Филмот – секое лето – бара виновник за понекоја загуба, а мо жеда се каже дека ова лето 2019 промени доста во кинематографијата на РС Македонија. Ова лето македонската кинематографија изгуби еден од своите најголеми синеасти – режисерот Кирил Ценевски…
Во сите држави во кои живееше и создаваше од своето раѓање па сè до својата смрт (1943 – 2019), без разлика колкупати тие држави си ги менуваа имињата и општествените уредувања, Кирил Ценевски беше нешто како филмски „архитект“ (што во суштина беше и неговата факултетска наобразба – архитектура) и како „архитект“, тој грижливо го градеше својот однос кон историјата и историските теми и сам станувајќи „храм на македонскиот филм“ – во оние далеку поголеми и попредизвикувачки времиња – каков што беше периодот содржан во рамките на претходната, заедничка држава – Југославија. Случајно или не, тој во тие времиња им ја даде можноста – и на филмската критика и на филмската цензура тогаш – да дискутираат и дебатираат за неговиот првенец многу потрезвено и попрактично отколку што тоа го чинеа за делата на Душан Макавеев или на Боштјан Хладник, кои пак со своите филмови во седумдесеттите години од минатиот век – ги протресоа и размрдаа јавноста и уметничкиот свет во Југославија…

Тој филм на Ценевски беше ЦРНО СЕМЕ (1971), неговиот првенец и дебитантски филм, кој тој – по своите претходни ангажмани како асистент на режија во други телевизиски и филмски проекти – првпат го потпиша како режисер, но и како косценарист (со Ташко Георгиевски). Во книгата „Современ југословенски филм“, Петар Волк потсетува дека Ценевски кај критиката и цензурата не предизвикуваше негативно внимание, а бидејќи и никого не го конфронтираше директно – тој им одговараше и на академскиот и на политичкиот естаблишмент. Во филмот тој го прикажува прогонот на Македонците од Егејска Македонија, кој го спроведуваа грчките (монархофашистички) власти, а во филмот, конкретно, преку
прогон на голема група (доминантно македонски) „комунисти“ на гол и опустошен остров на Егејско-то Море, играа Павле Вуисиќ, Ацо Стојановски, Воја Мириќ, Ристо Шишков… Еден од нив, преку својот отпор и внатрешна сила, израснува во нем херој; друг пак, комунист, го завршува својот живот со верба дека ќе остане херој-маченик, кога неорганизираната маса на човековата побуна, еден ден, ќе го разбере неговиот избран пат и нема да остане само како „црно семе“ на некој пеколен остров на Егејското Море итн… И покрај многубројните контрадикторни анализи, филмот ЦРНО СЕМЕ, со својата тематска специфичност, сепак беше лесно и често наградуван. Филмот ги понесе наградите „Златна арена“ за режија и наградата „Златен венец“ за најдобар дебитантски филм на Пулскиот филмски фестивал за 1971 година, а истата година
ја добива и наградата „Жар-птица“ за најдобро режисерско деби на Московскиот филмски фестивал, додека веќе следната, 1972 година – беше и југословенски кандидат за „Оскар“… Филмот е
„повторно откриен“ и добива свој „втор живот“ и популарност во ова поново време во Македонија – среде контекстот на политичкиот прогон кој заживеа по „Преспанскиот договор“ – со кој, наводно, требаше да се реши недоразбирањето околу името на Македонија.

Како и за својот првенец, Кирил Ценевски ги потпишува и сценариото и режијата на својот втор филм ЈАД (1975), снимен четири години подоцна, со речиси идентичен авторски тим. Љубе Петковски како снимател, Никола Лазаревски како сценограф, а главната улога на Аврам ја игра, повторно – Дарко Дамески. Покрај него, во филмот играат уште и Олег Видов, Танасие Узуновиќ и Фабијан Шоваговиќ. Во ЈАД, Ценевски не ја крие својата фасцинираност од народното творештво. Тој во
овој филм користи и комбинира елементи од бројни народни легенди, бајки и апокрифи – преку кои на публиката ѝ нуди еден своевиден омаж на трагичната но возвишена големина на историските настани. Самиот наслов на филмот е преземен од
оригиналниот натпис во „Битолскиот триод“ – каде што стариот иконописец од 12 век напишал: „покој, р’ци, јад“ – за режисерот, векови подоцна, да навлезе во виталните историски моменти на националното постоење, градејќи ја драматичната судбина на филмските јунаци преку и низ конфликтите меѓу христијанската и богомилската црква, народните традиции и обичаи, како и семејните тајни и трауми. И така, главниот лик во филмот – Аврам, угледниот поглавар на родот/племето, по долгото чекање пород од својата жена, на јадот роден во
вре мето на чумата – му се спротивставува со силување на млада девојка од племето. Тој грев, подоцна, ќе му се надвие над неговата и над судбината на неговите брачни и вонбрачни синови – еднакво со тврдењата и толкувањата на тогашните важечки религии за таков чин од тоа време. Во филмот се
прикажани принесувања жртви, ескалација на љубомората помеѓу протагонистите, а поради конфликтот меѓу браќата – кои имено, дури во подоцнежниот тек на филмското дејствие дознаваат дека се во сродство – една венчавка ќе се претвори
во погреб… Ценевски, иако тогаш доста млад човек, се нафаќа на филмски потфат на кој во тоа време – не се нафаќаа далеку постари и поискусни автори. Темелно и студиозно, тој со години го подготвуваше филмот, консултирајќи историчари, етнолози, музиколози, академици… Филмот го снимаше во автентичниот амбиент на средновековниот Балкан – во манастирите крај Прилеп, Преспа, Охрид и Скопје, реконструирајќи ги, а понекогаш и градејќи ги објектите за потребите на филмскиот сет. И токму во тој филм дојде до полн израз онаа веќе спомната и добро позната професионална
љубов на Ценевски – архитектурата – која тој во тоа време ја апсолвираше на Скопскиот универзитет. Покрај тоа, и филмската музика, со својот особен и посебен музички фон – обилуваше со звукот на традиционални народни инструменти,
зурли и гајди кои ги илустрираа жетварските, свадбарските и обредните песни и пеења, а византиската црковна музика е работена според дешифрираниот средновековен запис „Охридски неум“. Она што во тоа време авторот го изнајде како мерка, со тоа обезбедувајќи добар впечаток и поволна рецепција – и кај тогашниот режим и кај публиката –
е моментот на богомилското пркосење наспроти христијанството, преку кое успеа „небесната критика“ да ја претвори во „земска критика“, па така целиот контемплативен слој на филмската идеја и порака ја реализира низ богомилскиот дух и низ „ничеовската“ теза дека „Господ е мртов за да завладее Човекот“…
Својата прва деценија филмска дејност Ценевски ја круниса со социјално-психолошката филмска драма ОЛОВНА БРИГАДА (1980). Филмот е длабоко вкоренет во автентичното тло на секојдневието обременето со проблеми, но и секојдневието озарено со еланот на бескомпромисните, чесни, скромни и едноставни – обични луѓе, кои и покрај големите премрежија и искушенија – стрпливо и доследно ги градат новите односи и својот пат кон подобро утре. Веќе доволно зрел, во улогата на Лазар, а по неговите бројни театарски признанија и награди, во филмот дебитираше и Миралем Зупчевиќ. А покрај Дарко Дамески и Ацо Јовановски – тогаш веќе „сигурниот избор“ на режисерот – во филмот игра и Миља Вујановиќ, како
единствен женски лик во филмот кој ја третира „рударската проблематика“. Филмската приказна раскажува за еден млад рударски инженер во рудник во внатрешноста на Македонија, кој – покрај конфликтот со средината во која се наоѓа и
наспроти обидот за шверц на скапоцена руда од страна на неговата сопствена сопруга – успева да стекне вистински пријатели. И иако филмскиот заплет ја ништи неговата љубов, тој ја зацврстува врската помеѓу себе и другите, како што и дава полет на улогата на обичниот човек во општеството…

Сценограф е повторно Никола Лазаревски – двократниот лауреат од Пула (за МАКЕДОНСКА КРВАВА СВАДБА и ИСПРАВИ СЕ, ДЕЛФИНА), а како снимател е потпишан Мишо Самоиловски, кој за овој филм ја добива и наградата „Златна арена“ за камера во Пула, таа година (1980).
Во периодот од 1975 до 1985 година – Ценевски ги снима и седумте документарни филмови во својот опус: ЛЕОПОЛД СЕДАР СЕНГОР, ФАЗИЛ ХИСНИ ДАГЛАРЏА, ЕУГЕНИО МОНТАЛЕ, ЏАФРА, РАФАЕЛ АЛБЕРТИ, ЕЖЕН ГИЛВИК, МОСТОВИ и ХУАСКАРАН – АНДИ ’82.

Последниот игран филм на Ценевски е ЈАЗОЛ (1985). И овој филм – хронолошки гледано – е историски филм, односно филм со историска тематика, бидејќи се работи за настани што се одвиваат во месец март, 1943 година – кога се случуваат собирањето и транспортот на Евреите од Скопје, за
време на окупацијата. Иако овој филм можеби не го донесе очекуваниот успех кај критиката и публиката – барем не во толкава мера како што се очекуваше од некогашниот кандидат за „Оскар“ – сепак, со одличната актерска игра на Лазар Ристовски во главната улога, овој филм нашироко ја отвори вратата за прашањата на воената психологија, како и на прашањата на материјалните и душевните пријателства и непријателства.
***
Она што на Ценевски секогаш му поаѓаше од рака – најмногу поради неговиот неприкосновен и особен сензибилитет – беа умешноста и силата на внатрешното, иманентно кадрирање на филмската слика, како и умешноста на рафинираниот однос
со другите филмски елементи – без разлика дали тие отсликуваат и прикажуваат сурово насилство или идеолошки судири. Впрочем – грубоста, очајот, немирот, бесот итн. – во филмовите на Ценевски секогаш успеваат да се стекнат со длабока внатрешна рамнотежа, така што при гледање на филмот, тие не секогаш нужно асоцираат на ужас – туку многу повеќе асоцираат на самиот живот – во сета своја целосност и полнотија…! Нему му успеваше, и тоа не пластично, туку уметнички слоевито и длабоко, да отвори простор за триумф на човековата слобода и на вистинските хумани вредности. Големината на таквото филмско творење, кај Ценевски, не резултираше со непотребна хипер-продуктивност; напротив, таа резултираше со длабоко промислување на секој филмски проект, а кај филмската критика и публиката – со љубопитно
исчекување на резултатите од неговата промисла… Тоа се гледа и потврдува преку неговите бројни филмски признанија, од кои последното е наградата/признанието „Златен објектив“ за исклучителен придонес во македонската кинематографија
во 2013 година, признание што го доделува македонската Кинотека за комплетен опус на филмски автори. И денес, филмските остварувања на Ценевски – веќе реставрирани и дигитализирани – чекаат нови гледања, како и нови толкувања. А силата за надминување на идентитетските недоумици и двојби Македонците секогаш можат да ја изнајдат и да ја чуваат – во секое дело на Кирил Ценевски…!
А има ли поголема потврда за еден уметник и за неговото дело од тоа – покрај сè, кога завесата ќе се спушти за последен пат во неговиот живот…?
Превод: Петар Волнаровски

Leave a comment