За првпат во историјата на арапската кинематографија за најдобри филмови одлучуваше интернационално жири составено од 142 најеминентни критичари од 57 земји

Македонската новинарка и филмска критичарка, Сунчица Уневска, е дел од интернационалното жири составено од најпроминентните филмски критичари во светот, кое во периодот од февруари до април оваа година ги бираше најдобрите арапски филмови за 2019 година, што вообичаено се доделуваат на Канскиот филмски фестивал. Жирито за првпат во историјата на арапската кинематографија се формираше во ваков обем. Годинава тоа беше составено од 142 критичари од 57 земји (меѓу кои, преку поканата за учество на Уневска, и Македонија, што исто така е за првпат и за нашата земја, еден македонски филмски критичар да учествува во работата на едно вакво интернационално жири). Инаку, доделувањето на наградите за најдобрите арапски филмови започна во 2017 година, но оваа година за првпат за нив одлучуваше вака амбициозно составено интернационално жири, за кое организаторот, Арапски филмски центар, напиша дека „се состои од највлијателните арапски и меѓународни филмски критичари од 57 земји, кои работеа заедно на изборот на најдобрите арапски филмови од изминатата година, што своите премиери ги имале на некои од големите филмски фестивали во светот“.

Имено, во избор беа 32 арапски филма, кои мораше да исполнуваат три услови: да бидат прикажани на меѓународните филмски фестивали надвор од арапскиот свет во текот на 2019 година, барем една од продуцентските куќи да биде арапска и да се работи за долгометражни филмови, играни и документарни. Жирито имаше обврска да додели награди во шест категории: за најдобар филм, за најдобра режија, за најдобро сценарио, за најдобра машка и женска улога и за најдобар документарен филм.

Но, поради годинешната состојба со пандемијата на Ковид-19 наградите мораа да бидат доделени по виртуелен пат. Така, на 25 јуни, на Канскиот филмски фестивал поточно на неговото виртуелно издание кое се одржа од 22 до 26 јуни на т.н. Кански виртуелен маркет, беа објавени  наградите за најдобрите арапски филмови од изминатата година избрани од ова интернационално жири (во кое, покрај Македонија, од земјите на поранешна Југославија имаше само една претставничка од Србија и двајца од Хрватска).

За апсолутен победник за 2019 беше прогласен филмот „Тоа мора да е рај“ на палестинскиот режисер Елија Сулејман (со кого Уневска имаше ексклузивно интервју на минатогодишниот Сараевски филмски фестивал, објавено во ФИЛМ+, токму по повод премиерата на овој негов, инаку четврти филм). „Тоа мора да е рај“ ги доби двете главни награди, беше прогласен за најдобар филм и ја доби Наградата за режија. Инаку, овој филм на Сулејман својата премиера ја имаше токму лани во Кан, каде што му припаднаа: Наградата на критиката и Специјалното признание.

Наградата за најдобро сценарио ја освои филмот од Судан, „Ќе умреш на 20“, инаку дебитантско остварување на Амјад Абу Алала. Овој филм предизвика големо внимание секаде каде што беше прикажан, првенствено поради темата, но и затоа што Алала успева да направи извонреден баланс во тоа село во кое главно живеат примитивни луѓе, за кои суеверјето и предвидувањата на локалниот врач се закон. Филмот беше прикажан во Венеција, на „Венециски денови“ и ја доби наградата „Луиџи де Лаурентис“, за поддршка на млади автори, а беше селектиран и на фестивалот во Торонто.

Наградата за најдобра машка улога беше сосем очекувана. Сами Бужила за улогата во филмот „Син“ од самиот почеток беше фаворит, инаку познат актер, роден во Франција, кој игра во многу европски филмови и има освоено бројни награди, меѓу кои и наградата во Кан за улогата во познатиот филм „Денови на славата“ на Рашид Бушареб. За филмот во конкуренција, дебито „Син“ на Мехди Барсуи од Тунис, веќе ја освои наградата за најдобар актер во Венеција, во програмата „Хоризонти“. „Син“ е еден исклучителен филм, кој носи бројни предизвици, како тематски, така и во поглед на неговата брилијантна игра исправена пред толку многу прашања и невозможни одлуки.

Наградата за најдобра женска улога и припадна на Хинд Сабри, туниска актерка, но истовремено и адвокатка, која е многу активна во борбата за правата на жените. Хинд Сабри игра во, исто така, дебитантскиот филм на Хинде Бујема, „Сонот на Нора“, во кој остварува впечатлива улога надевајќи се дека ќе може да се разведе од нејзиниот сопруг, кој е во затвор и дека конечно ќе може да биде со својот љубовник, но работите ќе се искомпликуваат кога нејзиниот маж ќе излезе порано од затвор. Овој филм беше прикажан во Сан Себастијан, во Торино, во Картагина и на Сабри ѝ донесе неколку награди.

Кај документарните филмови повторно триумф за Судан и филмот „Зборувајќи со дрвјата“, една прекрасна приказна за напорите на членовите на Суданскиот филмски клуб да го отворат затвореното кино во градот Омдурман, кое со декади се соочувало со исламистичката цензура. Ова е втор филм посветен на историјата на кината на режисерот Сухаиб Гасмелбари, кој пред три години го направи филмот „Суданските заборавени филмови“. „Зборувајќи со дрвјата“ е многу наградуван филм, тргнувајќи од берлинската „Панорама“, каде што ја доби Наградата на публиката, па Истанбул со Награда на критиката и уште многу други фестивали.

Доделувањето на наградите го организира MAD Solutions заедно со Арапскиот филмски центар, при што на веб-страницата на Арапскиот филмски центар може да се најде посебен дел посветен на годишните награди на критичарите, профил за секој критичар кој е дел од жирито и полн попис на имињата на критичарите што учествуваат во жирито, заедно со нивните фотографии и биографии објавени во магазинот „Арапски филм“, кој излегува на англиски јазик.

Оваа година за менаџер на наградите на критичарите за арапските филмови беше одбрана американската критичарка Дебора Јанг, уредник на „Холивуд репортер“. Инаку, Арапскиот филмски центар е меѓународна промотивна платформа за арапската кинематографија, која и овозможува на филмската индустрија професионален прозор за поврзување со своите колеги од целиот свет. А освен можностите за вмрежување со институции за копродукција и меѓународна дистрибуција, го издава и магазинот „Арапски филм“, кој се дистрибуира на сите меѓународни филмски фестивали.

Leave a comment