ЗА ТЕЛО И ДУША

(On Body and Soul / Teströl és lélekröl)

Игран филм, Унгарија

2017, 116 мин., колор, ХД

Режија и сценарио: Илдико Ењеди (Ildikó Enyedi)

Улоги:  Александра Борбељ, Геза Моршањи, Река Тенки, Золтан Шнајдер, Ервин Наѓ (Alexandra Borbély, Géza Morcsányi, Réka Tenki, Zoltán Schneider, Ervin Nagy)

Човечкото во човекот го одредуваат неговите слободни избори, особено при носењето со тегобностите на животот, нужностите/неизбежностите од кои страдаат другите, блиските, какви што би ни биле и далечните во еден хуман свет. Ако животните благодарение на нагонот (за самоодржување) грчевито се борат за живот и кога борбата ја губи секоја смисла, луѓето преживуваат трагедии, или умираат, поради љубовта. Сите сонуваме ист сон – дека сакаме некого до самозаборав, и да ни биде вратено во иста мера, а така е и кога сонуваме пари, можеби несвесни оти и парите ни се за некому да се допаднеме. Кога животните околности докрај ќе го потрошат/первертираат психичкиот материјал за сонување на овој единствен сон, се разболуваме. Оздравување нема ако не се изнајде можност одново да почнеме да сонуваме.

Сè што може да се каже низ објективот на камерата на оваа основна егзистенцијалистичка тема, без остаток кажала унгарската режисерка и сценарист Илдико Ењеди, во својот извонреден филм, „За телото и душата“. За сцена на „спасот преку љубовта“ одбрала кланица, како совршена метафора за тегобноста на човечкиот живот без емотивна задоволеност, сведен, како во кадрите од филмот со кравите кои чекаат да бидат заклани, на ѕиркање парче небо или парче туѓа среќа низ решетките на боксовите.

Тешко може некој кој е воспитан да биде хуман да ја разбере „нужноста“ од колење на животни, за да ги јадеме; чувани за целта во фарми, затворени во простор тесен „колку што ѝ треба“ на стоката за која и онака само се чека да постигне килажа за колење. Нормален човек кој би ги видел сцените на претворање на кравата во месо во кланица, ќе биде вегетаријанец додека не заборави (ако може) што видел. Да ја сфати, испроцесира „нужноста“, е невозможно.

Двата главни лика во „За телото и душата“, Андре и Марија, не можат да заборават, не можат да побегнат. Андре е финансиски директор на кланицата, кој наспроти очекувањето дека во оваа индустрија полесно се работи без емоции, на нововработен касап му вели оти „ако не ги жали животните што ги ‘обработува’, тогаш тоа не е соодветната работа за него“. Марија, пак, е (исто така, нововработена) контролорка на квалитетот на месото, која уште поневообичаено одбива да „заборави“ – има еидетско помнење и „око соколово“ за да примети дека месото од кравите е „два-три милиметри помасно отколку што треба“. Двајцата, Андре и Марија, се единствени во опкружувањето кои „нерутински“ – без застрашувачката, во случајот, рамнодушност, според ставот „работа си е работа“, се носат со тегобноста во дехуманизираната кланица/свет.

Ако повозрасниот Андре е осамен и повлечен, по слободен избор, зашто искусил сè, но не го нашол тоа што му треба, причините за помладата Марија да биде асоцијална, емотивно „конзервирана“, се неискуството, поради страв од љубовта, од ризикот да биде повредена. Тлеењето на здравиот човечки потенцијал и кај двајцата, прави непогрешливо да се забележат. И да сонуваат ист сон – буквално идентичен, со што Илдико Ењеди го потенцира погоре кажаното, дека сите сонуваме за истото. Во сонот на Андре и Марија, тој е елен, а таа кошута, „топли“, во студен, зимски пејзаж, но слободни и доволни еден на друг, за да „преживуваат“.

Илдико Ењеди со „Златна мечка“ на Берлинале 2017

Ењеди маестрално го потенцира контрастот меѓу условно нужноста – прикажана со „студено“ режираните сцени на колење на кравите во кланицата, и слободата, во сонот со еленот и кошутата. Пресекот од искуството на Андре и неискуството на Марија е сонот, преку кој таа, емотивно „мртвата“, влегува во прегратката на неговата „мртва“ рака (едната рака на Андре е парализирана). Тогаш престануваат да сонуваат – веќе не се елен и кошута, зашто го добиваат она што им треба, за да не им завидуваат на животните на нагонот што ги ослободува од егзистенцијалистичките маки, од ризиците – неизвесностите на слободните избори.

* Филмот е на репертоарот на Кинотеката на 10 МАЈ (ПЕТОК), 18:30 ч. во рамките на ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ. По филмот следи излагање на тема „Интимната комуникација меѓу телото и душата“ од академик Катица Ќулавкова (МАНУ), како и дискусија со публиката.

 

 

 

Leave a comment