатели Тевено (Франкер) и Сенешал (Касел). Кога амбасадорот и неговите пријатели пристигнуваат во домот на Сенешал, дознаваат дека се работи за недоразбирање, зашто вечерата била закажана за утредента.

Тие ја земаат со себе сопругата на Сенешал, Али (Одран), и одат во ресторан во кој штотуку умрел сопственикот, па пропаѓа нивниот обид да вечераат. Следниот пат, кога друштвото повторно доаѓа во домот на Сенешал, домаќините бегаат низ прозорец за да водат љубов во градината. Гостите си заминуваат, а во нивната куќа пристигнува бискупот Дуфур, кого го вработуваат како градинар. При следната заедничка вечера, во домот на Сенешал упаѓа група војници кои се наоѓаат на воена вежба, а полковникот ги поканува присутните на вечера кај него.

Кога друштвото пристигнува во домот на полковникот, гледаат дека се наоѓаат на театарска сцена, а публиката ги исвиркува. Сепак, тоа е само сонот на Анри Сенешал. Потоа, за време на вечерата кај полковникот, домаќинот го навредува амбасадорот, кој вади пиштол и го убива, но тоа е само сонот на Тевено. Во меѓувреме, бискупот оди кај еден сиромашен човек кој е на умирање и таму дознава дека тој е градинарот кој ги отрул неговите родители. Притоа, бискупот зема пушка и го убива човекот. За време на следната вечера кај семејството Сенешал влегува полицијата, ги апси сите присутни и така тие завршуваат в затвор. Сепак, по интервенција на министерот, нив ги ослободуваат. Најпосле, при последната заедничка вечера, во куќата влегуваат терористи кои ги убиваат присутните. Сега, пак, тоа е само сонот на амбасадорот…

Во 1973 година филмот ја добил наградата Оскар за најдобар странски филм, а следната година и две награди на БАФТА.

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 50 денари

 

10 АПРИЛ (СРЕДА), 20:00 ч.

ЗМИЈА В ПАЗУВИ

(Cría Cuervos / Cria!)

Игран филм, Шпанија

1976, 105 мин., колор, блуреј

Режија: Карлос Саура (Carlos Saura)

Сценарио: Карлос Саура (Carlos Saura)

Улоги:  Џералдина Чаплин, Моника Рандал, Флоринда Чико, Хектор Алтерио (Geraldine Chaplin, Mónica Randall, Florinda Chico, Ana Torrent, Héctor Alterio)

 

Во последните години на Франковата диктатура, сестрите Ана, Ирене и Маите, сега сирачиња, мора да живеат со строгата тетка Паулина, неподвижната баба и грижливата слугинка Роса.  Ана е убедена дека самата е виновна за смртта на својот татко, воен офицер, кој, пак, исто така, според верувањето на Ана, е виновен за прераната смрт на нивната мајка. Во темната куќа во која сега живеат, Ана се обидува да ги совлада болката од загубата и чувството на вина. Во повеќе моменти, кога почнува да ги меша фантазијата и спомените и да ги доживува како реалност, таа  има „средба“ со дух. Таа комуникација, која Ана не може да ја дефинира, е спасоносната сламка за која се фаќа за да излезе од комплицираното и тешко детство.

Филмот е добитник на Гран при на Канскиот фестивал во 1976 година.

Возрасна категорија: 15 години

Влезница: 50 денари

Leave a comment