ФИЛМОВИТЕ ШТО СÈ УШТЕ НИ ЗНАЧАТ

Александар Василевски

Koн филмот АМАРКОРД

 

 

по повод 100 години од раѓањето на Федерико Фелини

На сите оние што имале среќно детство, на сите оние што имале тажно и несреќно детство и  на сите оние што ги преболелетраумитена пубертететот кои оставиле длабоки лузни,АМАРКОРД им го враќа времето на таа златна инепрежалена возраст, преобразено во сон, жив, јасен и натраплив сон,што, и кога не измачува и прогонува, никако не ни се сака да го прекинеме и да се вратиме на безизразната и банална стварност. Не треба ни да помислуваме дека луцидниот и бескомпромисен Фелини ќе ги подотвори вратите на сонот и ќе ги внесе во своето кралство само оние послушни отелотворувања што и се додворуваат на мрзеливата фантазија, а ја успиваат совеста, моралната будност и одговорноста.Фелини, aвторот на АМАРКОРД филмот за кој многумина се согласуваат дека е автентично ремек- дело, умее убаво да ја сокрие својата преобилна љубов спрема хероите на кои им ја посвети оваа носталгична балада, да ја сокрие и преименува кога треба, а од случај до случај, и да се подбие.

Феноменот на сеќавањето по кое нуркаат сенките на порокот и гревот воневините игри, сликите на свеченостите, празнувањата и разделбите се сублимираат во едно филигрански структуирано поетично ткиво коена секоја глетка ѝ дава локален колорит изнурнат од почвата на ренесансата и ја напојува со хумор и носталгија, со тага и ведрина.

Обилните количества на тие веќе заборавени и оладени емоции тој ги ситуира во амбиентот на италијанската предвоена провинција што е постојано во штрек на очекување на некоја феноменална промена, на некој епохален пресврт. Нагонот што ги тера тие неуки, затворени и агресивни луѓе да го видат со свои очи изворот на големиот пресврт, да го почувствуваат со свои сетила, понекогаш ќе најде сатисфакција во чудесната глетка на џиновскиот прекуокеански брод „Рекс,“ многупати во затемнетите кино сали каде што од екранот соблазливо се шират витешките пораки на Гари Купер, но тој, сепак, најголема потпора најде во безбедносните и победнички ветувања на фашистичката доктрина.

Забележуваме дека Фелини воопшто не ги извлекува од носталгијата оние хранливи и додворувачки емоции за да не трогне со силата на нивниот незгаснат пламен, туку спротивно во неа ги вткајува палавостите на младоста, нејзините неодредени освојувачки занеси и еротски опсесии. Па затоа би можеле да кажеме дека не е ни малку едноставно да се дефинира психолошката заднина на АМАРКОРД како деструктивнаперспектива што ги унакажува, наградува и осакатува младешките соништа и илузии. Фелини смета дека во самото јадро на најтоплата емоција и најтрогателното чувство е свиткано змиското гнездо на фашизмоткое и се умилкува на премалената и пресушена фантазија, и на успаниот ум, ветувајќи им победи, награди и дарови.

Ако пак, ние се запрашаме, дали таа соблазнива зараза што толку лесно се вовлекува во неопитното срце на младите луѓе, не е само долг на едно одминато време и дали таа цивилизациски веќе не е умртвена, AМАРКОРД нема да ни даде потврден одговор на оваа дилема. Во убавите латински традиции, Фелини предупредува дека едно неповратно детство помина заедно со болеста наречена фашизам. Но би било сепак премногу за кој било да потврди дека болестите заедно со новите генерации мечтатели не ќе се појават под нови латино-грчки имиња.

Leave a comment