ВТОРА ШАНСА

Игран филм, Македонија / Србија

2019, 100 мин., колор, ДЦП

Режија: Марија Џиџева

Сценарио:  Огнен Георгиевски

Фото: Снежана Алексовска

Во средата, на 17 април, се случи премиерата на дебитантското остварување „Втора шанса“ на режисерката Марија Џиџева, со што беше отворено и 22. издание на Скопскиот филмски фестивал, кој на тој начин ја продолжи традицијата влезот во новите фестивалски денови да биде со македонски филм. Џиџева долго работеше на овој проект и сите со нетрпение го очекувавме крајниот резултат, бидејќи во нејзиното портфолио досега фигурираа неколку кратки и документарни филмови, па предизвикот и за неа и за публиката беше голем.

Знаејќи дека во своите досегашни остварувања таа снимаше ангажирани приказни, се очекуваше и во нејзиното целовечерно дебитантско остваување авторката да се движи во слични рамки. И ако во кратките филмови „Мис амнезија“ (2000) и „Ти си жива“ (2005) таа го преиспитува личниот идентитет преку приказните за една жена која не знае која е, како и судбината на две девојки згрижени во центарот за бегалци, а во документарните со соочува со бегството од затворот и егзекуцијата („Списокот на Тони Манџа“, 2004) и наоѓањето на животни сопатнички далеку од домашното огниште („Барајќи ја среќата“, 2013), во „Втора шанса“ режисерката Џиџева заедно со сценаристот Огнен Георгиевски се навраќаат на 2001 година, и преку приказните за неколку ликови на различни возрасти кои всушност живеат во иста зграда, се обидуваат да ги реставрираат распаднатите судбини на луѓето во конфликтни времиња.

Мирјана Карановиќ и Данчо Чевревски

Филмот кој не го спомнавме во нејзината досегашна биографија е краткометражниот „Македонска приказна“, како дел од омнибусот „Некои поинакви приказни“ (2010), каде под менторство на Ненад Дукиќ неколку балкански режисерки снимија интересни (социјални) стории, а Џиџева ја режираше онаа сценаристички потпишана од Ѓорче Ставревски. Токму кулисите од таа приказна, во која зависничка се бори да го задржи своето бебе низ ходниците на распаднатото здравство, како веќе апсолвирани слики ги гледаме и во првиот долгометражен филм на авторката. Таа болка која ја предизвикуваат безличните ѕидови и ходници низ државните болници на големо ја креира и комплетната атмосфера во самиот филм, и прикажувањето на чувството на немоќ на малиот човек во однос на нефункционалните институции е зона во која Џиџева успешно левитира. Исто така, режисерката на „Втора шанса“ во својот омнибус од три паралелни приказни/дејствија прецизно ги гради односите татко-син, момче-девојка и маж-жена преку малите, семејни тајни кои сите ги имаат, и кога ќе се разоткријат, истите предизвикуваат последица која за некои оди во позитивна, за некои во негативната насока. Ваквиот филмски третман на животот низ призма на малите нешта на „малите луѓе“ е во вистинскиот дух на европската филмска традиција, овој пат зачинет со македонски (балкански) вкус.

Даниела Иваноска

Интересно, синопсисот на филмот и воопшто, целата медиумска кампања околу него пред и по премиерата, се фокусира врз „приказните за три жени кои живеат во ист станбен комплекс за да создаде калеидоскопско набљудување на уникатното искуство на мајчинството, како и на самопожртвуваноста на носењето нов живот во овој свет. Секоја од овие жени се обидува да ја пронајде смислата на своето постоење, за време на апсурдното и бесмислено време кога Македонија е на граница на граѓанска војна во 2001 година, и секоја од нив се соочува со свои лични демони, обидувајќи се да ја зачува својата хуманост“. Актерките Мирјана Карановиќ, Наталија Теодосиева и Даниела Иваноска помалку или повеќе успешно ги доловуваат внатрешните емоции на овие (анти)хероини, но иако ваквата поставеност на нештата е сосема коректна, сепак не треба да се занемари фактот дека добар дел од носителите на дејствието во самиот филм се и машките ликови, па така, оној на Данчо Чевревски е препотенциран при повторувањето дека својот син (Димитар Ѓорѓиевски) ќе го пријави во полицијата, Дениз Абдула е коректен како новинарот „без крилја“, а Златко Митрески како родител кој не сака да потклекне на околината при воспитувањето на својот син. Всушност, носител на овој филм е целиот актерски ансамбл, и токму затоа зачудува немирот на Мирјана Карановиќ на премиерата и нејзиното непрофесионално напуштање на сцената.

Но, што е она што како фон во позадина постојано нè следи низ животот во овие речиси 30 години транзиција? Секако, звукот од телевизиските вести, во секој дом, во секој дуќан… Џиџева токму тој тон го развива на ниво на лик во приказната, и иако притаен, во позадината, тој ги диктира случувањата и интеракцијата меѓу ликовите на сребреното платно. Друг заеднички именител кој како симболика се провлекува низ филмот е лифтот, тој спојувач на горни и долни светови. Иако живеат во иста зграда, ликовите малку се познаваат, дури и неретко не се поздравуваат меѓу себе, барем на почетокот од филмот, за потоа, како приказната се задлабочува и нивните патишта се вкрстуваат, и комуникацијата да стане почовечна. И генерално, откако сите поминуваат низ лични ситуации, повеќето трагични, на крајот, кој како одеднаш да почнува да се расплетува, сите да сакаат да се видат себеси како прочистени од искуството низ кое поминале. Со тоа Џиџева умешно го пресликува вистинскиот живот на големото платно и се обидува да ни прати порака која вели дека секој од нас заслужува втора шанса, каква и да е неговата приказна која ја носи на сопствените плеќи. Односно, доста беше молк, како што гласеше еден слоган од едни не толку далечни времиња.

 

 

 

 

 

Leave a comment