Своевремено, „Мис Стон“ беше меѓу најскапите и најамбициозни југословенски продукции, прв македонски филм во колор, но и во тоталскоп техника – како што тогаш ги снимаа костимираните историски епопеи во филмското студио Чинечитаво Рим, Италија. Инспириран од настан што се случил во 1901 година, кога четата на Јане Сандански ја грабнува Американката и протестантска мисионерка Елен Стоун, со цел да изнуди откуп и со тие пари да го финансира востанието и борбата за независна Македонија, филмот „Мис Стон“ во режија на Живорад Жика Митровиќ требаше да задоволи многу очекувања.

Требаше да ја најави новосоздадената македонска кинематографија и да ја промовира вон границите на Југославија. Да ја претстави македонската култура и историја. Да биде забава за филмската публика, акциона и психолошка драма истовремено. Требаше да му биде отскочна даска на „Вардар филм“, за продуцентската куќа во формирање да се докаже пред конкурентните, поискусни и подобро екипирани филмски претпријатија на југословенскиот филмски пазар. Требаше да даде официјален, научно поткрепен став кон дел од историското минато за кое дотогаш ретко се истражуваше и јавно пишуваше, малку се знаеше…

Пред се, требаше да биде добар филм.

 

Овој проект му помогна на „Вардар филм“ да го оправда своето основање и работење, а со тоа и на новоформираната република на македонскиот народ стекнатата самостојност и автономија.

Сето тоа придонесе финансирањето на овој проект, снимањето и промовирањето на „Мис Стон“ да стане мисија од национален интерес.

*****

Низ фотографии, неколку интересни детали, прес-клипинзи, сеќавања на авторите и неколку документи тука ја раскажуваме приказната за филмот „Мис Стон“. За развојот на идејата и сценариото, за работата на филмската и популарноста на актерскат екипа. За паралелниот проект во сенка, премиерата, триумфот во киносалите ширум земјата. За принудното слетување во земјата на заборавот… И за повторното будење на митот за филмот „Мис Стон“.

Приказната за „Мис Стон“ всушност ја раскажуваме сите ние кои се сеќаваме и навраќаме на филмот…

Каталогот за изложбата можете да го преземете овде: Каталог за Мис Стон.

Leave a comment