Со проекција на култниот филм „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс, синоќа во Кинотеката започна 9. издание на Филозофски филмски фестивал.

Поздравувајќи ги присутните во преполната сала на Кинотеката, програмската директорка на ФФФ Ана Дишлиеска-Митова ги запозна со финесите на годинешната програма на Филозофскиот филмски фестивал.

Отворањето беше збогатено и со мини-концертот на Post Global Trio, проект на Тони Димитров, Димитар Додовски и Мартин Георгиевски.

По проекцијата на филмот следуваше излагањето на Марјан Вујовиќ, раководител на Музејот и уредник на филмската програма на Југословенската кинотека во Белград, Србија. Вујовиќ говореше за потрагата по идентитетот преку мотивите за патувањата во филмовите на Вим Вендерс.

Во седумте програмски сегменти на фестивалот – едукативна и ревијална програма, ретроспектива Вим Вендерс, официјални селекции на долгометражни и краткометражни филмови, придружна програма и ФФФ караван – ќе бидат прикажани десетина филмови. Двете фестивалски жирија ќе одлучуваат за наградите во официјалните селекции на долгометражни и краткометражни филмови.

 

Leave a comment