Албанскиот државен филмски архив во соработка со Кинотека на Северна Македонија, како дел од „Европските денови на културно наследство”, го прикажаа филмот „Црвениот Коњ“ (1981) на Столе Попов.

Филмот беше прикажан во Тула Нувеле во Тирана на 27 септември како вовед во ретроспективата на македонските филмови што ги подготвуваат филмските архиви на двете земји.

Сценариото на филмот е на Ташко Георгиевски, според неговиот истоимен роман, директор на фотографијата е Бранко Михајловски, монтажата е на Димитар Грбевски, а сценографијата на  Властимир Гаврик. Главните улоги ги толкуваат Велимир Бата Живоиновиќ, Ристо Шишков, Столе Аранѓеловиќ, Данчо Чеврески, Мето Јовановски, Коле Ангеловски, Душан Јаниќиевиќ, Силвија Стојановска, Радмила Живковиќ, Кирил Ристески…

Филмот ни ја претставува тешката судбина на македонските и грчките борци по Граѓанската војна во Грција, каде војувале против монархо-фашистичкиот режим и заеднички ја доживеале судбината на политичкото прогонство од Егејска Македонија. Балканската историска приказна содржи многу емотивни случувања кои допираат длабоко во нашите души.

„Црвениот Коњ“ е прв игран филм на Столе Попов и е добитник на следниве награди: 1981 ФЈИФ, Пула, Златна арена за сценографија на Властимир Гаврик; 1982 ФЕСТ, Белград, Диплома за режија на Столе Попов; 1982 МФФ Лос Анџелес, Диплома ФИЛМЕКС за Столе Попов; 1982 МФФ, Сан Франциско, Диплома за Столе Попов; 1982 ФФ, Ниш, Голема диплома за машка епизодна улога за Мето Јовановски; 1982, 11 Октомвриска награда за Столе Попов; 1982, „Седум секретари на СКОЈ“ за актерското остварување на Данчо Чевревски…

Миранда Ала Речи

Leave a comment